Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Земи го при срце“ Божјиот храм!

„Земи го при срце“ Божјиот храм!

„Земи го при срце“ Божјиот храм!

„Сине човечки . . . сето ова земи го при срце, ова што ќе ти го покажам . . . за сѐ што ќе видиш, извести го домот Израилев“ (ЈЕЗЕКИИЛ 40:4).

1. Во каква состојба се нашол Божјиот избран народ во 593 пр. н. е.?

 ГОДИНАТА била 593 пр. н. е., 14-тата година од изгнанството на Израел. На Евреите кои живееле во Вавилон, нивната сакана татковина мора да им изгледала навистина далеку. Кога повеќето од нив последен пат го виделе Ерусалим, тој бил во пламен, неговиот голем ѕид бил срушен, неговите величествени градби биле во урнатини. Јеховиниот храм — некогашната врвна слава на градот, единствениот центар на чистото обожавање на целата Земја — бил срамнет со земја. Сега пред нив сѐ уште лежел поголемиот дел од изгнанството на Израел. Требало да поминат уште 56 години пред ветеното ослободување (Јеремија 29:10).

2. Зошто спомените за Божјиот храм во Ерусалим го растажувале Језекиил?

2 Верниот пророк Језекиил сигурно се растажувал кога размислувал за Божјиот храм кој лежел во урнатини на оддалеченост од стотици километри и кој бил како напуштено дувло на диви животни (Јеремија 9:11). Таму неговиот татко Вузи имал служено како свештеник (Језекиил 1:3). Језекиил ќе ја уживал истата предност, но бил одведен во изгнанство со благородништвото од Ерусалим во 617 пр. н. е. уште кога бил млад. Сега, на отприлика 50-годишна возраст, Језекиил веројатно знаел дека нема никогаш повторно да го види Ерусалим ниту, пак, да има некаков удел во повторната изградба на неговиот храм. Тогаш, замисли си колку мора да му значело тоа што добил визија за еден славен храм!

3. а) Која била целта на Језекииловата визија за храмот? б) Кои се четирите главни елементи на визијата?

3 Оваа опширна визија, која опфаќа девет поглавја од книгата Језекиил, им дала на изгнаните Јудејци едно ветување кое им ја зајакнало верата. Чистото обожавање ќе биде обновено! Низ вековите оттогаш па сѐ до нашево време, оваа визија била извор на охрабрување за љубителите на Јехова. Како? Да го испитаме значењето на пророчката визија на Језекиил за изгнаните Израелци. Таа има четири главни елементи: храмот, свештенството, кнезот и земјата.

Обновување на храмот

4. Каде е одведен Језекиил во почетокот на својата визија, што гледа таму, и кој го води во организираната обиколка?

4 Најпрвин, Језекиил е однесен на една „многу висока планина“. На јужниот дел од планината има еден огромен храм, како град со бедеми. Еден ангел, кој ‚изгледал како светол бакар‘, го води пророкот на една детална обиколка на градбите (Језекиил 40:2, 3). Додека се одвива визијата, Језекиил гледа како ангелот внимателно ги мери трите складни пара храмски порти со нивните стражарници, надворешен двор, внатрешен двор, трпезарии, олтар и храмско светилиште со неговите прегради на Светињата и на Најсветата светиња.

5. а) Која гаранција му ја дава Јехова на Језекиил? б) Што се „труповите на нивните цареви“ кои морало да бидат отстранети од храмот, и зошто тоа било важно?

5 Потоа, во визијата се појавува лично Јехова. Тој влегува во храмот и го уверува Језекиил дека Тој ќе престојува таму. Но, бара чистење на неговиот дом, велејќи: „А сега, откако тие ќе го оддалечат од Мене својот блуд и труповите на своите цареви, јас ќе живеам вечно меѓу нив“ (Језекиил 43:2—4, 7, 9). Изгледа дека овие ‚трупови на нивните цареви‘ се однесувале на идолите. Бунтовничките владетели и луѓето од Ерусалим го загадиле Божјиот храм со идоли и, всушност, направиле цареви од нив. (Спореди Амос 5:26.) Далеку од тоа да бидат живи богови или цареви, тие биле мртви, валкани работи во Јеховините очи. Морало да бидат отстранети (3. Мојсеева 26:30; Јеремија 16:18).

6. Што означувало мерењето на храмот?

6 Која била поентата на овој дел од визијата? Таа ги уверила изгнаниците во потполната обнова на чистото обожавање во Божјиот храм. Понатаму, мерењето на храмот дало божествена гаранција дека визијата ќе се исполни апсолутно сигурно. (Спореди Јеремија 31:39, 40; Захарија 2:2—8.) Секакво идолопоклонство ќе биде исчистено. Јехова повторно ќе го благослови својот дом.

