Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Храмот“ и „кнезот“ денес

„Храмот“ и „кнезот“ денес

„Храмот“ и „кнезот“ денес

„И кнезот треба да се наоѓа меѓу нив; кога ќе влегуваат тие, и тој влегува, и кога излегуваат тие, излегува и тој“ (ЈЕЗЕКИИЛ 46:10).

1, 2. Која клучна вистина ни помага да откриеме голем дел од значењето на Језекииловата визија за храмот?

 НЕКОИ древни рабини не биле баш задоволни од книгата Језекиил. Според Талмудот, некои од нив размислувале дури и да ја исклучат таа книга од канонот на Светото писмо. Особено им била тешка визијата за храмот која прогласиле дека е вон човечкото сфаќање. Некои други библиски изучувачи биле збунети од Језекииловата визија за Јеховиниот храм. Како е со нас?

2 Уште од обновувањето на чистото обожавање, Јехова го благословил својот народ со многу блесоци на духовен увид, вклучувајќи го и проникнувањето во тоа што претставува Божјиот духовен храм — Јеховиното уредување слично на храм за чисто обожавање. a Оваа клучна вистина ни помага да разоткриеме голем дел од значењето на Језекииловата визија за храмот. Ајде поблиску да ги разгледаме четирите елементи на оваа визија — храмот, свештенството, кнезот и земјата. Што значат тие денес?

Храмот и ти

3. Што учиме од високиот таван и од ѕидните резби во влезовите на храмот?

3 Да замислиме дека сме во обиколка на овој визионерски храм. Се приближуваме и се искачуваме седум стапки до една од огромните порти. Од овој влез гледаме со стравопочитување. Таванот се наоѓа околу 30 метри над нас! Со тоа сме потсетени дека мерилата за влегување во Јеховината подготовка за обожавање се високи. Зраците светлина од прозорците ги осветлуваат ѕидните резби на палмови дрвја, кои Писмото ги користи за да ја прикаже чесноста (Псалм 91:12; Језекиил 40:14, 16, 22). Ова свето место е за оние кои се морално и духовно чесни. Во склад со тоа, ние сакаме да останеме чесни за да може нашето обожавање да му биде прифатливо на Јехова (Псалм 10:7).

4. Кому му е ускратено да влезе во храмот, и што учиме од тоа?

4 По должината на секоја страна од преминот има три стражарници. Дали стражарите ќе ни дозволат да влеземе во храмот? Јехова му кажува на Језекиил дека таму не може да влезе ниеден странец кој е „необрезан по срце“ (Језекиил 40:10; 44:9). Што значи тоа? Бог ги прифаќа како обожаватели само оние кои ги љубат неговите закони и живеат според нив (Јеремија 4:4; Римјаните 2:28). Тој им изразува добредојде на таквите во својот духовен шатор, неговиот дом на обожавање (Псалм 14:1—5). Уште откако било обновено чистото обожавање во 1919, Јеховината земна организација ги поддржувала и прогресивно ги разјаснувала неговите морални закони. Оние кои намерно одбиваат да послушаат, повеќе не се добредојдени во друштвото на неговиот народ. Денес, библиски темелената практика на исклучување на непокајничките злодејци послужила за да се одржи нашето обожавање чисто и неизвалкано (1. Коринтјаните 5:13).

5. а) Кои сличности постојат меѓу визијата на Језекиил и визијата на Јован која е запишана во Откровение 7:9—15? б) Кои во Језекииловата визија се претставени со 12-те племиња кои обожаваат во надворешниот двор?

5 Преминот се отвора кон надворешниот двор, каде што луѓето го обожаваат и го фалат Јехова. Ова нѐ потсетува на визијата на апостол Јован за ‚големото мноштво‘ кое го обожава Јехова „во Неговиот храм и дење и ноќе“. Палмовите дрвја се појавуваат во обете визии. Во визијата на Језекиил тие ги украсуваат ѕидовите на влезот. Во визијата на Јован, обожавателите имаат палмови гранки во рацете, што ја симболизира нивната радост во фалбата на Јехова и во изразувањето добредојде на Исус како нивни Цар (Откровение 7:9—15). Во контекстот на визијата на Језекиил, 12-те племиња на Израел ги претставуваат ‚другите овци‘ (Јован 10:16; спореди Лука 22:28—30). Дали и ти си еден од оние кои наоѓаат радост во фалењето на Јехова со тоа што го објавуваш неговото Царство?

