Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Патот на љубовта никогаш не затајува

Патот на љубовта никогаш не затајува

Патот на љубовта никогаш не затајува

„И понатаму ревносно тежнејте по поголемите дарови. И уште ќе ви покажам еден ненадминлив пат“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 12:31NW).

1-3. а) Како учењето да се изразува љубов е слично на учење нов јазик? б) Кои фактори можат да придонесат учењето да се изразува љубов да биде предизвик?

 ДАЛИ некогаш си се обидувал да научиш некој нов јазик? Најблаго речено, тоа е предизвик! Секако, едно мало дете може да научи јазик само со тоа што е изложено на него. Неговиот мозок, така да се рече, ги впива звуците и значењата на зборовите, така што наскоро детенцето се изразува доста вешто, можеби и непрекинато. Со возрасните не е така. Ние секогаш одново истражуваме во речникот за странски јазик само за да совладаме неколку основни фрази на тој јазик. Но, со текот на времето и ако сме доста изложени на новиот јазик, почнуваме да размислуваме на него и зборувањето станува полесно.

2 Учењето да се изразува љубов е многу слично на учењето нов јазик. Точно, во луѓето е вродена извесна мера од оваа божествена особина (1. Мојсеева 1:27; спореди 1. Јованово 4:8). Сепак, учењето да се изразува љубов, бара посебен напор — особено денес, кога природната наклоност тешко може да се најде (2. Тимотеј 3:1—5NW). Тоа понекогаш е случај токму во семејството. Да, многумина растат во една груба средина каде што едвај — ако и воопшто — некогаш се кажуваат љубезни зборови (Ефесјаните 4:29—31; 6:4). Тогаш, како можеме да научиме да изразуваме љубов — дури и ако ретко сме ја доживувале?

3 Библијата може да ни помогне. Во 1. Коринтјаните 13:4—8 Павле не дава една механичка дефиниција за тоа што е љубов, туку еден жив опис за тоа како дејствува овој највисок облик на љубов. Разгледувањето на овие стихови ќе ни помогне да ја сфатиме природата на оваа божествена особина и подобро ќе нѐ опреми да ја изразуваме. Да разгледаме некои од фасетите на љубовта кои ги опишал Павле. Ќе ги групираме во три општи категории: нашето однесување воопшто; потоа, поконкретно, нашите односи со другите и, на крај, нашата истрајност.

Љубовта ни помага да ја победиме гордоста

4. Каков увид обезбедува Библијата за љубомората?

4 После своите воведни коментари за љубовта, Павле на коринтјаните им напишал: „Љубовта не е љубоморна“ (1. Коринтјаните 13:4NW). Љубомората може да се манифестира во завидливо незадоволство поради добриот успех или достигнувањата на другите. Ваквата љубомора е разорна — физички, емоционално и духовно (Изреки 14:30; Римјаните 13:13; Јаков 3:14—16).

5. Како љубовта може да ни помогне да ја победиме љубомората кога сме навидум превидени за некоја теократска предност?

5 Со оглед на ова, прашај се: ‚Дали станувам љубоморен кога сум навидум превиден за некоја теократска предност?‘ Ако одговорот е „да“, не очајувај. Библискиот писател Јаков нѐ потсетува дека ‚склоноста кон завист‘ (NW) е присутна кај сите несовршени луѓе (Јаков 4:5). Љубовта кон твојот брат може да ти помогне да ја обновиш својата рамнотежа. Таа може да ти овозможи да се радуваш со оние кои се радуваат и да не го сметаш за лична навреда тоа кога некој друг ќе добие благослов или комплимент. (Спореди 1. Царства 18:7—9.)

6. Каква лоша ситуација се развила во коринтското собрание во првиот век?

6 Павле додава дека љубовта „не се фали, не се дуе“ (1. Коринтјаните 13:4NW). Ако имаме некој талент или способност, нема потреба да парадираме со тоа. Очигледно тоа им било проблем на некои амбициозни мажи кои се вовлекле во древното коринтско собрание. Можеби тие имале супериорни способности во изнесувањето идеи или, пак, некој поделотворен начин на вршење на работите. Тоа што свртувале внимание на себеси можеби придонело за делење на собранието на фракции (1. Коринтјаните 3:3, 4; 2. Коринтјаните 12:20). Ситуацијата станала толку лоша што подоцна Павле морал строго да ги казни коринтјаните заради ‚поднесување на безумните‘, кои тој критички ги опишал како ‚врховни апостоли‘ (2. Коринтјаните 11:5, 19, 20).

