Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Му се радував на Јехова и покрај испитите

Му се радував на Јехова и покрај испитите

Му се радував на Јехова и покрај испитите

РАСКАЖАЛ ЏОРЏ СКИПИО

Во декември 1945 лежев на едно болничко одделение, целосно парализиран освен во дланките и стапалата. Си мислев дека мојата состојба е привремена, но другите се сомневаа дека некогаш пак ќе проодам. Колкав само испит беше тоа за еден активен 17-годишник! Одбив да ја прифатам таквата прогноза. Имав толку многу планови, вклучувајќи и патување во Англија со мојот работодавец следната година.

БЕВ жртва на епидемијата на детска парализа која пустошеше низ нашиот остров Св. Елена. Таа усмрти 11 луѓе и остави голем број инвалиди. Додека лежев в кревет, имав многу време да размислувам за мојот краток живот и за мојата иднина. Притоа, почнав да увидувам дека, и покрај мојата мака, имав причина да се радувам.

Скромен почеток

Во 1933, кога имав пет години, татко ми Том — полицаец и ѓакон во баптистичката црква — доби некои повези од двајца Јеховини сведоци. Тие беа полновремени евангелизатори, т. е. пионери, кои го посетија островот на кратко време.

Една од книгите се викаше Harfa Božja. Татко ми ја користеше при проучувањето на Библијата со нашето семејство и со неколку заинтересирани поединци. Таа беше многу длабока и од неа можев многу малку да разберам. Но, се сеќавам дека во мојот примерок од Библијата го одбележував секој стих за кој дискутиравме. Наскоро татко ми сфати дека она што го проучуваме е вистина и дека е поинакво од она што тој го проповеда во баптистичката црква. Почна да им кажува на другите за тоа и да проповеда од проповедалницата дека не постои тројство, пеколен оган и бесмртна душа. Тоа предизвика прилично возбудување во црквата.

На крај, во обид да се реши тоа спорно прашање, беше свикан црковен состанок. Беше поставено прашањето: „Кој е за баптистите?“ Мнозинството беше за нив. Следното прашање беше: „Кој е за Јехова?“ Имаше отприлика 10 или 12 лица. Тие беа замолени да ја напуштат црквата.

Тоа беше скромен почеток на една нова религија на Св. Елена. Татко ми стапи во контакт со главното седиште на Watch Tower Society во Соединетите Држави и побара машина за транскрипција за да ги пуштаме снимените библиски предавања пред јавноста. Му беше кажано дека машината е премногу голема за да се испрати на Св. Елена. Беше испратен еден помал грамофон, а браќата подоцна нарачаа уште два. Тие одеа низ островот пешки и на магаре, носејќи им ја пораката на луѓето.

Како што пораката се ширеше, така се ширеше и противењето. Во моето училиште децата пееја: „Чујте ја сите, чујте ја сите, грамофонската група на Томи Скипио!“ Тоа беше тежок испит за мене, момче на школска возраст кое сакаше да биде одобрено од своите врсници. Што ми помогна да истраам?

Нашето големо семејство — со шест деца — имаше редовна семејна библиска студија. Исто така, секое утро пред појадок заедно ја читавме Библијата. Тоа несомнено служеше како орудие кое му помогна на нашето семејство низ годините да продолжи верно во вистината. Јас лично стекнав љубов кон Библијата на рана возраст, и така низ годините ја задржав навиката редовно да ја читам Библијата (Псалм 1:1—3). До времето кога го напуштив училиштето на 14-годишна возраст, бев цврсто втемелен во вистината и стравот од Јехова ми беше во срцето. Тоа ми овозможи да му се радувам на Јехова и покрај тие испити.

Понатамошни испити и радости

Додека лежев во таа болничка постела размислувајќи за тие рани години и за моите идни изгледи, од моето проучување на Библијата знаев дека оваа болест не е некој испит или казна од Бог (Јаков 1:12, 13). Сепак, детската парализа беше еден тежок испит, а нејзините последици требаше да останат до крајот на мојот живот.

