Јеховиниот благослов врз нашата „земја“
Јеховиниот благослов врз нашата „земја“
„Каде што ќе се влива тој поток, таму сѐ ќе биде живо“ (ЈЕЗЕКИИЛ 47:9).
1, 2. а) Колку е важна водата? б) Што претставува водата од реката во визијата на Језекиил?
ВОДАТА е една извонредна течност. Целиот физички живот зависи од неа. Никој од нас не може долго да живее без неа. Од неа зависиме и заради чистотата, бидејќи водата може да ги раствори и измие нечистотиите. Така, со неа ги миеме нашите тела, облека, па дури и храната. Таквата постапка може да ни го спаси животот.
2 Библијата ја користи водата за да ги претстави Јеховините духовни подготовки за живот (Јеремија 2:13; Јован 4:7—15). Овие подготовки го вклучуваат и чистењето на неговиот народ преку Христовата откупна жртва и спознанието за Бог кое се наоѓа во неговата Реч (Ефесјаните 5:25—27). Во Језекииловата визија за храмот, чудесната река која протекува од храмот ги симболизира таквите животодајни благослови. Но, кога тече таа река, и што значи тоа за нас денес?
Река која тече во една обновена земја
3. Што доживеал Језекиил, како што е запишано во Језекиил 47:2—12?
3 Како заробеници во Вавилон, на народот на Језекиил крајно му биле потребни Јеховините подготовки. Затоа, колку само било охрабрувачки за Језекиил кога видел како од светилиштето излегува малку вода и истекува од визионерскиот храм! Еден ангел го мери потокот на растојанија од 1.000 лакти. Неговата длабочина се зголемува почнувајќи со длабочина до глуждовите, до колениците, до колковите па сѐ до еден порој за кој е потребно пливање. Реката донесува живот и плодност (Језекиил 47:2—11). На Језекиил му е речено: „По бреговите на потокот од едната и од другата страна ќе растат секакви дрвја, што ќе даваат храна“ (Језекиил 47:12а). Кога поројот влегува во Мртвото Море — безживотна маса вода — бликнува живот! Врие од риби. Рибната индустрија цвета.
4, 5. Како Јоиловото пророштво во врска со една река е слично на пророштвото на Језекиил, и зошто тоа е значајно?
4 Ова прекрасно пророштво можеби ги потсетило еврејските изгнаници на едно друго пророштво запишано повеќе од два века пред тоа: „Од домот Господен ќе се појави извор, и ќе ја напојува долината Ситим“ a (Јоил 3:18). Јоиловото пророштво, како и она на Језекиил, претскажува дека од Божјиот дом, од храмот, ќе истекува една река и ќе донесе живот во еден сув предел.
5 Стражарска кула долго време смета дека Јоиловото пророштво се исполнува во нашево време. b Тогаш, сигурно дека истото важи и за сличната визија на Језекиил. Во обновената земја на Божјиот народ денес, исто како и во древниот Израел, навистина протекуваат Јеховините благослови.
Силен доток на благослови
6. На што требало да ги потсети Евреите попрскувањето со крв на олтарот од визијата?
6 Кој е Изворот на благословите врз Божјиот обновен народ? Па, забележи дека водата истекува од Божјиот храм. Слично и денес, благословите доаѓаат од Јехова преку неговиот голем духовен храм — подготовката за чисто обожавање. Визијата на Језекиил додава еден важен детаљ. Во внатрешниот двор, потокот тече покрај олтарот, баш јужно од него (Језекиил 47:1). Олтарот е во самиот центар на храмот од визијата. Јехова прецизно му го опишува тоа на Језекиил и заповеда врз него да се попрска крвта на жртвата (Језекиил 43:13—18, 20). Тој олтар имал големо значење за сите Израелци. Нивниот завет со Јехова станал полноважен долго пред тоа, кога Мојсеј попрскал крв врз еден олтар во подножјето на гората Синај (2. Мојсеева 24:4—8). Попрскувањето крв врз олтарот од визијата требало да ги потсети дека, штом ќе се вратат во нивната обновена земја, Јеховините благослови ќе течат сѐ додека тие го исполнуваат својот завет со него (5. Мојсеева 28:1—14).
7. Кое значење го наоѓаат христијаните денес во симболичниот олтар?