Свештенството и кнезот

7. Кои информации се дадени во врска со Левитите и свештениците?

7 И свештенството требало да се подложи на еден процес на чистење, односно прочистување. Левитите требало да бидат прекорени заради тоа што подлегнале на идолопоклонство, додека свештеничките синови на Садок требало да бидат пофалени и наградени заради тоа што останале чисти. a Сепак, обете групи би имале положби на служба во Божјиот обновен дом — што несомнено зависело од нивната верност како поединци. Освен тоа, Јехова наредил: „Тие треба да го учат Мојот народ да разликува свештено од несвештено и да им објаснуваат што е нечисто, а што е чисто“ (Језекиил 44:10—16, 23). Значи, свештенството требало да биде обновено, а верната истрајност на свештениците ќе била наградена.

8. а) Кои биле кнезови во древниот Израел? б) На кои начини кнезот од визијата на Језекиил бил активен во чистото обожавање?

8 Визијата укажува и на некој кој е наречен кнезот. Уште од деновите на Мојсеј, нацијата имала кнезови. Хебрејскиот збор за кнез, наси́, би можел да се однесува на главата на еден патријархален дом, племе, па дури и нација. Во визијата на Језекиил, израелските владетели како класа се прекорени заради угнетување на народот и силно се поттикнати да бидат непристрасни и праведни. Иако не е од свештеничката класа, кнезот е активен во чистото обожавање на еден истакнат начин. Тој влегува и излегува од надворешниот двор со несвештеничките племиња, седнува во тремот на Источната Порта и набавува некои од жртвите што луѓето треба да ги принесат (Језекиил 44:2, 3; 45:8—12, 17). Со тоа визијата го уверила народот на Језекиил дека обновената нација ќе биде благословена со примерни водачи, мажи кои ќе го поддржуваат свештенството во организирањето на Божјиот народ и ќе бидат добри примери во духовните работи.

Земјата

9. а) Како требало да се подели земјата, но кој не требало да добие наследство? б) Што бил светиот прилог, и што содржел тој?

9 Конечно, визијата на Језекиил вклучувала и краток опис на земјата Израел. Таа требало да биде поделена на по еден дел за секое племе. И кнезот требало да има наследство. Меѓутоа, свештениците немало да имаат наследство, бидејќи Јехова рекол: „Јас сум нивниот дел [наследство, NW]“ (Језекиил 44:10, 28; 4. Мојсеева 18:20). Визијата покажала дека кнежевскиот дел земја ќе биде сместен на обете страни од едно посебно подрачје наречено свет прилог. Тоа било едно четириаголно парче земја поделено на три ленти — врвот за покајничките Левити, средината за свештениците и долниот дел за градот со неговата плодна земја. Јеховиниот храм требало да биде сместен во свештеничката лента земја, во центарот на четириаголниот прилог (Језекиил 45:1—7).

10. Што значело пророштвото во врска со поделбата на земјата за верните Јудејци кои биле во изгнанство?

10 Колку само сево ова мора да ги ободрило тие изгнаници! Секое семејство било уверено дека ќе добие наследство во земјата. (Спореди Михеј 4:4.) Таму чистото обожавање ќе зазема една возвишена, централна положба. И забележи во визијата на Језекиил дека кнезот, како и свештениците, ќе живеат на земја што ја приложил народот (Језекиил 45:16). Затоа, народот во обновената земја требало да придонесува за делото на оние кои Јехова ги именувал да преземаат водство, и да ги поддржува на тој начин што ќе соработува со нивното упатство. Сѐ на сѐ, оваа земја била слика на организација, соработка и сигурност.

11, 12. а) Како Јехова пророчки го уверува својот народ дека ќе ја благослови неговата обновена татковина? б) Што било претставено со дрвјата покрај бреговите на реката?

11 Дали Јехова ќе ја благослови нивната земја? Пророштвото одговара на ова прашање со една слика која го радува срцето. Од храмот тече едно поточе кое се шири во својот тек, и до времето кога се влева во Мртвото Море станува порој. Таму ги оживува безживотните води, и на брегот цвета рибната индустрија. По должината на речните брегови има многу дрвја кои донесуваат плод во текот на целата година, давајќи храна и лек (Језекиил 47:1—12).

