Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Големи семејства обединети во Божјата служба

Големи семејства обединети во Божјата служба

Големи семејства обединети во Божјата служба

„Наследството Господово Се Синовите“, Напишал Псалмистот. „Дар Од Него Е Породот. Она Што Се Стрелите Во Раката На Силниот, Тоа Се Младите Синови. Блажен Е Оној Човек, Кому Му Е Исполнет Тегарчикот [Футролата, Nw] Со Нив!“ (ПСАЛМ 126:3—5).

ДА, ДЕЦАТА можат да бидат благослов од Јехова. И токму како што еден стрелец наоѓа задоволство во умеењето како да ги насочи стрелите кои се во неговата футрола, така и родителите наоѓаат среќа кога ги насочуваат децата по патот кој води до вечен живот (Матеј 7:14).

Уште одамна, меѓу Божјиот народ биле вообичаени семејства кои ја ‚исполниле футролата‘ со многу деца. На пример, размисли за годините на нивното ропство во Египет: „Синовите Израилеви се народија и се намножија, и беа многу, и се засилија многу, така што земјата се наполни со нив“ (2. Мојсеева 1:7). Една споредба на бројот на Израелците кои влегле во Египет со бројот на оние кои го напуштиле, укажува дека семејствата имале просечно по десет деца!

Подоцна, Исус пораснал во семејство кое на многумина денес би можело да им изгледа големо. Исус бил првороден, но Јосиф и Марија имале уште четири други синови и неколку ќерки (Матеј 13:54—56). Тоа што имале толку многу деца веројатно објаснува како Марија и Јосиф можеле да тргнат назад од Ерусалим без да сфатат дека Исус не е во нивната група (Лука 2:42—46).

Големи семејства денес

Денес, многу христијани решаваат да ја ограничат големината на своите семејства од духовни, економски, социјални и други причини. Сепак, големите семејства остануваат норма во многу општества. Според The State of the World’s Children 1997, регион со највисока стапка на плодност е субсахарска Африка. Таму просечната жена раѓа по шест деца.

На христијанските родители на големите семејства не им е лесно да ги одгледаат децата така што тие ќе го љубат Јехова, но сепак многумина од нив успеваат во тоа. Успехот зависи од обединетоста на семејството во чистото обожавање. Зборовите на апостол Павле до собранието во Коринт со еднаква силина се применуваат и во христијанските семејства денес. Тој напишал: „Браќа, ве молам . . . сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла (1. Коринтјаните 1:10). Како може да се постигне таквото единство?

Родителите мора да бидат духовни луѓе

Клучен фактор е тоа дека родителите мораат да бидат целосно оддадени на Бог. Разгледај го она што им го рекол Мојсеј на Израелците: „Почуј, Израиле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ, сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце, со сета душа твоја и со сите сили твои! Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое и во душата твоја; и пренесувај им ги на децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:4—7).

Забележи, Мојсеј истакнал дека Божјите заповеди треба да бидат „во срцето“ на родителите. Само тогаш родителите ќе бидат склони да им даваат редовна духовна поука на своите деца. Всушност, кога родителите се духовно јаки, тие се желни да ги поучат своите деца за духовните работи.

За да се стане духовна личност и да се љуби Јехова од сѐ срце, витално е редовно да се чита, да се медитира за тоа и да се применува Божјата Реч. Псалмистот напишал дека оној кој ужива во Јеховиниот закон и кој чита од него „дење и ноќе“ ќе стане „како дрво посадено крај воден извор, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не вене; и во сѐ што прави, напредува“ (Псалм 1:2, 3).

