Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Нашата ризница во глинени садови

Нашата ризница во глинени садови

Нашата ризница во глинени садови

„Таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила [која е над она што е нормално, NW] да Му се оддава на Бога, а не нам“ (2. КОРИНТЈАНИТЕ 4:7).

1. Како Исусовиот пример треба да нѐ охрабри?

 ДОДЕКА бил обликуван од Јехова тука на Земјата, Исус од прва рака ги доживеал слабостите на човештвото. Колку само треба да нѐ охрабри неговиот пример на чување на интегритетот! Апостолот ни кажува: „Бидејќи вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Подложувајќи се на такво обликување, Исус триумфирал над светот. Исто така, ги храбрел своите апостоли да бидат победници (Дела 4:13, 31; 9:27, 28; 14:3; 19:8). И колку само големо охрабрување им дал во заклучокот на својот последен говор пред нив! Тој изјавил: „Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот“ (Јован 16:33).

2. За разлика од слепилото на светот, каква ‚светлина‘ имаме ние?

2 На сличен начин, откако направил разлика меѓу слепилото кое го донел „богот од овој свет“ и „светлината на Благовестието [добрата вест, NW]“, апостол Павле за нашата скапоцена служба рекол: „Таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила [која е над она што е нормално, NW] да Му се оддава на Бога, а не нам. Во сѐ сме навредувани, но не сме притеснети; во тешкотии сме, не губиме надеж; нѐ гонат, но не сме изоставени; нѐ кутнуваат, но ние не загинуваме“ (2. Коринтјаните 4:4, 7—9). Иако сме кревки ‚глинени садови‘, Бог така нѐ обликувал со својот дух што можеме во потполност да го победиме сатанскиот свет (Римјаните 8:35—39; 1. Коринтјаните 15:57).

Обликување во стариот Израел

3. Како Исаија го опишал обликувањето на еврејската нација?

3 Јехова не обликува само поединци туку и цели нации. На пример, кога се подложил на обликување од Јехова, древниот Израел напредувал. Но, на крај закоравел на патот на непослушност. Како резултат на тоа, Создателот на Израел донел „тешко“ врз него (Исаија 45:9). Во осмиот век пр. н. е. Исаија зборувал со Јехова за огромната грешност на Израел, велејќи: „Господи, Ти си наш Отец; ние сме глина, а Ти — наш грнчар, сите сме дело на Твоите раце . . . сите наши добра така пропаднаа“ (Исаија 64:8—11). Израел бил обликуван во сад кој бил погоден само за уништување.

4. Каква илустрација одглумил Јеремија?

4 Еден век подоцна, како што се приближувал денот за пресметка, Јехова му рекол на Јеремија да земе една глинена стомна и да придружува некои постари мажи од Ерусалим до долината Еном, поучувајќи го: „Па скрши ја стомната пред очите на луѓето, што ќе дојдат со тебе, и кажи им: вака вели Господ Саваот — така ќе го разбијам тој народ и тој град, како што е скршен овој грнчарски сад, кој веќе не може да стане цел“ (Јеремија 19:10, 11).

5. Колку бил опсежен Јеховиниот суд над Израел?

5 Во 607 пр. н. е. Навуходоносор го разорил Ерусалим заедно со неговиот храм, а преживеаните Евреи ги однел во ропство во Вавилон. Но после 70-годишно изгнанство, покајничките Евреи можеле да се вратат за повторно да го изградат Ерусалим и неговиот храм (Јеремија 25:11). Меѓутоа, до првиот век н. е. нацијата повторно го напуштила Големиот Грнчар и конечно се спуштила до степен на врвно злосторство — убиство на Божјиот сопствен Син. Во 70 н. е. Бог ја употребил римската светска сила како свој извршител во збришувањето на еврејскиот систем на ствари, столчувајќи го Ерусалим и неговиот храм. Никогаш повторно нацијата Израел не била обликувана од Јеховините раце како нешто со „светост и убавина“ (NW). a

Обликување на една духовна нација

6, 7. а) Како Павле го опишува обликувањето на духовниот Израел? б) Колкав е комплетниот број на „садовите на милосрдноста“, и како бил составен?

