Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што е потребно за успешен брак?

Што е потребно за успешен брак?

Што е потребно за успешен брак?

Дали ќе одлучиш да скокнеш во некоја река без првин да научиш да пливаш? Таквата глупава постапка би можела да биде штетна — па дури и смртоносна. Но, помисли колку луѓе скокаат во брак без да се доволно свесни како да ги преземат одговорностите кои се вклучени во него.

ИСУС рекол: „Кој од вас, сакајќи да соѕида кула, не ќе седне најнапред да направи сметка [да го пресмета трошокот, NW] колку ќе чини и дали има сѐ, што е потребно за нејзиното довршување?“ (Лука 14:28). Она што е точно за градењето на една кула, точно е и за градењето на еден брак. Оние кои сакаат да стапат во брак треба внимателно да го пресметаат трошокот на бракот за да се уверат дали можат да ги задоволат барањата.

Поглед на бракот

Да се има партнер со кој ќе се делат радостите и тагите во животот навистина е благослов. Бракот може да ја исполни празнината која ја предизвикува самотијата или очајот. Тој може да го задоволи нашиот внатрешен копнеж за љубов, друштво и присност. Откако го создал Адам, Бог со добра причина рекол: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник [како негово надополнување, NW]“ (1. Мојсеева 2:18; 24:67; 1. Коринтјаните 7:9).

Да, брачната состојба може да реши некои проблеми. Но таа ќе донесе и некои нови. Зошто? Бидејќи бракот е спој на две различни личности кои можеби се складни, но тешко дека се идентични. Затоа, дури и паровите кои си одговараат ќе доживуваат повремени конфликти. Христијанскиот апостол Павле напишал дека оние кои стапуваат во брак ќе имаат „телесни неволи“ — или, како што тоа го преведува The New English Bible, „болка и тага во овој земски живот“ (1. Коринтјаните 7:28).

Дали Павле бил песимистичен? Воопшто не! Тој едноставно ги поттикнувал оние кои размислуваат за брак да бидат реалистични. Еуфоричното чувство кога си привлечен кон некого не е точното мерило за тоа како ќе изгледа брачниот живот во месеците и годините после денот на свадбата. Секој брак си носи свои посебни предизвици и проблеми. Прашањето не е дали тие ќе се појават, туку како да се соочиме со нив кога ќе се појават.

Проблемите им даваат на сопругот и на сопругата прилика да ја покажат вистинитоста на својата взаемна љубов. Да илустрираме: Еден брод за крстарење изгледа величествен додека стои закотвен во пристаништето. Меѓутоа, неговата вистинска способност за пловидба се покажува на морето — можеби дури меѓу разбеснетите бранови на бурата. На сличен начин, силата на брачната врска не е ограничена само на мирните моменти на романтичниот спокој. Понекогаш, таа се покажува под тешки околности во кои парот одолева на бурата на неволјите.

За да го постигне тоа, на брачниот пар му треба чувство на обврска, зашто Бог имал намера мажот да се „прилепи кон жената“ и двајцата да „бидат едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Идејата за обврска плаши многу луѓе денес. Сепак, сосема е разумно дека двајца луѓе кои вистински се љубат, ќе сакаат да дадат сериозно ветување дека ќе останат заедно. Обврската му дава достоинство на бракот. Таа обезбедува темел за доверба дека, што и да дојде, сопругот и сопругата меѓусебно ќе се поддржуваат. a Ако не си спремен за таква обврска, тогаш ти навистина не си спремен за брак. (Спореди Проповедник 5:3, 4.) Дури и оние кои веќе се во брак можеби ќе треба да го зголемат своето разбирање на тоа колку е витална обврската за еден траен брак.

Поглед на себеси

Несомнено ти можеш да ги наброиш особините кои сакаш да ги има брачниот партнер. Меѓутоа, многу потешко е да се погледнеш себеси и да одредиш како можеш ти да придонесеш за бракот. Самоиспитувањето е витално, како пред така и после прифаќањето на брачните завети. На пример, постави си ги следниве прашања.