7, 8. Покажи на темел на Библијата како можеме да ги користиме кои и да било вродени таленти што ги поседуваме за да унапредуваме единство.

7 Слична ситуација може да се развие и денес. На пример, некои би можеле да имаат склоност да се фалат со своите постигнувања во службата или со своите предности во Божјата организација. Дури и да имаме некоја посебна вештина или способност која другите во собранието ја немаат, дали тоа треба да ни даде за право да се надуеме? На крајот на краиштата, сите вродени таленти кои ги имаме треба да ги користиме за да унапредуваме единство — а не самите себе (Матеј 23:12; 1. Петрово 5:6).

8 Павле напишал дека иако едно собрание има многу членови, ‚Бог го направил [составил, NW] телото‘ (1. Коринтјаните 12:19—26). Грчкиот збор кој е преведен со „составил“ означува складно спојување, како при мешање бои. Затоа, ниеден поединец во собранието не треба да се дуе поради своите способности и не треба да се обидува да доминира над другите. Гордоста и амбицијата немаат место во Божјата организација (Изреки 16:19; 1. Коринтјаните 14:12; 1. Петрово 5:2, 3).

9. Кои предупредувачки примери ги дава Библијата за поединци кои гледале за своите сопствени интереси?

9 Љубовта „не гледа за своите сопствени интереси“ (1. Коринтјаните 13:5NW). Една личност која е полна со љубов не манипулира со другите за да ја наметне сопствената волја. Библијата содржи предупредувачки примери во тој поглед. Да илустрираме: Читаме за Далида, Језавела и Готолија — жени кои манипулирале со другите од себични причини (Судии 16:16; 3. Царства 21:25; 2. Летописи 22:10—12). Тука бил и синот на цар Давид, Авесалом. Тој им пристапувал на оние кои доаѓале во Ерусалим заради суд и лукаво алудирал дека на царскиот суд му недостига вистински интерес за нивните проблеми. Потоа отворено наведувал дека она што на судот навистина му е потребно е еден срдечен човек како него! (2. Царства 15:2—4). Секако, Авесалом не бил заинтересиран за угнетените, туку за самиот себе. Дејствувајќи како самоназначен цар, тој извршил влијание врз срцата на многумина. Но, со текот на времето, Авесалом доживеал тежок пораз. Кога умрел, не бил сметан за достоен ни за пристоен погреб (2. Царства 18:6—17).

10. Како можеме да покажеме дека внимаваме на интересите на другите?

10 Ова е предупредување за денешните христијани. Без разлика дали сме од машки или од женски пол, можеби по природа имаме моќ на убедување. Можеби ни е лесно да ја наметнеме сопствената волја, така да се каже, со тоа што доминираме во разговорот или ги исцрпуваме оние кои имаат поинакво гледиште. Меѓутоа, ако навистина сме полни со љубов, ќе внимаваме на интересите на другите (Филипјаните 2:2—4). Нема да ги искористуваме другите или да унапредуваме сомнителни идеи поради нашето искуство или нашата положба во Божјата организација, како нашите гледишта да се единствените кои се важни. Напротив, ќе се сеќаваме на библиската изрека: „Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање — надуеноста“ (Изреки 16:18).

Љубовта придонесува за мирољубиви односи

11. а) На кои начини можеме да покажеме љубов која е и љубезна и пристојна? б) Како можеме да покажеме дека не се радуваме на неправда?

11 Исто така, Павле напишал дека љубовта е „љубезна“ и дека „не се однесува непристојно“ (1. Коринтјаните 13:4, 5NW). Да, љубовта нема да ни дозволи да постапуваме на начин кој е груб, вулгарен и без почитување. Наместо тоа, ќе ги земаме во обѕир чувствата на другите. На пример, едно лице кое е полно со љубов ќе избегнува да прави работи кои ќе ја вознемират совеста на другите. (Спореди 1. Коринтјаните 8:13.) Љубовта „на неправда не се радува, а на вистина се радува“ (1. Коринтјаните 13:6). Доколку го љубиме Јеховиниот закон, нема да замижуваме пред неморалот или да се забавуваме со работи кои Бог ги мрази (Псалм 118:97). Љубовта ќе ни помогне да најдеме радост во работи кои изградуваат, а не кои рушат (Римјаните 15:2; 1. Коринтјаните 10:23, 24; 14:26).