12 За изгнаниците, ова пророштво било како оддек и потврда на претходните пророштва на обнова кои им биле многу драги. Не еднаш Јеховините инспирирани пророци опишале еден обновен, повторно населен Израел во рајски околности. Мртвите подрачја кои се враќаат во живот биле повторлива пророчка тема (Исаија 35:1, 6, 7; 51:3; Језекиил 36:35; 37:1—14). Затоа луѓето можеле да очекуваат Јеховините животодајни благослови да протечат како река од обновениот храм. Како резултат на тоа, требало да оживее една духовно мртва нација. Обновениот народ ќе биде благословен со извонредни духовни мажи — мажи кои се толку праведни и цврсти како дрвјата покрај речните брегови од визијата, мажи кои би презеле водство во повторната изградба на уништената земја. И Исаија напишал за „големи дрвја на праведност“ (NW) кои ќе ги „изградат вековните пустињи“ (Исаија 61:3, 4).

Кога се исполнила визијата?

13. а) Во која смисла Јехова го благословил својот обновен народ со „големи дрвја на праведност“? б) Како се исполнило пророштвото за Мртвото Море?

13 Дали изгнаниците кои се вратиле биле разочарани? Далеку од тоа! Еден обновен остаток се вратил во својата сакана татковина во 537 пр. н. е. Со текот на времето, под водството на овие „големи дрвја на праведност“ — какви што биле писарот Ездра, пророците Агеј и Захарија и првосвештеникот Исус, син Јоседеков — долгоопустошените места биле повторно изградени. Кнезовите, на пример Неемија и Зоровавел, владееле непристрасно и праведно во земјата. Јеховиниот храм бил обновен, а неговите подготовки за живот — благословите од тоа што живееле според неговиот сојуз — почнале повторно да се излеваат (5. Мојсеева 30:19; Исаија 48:17—20). Еден благослов бил спознанието. Свештенството било повторно вратено на должност, и свештениците го поучиле народот за Законот (Малахија 2:7). Како резултат на тоа, луѓето духовно оживеале и повторно станале плодни слуги на Јехова, како што било прикажано со Мртвото Море кое било излечено и довело до развој на продуктивна рибна индустрија.

14. Зошто требало да има исполнување на пророштвото на Језекиил кое би го надминувало она што се случило откако Евреите се вратиле од вавилонското изгнанство?

14 Дали овие настани биле единственото исполнување на визијата на Језекиил? Не; се укажува на нешто далеку поголемо. Размисли: Храмот кој го видел Језекиил всушност не можел да се изгради онака како што било опишано. Точно, Евреите сериозно ја сфатиле визијата, па дури и дословно применувале некои детали. b Меѓутоа, храмот од визијата, во целина, бил премногу голем за да го собере дури и на планината Морија, местото на претходниот храм. Освен тоа, храмот на Језекиил не бил во градот, туку бил оддалечен на едно посебно парче земја, додека вториот храм бил изграден онаму каде што стоел неговиот претходник — во градот Ерусалим (1. Ездра 1:1, 2). Освен тоа, ниедна дословна река никогаш не излегувала од храмот во Ерусалим. Значи, древниот Израел видел само едно помало исполнување на пророштвото на Језекиил. Ова покажува дека мора да има некое поголемо, духовно исполнување на оваа визија.

15. а) Кога почнал да функционира Јеховиниот духовен храм? б) Што покажува дека Језекииловата визија не се исполнила за време на Христовиот живот на Земјата?

15 Јасно е дека главното исполнување на визијата на Језекиил мора да го бараме во Јеховиниот голем духовен храм, за кој апостол Павле детално дискутира во книгата Евреите. Тој храм почнал да функционира кога Исус Христос бил помазан како негов Првосвештеник во 29 н. е. Но, дали визијата на Језекиил се исполнила во Исусовото време? Очигледно не. Исус, како Првосвештеник, го исполнил пророчкото значење на Денот на искупувањето преку своето крштавање, жртвената смрт и влегувањето во Најсветата светиња, самото небо (Евреите 9:24). Но, интересно е тоа што визијата на Језекиил ниеднаш не спомнува ниту првосвештеник ниту Ден на искупување. Затоа не изгледа веројатно тоа дека оваа визија укажувала на првиот век н. е. Тогаш, на кој временски период се однесува?

16. На кое друго пророштво нѐ потсетува сцената од визијата на Језекиил, и како тоа ни помага да го проникнеме времето на главното исполнување на Језекииловата визија?

16 За одговор, ајде да се вратиме на самата визија. Језекиил напишал: „Во виденијата Божји ме заведе Он во земјата Израилева и ме постави на многу висока планина, и на неа од кај југ се гледаше нешто како изграден град“ (Језекиил 40:2). Сцената на оваа визија, една „многу висока планина“, нѐ потсетува на Михеј 4:1: „Во последните дни планината на Господовиот Дом, ќе биде поставена на чело над сите планини, и ќе се издигне над ридовите, и ќе поитаат кон неа народите“. Кога се исполнува ова пророштво? Михеј 4:5 покажува дека ова почнува додека нациите сѐ уште обожаваат лажни богови. Всушност, во нашево време, „во последните дни“, чистото обожавање било издигнато, обновено на неговото исправно место во животот на Божјите слуги.