6. Која била целта со трпезариите во надворешниот двор, и на која предност можеби тоа ги потсетува оние од другите овци?

6 Додека го обиколуваме надворешниот двор, гледаме 30 трпезарии каде што народот јаде од своите доброволни приноси (Језекиил 40:17). Денес, оние кои се од другите овци не принесуваат животински жртви, но сепак не влегуваат со празни раце во духовниот храм. (Спореди 2. Мојсеева 23:15.) Апостол Павле напишал: „Преку [Исус], пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово. А доброчинството и милосрдноста не ги заборавајте, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога“ (Евреите 13:15, 16; Осија 14:3). Голема предност е да му се принесуваат на Јехова такви жртви (Изреки 3:9, 27).

7. Во што нѐ уверува мерењето на храмот?

7 Језекиил гледа додека еден ангел го мери овој визионерски храм (Језекиил 40:3). Слично на тоа, на апостол Јован му било речено: „Измери го Божјиот храм и жртвеникот и оние, што се поклонуваат во него“ (Откровение 11:1). Што значи ова мерење? Во обата случаи тоа очигледно служело како гаранција, знак дека ништо не може да го запре Јехова да ги исполни своите намери во врска со чистото обожавање. Исто така, и денес можеме да бидеме сигурни дека ништо — дури ни жестокото противење од моќните влади — не може да го запре обновувањето на чистото обожавање.

8. Кој влегува низ портите во внатрешниот двор, и на што нѐ потсетуваат овие порти?

8 Додека минуваме низ надворешниот двор, гледаме дека таму има три порти кои водат во внатрешниот двор; внатрешните порти се во иста линија и со иста големина како и надворешните (Језекиил 40:6, 20, 23, 24, 27). Во внатрешниот двор можат да влезат само свештениците. Внатрешните порти нѐ потсетуваат дека помазаниците мора да одговараат на божествените мерила и закони, но дека истите мерила и закони ги водат сите вистински христијани. Меѓутоа, каква е работата на свештениците, и какво е значењето денес?

Верно свештенство

9, 10. Како ‚царското свештенство‘, кое е навестено со свештеничката класа во визијата на Језекиил, дало духовна поука?

9 Во претхристијанските времиња, свештениците извршувале напорна работа во храмот. Колењето на жртвените животни, нивното принесување на олтарот и послужувањето на сосвештениците и народот било нешто што изискувало физичка работа. Но, тие имале уште една важна работа. Јехова за свештениците заповедал: „Тие треба да го учат Мојот народ да разликува свештено од несвештено и да им објаснуваат што е нечисто, а што е чисто“ (Језекиил 44:23; Малахија 2:7).

10 Дали ја цениш напорната работа и понизната служба што ја извршуваат помазаниците како тело, „царско свештенство“, во корист на чистото обожавање? (1. Петрово 2:9). Исто како левитското свештенство од дамнината, и тие го преземаат водството во давањето духовна поука, помагајќи им на луѓето да разберат што е чисто и прифатливо во Божји очи, а што не е (Матеј 24:45). Таквата поука, која доаѓа преку библиски темелените публикации и преку христијанските состаноци и конгреси, им помогнала на милиони да се помират со Бог (2. Коринтјаните 5:20).

11. а) Како визијата на Језекиил ја нагласила важноста на чистотата од страна на свештениците? б) Како во последните денови помазаниците биле очистени во духовна смисла?