7 Слично на тоа, Божјиот народ денес е благословен преку еден завет — и тоа подобар — новиот завет (Јеремија 31:31—34). И тој пред долго време станал полноважен со крв, и тоа со крвта на Исус Христос (Евреите 9:15—20). Денес, без оглед на тоа дали сме меѓу помазаниците кои се учесници во тој завет или, пак, сме меѓу ‚другите овци‘ кои се негови корисници, наоѓаме големо значење во симболичниот олтар. Тој ја симболизира Божјата волја во поврзаност со Христовата жртва (Јован 10:16; Евреите 10:10). Исто како што симболичниот олтар се наоѓа во самиот центар на духовниот храм, Христовата откупна жртва зазема централно место во чистото обожавање. Таа е темелот за простување на нашите гревови и според тоа е и темел на сите наши надежи за иднината (1. Јованово 2:2). Затоа, настојуваме да живееме според законот кој е поврзан со новиот завет, „законот Христов“ (Галатјаните 6:2). Сѐ додека го правиме тоа, ќе извлекуваме корист од Јеховините подготовки за живот.
8. а) Што недостасувало во внатрешниот двор на храмот од визијата? б) На кој начин можеле да се исчистат свештениците во храмот од визијата?
8 Една таква корист е чистата положба пред Јехова. Во храмот од визијата, на внатрешниот двор му недостига нешто што било многу истакнато во дворот на табернакулот и во Соломоновиот храм — еден голем мијалник, подоцна наречен море, за да се мијат свештениците (2. Мојсеева 30:18—21; 2. Летописи 4:2—6). Што можеле да користат за миење свештениците во храмот од визијата на Језекиил? Па, оној чудесен поток кој течел низ внатрешниот двор! Да, Јехова ќе ги благословел со средства да уживаат една чиста, односно света положба.
9. Како можат оние од помазаниците и оние од големото мноштво да имаат чиста положба денес?
9 Слично и денес, помазаниците се благословени со една чиста положба пред Јехова. Тој ги смета за свети, прогласувајќи ги за праведни (Римјаните 5:1, 2). Што е со ‚големото мноштво‘, претставено со несвештеничките племиња? Тие обожаваат во надворешниот двор, а истиот поток тече и низ тој дел од храмот во визијата. Тогаш, колку само е соодветно тоа што апостол Јован го видел големото мноштво како носи чисти бели облеки додека обожава во дворот на духовниот храм! (Откровение 7:9—14). Без оглед на тоа како се постапувало со нив во овој деградиран свет, тие можат да бидат уверени дека, сѐ додека практикуваат вера во Христовата откупна жртва, Јехова ги смета за чисти и неизвалкани. На кој начин тие практикуваат вера? Со тоа што ги следат Исусовите стапки и имаат потполна доверба во откупната жртва (1. Петрово 2:21).
10, 11. Кое е едно од важните обележја на симболичната вода, и како тоа е поврзано со големата експанзија на реката?
10 Како што веќе беше спомнато, има уште едно витално обележје на оваа симболична вода — спознанието. Во обновениот Израел, Јехова го благословил својот народ со библиска поука преку свештенството (Језекиил 44:23). На еден сличен начин, денес преку ‚царското свештенство‘ Јехова го благословил својот народ со една богата поука за неговата Реч на вистината (1. Петрово 2:9). Спознанието за Јехова Бог, за неговите намери со човештвото и особено за Исус Христос и месијанското Царство тече во сѐ поголем порој во овие последни денови. Колку само е величествен сѐ подлабокиот прилив на духовно освежување кој го добиваме! (Даниил 12:4).
11 Исто како што реката што ја измерил ангелот постепено станувала сѐ подлабока, така и дотокот на животодајни благослови од Јехова драматично се зголемувал за да излезе во пресрет на приливот на луѓе во нашата благословена духовна земја. Едно друго пророштво на обнова претскажало: „Од мал народ ќе се намножат илјади, од најслабиот — силен народ. Јас, Господ, ќе побрзам да го завршам тоа навреме“ (Исаија 60:22). Овие зборови се обистиниле — милиони се насобрале за да ни се придружат во чистото обожавање! Јехова ставил на располагање изобилна „вода“ за сите кои се обрнуваат кон него (Откровение 22:17). Тој се грижи за тоа неговата земна организација да дистрибуира Библии и библиска литература низ целиот свет, на стотици јазици. Исто така, низ целиот свет се подготвуваат христијански состаноци и конгреси за да можат сите да бидат снабдени со кристално чистите води на вистината. Како влијаат врз луѓето таквите подготовки?
Водата донесува живот!
12. а) Зошто дрвјата од визијата на Језекиил се во можност да донесуваат толкав род? б) Што е претставено со овие плодоносни дрвја во текот на последните денови?