Токму како што едно дрво донесува добри плодови ако постојано се полева, така и духовно нахранетите семејства донесуваат побожни плодови на Јеховина фалба. Типичен пример за тоа е семејството на Увадигву кој живее во Западна Африка. Иако Увадигву и неговата сопруга имаат осум деца, обајцата служат како општи пионери, односно полновремени министри на Јеховините сведоци. Тој вели: „Нашето семејство одржува редовна семејна библиска студија повеќе од 20 години. Ние ги поучувавме децата за Божјата Реч уште кога беа бебиња, не само за време на нашата семејна студија туку и за време на службата и во други прилики. Сите наши деца се објавители на добрата вест за Царството, освен најмалото кое има шест години и сѐ уште не е крстено“.

Работење како тим

„Со мудрост куќа се изградува“, вели Библијата (Изреки 24:3). Во рамките на семејството, таквата мудрост води до тимска работа. „Капитенот“ на семејниот тим е таткото; тој е глава на домаќинството која е наименувана од Бог (1. Коринтјаните 11:3). Инспирираниот апостол Павле нагласил колку е сериозна одговорноста на поглаварството кога напишал: „Ако некој не се грижи [како материјално така и духовно] за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8).

Во склад со овој совет од Божјата Реч, христијанските сопрузи треба да се грижат за духовноста на своите сопруги. Доколку сопругите се оптоварени со секојдневни работи во домаќинството, тогаш нивната духовност ќе трпи. Еден новокрстен христијанин од една африканска земја им се жалел на старешините во своето собрание дека неговата сопруга изгледа апатична за духовните работи. Старешините му укажале дека на неговата сопруга ѝ треба практична помош. Затоа сопругот почнал да ѝ помага околу секојдневните работи во домаќинството. Исто така, тој поминувал време помагајќи ѝ да го подобри нејзиното читање и спознание на Библијата. Таа добро реагирала и сега целото семејство е обединето во Божјата служба.

Татковците треба да се ангажираат и околу духовноста на своите деца. Павле напишал: „Вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов!“ (Ефесјаните 6:4). Кога родителите внимаваат на опомената да не ги раздразнуваат своите деца, како и на упатството да ги воспитуваат, децата се чувствуваат како дел од еден семеен тим. Како резултат на тоа, поголема е веројатноста дека децата ќе си помагаат и ќе се храбрат едно со друго за да ги постигнат духовните цели.

Тимската работа вклучува и да им се даваат на децата духовни одговорности кога тие се спремни за нив. Еден татко, христијански старешина кој има 11 деца, станува рано наутро и води студии со неколку од нив пред да замине на работа. Постарите, после своето крштавање, наизменично им помагаат на своите помлади браќа и сестри, што вклучува учество во нивното поучување од Библијата. Таткото ги надгледува, пофалувајќи ги нивните напори. Шест деца се крстени, а другите и понатаму работат на таа цел.

Добра комуникација, исти цели

За обединетите семејства битна е комуникацијата полна со љубов и исти духовни цели. Гордон, христијански старешина кој живее во Нигерија, е татко на седум деца на возраст меѓу 11 и 27 години. Шест од нив се пионери, исто како родителите. Најмалото, кое е крстено од неодамна, редовно учествува во делото на правење ученици со останатите од семејството. Двата возрасни сина се слуги помошници во собранието.

Гордон лично водел библиска студија со секое од своите деца. Освен тоа, семејството има опсежна програма за библиско образование. Тие секое утро се собираат за да го разгледаат библискиот стих и потоа се подготвуваат за собраниските состаноци.

Една од целите која е поставена за секој член на семејството е да ги прочита сите статии во списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Неодамна, на својата рутина го додале и секојдневното читање на Библијата. Разговарајќи за она што го прочитале, членовите на семејството се храбрат едни со други за да продолжат со таа навика.

Седмичната семејна библиска студија е толку добро утврдена што на никого не му треба потсетник — секој со нетрпение ја очекува. Содржината, структурата и времетраењето на семејната студија варирале низ годините зависно од возраста и потребите на децата. Семејството се зближило со други верни Божји слуги, и тоа имало корисен ефект врз децата.