6 Евреите кои го прифатиле Исус биле обликувани како членови-темелници на една нова нација, духовниот ‚Израил Божји‘ (Галатјаните 6:16). Затоа, соодветни се зборовите на Павле: „Или, пак, грнчарот — нема ли право над глината, од едно и исто месиво да направи еден сад за честење [за чесна употреба, NW], а друг за нечесна употреба? . . Бог, сакајќи да го покаже гневот Свој и да ја јави Својата моќ, со голема долготрпеливост поднесе некои садови на гневот, приготвени за погибел . . . да го покаже богатството на Својата слава над садовите на милосрдноста, приготвувани од Него за слава“ (Римјаните 9:21—23).

7 Подоцна, воскреснатиот Исус дал до знаење дека овие ‚садови на милосрдноста‘ ќе бројат 144.000 (Откровение 7:4; 14:1). Бидејќи природниот Израел не го потполнил целосниот број, Јехова ја проширил својата милост кон луѓето од нациите (Римјаните 11:25, 26). Новото христијанско собрание брзо се ширело. Во рок од 30 години, добрата вест била ‚проповедана на секое поднебесно создание‘ (Колосјаните 1:23). Тоа барало бројните раштркани локални собранија да се доведат под исправно надгледување.

8. Кој го сочинувал првото водечко тело, и како се развивало тоа?

8 Исус направил подготовка 12-те апостоли да станат првото водечко тело, обучувајќи ги како и другите за служба (Лука 8:1; 9:1, 2; 10:1, 2). На Педесетница 33 н. е. било основано христијанското собрание, а во свое време неговото водечко тело било проширено и ги вклучувало „апостолите и старешините во Ерусалим“. Изгледа дека еден подолг временски период како претседавач служел Исусовиот полубрат Јаков — иако не бил апостол (Дела 12:17; 15:2, 6, 13; 21:18). Според историчарот Евзебиј, апостолите станале посебна мета на прогонство, па се раштркале низ други подрачја. Во склад со тоа, бил преиначен и составот на водечкото тело.

9. Кој жалосен развој го претскажал Исус?

9 Кон крајот на првиот век, ‚непријателот, ѓаволот‘ почнал да ‚сее какол‘ меѓу наследниците на „Царството небесно“, слични на жито. Исус прорекол дека овој жалосен развој ќе биде дозволен сѐ до времето на жетвата во „свршетокот на овој свет“. Тогаш, повторно „праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец“ (Матеј 13:24, 25, 37—43). Кога требало да биде тоа?

Обликување на Израилот Божји денес

10, 11. а) Како се одвивало современото обликување на Божјиот Израил? б) Кои спротивни учења требало да постојат меѓу христијанскиот свет и искрените Библиски студенти?

10 Во 1870, Чарлс Тејз Расел формирал една група за проучување на Библијата во Питсбург (Пенсилванија, САД). Во 1879 почнал месечно да го објавува списанието кое денес е познато како Стражарска кула. Овие Библиски студенти, како што се нарекле, наскоро согледале дека христијанскиот свет имал усвоено небиблиски пагански учења, како што се бесмртност на душата, пеколен оган, чистилиште, троеден Бог и крштавање на доенчиња.

11 Но, што е уште поважно, овие љубители на библиската вистина ги вратиле основните библиски учења, како што е искупувањето преку Исусовата откупна жртва и воскресението за вечен живот на мирољубивата рајска Земја под Божјето Царство. Пред сѐ, бил ставен нагласок на непосредното оправдување на Јехова Бог како Суверен Господ на универзумот. Библиските студенти верувале дека само што не е одговорена Господовата молитва: „Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Тие биле обликувани од Божјиот свет дух во едно светско општество на мирољубиви христијани.

12. Како Библиските студенти согледале еден важен датум?