11 Меѓутоа, свештениците мора да прават повеќе отколку само да ги поучуваат другите да бидат чисти; тие и самите мора да бидат чисти. Така, Језекиил предвидел еден процес на прочистување за свештенството на Израел (Језекиил 44:10—16). Слично на тоа, историјата покажува дека во 1918, Јехова седнал во својот духовен храм како ‚претопувач‘, испитувајќи ја помазаната свештеничка класа (Малахија 3:1—5). На оние за кои се смета дека се духовно чисти или кои се покајале за поранешното идолопоклонство им било допуштено да продолжат со предноста да служат во неговиот духовен храм. Сепак, како и секој друг, поединечни помазаници можат да станат нечисти — духовно и морално (Језекиил 44:22, 25—27). Тие мораат напорно да работат на тоа да останат „без дамка од светот“ (Јаков 1:27NW; спореди Марко 7:20—23).

12. Зошто треба да ја цениме работата на помазаниците?

12 Секој од нас би можел да се праша: ‚Дали јас го ценам примерот што го даваат помазаниците со нивната верна служба во текот на многу години? Дали ја имитирам нивната вера?‘ Добро е оние од големото мноштво да запомнат дека нема секогаш да ги имаат помазаниците со себе овде на Земјата. За свештениците во Језекииловата визија, Јехова рекол: „Сопственост [земја] во Израилот не давајте им: Јас сум нивната сопственост“ (Језекиил 44:28). Слично на тоа, помазаниците немаат вечно место на Земјата. Тие имаат небесно наследство, и оние од големото мноштво сметаат дека е предност да ги поддржуваат и да ги охрабруваат додека сѐ уште се овде на Земјата (Матеј 25:34—40; 1. Петрово 1:3, 4).

Кнезот — кој е тој?

13, 14. а) Зошто кнезот мора да е од другите овци? б) Кого го претставува кнезот?

13 Сега се покренува едно фасцинантно прашање. Тогаш, кого го претставува кнезот? Бидејќи за него се зборува и како за поединец и како за група, може да претпоставиме дека претставува една класа мажи (Језекиил 44:3; 45:8, 9). Но, која? Сигурно не помазаниците. Во визијата, тој тесно соработува со свештенството, но не е еден од нив. За разлика од свештеничката класа, нему му е дадено наследство од земјата и според тоа има иднина овде на Земјата, а не на небото (Језекиил 48:21). Понатаму, Језекиил 46:10 вели: „И кнезот треба да се наоѓа меѓу нив; кога ќе влегуваат [во надворешниот двор на храмот] тие [несвештеничките племиња], и тој влегува, и кога излегуваат тие, излегува и тој“. Тој не влегува во внатрешниот двор, туку обожава во надворешниот двор, влегувајќи и излегувајќи од храмот со народот. Овие фактори одлучно го сместуваат кнезот меѓу големото мноштво други овци.

14 Јасно е дека кнезот има некаква одговорност меѓу Божјиот народ. Во надворешниот двор тој седи во тремот на Источната Порта (Језекиил 44:2, 3). Ова би укажувало на положба на надгледување, слична на онаа на постарите мажи во Израел, кои седеле крај градската порта и донесувале суд (Рут 4:1—12; Изреки 22:22). Кои од другите овци денес имаат служби на надгледување? Старешините со земна надеж кои се наименувани од светиот дух (Дела 20:28). Значи, класата на кнезот сега се подготвува со изглед подоцна да служи во административна надлежност во новиот свет.

15. а) Како визијата на Језекиил фрла светлина врз односот меѓу старешините кои се од големото мноштво и помазаната свештеничка класа? б) Какво водство преземаат помазаните старешини во Божјата земна организација?

15 Но, каков е денес односот помеѓу помазаната свештеничка класа и таквите постари мажи кои, како дел од големото мноштво, служат на положби на надгледување? Визијата на Језекиил укажува на тоа дека старешините кои се членови на големото мноштво имаат улога на поддршка и подреденост, додека помазаниците го преземаат духовното водство. На кој начин? Запомни, на свештениците во визијата им била дадена одговорност да го поучуваат народот за духовните работи. Им било речено да дејствуваат и како судии во правните случаи. Освен тоа, Левитите биле назначени на „положби на надгледување“ (NW) на храмските порти (Језекиил 44:11, 23, 24). Јасно е дека кнезот требало да се потчини на духовните служби и на водството од свештениците. Затоа, прикладно е тоа што во денешно време помазаниците презеле водство во чистото обожавање. На пример, членовите на Водечкото тело на Јеховините сведоци се избрани од нивната средина. Таквите верни помазани старешини со децении ја обучуваа класата на кнезот што се оформуваше, подготвувајќи потенцијални членови од оваа класа за денот кога ќе им биде доделена полна мерка на авторитет во Божјиот нов свет што доаѓа.