Дали сум спремен за една доживотна обврска кон мојот партнер? (Матеј 19:6).

Во деновите на библискиот пророк Малахија, многу сопрузи ги напуштале своите партнерки, можеби за да се оженат со помлади жени. Јехова рекол дека неговиот олтар е покриен со солзите на напуштените сопруги, и ги осудил мажите кои на тој начин ‚постапувале вероломно [неверно, NW]‘ со своите партнерки (Малахија 2:13—16).

Доколку размислувам да стапам во брак, дали сум ја поминал младешката доба кога сексуалните чувства се прилично силни и можат да го искриват доброто просудување? (1. Коринтјаните 7:36).

„Многу е ризично да стапиш во брак премлад“, вели Ники која имала 22 години кога се омажила. Таа предупредува: „Од времето кога си во доцните тинејџерски па сѐ додека не дојдеш во средните или доцните 20-ти години, твоите чувства, цели и вкусови ќе продолжат да се менуваат“. Се разбира, спремноста за брак не може да се мери само според возраста. Сепак, ако некој не го поминал младешкиот стадиум кога сексуалните чувства се нови и особено силни, тоа може да го искриви неговото размислување и да го заслепи за потенцијалните проблеми.

Кои особини ќе ми помогнат да придонесам за успешен брак? (Галатјаните 5:22, 23).

Апостол Павле на колосјаните им напишал: „Облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост“ (Колосјаните 3:12). Овој совет е прикладен за оние кои размислуваат за брак како и за оние кои веќе се во брак.

Дали ја имам зрелоста која е потребна за да го поддржувам партнерот во тешки времиња? (Галатјаните 6:2).

„Кога се појавуваат проблеми“, вели еден лекар, „постои склоност да се обвини партнерот. Она што е најважно не е кој е виновен. Наместо тоа, важно е како сопругот и сопругата можат да соработуваат за да го подобрат брачниот однос.“ На брачните парови се применуваат зборовите на мудриот цар Соломон. „Подобро им е на двајца, отколку на еден“, напишал тој, „зашто, ако падне едниот, другиот ќе го крене другарот свој. Но тешко на еден, ако падне, ќе нема друг, кој да го крене“ (Проповедник 4:9, 10).

Дали обично сум весел и оптимистичен или претежно сум мрачен и негативен? (Изреки 15:15).

Негативното лице го смета секој ден за лош. Бракот не го менува тој став на чудесен начин! Самецот — маж или жена — кој е во голема мера критизерски настроен или песимистичен, едноставно ќе стане оженета или омажена личност која е исто толку критизерски настроена или песимистична. Таквото негативно гледиште може да наметне ужасна напнатост во бракот. (Спореди Изреки 21:9.)

Дали останувам смирен под притисок или, пак, се оддавам на неконтролирани изливи на бес? (Галатјаните 5:19, 20).

На христијаните им е заповедано да бидат ‚бавни на гнев‘ (Јаков 1:19). Пред и за време на бракот, мажот и жената треба да ја негуваат способноста да живеат според овој совет: „Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде во гневот ваш“ (Ефесјаните 4:26).

Поглед на твојот потенцијален партнер

„Благоразумниот е внимателен на своите чекори“, наведува една библиска изрека (Изреки 14:15). Ова е секако случај кога избираш брачен партнер. Избирањето брачен партнер е една од најважните одлуки со кои некогаш ќе се соочи некој маж или жена. Сепак, забележано е дека многу луѓе трошат повеќе време во одлучувањето каков автомобил да купат или во кое школо да учат отколку со кое лице да стапат во брак.

