Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сила — извор на охрабрување

Сила — извор на охрабрување

Сила — извор на охрабрување

УШТЕ во почетокот на христијанската историја, активноста на верните патувачки надгледници била витална како во охрабрувањето на собранијата на Божјиот народ така и во ширењето на добрата вест до најоддалечените делови на Земјата. Меѓу првите наименувани надгледници бил Сила, пророк и водечки член на ерусалимското собрание. Тој одиграл клучна улога во важниот развој на проповедничкото дело и бил еден од мисионерите кои биле први евангелизатори на европско подрачје. Што го направило Сила да биде особено квалификуван за сето тоа? И кои карактеристики на неговата личност би било добро да ги имитираме?

Спорното прашање за обрежување

Кога околу 49 н. е. се појавило прашањето за обрежување кое можело да предизвика раздор, водечкото тело во Ерусалим требало да пушти во опток јасно упатство меѓу христијаните за да го решат тоа спорно прашање. Во едни вакви околности, во библискиот запис се појавува Сила, наречен и Силван (Силуан). Можеби тој бил еден од оние кои ја донеле одлуката и потоа бил избран како пратеник на „апостолите и старешините“ за да ја пренесе нивната одлука до ‚браќата во Антиохија и Сирија и Киликија‘. Во Антиохија, Сила и Јуда (Варсава), заедно со Варнава и Павле, ја доставиле пораката што ја носеле, очигледно усно раскажувајќи ги настаните од состанокот во Ерусалим, заклучоците до кои било дојдено и содржината на писмото. Исто така, тие ‚со многу зборови ги утешиле [охрабриле, NW] браќата и ги утврдиле‘. Среќниот исход од тоа било што христијаните во Антиохија ‚се радувале‘ (Дела 15:1—32).

На тој начин Сила одиграл значајна улога во решавањето на ова фундаментално спорно прашање. Но, неговата доделба не била баш лесна. Не постоел начин да се дознае како собранието во Антиохија ќе реагира на она што било решено. Затоа, „бил потребен некој кој имал многу мудрост и такт за да го изложи она што апостолите го имале запишано во своето писмо“, забележува еден коментатор. Изборот на Сила за оваа деликатна задача ни кажува нешто за тоа каква личност сигурно бил тој. На него можеле да се потпрат дека верно ќе ги претставува директивите на водечкото тело. Тој сигурно бил и мудар надгледник кој можел да изврши посредничко влијание кога на собранието му се заканувал спор.

Патувања со Павле

Дали Сила се вратил во Ерусалим после таа мисија или не, не е сигурно. Во секој случај, после една препирка меѓу Варнава и Павле — заради Јован Марко — Павле го избрал Сила, кој во тоа време бил во Антиохија, за едно ново патување, чија цел отпрвин била повторно да ги посетат градовите во кои Павле проповедал за време на своето прво мисионерско патување (Дела 15:36—41).

Можеби Сила бил избран поради неговиот позитивен став кон мисијата кај не-Евреите и поради авторитетот што како пророк и говорник на водечкото тело можел да придонесе во доставувањето на неговите одлуки до верниците во Сирија и Киликија. Резултатите биле одлични. Книгата Дела раскажува: „Одејќи по градовите, тие им порачуваа на верните да пазат на одредбите, определени од апостолите и презвитерите во Ерусалим. И така, црквите се утврдуваа во верата, а и по број се умножуваа секој ден“ (Дела 16:4, 5).

Како што мисионерите продолжиле со патувањето, светиот дух двапати ги одвратил од планираната рута (Дела 16:6, 7). По патот, во Листра, на групата ѝ се придружил Тимотеј после неидентификувани „претскажувања“ (NW) во врска со него (1. Тимотеј 1:18; 4:14). Преку една визија која ја добил Павле, кој исто така имал дар на прорекување, патувачките придружници биле насочени да отпловат кон Македонија, во Европа (Дела 16:9, 10).

Истепан и затворен

Во Филипи, „кој во тој дел . . . е прв град“, Сила поминал низ едно незаборавно тешко искушение. Кога Павле од некоја робинка истерал еден дух на претскажување, нејзините сопственици, откако виделе дека се лишени од еден извор на доход, ги одвлечкале Сила и Павле пред градските судии за прекршоци. Како резултат на тоа, тие двајцата го претрпеле понижувањето да бидат изнесени во јавноста како злосторници, при што горните облеки им биле раскинати и биле истепани со стапови на пазариштето (Дела 16:12, 16—22).

Таквото шибање не само што било страшна казна, туркање на човечката истрајност до крајна граница туку, во случајот со Павле и Сила, било и незаконско. Зошто? Римските закони утврдувале дека не смее да се тепа ниеден римски граѓанин. Павле имал римско државјанство, а веројатно имал и Сила. Откако им биле нанесени „многу удари“, Павле и Сила биле фрлени в затвор каде што нозете им биле стегнати во клада. Тоа бил „ужасен инструмент“, објаснува Густав Сталин, „во кој нозете на затворениците можеле да бидат расчеречени толку многу колку што се сакало, и тоа на начин кој го спречувал спиењето“. Сепак, на полноќ, кога на грбовите несомнено имале болни рани, ‚Павле и Сила се молеле и Го славеле Бога [во песна, NW]‘ (Дела 16:23—25).