Додека се опоравував, морав да научам повторно да одам. Исто така, не можев повеќе да користам некои мускули на рацете. Не можам да избројам колку пати на ден паѓав. Сепак, со сесрдна молитва и постојан напор, во 1947 можев да одам со помош на бастун.

Во тоа време се вљубив во една млада жена, Дорис, која ги делеше моите религиозни уверувања. Бевме премлади за да размислуваме за брак, но јас бев мотивиран и понатаму да напредувам во одењето. Исто така, ја напуштив мојата работа бидејќи платата не беше доволна за еден оженет човек, па така отворив сопствена забарска лабораторија, која функционираше следните две години. Се венчавме во 1950 година. Дотогаш имав спечалено доволно пари за да купам еден мал автомобил. Сега можев да ги носам браќата на состанок и во службата на теренот.

Теократски напредок на островот

Во 1951 Заедницата ни го испрати својот прв претставник. Тоа беше Јакобус ван Стаден, млад човек од Јужна Африка. Ние штотуку бевме преселени во една убава куќа, па така бевме во можност да го примиме да живее кај нас една цела година. Бидејќи работев самостојно, поминувавме многу време заедно во делото на проповедање, и добив многу вредна обука од него.

Јакобус, или како што го викавме Кус, организираше редовни собраниски состаноци, на кои сите ние радо присуствувавме. Имавме проблем со превозот, бидејќи меѓу сите заинтересирани лица имаше само два автомобила. Теренот беше нерамен и брдски, и во тоа време имаше малку добри патишта. Затоа, беше приличен потфат секој да дојде на состаноците. Некои тргнуваа пешки рано наутро. Јас земав тројца во мојот мал автомобил и ги симнував на извесно растојание од патот. Тие излегуваа и продолжуваа пешки. Потоа се враќав, ќе земев уште тројца на извесно растојание, ќе ги симнев и ќе се вратев. На крај, сите доаѓаа на состанок на тој начин. После состанокот, ја следевме истата постапка за да ги однесеме сите дома.

Кус нѐ научи и како да изнесуваме делотворни презентации на врата. Имавме многу добри искуства, но и некои кои не беа толку добри. Сепак, радоста која ја имавме во службата на теренот ги надминуваше сите испити кои ги предизвикуваа противниците на нашата проповедничка активност. Едно утро работев со Кус. Кога пристапивме на една врата, чувме глас однатре. Еден човек читаше од Библијата на глас. Можевме јасно да ги чуеме познатите зборови од Исаија, поглавје 2. Кога дојде до стих 4, чукнавме. Еден пријателски настроен стар човек нѐ покани внатре, и ние го употребивме Исаија 2:4 за да му ја објасниме добрата вест за Божјето Царство. Со него беше започната библиска студија иако живееше на многу непристапно место. Моравме да патуваме по еден рид, да преминеме еден поток преку камења, да се искачиме на еден друг рид и потоа да стигнеме до неговата куќа. Но, се исплатеше. Овој кроток човек ја прифати вистината и се крсти. За да дојде на состаноците, тој одеше со два бастуна до едно место каде што можев да го земам со кола на преостанатиот дел од патот. Подоцна умре како верен Сведок.

Полицискиот комесар се противеше на нашето дело и секогаш одново се закануваше дека ќе го депортира Кус. Еднаш месечно го викаше Кус на сослушување. Фактот што Кус секогаш му даваше директни одговори од Библијата го правеше уште поогорчен. Во секоја прилика го предупредуваше Кус дека мора да престане да проповеда, но секојпат добиваше сведоштво. Продолжи да се противи на нашето дело дури и откако Кус ја напушти Св. Елена. Потоа, комесарот, голем и силен човек, ненадејно се разболе и многу ослабна. Лекарите не можеа да откријат што му е. Заради тоа го напушти островот.

Крштавање и постојан раст

После три месеци откако дојде на островот, Кус сметаше дека е прикладно да одржи една служба за крштавање. Беше проблем да се најде погоден базен. Решивме да ископаме една голема јама, да ја цементираме и да ја наполниме со вода. Ноќта пред крштавањето заврна, и следното утро бевме восхитени кога ја најдовме јамата полна до врв.