Оние на кои им се доверува одговорност во христијанското собрание ‚најнапред се испитани [во поглед на погодноста, NW]‘ (1. Тимотеј 3:10). Доколку размислуваш да стапиш во брак, ќе сакаш да се осигураш во „погодноста“ на другото лице. На пример, размисли за следниве прашања. Иако се изнесени од гледна точка на жена, многу од начелата се применуваат и на мажот. Па дури и лицата кои веќе се во брак можат да извлечат корист ако ги разгледаат овие точки.

Каква репутација има? (Филипјаните 2:19—22).

Изреки 31:23 опишува еден сопруг кој е „познат кај портите, кога седи со старешините [постарите мажи, NW] на земјата“. Постарите мажи седеле на градските порти за да донесуваат суд. Значи, тој очигледно имал позиција на јавна доверба. Начинот на кој другите гледаат некој човек кажува нешто за неговата репутација. Ако е прикладно, размисли и за начинот на кој го гледаат оние кои се под негов авторитет. Тоа може да покаже како ти, како негова партнерка, со текот на времето ќе почнеш да гледаш на него. (Спореди 1. Царства 25:3, 23—25.)

Каков морал има?

Божествената мудрост е „најнапред чиста“ (Јаков 3:17). Дали твојот потенцијален партнер е повеќе заинтересиран за сопственото сексуално задоволство отколку за својата и за твојата положба пред Бог? Ако тој не вложува напор да живее според Божјите морални мерила сега, тогаш каков темел постои да веруваш дека ќе го прави тоа во бракот? (1. Мојсеева 39:7—12).

Како постапува со мене? (Ефесјаните 5:28, 29).

Библиската книга Изреки кажува за еден сопруг кој „има доверба“ (NW) во својата сопруга. Освен тоа, „ја фали“ (Изреки 31:11, 28). Тој не е опсесивно љубоморен ниту, пак, е неразумен во своите очекувања. Јаков напишал дека мудроста одозгора е „мирна, кротка [разумна, NW] . . . полна со милост и добри плодови“ (Јаков 3:17).

Како постапува со членовите на сопственото семејство? (2. Мојсеева 20:12).

Почитувањето кон родителите не е само барање за децата. Библијата вели: „Слушај го, синко татка си свој: тој те родил; не ја занемарувај мајка си кога таа ќе остарее“ (Изреки 23:22). Интересно е тоа што д-р В. Хју Мисилдајн напишал: „Многу брачни тешкотии и неслоги можат да се избегнат — или барем да се предвидат — ако потенцијалната невеста и потенцијалниот младоженец неформално го посетуваат домот на другиот и го забележат односот меѓу ‚избраникот‘ и неговите родители. Начинот на кој тој гледа на своите родители ќе влијае врз начинот на кој ќе го гледа својот партнер. Мора да се праша: ‚Дали јас сакам со мене да постапува како што постапува со своите родители?‘ Начинот, пак, на кој неговите родители постапуваат со него ќе биде добар показател за тоа каков став ќе има кон себеси и како ќе очекува ти да се однесуваш со него — после медениот месец“.

Дали е склон кон гнев или навредлив говор?

Библијата советува: „Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење [навредлив говор, NW] нека бидат подалеку од вас“ (Ефесјаните 4:31). Павле го предупредил Тимотеј за некои христијани кои ќе бидат ‚болни од празни препирки и запрашувања‘ и кои ќе попуштат на „зависта, карањето, хулењето [навредливиот говор, NW], лошите мисли; залудните препирки [околу ситници, NW]“ (1. Тимотеј 6:4, 5).

Освен тоа, Павле напишал дека оној кој се квалификува за посебни предности во собранието ‚не треба да биде тепач‘ (NW) — според оригиналниот грчки јазик, „да не задава удари“ (1. Тимотеј 3:3, фуснота NW). Тој не може да биде човек кој физички ги удира луѓето или вербално ги тиранизира. Лицето кое е склоно да биде насилно во момент на лутина, не е погоден брачен партнер.

Какви се неговите цели?