12 Реката во визијата на Језекиил донесува живот и здравје. Кога Језекиил дознава за дрвјата кои ќе растат покрај реката, речено му е: „Лисјата нивни нема да свенуваат и плодовите нивни нема да завршуваат . . . плодовите нивни ќе служат како храна, а лисјата нивни — за лек“. Зошто овие дрвја даваат плод на ваков зачудувачки начин? „Оти водата од светилиштето тече за нив“ (Језекиил 47:12а). Овие симболични дрвја ги навестуваат сите Божји подготовки за обновување на човештвото до совршенство на темел на Исусовата откупна жртва. На Земјата во ова време, помазаниот остаток презема водство во обезбедувањето духовна храна и лекување. Откако сите 144.000 ќе ја примат својата небесна награда, користите кои произлегуваат од нивната свештеничка служба како совладетели со Христос ќе се прошират во иднината, конечно водејќи до потполна победа над адамската смрт (Откровение 5:9, 10; 21:2—4).
13. Какво лекување се извршува во нашево време?
13 Реката од визијата тече кон безживотното Мртво Море и лекува каде и да помине. Ова море претставува една духовно мртва средина. Но, секаде „каде што се вливаат двете струи“ врие од живот (Језекиил 47:9). Слично на тоа, во последните денови, секаде каде што продрела водата на животот, луѓето оживеале во духовна смисла. Првите кои биле повторно заживеани на тој начин биле членовите на помазаниот остаток во 1919 година. Тие во духовна смисла се вратиле во живот од една неактивна состојба, слична на смрт (Језекиил 37:1—14; Откровение 11:3, 7—12). Тие животоважни води оттогаш дошле и до други духовно мртви лица, па и тие оживеале и оформиле едно големо мноштво други овци што сѐ повеќе се зголемува и кое го љуби Јехова и му служи. Наскоро, оваа подготовка ќе се прошири на воскреснатите мноштва.
14. Што денес добро илустрира рибната индустрија која цветала по должината на брегот на Мртвото Море?
14 Од духовната виталност произлегува продуктивност. Ова е илустрирано преку рибната индустрија која цвета на бреговите на морето кое претходно било мртво. Исус им рекол на своите следбеници: „Јас ќе ве направам ловци на луѓе“ (Матеј 4:19). Во последните денови, делото на рибарење започнало со собирање на преостанатите помазаници, но не застанало на тоа. Животодајната вода од Јеховиниот духовен храм, вклучувајќи го и благословот на точното спознание, влијаела врз луѓето од сите нации. Каде и да поминел тој порој, произлегувал духовен живот.
15. Што покажува дека нема секој да ги прифати Божјите подготовки за живот, и каков е крајниот резултат за таквите?
15 Се разбира, сега не се одѕиваат сите поволно на пораката на живот ниту, пак, тоа ќе го сторат сите оние кои ќе бидат воскреснати во текот на милениумското владеење на Христос (Исаија 65:20; Откровение 21:8). Ангелот објавува дека некои делови од морето не се излекувани. Тие мочурливи, безживотни места се „оставени за сол“ (Језекиил 47:11). Што се однесува до луѓето од нашево време, не ја прифаќаат Јеховината животодајна вода сите оние на кои таа им е понудена (Исаија 6:10). Во Армагедон, сите оние кои избрале да останат во духовно безживотна и болна состојба ќе бидат оставени за сол, односно уништени засекогаш (Откровение 19:11—21). Меѓутоа, оние кои верно пиеле од овие води можат да се надеваат да преживеат и да го видат конечното исполнување на ова пророштво.
Реката истекува во рајот
16. Кога и како Језекииловата визија за храмот ќе има конечно исполнување?
16 Како и другите пророштва на обнова, конечното исполнување на Језекииловата визија за храмот ќе биде во текот на Милениумот. Тогаш, свештеничката класа повеќе нема да биде овде на Земјата. „Ќе бидат свештеници на Бог и на Христа, и ќе владеат со него [на небото] како цареви илјада години“ (Откровение 20:6, NW). Овие небесни свештеници ќе бидат здружени со Христос во применувањето на потполните користи од Христовата откупна жртва. Така, праведното човештво ќе биде спасено, обновено до совршенство! (Јован 3:17).
17, 18. а) Како во Откровение 22:1, 2 е опишана една животодајна река, и кога е главното време на примена на таа визија? б) Зошто реката со вода на животот ќе доживее време на голема експанзија во рајот?
17 Всушност, реката што ја видел Језекиил тогаш ќе тече со најсилната вода на животот. Ова е главното време на примена на пророштвото запишано во Откровение 22:1, 2: „Ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истекуваше од престолот на Бога и на Агнецот. Среде главната улица и од двете страни на реката — дрвото на животот, што раѓа плодови дванаесетпати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите“.