Тоа неделно утро Кус одржа говор за крштавање. Кога нѐ замоли нас кандидатите за крштавање да станеме, 26 лица дадовме одговор на вообичаените прашања. Имавме предност да бидеме првите Сведоци кои се крстија на тој остров. Тоа беше најсреќниот ден во мојот живот бидејќи секогаш се секирав да не дојде Армагедон пред да се крстам.

На крај беа формирани две собранија, едно во Левелвуд и едно во Џејмстаун. Секоја седмица тројца или четворица од нас патувавме 13 километри до едното собрание за да ги одржиме Теократската школа за служба и Состанокот за служба во сабота навечер. После состанокот за служба на теренот во недела наутро, се враќавме и ги имавме истите состаноци, како и Студија на Стражарска кула во нашето собрание, и тоа попладне и навечер. Така, викендите ни беа исполнети со радосни теократски активности. Копнеев полновремено да го вршам проповедничкото дело, но имав семејство за издржување. Затоа, во 1952 се вратив во државната служба како редовен забар.

Од 1955 островот почнаа секоја година да го посетуваат патувачки претставници на Заедницата — покраински надгледници, и во дел од посетата остануваа во мојот дом. Тие имаа позитивно влијание врз нашето семејство. Отприлика во истото време имав предност да учествувам во прикажувањето на три филма од Заедницата низ островот.

Возбудливиот собир Божествена волја

Во 1958 повторно ја напуштив државната служба за да присуствувам на Меѓународниот собир Божествена волја во Њујорк. Тој собир беше пресвртница во мојот живот — прилика која ми даде голема причина да му се радувам на Јехова. Поради тоа што немавме редовен превоз до островот, бевме отсутни пет и пол месеци. Собирот траеше осум дена, а сесиите беа од девет наутро до девет навечер. Но, воопшто не се изморив, и со нетрпение го очекував секој ден. Имав предност да ја претставувам Св. Елена две минути на програмата. Обраќањето до огромните мноштва на Јенки стадионот и на Поло Граундс беше едно возбудливо искуство.

Собирот ја зајакна мојата решеност да пионерам. Особено охрабрувачко беше јавното предавање „Божјето Царство владее — дали крајот на светот е близу?“ После собирот, го посетивме главното седиште на Заедницата во Бруклин и бевме на обиколка низ фабриката. Разговарав со брат Нор, тогашниот претседател на Watch Tower Society, за напредокот на делото на Св. Елена. Тој рече дека би сакал некогаш да го посети островот. Од таму донесовме касети на кои беа снимени сите предавања, како и многу филмови од собирот за да им ги покажеме на семејствата и на пријателите.

Постигната е целта за полновремена служба

Кога се вратив, ми беше понудена мојата поранешна работа, бидејќи на островот немаше забар. Меѓутоа, објаснив дека имам намера да стапам во полновремена служба. После многу преговарања, се сложив да работам три дена седмично, но со повисока плата од онаа која ја имав кога работев шест дена седмично. Се покажаа вистинити Исусовите зборови: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6:33). Патувањето низ брдскиот терен на островот со моите ослабнати нозе не беше секогаш лесно. Сепак, пионерев 14 години и можев да им помогнам на многу соостровјани да ја дознаат вистината — секако причина за голема радост.

Во 1961 владата сакаше да ме испрати на островите Фиџи на бесплатен двегодишен курс за обука за да можам да станам целосно квалификуван забар. Дури ми понудија да го испратат со мене и моето семејство. Тоа беше искушувачка понуда, но после сериозно размислување ја одбив. Не сакав да ги оставам браќата толку долг временски период и да се откажам од предноста што ја имав да служам со нив. Претпоставениот медицински службеник, кој го организираше патувањето, многу се вознемири. Тој рече: „Ако ти мислиш дека крајот е толку близу, можеш сѐ уште да си ги користиш парите што ќе ги спечалиш во меѓувреме“. Но, јас останав цврст.