Некои тежнеат по богатство и жнеат неминовни последици (1. Тимотеј 6:9, 10). Други бесцелно се препуштаат на животот, без да имаат некакви цели за постигнување (Изреки 6:6—11). Меѓутоа, еден побожен човек ќе ја покаже истата одлучност што ја покажал Исус Навин, кој рекол: „А, пак, јас и домот мој ќе му служиме на Господа [Јехова, NW]“ (Исус Навин 24:15).

Награди и одговорности

Бракот е божествена институција. Неа ја одобрил и основал Јехова Бог (1. Мојсеева 2:22—24). Тој го создал брачното уредување за да формира трајна врска меѓу мажот и жената со цел да можат тие меѓусебно да си помагаат. Кога ги применуваат библиските начела, сопругот и сопругата можат да очекуваат радосна судба во животот (Проповедник 9:7—9).

Но, мора да се сфати дека живееме во „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“. Библијата претскажала дека во текот на овој период луѓето ќе бидат „себељубиви, љубители на пари, вообразени, надуени“ . . . нелојални, без природна наклоност, непристапни за каков и да е договор . . . издајници, тврдоглави, надуени од гордост“ (2. Тимотеј 3:1—4NW). Овие особини можат да имаат моќно влијание врз бракот. Затоа, оние кои размислуваат да стапат во брак треба трезвено да го пресметаат трошокот. А оние кои сега веќе се во брак треба и понатаму да работат на тоа да ја подобрат својата заедница така што ќе учат за божественото водство кое се наоѓа во Библијата и ќе го применуваат.

Да, оние кои размислуваат за брак ќе сторат добро ако гледаат после свадбата. И сите треба да размислуваме не само за чинот на стапување во брак туку и за животот во бракот. Потпри се на Јехова за водство за да можеш да размислуваш реалистично, а не романтично. На тој начин, поголема е веројатноста да уживаш еден успешен брак.

[Фуснота]

a Библијата дозволува само еден темел за развод со можност за повторно стапување во брак, а тоа е „прељуба“ — сексуални односи надвор од бракот (Матеј 19:9).

[Рамка на страница 5]

„Најубавиот опис на љубовта што некогаш сум го прочитал“

„Како знаеш дали навистина си вљубен?“ — пишува д-р Кевин Лимен. „Постои една древна книга која содржи опис на љубовта. Книгата е стара речиси две илјади години, но таа сѐ уште е најубавиот опис на љубовта што некогаш сум го прочитал.“

Д-р Лимен укажувал на зборовите на христијанскиот апостол Павле кои се наоѓаат во Библијата во 1. Коринтјаните 13:4—8 (NW):

„Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е љубоморна, не се фали, не се дуе, не се однесува непристојно, не гледа за своите сопствени интереси, не се раздразнува. Не води евиденција за навредата. Не се радува на неправда, туку ѝ се радува на вистината. Сѐ истрајува, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ претрпува. Љубовта никогаш не затајува“.

[Рамка на страница 8]

Емоциите можат да бидат измамнички

Суламката од библиски времиња очигледно била сосема свесна за измамничката моќ на романтичните чувства. Кога моќниот цар Соломон ѝ се додворувал, таа им рекла на своите другарки ‚да не ја разбудуваат или вознемируваат возљубената [љубовта во неа, NW] додека сама не посака‘ (Песна над песните 2:7). Оваа мудра млада жена не сакала нејзините пријателки да вршат притисок врз неа да се води според своите емоции. Тоа е практично и за оние денес кои размислуваат за брак. Цврсто држи ги под контрола своите чувства. Ако стапуваш во брак, тоа треба да биде затоа што си вљубен во некое лице, а не само во идејата да се биде во брак.

[Слика на страница 6]

Дури и оние кои долго време се во брак можат да ги зајакнат своите брачни врски

[Слика на страница 7]

Како тој постапува со родителите?