Како семејство, тие соработуваат меѓусебно и одвојуваат време за рекреација. Еднаш седмично уживаат во „семејна вечер“, која се карактеризира со квизови, вкусни шеги, свирење пијано, раскажување приказни и општа релаксација. Повремено одат на плажа и на други интересни места.

Ослонување на Јехова

Ниедна од горенаведените работи не ја минимизира тешкотијата во подигањето големи семејства. „Да се биде добар татко на осум деца е голем предизвик“, рекол еден христијанин. „Тоа бара изобилство материјална и духовна храна за да се прехранат; морам напорно да работам за да спечалам доволно пари за да ги издржувам. Постарите деца се во тинејџерски години, и сите осум одат на училиште. Знам дека духовното воспитување е витално, но сепак некои од моите деца се тврдоглави и непослушни. Ме жалостат, но знам дека понекогаш и јас правам работи кои го жалостат Јеховиното срце, а тој ми простува. Затоа, морам стрпливо да продолжам да ги исправам моите деца сѐ додека не се освестат.

Се обидувам да го следам примерот на Јехова во неговата стрпливост со нас бидејќи тој сака сите да дојдат до покајание. Проучувам со моето семејство, и некои од моите деца работат на целта да се крстат. Не се потпирам на сопствената сила за да постигнам резултати; со мојата моќ малку можам да сторам. Се обидувам уште повеќе да му се приближам на Јехова во молитва и да ја применувам изреката која вели: ‚Надевај се на Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки‘. Јехова ќе ми помогне да успеам во воспитувањето на моите деца“ (Изреки 3:5, 6).

Никогаш не се откажувај!

Понекогаш воспитувањето на децата може да изгледа неблагодарна задача, но никогаш не се откажувај! Истрај во неа! Ако твоите деца не реагираат позитивно или не ги ценат твоите напори сега, можеби ќе го сторат тоа подоцна. Потребно е време за детето да порасне во христијанин кој ќе ги донесува плодовите на духот (Галатјаните 5:22, 23).

Моника, која живее во Кенија, е едно од десет деца. Таа вели: „Моите родители нѐ поучуваа за библиската вистина уште од периодот кога бевме бебиња. Татко ми ги проучуваше христијанските публикации со нас секоја седмица. Поради неговата работа, студијата не беше секогаш во истиот ден. Понекогаш, кога доаѓаше од работа, ќе нѐ видеше како си играме надвор и ќе ни кажеше за пет минути сите да влеземе внатре за нашата библиска студија. После библиската студија бевме охрабрени да поставуваме прашања или да дискутираме за некои проблеми.

Се грижеше да се дружиме со побожни деца. Татко ми редовно одеше во училиштето за да ги праша наставниците за нашето однесување. При една посета тој чу дека тројцата мои постари браќа се тепале со други момчиња и дека понекогаш биле невоспитани. Татко ми ги казни заради лошото однесување, но одвои и време да им објасни од Писмото зошто треба да се однесуваат на побожен начин.

Нашите родители ни ги покажаа користите од присуството на состаноците така што подготвуваа делови од состанокот со нас. Бевме обучувани да станеме министри така што дома имавме периоди на вежбање. Уште додека бевме бебиња, родителите нѐ носеа во служба на теренот.

Денес, двајца постари браќа се специјални пионери, една сестра е општ пионер, а една друга сестра, која е мажена и има семејство, е ревен Сведок. Двете мои помали сестри, на седум и деветгодишна возраст, се некрстени објавители. Двете мали братчиња сега добиваат воспитување. Јас веќе три години служам во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Кенија. Ги сакам и ги ценам моите родители бидејќи се духовни луѓе; тие ни дадоа убав пример“.

Без разлика колку деца имаш, никогаш не се откажувај од тоа да им помагаш на патот до вечен живот. Додека Јехова ги благословува твоите напори, ти ќе ги одгласуваш зборовите на апостол Јован за неговите духовни деца: „За мене нема поголема радост од тоа — да чујам дека моите чеда живеат во вистина“ (3. Јованово 4).