18 Во текот на Милениумот, сите болести — физички, душевни и емоционални — ќе бидат излекувани. Ова е добро претставено со ‚исцелувањето на народите‘ преку симболичните дрвја. Благодарение на подготовките кои ги применува Христос и 144.000-те, „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24). А реката ќе навлезе во периодот на својата најголема експанзија. Ќе мора да се прошири и да се продлабочи за да им излезе во пресрет на милионите, можеби и милијардите воскреснати луѓе кои ќе пијат од овие чисти води на животот. Реката во визијата го излекувала Мртвото Море, носејќи живот секаде каде што течеле нејзините води. Така, и мажите и жените во рајот ќе оживеат во најпотполна смисла, излечени од наследената адамска смрт доколку практикуваат вера во откупните користи кои им се дадени. Откровение 20:12 претскажува дека во тие денови ќе бидат отворени „книгите“ кои ќе обезбедат дополнителна светлина на разбирање од која ќе имаат корист и воскреснатите. За жал, некои ќе одбијат да бидат излекувани, дури и во рајот. Овие бунтовници се оние кои се ‚оставени за солта‘ на вечно уништување (Откровение 20:15).
19. а) Како распределувањето на земјата ќе се исполни во рајот? б) Кое обележје на рајот го претставува градот? в) Кое е значењето на тоа што градот бил сместен на извесно растојание од храмот?
19 Во тоа време, и распределувањето на земјата во визијата на Језекиил ќе го доживее своето конечно исполнување. Језекиил ја видел земјата исправно распределена; слично на тоа, секој верен христијанин може да биде уверен дека ќе има свое место, т. е. наследство, во рајот. Веројатно, желбата да се има сопствена куќа за да се живее и да се води грижа за неа ќе биде исполнета на еден уреден начин (Исаија 65:21; 1. Коринтјаните 14:33). Градот што го видел Језекиил прикладно го претставува административното уредување што Јехова го наменил за новата земја. Помазаната свештеничка класа повеќе нема да биде физички присутна меѓу човештвото. Визијата укажува на тоа прикажувајќи го градот во „нечиста“ земја на извесна оддалеченост од храмот (Језекиил 48:15, NW). Додека 144.000-те владеат со Христос на небото, Царот нема да биде без претставници на земјата. Неговите човечки поданици ќе имаат голема корист од водството полно со љубов и од насочувањето од класата на кнезот. Меѓутоа, вистинското седиште на владата нема да биде на земјата туку на небото. Секој на земјата, вклучувајќи ја и класата на кнезот, ќе биде подложен на месијанското Царство (Даниил 2:44; 7:14, 18, 22).
20, 21. а) Зошто е соодветно името на градот? б) На кои прашања треба да нѐ наведе нашето разбирање на Језекииловата визија?
20 Забележи ги последните зборови од Језекииловото пророштво: „Градот од тој ден ќе се именува: ‚Господ [Јехова, NW] е таму‘“ (Језекиил 48:35). Овој град не постои за да им дава на луѓето моќ или влијание; ниту, пак, е таму за да спроведе некаква човечка волја. Тоа е Јеховин град кој секогаш ќе го одразува Неговиот ум и Неговите патишта кои се полни со љубов и се разумни (Јаков 3:17). Ова ни дава едно пријатно уверување дека Јехова ќе ја благослови својата структуирана „нова земја“, општеството на човештвото, во неограничено трајна иднина (2. Петрово 3:13).
21 Зарем не нѐ возбудува изгледот кој лежи пред нас? Тогаш, соодветно на тоа, добро е ако секој од нас се запраша: ‚Како реагирам јас на прекрасните благослови откриени во визијата на Језекиил? Дали верно го поддржувам делото што го извршуваат надгледниците полни со љубов, вклучувајќи ги и оние од помазаниот остаток, како и потенцијалните членови на класата на кнезот? Дали чистото обожавање сум го направил средиште на мојот живот? Дали потполно ја искористувам водата на животот која денес тече толку изобилно?‘ Нека секој од нас продолжи да го прави тоа и да се восхитува на Божјите подготовки во текот на целата вечност!
[Фусноти]
a Оваа долина можеби укажува на долината Кедрон, која се протега југоисточно од Ерусалим и завршува кај Мртвото Море. Особено нејзиниот долен тек е безживотен и сув преку целата година.
b Види ги изданијата на Стражарска кула од 1 мај 1881 (англ.) и 1 октомври 1981.
Како би одговорил?
◻ Што претставуваат водите што истекуваат од храмот?
◻ Какво лекување извршил Јехова преку симболичната река, и зошто се зголемил волуменот на реката?
◻ Што претставуваат дрвјата покрај речните брегови?
◻ Што ќе претставува градот за време на милениумското владеење, и зошто името на градот е соодветно?
[Прашања]
[Слики на страница 23]
Реката на животот ја претставува Божјата подготовка за спасение