12, 13. а) Како треба да реагираме кога некој ќе нѐ навреди? б) Наведи некои библиски примери кои покажуваат дека дури и оправдан гнев може да предизвика да постапиме немудро.

12 Павле пишува дека љубовта „не се раздразнува“ („не е преосетлива“, Phillips) (1. Коринтјаните 13:5NW). Се разбира, сосема нормално е ние несовршените луѓе да се вознемириме или да чувствуваме одредена мера гнев кога некој ќе нѐ навреди. Меѓутоа, би било погрешно да негуваме долготрајна огорченост или да останеме во раздразнета состојба (Псалм 4:4NW; Ефесјаните 4:26). Ако не се контролира, дури и оправдана лутина може да предизвика да постапиме немудро, и Јехова би можел да нѐ смета одговорни за тоа (1. Мојсеева 34:1—31; 49:5—7; 4. Мојсеева 12:3; 20:10—12; Псалм 105:32, 33).

13 Некои дозволиле несовршеностите на другите да влијаат врз нивната решеност да присуствуваат на христијанските состаноци или да учествуваат во службата на теренот. Многумина од нив порано воделе тешка борба за верата, можеби така што поднесувале противење од семејството, исмејување од колегите на работа и слично. Тие поднеле такви препреки бидејќи ги гледале како испити на интегритетот, и тоа со право. Но, што се случува кога некој сохристијанин вели или прави нешто што е без љубов? Зарем не е и тоа испит на интегритетот? Навистина е испит, зашто ако останеме во раздразнета состојба, би можеле да ‚му дадеме место на ѓаволот‘ (Ефесјаните 4:27).

14, 15. а) Што значи да ‚се води евиденција за навредата‘? б) Како можеме да го имитираме Јехова во простувањето?

14 Павле со добра причина додава дека љубовта „не води евиденција за навредата“ (1. Коринтјаните 13:5NW). Тука тој користи еден термин од сметководството, очигледно за да укаже на чинот на внесување на престапот во една главна сметководствена книга со цел да не се заборави. Дали е љубезно да се прави траен умствен запис на навредливиот збор или постапка, како да треба да се осврнеме на тоа во некое идно време? Колку само можеме да бидеме среќни што Јехова не нѐ испитува нас на еден таков немилосрден начин! (Псалм 129:3). Да, кога се каеме, тој ги брише нашите грешки (Дела 3:19NW).

15 Во тој поглед можеме да го имитираме Јехова. Не треба да бидеме претерано осетливи кога изгледа дека некој нѐ омаловажува. Ако брзо се навредуваме, можеме самите да си направиме многу подлабока штета отколку што воопшто би можело да ни направи лицето кое нѐ навредило (Проповедник 7:9, 22). Наместо тоа, треба да запомниме дека љубовта „во сѐ верува“ (1. Коринтјаните 13:7). Секако, никој од нас не сака да биде лековерен, но ниту, пак, треба да бидеме претерано сомничави во мотивите на нашите браќа. Секаде каде што е можно, да бидеме спремни да си веруваме еден на друг (Колосјаните 3:13).

Љубовта ни помага да истраеме

16. Во кои околности љубовта може да ни помогне да бидеме долготрпеливи?

16 Понатаму, Павле ни кажува дека „љубовта е долготрпелива“ (1. Коринтјаните 13:4). Таа ни овозможува да ги поднесеме испитувачките околности, можеби во еден продолжен временски период. На пример, многу христијани со години живееле во религиозно разделен дом. Други, пак, се самци, и тоа не заради тоа што така решиле, туку бидејќи не можеле да најдат погоден брачен партнер „во Господа“ (1. Коринтјаните 7:39; 2. Коринтјаните 6:14). Потоа, тука се и оние кои се борат со проблеми заради нарушено здравје (Галатјаните 4:13, 14; Филипјаните 2:25—30). Навистина, во овој несовршен систем не постои човек што се наоѓа во некоја ситуација во животот која не бара некаков вид истрајност (Матеј 10:22; Јаков 1:12).

17. Што ќе ни помогне за да истраеме во сѐ?

17 Павле нѐ уверува дека љубовта „сѐ истрајува (NW) . . . на сѐ се надева, сѐ претрпува“ (1. Коринтјаните 13:7). Љубовта кон Јехова ќе ни овозможи да поднесеме каква и да било ситуација заради праведноста (Матеј 16:24; 1. Коринтјаните 10:13). Ние не бараме мачеништво. Напротив, нашата цел е да имаме мирољубив, спокоен живот (Римјаните 12:18; 1. Солунјаните 4:11, 12). Сепак, кога се јавуваат испити на верата, ние радо истрајуваме во нив како дел од цената на христијанското учеништво (Лука 14:28—33). Додека истрајуваме, се обидуваме да задржиме позитивно гледиште, надевајќи се на најдобриот исход среде тешките ситуации.