17. Како пророштвото од Малахија 3:1—5 ни помага да одредиме кога бил исчистен храмот од Језекииловата визија?

17 Што ја овозможило ваквата обнова? Сети се, во најзначајниот настан од визијата на Језекиил, Јехова доаѓа до храмот и инсистира неговиот дом да биде исчистен од идолопоклонството. Кога бил исчистен Божјиот духовен храм? Во Малахија 3:1—5 Јехова претскажува едно време кога ќе „дојде во храмот Свој“, придружен од својот ‚Ангел на заветот‘, Исус Христос. Со која цел? „Он е како оган, што растопува, и пепелница што чисти.“ Ова прочистување започнало во времето на Првата светска војна. Со каков резултат? Јехова престојувал во својот дом и ја благословил духовната земја на својот народ од 1919 наваму (Исаија 66:8). Значи, може да заклучиме дека Језекииловото пророштво за храмот доживува едно важно исполнување во текот на последните денови.

18. Кога визијата за храмот ќе го има своето конечно исполнување?

18 Како и другите пророштва на обнова, визијата на Језекиил има понатамошно исполнување, и тоа конечно — во рајот. Дури тогаш човештвото со исправни срца ќе ги доживее целосните користи од Божјето храмско уредување. Тогаш Христос ќе ја примени вредноста на својата откупна жртва, во придружба на неговото небесно свештенство од 144.000. Сите послушни човечки поданици на Христовата влада ќе бидат подигнати до совршенство (Откровение 20:5, 6). Меѓутоа, рајот не може да биде главното време на исполнување на визијата на Језекиил. Зошто не?

Визијата се сосредоточува на нашево време

19, 20. Зошто главното исполнување на визијата мора да се случи денес, а не во рајот?

19 Језекиил видел еден храм кој требало да биде исчистен од идолопоклонство и духовен блуд (Језекиил 43:7—9). Ова сигурно не би можело да се однесува на обожавањето на Јехова во рајот. Освен тоа, свештениците од визијата ја претставуваат помазаната свештеничка класа додека таа сѐ уште е на Земјата, а не после нејзиното небесно воскресение или во текот на Милениумот. Зошто? Забележи дека свештениците се прикажани како служат во внатрешниот двор. Статиите од претходните изданија на Стражарска кула покажаа дека овој двор ја претставува единствената духовна положба на Христовите потсвештеници додека тие сѐ уште се на Земјата. c Исто така, забележи го и тоа дека визијата ја нагласува несовршеноста на свештениците. Ним им е речено да принесуваат жртви за своите сопствени гревови. Предупредени се на опасноста да станат нечисти — духовно и морално. Значи, тие не ги претставуваат воскреснатите помазаници, за кои апостол Павле напишал: „Последната труба; ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи“ (1. Коринтјаните 15:52; Језекиил 44:21, 22, 25, 27). Свештениците во визијата се мешаат со луѓето и директно им служат. Тоа нема да биде така и во рајот, кога свештеничката класа ќе биде на небото. Според тоа, визијата дава една убава слика за начинот на кој помазаниците тесно соработуваат со ‚големото мноштво‘ на земјата денес (Откровение 7:9; Језекиил 42:14).

20 Така, Језекииловата визија за храмот ги претскажува здравите ефекти од едно духовно чистење кое доживува исполнување денес. Но, што значи тоа за тебе? Ова не е само некаква апстрактна теолошка загатка. Оваа визија има голема врска со твоето секојдневно обожавање на единствениот вистински Бог, Јехова. Во нашата следна статија, ќе видиме на кој начин.

[Фусноти]

a Можеби тоа лично го погодило Језекиил, зашто се вели дека самиот тој бил од свештеничкото семејство на Садок.

b На пример, древната Мишна укажува дека, заради приспособување кон визијата на Језекиил, во обновениот храм биле изградени олтар, двокрилна врата и простории за готвење.

c Види Стражарска кула од 1 јули 1996, страница 16; 1 јули 1973, страница 15 (српски).

Дали се сеќаваш?

◻ Какво било почетното исполнување на Језекииловата визија за храмот и за неговото свештенство?

◻ Како Језекииловата визија за делот од земјата доживеала свое прво исполнување?

◻ Кои дејствувале како верни кнезови и кои како „големи дрвја на праведност“ при обновувањето на древниот Израел?

◻ Зошто Језекииловата визија за храмот мора да го доживее своето главно исполнување во текот на последните денови?

[Прашања]