16. Како мора да дејствуваат сите старешини, според Исаија 32:1, 2?

16 Какви надгледници се овие потенцијални членови кои очекуваат зголемени одговорности како класа на кнезот? Пророштвото што се наоѓа во Исаија 32:1, 2 вели: „Ете, царот ќе царува по правда, а кнезовите ќе управуваат по закон; секој од нив ќе биде како заштита од ветар и засолниште за лошо време, како водни извори во степи, како сенка од висока карпа во жедна земја“. Ова пророштво се исполнува денес, додека христијанските старешини — помазаниците и другите овци — работат на тоа да го заштитат стадото од такви ‚лоши времиња‘, како што се прогонството и обесхрабрувањето.

17. Како треба да гледаат на себе христијанските пастири, и како треба да ги гледа стадото?

17 Зборовите ‚цар‘ и ‚кнез‘, кои на хебрејски имаат слично значење, не се користат како титули наменети за да се воздигнуваат луѓе. Наместо тоа, тие ја опишуваат одговорноста што ја преземат овие мажи во грижата за Божјите овци. Јехова строго предупредува: „Кнезови Израилеви, доста беше ова, оставете ги насилијата и принудувањата, а вршете суд и правда“ (Језекиил 45:9). Добро е сите старешини денес да го земат при срце овој совет (1. Петрово 5:2, 3). Од друга страна, пак, стадото признава дека Исус ги обезбедил овие пастири како „дарови во облик на луѓе“ (Ефес. 4:8, NW). Нивните квалификации се изложени во Божјата инспирирана реч (1. Тимотеј 3:1—7; Тит 1:5—9). Затоа, христијаните го следат водството на старешините (Евреите 13:7).

18. Кои се некои од одговорностите на потенцијалната класа на кнезот сега, и каква ќе биде неговата одговорност во иднина?

18 Во библиските времиња некои кнезови имале поголем авторитет, а други помал. Денес, старешините од големото мноштво имаат најразновидни одговорности. Некои служат во едно собрание, други им служат на многу собранија како патувачки надгледници; трети служат на цели земји како членови на Одборот на подружницата; четврти директно помагаат во различни одбори на Водечкото тело. Во новиот свет, Исус ќе наименува „кнезови по целата земја“ за да преземаат водство меѓу Јеховините обожаватели на земјата (Псалм 44:16). Нема сомнение дека тој ќе избере многумина од нив од редовите на верните денешни старешини. Бидејќи овие мажи се докажуваат уште сега, тој ќе им довери на многумина уште поголеми предности во иднина кога ќе ја открие улогата на класата на кнезот во новиот свет.

Земјата на Божјиот народ денес

19. Што претставува земјата од визијата на Језекиил?

19 Визијата на Језекиил ја прикажува и обновената земја Израел. Што претставува овој аспект од визијата? Други пророштва на обнова претскажувале дека земјата Израел ќе биде рај како Едем (Језекиил 36:34, 35). Денес се радуваме на една обновена „земја“, која во некоја смисла е едемска. Слично на тоа, ние честопати зборуваме за нашиот духовен рај. Стражарска кула ја дефинирала нашата „земја“ како „подрачје на активност“ на Божјиот избран народ. b Каде и да се наоѓа некој Јеховин слуга, тој е во таа обновена земја сѐ додека настојува да го поддржува вистинското обожавање одејќи по стапките на Христос Исус (1. Петрово 2:21).

20. Кое начело можеме да го научиме од ‚светиот прилог‘ во визијата на Језекиил, и како би можеле да го примениме ова начело?