12 Едно темелно проучување на Даниил, поглавје 4, и на други пророштва, ги уверило Библиските студенти дека Исусовата присутност како месијански Цар мора да е многу близу. Тие согледале дека 1914 ќе биде датум кога ќе завршат ‚[одредените, NW] времиња на незнабошците‘ (Лука 21:24; Језекиил 21:26, 27). Библиските студенти брзо ја прошириле својата активност формирајќи библиски „класови“ (подоцна наречени собранија) низ Соединетите Држави. До почетокот на овој век, нивното библиско образовно дело се проширило во Европа и во Австралија и Океанија. Била потребна добра организација.

13. Кој легален статус го добиле Библиските студенти, и каква извонредна служба извршил првиот претседател на Заедницата?

13 За да им се даде на Библиските студенти легален статус, во 1884 во Соединетите Држави било конституирано Zion’s Watch Tower Tract Society со главно седиште во Питсбург (Пенсилванија). Неговите директори служеле како централно Водечко тело и го надгледувале глобалното проповедање на Божјето Царство. Првиот претседател на Заедницата, Чарлс Т. Расел, напишал шест томови од Studies in the Scriptures и направил опсежни проповеднички обиколки. Исто така, за светското дело на Царството тој го подарил богатството што го имал насобрано пред да почне со своите студии на Библијата. Во 1916, додека во Европа беснееше Големата војна, брат Расел, исцрпен, умрел за време на едно проповедничко патување. Дал сѐ што имал за проширувањето на сведоштвото за Божјето Царство.

14. Како Џ. Ф. Ратерфорд ‚добро се борел‘? (2. Тимотеј 4:7).

14 Следен претседател станал Џозеф Ф. Ратерфорд кој привремено бил судија во Мисури. Како резултат на неговата бестрашна одбрана на библиската вистина, свештенството на христијанскиот свет ги здружило силите со политичарите „за да измислат неволја преку законот“ (NW). На 21 јуни 1918, брат Ратерфорд и седуммина други водечки Библиски студенти биле затворени, со повеќекратна истовремена казна од 10 или 20 години. Библиските студенти пружиле отпор (Псалм 94:20; Филипјаните 1:7, обата NW). На 26 март 1919 биле пуштени на темел на жалбата, а подоцна биле целосно ослободени од лажните обвиненија за бунт. b Ова искуство служело за да ги обликува во одлучни бранители на вистината. Со Јеховина помош тие ги презеле сите можни средства за да победат во духовната војна со цел да ја објавуваат добрата вест и покрај противењето на Големиот Вавилон. Таа војна продолжува сѐ до оваа 1999 година. (Спореди Матеј, поглавје 23; Јован 8:38—47.)

15. Зошто 1931 година била важна во историјата?

15 Во текот на 1920-тите и 1930-тите, помазаниот Израел Божји и понатаму бил обликуван под водството на Големиот Грнчар. Пророчката светлина од Писмото блескала, донесувајќи му чест на Јехова и сосредоточувајќи се на Исусовото месијанско Царство. Во 1931 Библиските студенти се радувале што го прифатиле своето ново име — Јеховини сведоци (Исаија 43:10—12; Матеј 6:9, 10; 24:14).

16 и рамката на страница 19. Кога бил потполнет комплетниот број од 144.000, и кој доказ постои за тоа?

16 Изгледа дека во 1930-тите се потполнил бројот од 144.000 на „оние, што . . . се повикани и избрани и верни“ (Откровение 17:14; види ја рамката на страница 19). Ние не знаеме колкумина од помазаниците биле собрани во првиот век и среде „каколот“ во текот на мрачните векови на големиот отпад на христијанскиот свет. Но, во 1935 од најголемиот број од 56.153 објавители ширум светот, вкупно 52.465 ја покажале својата небесна надеж така што зеле од симболите на Меморијалот. Каква ќе биде судбината на многумина од оние што допрва треба да бидат собрани?

„Ете, големо мноштво“

17. До каков историски развој дошло во 1935?