Следната година бев поканет во Јужна Африка за да присуствувам на Школата за служба за Царството — едномесечен курс за обука на собраниски надгледници. Ни беше дадено вредно упатство кое ни помогна поделотворно да се грижиме за нашите собраниски доделби. После школата добив понатамошна обука така што работев со еден патувачки надгледник. Потоа, повеќе од десет години служев како заменик покраински надгледник во двете собранија на Св. Елена. Со текот на времето, имаше на располагање и други квалификувани браќа, и се користеше кружен систем.

Во меѓувреме се преселивме од Џејмстаун во Левелвуд, каде што имаше поголема потреба, и таму останавме десет години. Во тоа време, ноќта ја правев ден — пионерење, работење три дена седмично за владата и водење на една мала колонијална продавница. Освен тоа, се грижев за собраниските работи, додека со мојата сопруга се грижевме и за семејство со четири деца кои растеа. За да излезам на крај со сето тоа, ја напуштив мојата тридневна работа, ја продадов продавницата и го зедов цело семејство во Кејптаун (Јужна Африка) на тримесечен одмор. Потоа се преселивме на Вознесенскиот Остров и останавме таму една година. Во тоа време можевме да им помогнеме на многумина да дојдат до точно спознание на библиската вистина.

Кога се вративме на Св. Елена, пак се преселивме во Џејмстаун. Ја реновиравме куќата која беше поврзана со Салата на Царството. За да се обезбедиме во материјален поглед, мојот син Џон и јас направивме едно комбе за сладолед од камион Форд, и во следните пет години продававме сладолед. Кратко откако започнавме со бизнисот, имав несреќен случај со комбето. Тоа се преврте и ми ги фати нозете. Како последица на тоа, ми беа умртвени нервите под колениците, и беа потребни три месеци за да закрепнам.

Богати благослови — минати и идни

Низ годините, имавме многу благослови — понатамошни причини за радост. Еден од нив беше нашето патување во Јужна Африка за да присуствуваме на еден народен конгрес во 1985 и да го посетиме новиот бетелски дом кој сѐ уште се градеше. Друг благослов беше тоа што заедно со мојот син Џон имавме мал удел во подигањето на една прекрасна Собирна сала во близината на Џејмстаун. Исто така, среќни сме што тројца наши синови служат како старешини, а еден внук служи во Бетелот во Јужна Африка. И секако, пожнеавме голема радост и задоволство од тоа што им помогнавме на многумина да дојдат до точно спознание на Библијата.

Полето за нашата служба е ограничено, со само отприлика 5.000 луѓе. Сепак, работењето на истото подрачје секогаш одново донесува добри резултати. Малкумина од луѓето се груби со нас. Св. Елена е позната по нејзиното пријателство, и ќе бидеш поздравен секаде каде што се движиш — кога одиш на улица или се возиш со автомобил. Од лично искуство можам да кажам дека колку подобро ги запознаваш луѓето толку полесно е да им сведочиш. Сега имаме 150 објавители, иако многумина се преселија преку океанот.

Сега, кога сите наши деца се пораснати и иселени, мојата сопруга и јас сме повторно сами, после 48 години брак. Нејзината лојална љубов и поддршка низ годините ми помогнаа да продолжам радосно да му служам на Јехова и покрај испитите. Нашата физичка сила се намалува, но нашата духовна сила се обновува секој ден (2. Коринтјаните 4:16). Јас, заедно со моето семејство и пријателите, со душа ја чекам прекрасната иднина, кога ќе бидам физички опоравен до уште подобра состојба отколку онаа што ја имав на 17 години. Моја најдрага желба е да уживам совршенство во секоја смисла и, пред сѐ, засекогаш да му служам на нашиот Бог Јехова кој е полн со љубов и грижа и на неговиот владејачки Цар, Исус Христос (Неемија 8:10).

[Слика на страница 26]

Џорџ Скипио и тројцата негови синови кои служат како старешини

[Слика на страница 29]

Џорџ Скипио со својата сопруга Дорис