20 А што е со она парче земја наречено „свет прилог“ (NW)? Тоа бил прилог од народот за поддршка на свештенството и на градот. Слично на тоа, „сиот народ од земјата“ требало да приложи дел од земјата за кнезот. Што значи тоа денес? Се разбира, не дека Божјиот народ треба да биде оптоварен со платена свештеничка класа (2. Солунјаните 3:8). Наместо тоа, поддршката што денес им се дава на старешините првенствено е духовна. Таа вклучува помагање во делото што моментално се извршува и покажување дух на соработка и подложност. Сепак, како и во деновите на Језекиил, овој прилог се дава „за Јехова“ (NW), а не за некој човек (Језекиил 45:1, 7, 16).

21. Што можеме да научиме од поделбата на земјата во визијата на Језекиил?

21 Не се само кнезот и свештенството тие кои имаат доделени места на оваа обновена земја. Поделбата на земјата покажува дека секое од 12-те племиња има сигурно наследство (Језекиил 47:13, 22, 23). Значи, оние од големото мноштво не само што имаат место во духовниот рај денес туку тие ќе добијат и парче земја кога ќе наследат место во земното подрачје на Божјето Царство.

22. а) Што претставува градот од визијата на Језекиил? б) Што можеме да научиме од тоа што градот има порти на сите страни?

22 На крајот, што претставува градот во визијата? Тоа не е некој небесен град, бидејќи лежи среде ‚нечиста‘ (несвета) земја (Језекиил 48:15—17NW). Значи, тој мора да биде нешто земно. Па, што претставува еден град? Зарем тој не пренесува претстава за луѓе кои се собираат како група и формираат нешто структуирано и организирано? Да. Според тоа, изгледа дека градот ја претставува земната администрација која им користи на сите кои ќе го сочинуваат праведното земно општество. Тој ќе функционира во својата потполност во ‚новата земја‘ која доаѓа (2. Петрово 3:13). Градските порти на сите страни, по една за секое племе, добро илустрираат отвореност. Денес, Божјиот народ не е под некоја таинствена, скриена администрација. Одговорните браќа треба да бидат пристапливи; начелата по кои тие се водат им се добро познати на сите. Фактот што луѓето од сите племиња ја обработуваат земјата која го поддржува градот, нѐ потсетува дека другите овци ги поддржуваат, дури и во материјален поглед, административните подготовки кои се прават за Божјиот народ ширум светот (Језекиил 48:19, 30—34).

23. Што ќе разгледаме во следната статија?

23 Но, што е со реката која тече од светилиштето на храмот? Што претставува таа денес и понатаму во иднината, ќе биде тема на третата и последна статија од оваа серија.

[Фусноти]

a Види ја книгата Откривење — Близу је величанствени врхунац! страница 64, пасус 22, објавена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

b Види Стражарска кула од 1 јули 1995, страница 20.

Точки за повторување

◻ Што претставува храмот во визијата на Језекиил?

◻ Кого го претставуваат свештениците кои служат во храмот?

◻ Што е класата на кнезот, и кои се некои негови одговорности?

◻ Што е земјата од визијата на Језекиил, и во која смисла таа им е доделена на 12-те племиња?

◻ Што претставува градот?

[Прашања]

[Графикон/карта на страница 15]

(Види во публикацијата)

Распределба на земјата како што е прикажано во визијата на Језекиил

ДВАНАЕСЕТТЕ ПЛЕМИЊА

Големото Море

Галилејско Море

Река Јордан

Солено Море

ДАН

АСИР

НЕФТАЛИМ

МАНАСИЈА

ЕФРЕМ

РУВИМ

ЈУДА

КНЕЗОТ

ВЕНИЈАМИН

СИМЕОН

ИСАХАР

ЗАВУЛОН

ГАД

[Графикон]

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА СВЕТИОТ ПРИЛОГ

А. „Самиот Јехова е таму“ (Јехова Шамах); Б. Продуктивна земја на градот

Левитски дел

Светилиште на Јехова

Делот на свештениците

Б А Б