17 На еден конгрес одржан од 30 мај до 3 јуни 1935 во Вашингтон (Д. К., САД), брат Ратерфорд одржа еден говор со наслов „Големото множество“ кој претставуваше пресвртница. c Оваа група, ‚која што никој не можел да ја преброи‘, требало да се појави кога запечатувањето на 144.000 од духовниот Израел ќе биде при крај. И тие би практикувале вера во откупната моќ на „крвта на Агнецот“, Исус, и би извршувале света служба во Јеховината храмска подготовка за обожавање. Тие, како група, живи би ‚излегле од големата неволја‘ за да го наследат земниот Рај каде што „смрт нема да има веќе“. Неколку години пред тој конгрес, за оваа група се зборувало како за Јонадавовци (Откровение 7:9—17; 21:4; Јеремија 35:10).

18. На кои начини 1938 беше пресудна година?

18 Годината 1938 беше пресудна во јасното идентификување на двете класи. Изданијата на Стражарска кула од 15 март и 1 април 1938 ја изнесоа дводелната студија „Неговото стадо“ и ги разјаснија сродните места на помазаниот остаток и неговите придружници, големото мноштво. Потоа, изданијата од 1 и 15 јуни ги донесоа студиските статии за „Организација“ кои се темелеа на Исаија 60:17. Сите собранија беа замолени да побараат од Водечкото тело да им наименува локални слуги, воведувајќи на тој начин едно подобрено теократско уредување кое е ординирано од Бог. Собранијата постапија токму така.

19 и фуснотата. Кои факти потврдуваат дека општиот повик на ‚другите овци‘ продолжува веќе над 60 години?

19 Извештајот од англиското издание на Годишник на Јеховините сведоци за 1939 наведе: „Сега на Земјата има мал број помазани следбеници на Христос Исус, и нивниот број нема никогаш да биде поголем. Во Писмото тие се означени како ‚остаток‘ (NW) на потомството на Сион, Божјата организација (Откровение 12:17). Господ сега ги собира кај себе своите „други овци“ кои ќе го сочинуваат ‚големото мноштво‘ (Јован 10:16). Оние кои се собираат сега се придружници на остатокот и работат заедно со него. Од сега па натаму, бројот на оние кои ги сочинуваат ‚другите овци‘ ќе се зголемува сѐ додека не се собере ‚големото множество‘. Помазаниот остаток бил обликуван да се грижи за собирањето на големото мноштво. Сега и тоа мора да биде обликувано. d

20. Кои организациони промени започнале од 1942 година?

20 Во јануари 1942, кога II светска војна беше во својот зенит, Џозеф Ратерфорд умре, а како претседател го наследи Натан Нор. На третиот претседател на Заедницата се сеќаваме со наклоност по основањето теократски школи во собранијата, како и Гилеад школата за обучување на мисионерите. На годишниот состанок на Заедницата во 1944, тој објави дека повелбата на Заедницата е ревидирана така што членството нема да се темели на материјалните прилози, туку на духовноста. Во текот на следните 30 години, бројот на работниците на полето се зголеми од 156.299 на 2.179.256 ширум светот. Во текот на 1971—1975 беа потребни понатамошни организациони подготовки. Повеќе не можеше еден човек кој служеше како претседател темелно да го надгледува делото на Царството ширум светот. Водечкото тело, со ротационен претседавач, беше зголемено на 18 помазани членови, од кои досега речиси половина веќе го имаат завршено својот земен пат.

21. Што ги квалификувало членовите на малото стадо за Царството?

21 Помазаните членови на малото стадо се обликувани преку многу децении на испити. Тие се охрабрени, затоа што имаат добиено непогрешливо ‚сведоштво од духот‘. Исус им рекол: „Вие сте, кои издржавте со Мене во Моите напасти, и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство, за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви колена“ (Римјаните 8:16, 17; Лука 12:32; 22:28—30).

22, 23. Како се обликувани малото стадо и другите овци?

