Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Надеж

Надеж

Надеж

ВИСТИНСКАТА надеж, за која се зборува во Библијата, е повеќе отколку само желба која можеби нема темел или изглед за исполнување. Исто така, таа е подобра од очекување, бидејќи она што се очекува не е секогаш пожелно. Библијата покажува дека луѓето во светот, општо земено, немаат вистинска, цврсто втемелена надеж; човештвото оди во смрт и, без спознанието за подготовката од еден повисок извор, не постои надеж во она што стои пред нас. Соломон ја изразил ништожноста на човековата ситуација без Божја интервенција како „суета над суетите . . . сѐ е суета!“ (Проповедник 12:8; 9:2, 3).

Јехова Бог е Изворот на вистинската надеж и Оној кој може да ги исполни сите свои ветувања и надежите на оние кои имаат доверба во него. Преку својата незаслужена љубезност, тој му дал на човештвото „утеха и добра надеж“ (2. Солунјаните 2:16). Тој бил надежта на праведните луѓе во сите векови. Бил наречен „надеж Израилева“ и „надежта на татковците [Израилеви]“ (Јеремија 14:8; 17:13; 50:7). Во Хебрејските списи има многу изрази на надеж, доверба и верба во него. Во својата срдечна љубезност кон својот народ, дури и кога тој одел во изгнанство заради тоа што не му бил послушен, Тој му рекол: „Оти само Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас . . . замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж“ (Јеремија 29:11). Јеховиното ветување ги одржало живи верата и надежта на верните Израелци во текот на вавилонското изгнанство; тоа во голема мера ги зајакнало мажите како што биле Језекиил и Даниил, зашто Јехова рекол: „И надеж има за твојата иднина . . . и твоите синови ќе се вратат во пределите свои“ (Јеремија 31:17). Таа надеж се остварила кога еден верен еврејски остаток се вратил во 537 пр. н. е. за повторно да го изгради Ерусалим и неговиот храм (1. Ездра 1:1—6).

Надежта на еден Божји слуга дека ќе добие награда не е себичност. За да може едно лице да има точно гледиште и исправно разбирање за Бог, мора да знае дека срдечната љубезност и великодушноста се истакнати особини на Бог; поединецот мора да верува не само дека Бог постои туку и „дека ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6). Надежта го одржува христијанскиот министер урамнотежен и го одржува во Божјата служба, бидејќи знае дека Јехова ќе се погрижи за неговите секојдневни потреби. Апостол Павле го истакнал тоа, подвлекувајќи ги начелата кои се изложени во Законот. Павле го цитира законот од 5. Мојсеева 25:4: „Не врзувај уста на вол кога врши“. Потоа, додава: „Да, за нас е напишано тоа; зашто, оној што ора, треба да ора со надеж, и кој што врши, да врши со надеж, за да го добие она, што го очекува“ (1. Коринтјаните 9:9, 10).

Надежта е неопходна за христијанинот. Таа ги придружува радоста, мирот и моќта на светиот дух (Римјаните 15:13). Таа унапредува слобода на говор кога пристапуваме кај Бог за неговата незаслужена љубезност и милост (2. Коринтјаните 3:12). Таа му овозможува на христијанинот да истрае со радост, без разлика на тоа какви може да бидат околностите (Римјаните 12:12; 1. Солунјаните 1:3). Како што шлемот ја заштитува главата на војникот, така надежта за спасение ја заштитува умствената моќ, овозможувајќи му на христијанинот да го задржи интегритетот (1. Солунјаните 5:8). Надежта е зајакнувачко нешто, бидејќи, иако помазаниот христијанин кој сѐ уште е на земјата не ја поседува наградата небесен живот, сепак неговата желба со очекување е толку јака што, и покрај жестоките испити и тешкотии, тој продолжува стрпливо да го чека она на кое се надева со истрајност (Римјаните 8:24, 25).

Надежта помага христијанинот да задржи чист начин на живот, зашто знае дека Бог и Христос, во кои лежи надежта, се чисти и дека тој не може да се надева да биде како Бог и да ја добие наградата доколку практикува нечистота или неправедност (1. Јованово 3:2, 3). Таа е тесно поврзана со најголемата особина — љубовта, зашто оној кој има вистинска љубов кон Бог, ќе има и надеж во сите Божји ветувања. И, освен тоа, тој ќе се надева на најдоброто за своите браќа во верата, љубејќи ги и имајќи доверба во нивната искреност на срцето во Христос (1. Коринтјаните 13:4, 7; 1. Солунјаните 2:19).