18. Како дури и во поволно време е потребна истрајност?

18 Неволјата не е единствената околност во која е потребна истрајност. Понекогаш, да се истрае значи едноставно да се издржи, да се продолжи по еден одреден пат без разлика на тоа дали тешките ситуации се присутни или не. Истрајноста вклучува да се задржи добра духовна рутина. На пример, дали имаш смисловно учество во службата, во согласност со своите околности? Дали читаш и медитираш за Божјата Реч и дали комуницираш со својот небесен Татко преку молитва? Дали редовно присуствуваш на собраниските состаноци и дали извлекуваш корист од размената на охрабрување со соверниците? Ако да, тогаш без разлика на тоа дали моментално си во поволно или во неповолно време, ти истрајуваш. Не се откажувај „зашто во свое време ќе пожнееме, не заморувајќи се [ако не се умориме, NW]“ (Галатјаните 6:9).

Љубов — „ненадминлив пат“

19. Како љубовта е „ненадминлив пат“?

19 Павле ја подвлекол важноста на изразувањето љубов така што оваа божествена особина ја нарекол „ненадминлив пат“ (1. Коринтјаните 12:31NW). „Ненадминлив“ — во која смисла? Па, Павле штотуку ги наброил даровите на духот, кои биле вообичаени меѓу христијаните од првиот век. На некои им било овозможено да пророкуваат, други биле надарени да лечат болести, на многумина им била дадена способност да зборуваат јазици. Навистина, вчудовидувачки дарови! Сепак, Павле на коринтјаните им рекол: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, — ако љубов немам, ништо сум“ (1. Коринтјаните 13:1, 2). Да, дури и дела кои инаку би можеле да имаат вредност, стануваат „мртви дела“ доколку мотивот за нив не е љубовта кон Бог и кон ближниот (Евреите 6:1).

20. Зошто е потребен постојан напор за да негуваме љубов?

20 Исус ни дава една друга причина зошто треба да ја негуваме божествената особина љубов. „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици“, рекол тој, „ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). Зборот „ако“ остава да зависи од секој христијанин дали тој ќе научи да изразува љубов. На крајот на краиштата, самото тоа што живееме во странска земја нема само по себе да нѐ присили да научиме да го зборуваме нејзиниот јазик. Ниту, пак, само присуствувањето на состаноците во Салата на Царството или дружењето со сохристијаните автоматски нѐ учи да изразуваме љубов. Учењето на овој „јазик“ бара постојан напор.

21, 22. а) Како треба да реагираме ако не сме дораснати на некои од аспектите на љубовта за кои дискутирал Павле? б) Во кој поглед може да се рече дека „љубовта никогаш не затајува“?

21 Понекогаш, нема да бидеш дораснат за некој од аспектите на љубовта за кои дискутирал Павле. Но, не се обесхрабрувај. Стрпливо посвети се на тоа. Продолжи да се советуваш со Библијата и да ги применуваш нејзините начела во своите постапки со другите. Никогаш не го заборавај примерот кој ни го дава самиот Јехова. Павле ги опоменал ефесјаните: „А еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа“ (Ефесјаните 4:32).

22 Токму како што учењето да се изразуваш на некој нов јазик на крај станува полесно, со текот на времето веројатно ќе увидиш дека и изразувањето љубов ќе ти стане полесно. Павле нѐ уверува дека „љубовта никогаш не затајува“ (1. Коринтјаните 13:8NW). За разлика од чудесните дарови на духот, љубовта никогаш нема да престане да постои. Затоа, продолжи да учиш да ја изразуваш оваа божествена особина. Таа е, како што ја нарекува Павле, „ненадминлив пат“.

Можеш ли да објасниш?

◻ Како може љубовта да ни помогне да ја победиме гордоста?

◻ На кои начини љубовта може да ни помогне да унапредуваме мир во собранието?

◻ Како може љубовта да ни помогне да истраеме?

◻ Како љубовта е „ненадминлив пат“?

[Прашања]

[Слика на страница 19]

Љубовта ќе ни помогне да прејдеме преку грешките на нашите соверници

[Слики на страница 23]

Истрајноста значи да ја задржиме својата теократска рутина