22 Како што бројот на духовно помазаниот остаток на Земјата се намалува, на зрели браќа од големото мноштво им се доверува духовно надгледување во речиси сите собранија ширум светот. А кога и последните остарени помазани сведоци ќе го завршат својот земен пат, кнежевските сарим на другите овци ќе бидат добро обучени за да извршуваат административни должности како класа на кнезот на Земјата (Језекиил 44:3; Исаија 32:1).

23 Малото стадо и другите овци и понатаму се обликувани во садови за чесна употреба (Јован 10:14—16). Без разлика на тоа дали нашата надеж почива на ‚новото небо‘ или на ‚новата земја‘, нека ние со цело срце се одѕвиеме на Јеховината покана: „А вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создадам [небесниот] Ерусалим за веселба, а народот негов — за радост“ (Исаија 65:17, 18). Нека ние кревките луѓе секогаш служиме понизно, обликувани од ‚силата која е над она што е нормално‘ — Божјата сила на светиот дух! (2. Коринтјаните 4:7; Јован 16:13).

[Фусноти]

a Нека отпаднатиот христијански свет, кој е навестен со древниот Израел, биде предупреден за сличен суд од Јехова (1. Петрово 4:17, 18).

b Судијата Мантон, римокатолик, кој одбил да ги ослободи Библиските студенти со кауција, подоцна и самиот бил затворен под обвинение дека примал мито.

c New World Translation of the Christian Greek Scriptures, објавен во 1950 години, го користи „големо мноштво“ како подобар превод на инспирираниот грчки збор.

d Во 1938 присутноста на Меморијалот ширум светот беше 73.420, а од симболите зедоа 39.225 лица — 53 проценти од присутните. До 1998 бројот на присутните порасна на 13.896.312 од кои зедоа само 8.756, во просек помалку од 1 учесник на секои 10 собранија.

Дали се сеќаваш?

◻ Како Исус е наш Пример со тоа што се подложил на обликувањето од страна на неговиот Татко?

◻ Какво обликување се случувало во древниот Израел?

◻ Како ‚Израилот Божји‘ е обликуван сѐ досега?

◻ За која цел се обликувани ‚другите овци‘?

[Прашања]

[Рамка на страница 18]

Понатамошно обликување во христијанскиот свет

Во врска со неодамна наименуваниот поглавар на Грчката православна црква, еден допис на Associated Press од Атина (Грција) го извести следново: „Се очекуваше тој да биде гласник на мирот. Но, водачот на Грчката православна црква повеќе звучи како генерал кој се подготвува за битка.

‚Ние сме спремни, ако треба, да пролееме крв и да дадеме жртви. Ние, како црква, се молиме за мир . . . Но, ние го благословуваме светото оружје кога моментот го налага тоа‘, рече неодамна архиепископот Христодулос на светиот ден на Вознесението на Девицата Марија, што се прославува и како ден на вооружените сили на Грција.“

[Рамка на страница 19]

„Нема повеќе додавање!“

На една промоција на Гилеад во 1970, Фредерик Франц, тогашниот потпретседател на Watch Tower Society, им кажал на студентите за можноста дека тие, кои сите припаѓаат на другите овци со земна надеж, можат да крстат некого кој може да тврди дека е од помазаниот остаток. Дали би можело да се случи тоа? Па, тој објаснил дека Јован Крстител бил од другите овци, и го крстил Исус и некои од апостолите. Потоа прашал дали сѐ уште постои повик да се соберат уште од остатокот. „Не, повеќе нема додавање!“ рекол тој. „Тој повик заврши одамна во 1931—1935! Повеќе нема додавање. Тогаш, кои се тие малку новопридружени кои земаат од симболите на Меморијалот? Доколку се од остатокот, тие се замена! Тие не се додавање на редовите на помазаниците, туку замена за оние кои можеби отпаднале.“

[Слика на страница 15]

Колку само ја цениме нашата ризница на службата!

[Слика на страница 16]

Древниот Израел станал сад погоден само за уништување