Ова ни кажува уште нешто за личноста на Сила. Тој бил радосен бидејќи страдале заради Христовото име (Матеј 5:11, 12; 24:9). Очигледно, тоа бил истиот дух кој за време на претходната мисија во Антиохија им овозможил на Сила и на неговите придружници да бидат делотворни во охрабрувањето и зајакнувањето на собранието, предизвикувајќи нивните сохристијани да се радуваат. Радоста на Павле и Сила сигурно се зголемила кога на чудесен начин биле ослободени од затворот преку еден земјотрес и биле во можност да му помогнат на затворскиот чувар — кој сакал да изврши самоубиство — и на неговото семејство да практикуваат вера во Бог (Дела 16:26—34).

Ниту Павле ниту Сила биле заплашени од шибањето и затворањето. Кога бил испратен налог да бидат ослободени, тие одбиле да се извлечат од Филипи засрамени, како што очекувале судиите за прекршоци. Тие останале на своето и ја свртеле ситуацијата во своја корист против тие арогантни и самоволни службеници. „Откако нѐ биеја пред народот без суд и нѐ фрлија в затвор, нас римски граѓани, сега тајно ли нѐ пуштаат?“ — прашал Павле. „Не, нека дојдат и сами нека нѐ изведат!“ Исплашени од последиците, судиите за прекршоци биле принудени да ги преколнуваат Павле и Сила да го напуштат градот (Дела 16:35—39).

Откако на тој начин ги всадиле во умовите на властите своите права како Римјани, Павле и Сила се повиниле на барањето на судиите за прекршоци — но дури откако се збогувале со своите пријатели. Во склад со тоа што досега беше карактеристика за целото проповедничко патување, Сила и неговиот партнер уште еднаш ги ‚охрабриле‘ (NW) браќата и потоа си заминале (Дела 16:40).

Од Македонија во Вавилон

Не дозволувајќи да бидат деморализирани од она што инаку би можело да биде негативно искуство, Павле, Сила и нивните придружници продолжиле на новите мисионерски полиња. Во Солун повторно се соочиле со тешкотии. Поради успехот на Павле во неговата служба во период од три сабати, љубоморните противници подбуцнале една толпа, па затоа мисионерите сметале дека би било мудро да го напуштат градот ноќе. Тие заминале за Берија. Откако дознале за успесите на Павле и на неговите придружници во тој град, противниците дошле дури од Солун. Павле продолжил сам, додека Сила и Тимотеј останале во Берија за да се погрижат за групата новозаинтересирани поединци (Дела 17:1—15). Сила и Тимотеј повторно му се придружиле на Павле во Коринт, носејќи ја добрата вест и можеби еден поклон од верните пријатели од Македонија. Тоа сигурно му овозможило на апостолот кој бил во оскудица да прекине со световната работа, со која се зафатил во меѓувреме, и енергично да се врати на полновременото проповедање (Дела 18:1—5; 2. Коринтјаните 11:9). Во Коринт, на Сила и на Тимотеј исто така се укажувало како на евангелизатори и како на Павлови придружници. Па така, очигледно е дека нивните активности не успориле ниту во тој град (2. Коринтјаните 1:19).

Се претпоставува дека употребата на заменката „ние“ во обете писмата до солуњаните — кои биле напишани во тој период од Коринт — значи дека Сила и Тимотеј учествувале во пишувањето. Меѓутоа, идејата дека Сила учествувал во пишувачката активност се темели главно на она што го вели Петар за едно од своите писма. Петар вели дека тој го напишал своето прво писмо од Вавилон „по Силуана, вашиот верен брат“ (1. Петрово 5:12, 13). Иако тоа едноставно можело да значи дека Силван бил носачот, сепак разликата во стилот меѓу Петровите две писма можеби укажува дека тој го користел Сила како писар за да го напише првото, но не и второто писмо. Според тоа, уште еден од разновидните таленти и теократски предности на Сила било тоа што можеби бил секретар.

Пример кој треба да го имитираме

Кога ќе застанеме и ќе ги погледнеме работите за кои знаеме дека ги направил Сила, неговото досие е импресивно. Тој е одличен пример за современите мисионери и патувачки надгледници. Несебично патувал на големи растојанија по прилична цена за него, не за да стекне материјална корист или престиж, туку за да им помогне на другите. Целта му била да ги охрабри со мудар и тактичен совет, со добро подготвени и срдечни предавања, како и со својата ревност во службата на теренот. Без разлика на тоа каква е твојата улога меѓу Јеховиниот организиран народ, ако на сличен начин настојуваш да бидеш позитивен — дури и наспроти непријателство — и ти ќе бидеш извор на охрабрување за своите соверници.

[Карта на страница 29]

(Види во публикацијата)

Павловото второ мисионерско патување

Средоземно Море

Антиохија

Дерва

Листра

Иконија

Троада

Филипи

Амфипол

Солун

Берија

Атина

Коринт

Ефес

Ерусалим

Ќесарија

[Извор на слика]

Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.