Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Во опасност по море“

„Во опасност по море“

„Во опасност по море“

ВО ТЕМНИНАТА на ноќта, еден едреник пренесува 276 луѓе во близина на еден остров на Медитеранот. Посадата и патниците се исцрпени поради тоа што 14 дена бурните води ги фрлаат ваму-таму. Откако на разденување здогледуваат еден залив, се обидуваат да го извлечат бродот на брегот. Но, клунот е пробушен и бродот не може да се движи, па така брановите ја распарчуваат крмата. Сите го напуштаат бродот и успеваат да стигнат до бреговите на Малта пливајќи или држејќи се за даски или за други предмети. Смрзнати и исцрпени, тие се извлекуваат од разбеснетите бранови. Меѓу патниците е и христијанскиот апостол Павле. Него го носат на судење во Рим (Дела 27:27—44).

За Павле, бродоломот на островот Малта не била прва епизода на море која била опасна по живот. Неколку години пред тоа, тој напишал: „Трипати претрпев бродолом, и ноќ и ден поминав во длабочина“. Тој додал дека бил „во опасност по море“ (2. Коринтјаните 11:25—27). Патувањето по море му помогнало на Павле да ја исполни улогата која му ја дал Бог како „апостол на незнабошците“ (Римјаните 11:13).

Во колкава мера се патувало по море во првиот век? Каква улога одиграло тоа во ширењето на христијанството? Колку било безбедно? Какви бродови се користеле? И како биле згрижувани патниците?

Потребата на Рим од поморска трговија

Римјаните го нарекле Медитеранот Маре Нострум — Наше Море. Контролата над поморските патишта му била од крајна важност на Рим, и тоа не само од воени причини. Многу градови во Римското Царство биле пристаништа или им служеле ним. На пример, Рим имал свое морско пристаниште во блиската Остија, додека Коринт ги користел Лехеја и Кенхреја, а на Сириска Антиохија ѝ служела Селевкија. Добрите поморски врски меѓу овие пристаништа обезбедувале брза комуникација со клучните градови и им ја олеснувале делотворната администрација на римските покраини.

Рим зависел од бродската индустрија и заради своите резерви на храна. Со население од околу еден милион жители, Рим имал огромни потреби од жито — некаде меѓу 250.000 и 400.000 тони годишно. Од каде доаѓало сето тоа жито? Јосиф Флавиј го цитира Ирод Агрипа II кој забележува дека осум месеци во годината Рим го хранела Северна Африка, додека Египет испраќал жито кое било доволно за да се прехрани градот во останатите четири месеци. Во снабдувањето на тој град со жито биле вклучени илјадници морски бродови.

За да го задоволи вкусот на Рим за луксуз, напредната поморска трговија обезбедувала секаква трговска стока. Минералите, карпите и мермерот биле превезувани со брод од Кипар, Грција и Египет, а дрвната граѓа била превезувана од Либан. Виното доаѓало од Смирна, оревите, лешниците и бадемите од Дамаск, а урмите од Палестина. Медицинските масти и гумата биле товарани во Киликија, волната во Милет и Лаодикија, текстилот во Сирија и Либан, пурпурната ткаенина во Тир и Сидон. Боите биле испраќани од Тијатира, а стаклото од Александрија и Сидон. Свилата, памукот, слоновата коска и зачините биле увезувани од Кина и Индија.

Што може да се рече за бродот кој доживеал бродолом на Малта, на кој се наоѓал и Павле? Тоа бил брод за жито, ‚една александриска лаѓа, која пловела за Италија‘ (Дела 27:6, фуснота NW). Флотите за жито биле приватна сопственост на Грци, Феникијци и Сиријци, кои командувале со нив и ги опремувале. Меѓутоа, бродовите ѝ биле изнајмувани на државата. „Од начинот на кој ги собирала даноците“, вели историчарот Вилијам М. Ремсеј, „владата сфатила дека е полесно да ја даде работата на договарачи отколку да ја организира огромната машинерија од луѓе и опрема која била потребна за таа голема служба.“

Павле го завршил своето патешествие до Рим на еден брод кој на клунот имал фигура „Синови на Зевс“ (NW). И тоа бил александриски брод. Пристигнал во Потиоли во неаполскиот залив — пристаниште каде што обично се истоварале флотите со жито (Дела 28:11—13). Од Потиоли — денешен Поцуоли — товарот бил носен преку копното или пренесуван со помали чамци на север покрај крајбрежјето, сѐ до реката Тибар во срцето на Рим.

Патници на товарни бродови?!

Зошто Павле и неговите воени стражари патувале со товарен брод? За да одговориме на тоа прашање, треба да знаеме што значело во тие денови да се патува како патник по море.

Во првиот век н. е. не постоеле патнички бродови. Патниците користеле трговски бродови. Со нив можеле да пловат секакви луѓе — вклучувајќи државни функционери, интелектуалци, проповедници, бајачи, уметници, атлетичари, трговци, туристи и аџии.

Секако, постоеле и мали чамци кои превезувале патници и товар во крајбрежните води. Можеби Павле искористил еден таков пловен објект за ‚да премине во Македонија‘ од Троада. Можеби со мали бротчиња се превезувал до и од Атина и тоа не само еднаш. Можеби при своето подоцнежно патување од Троада до Патара преку островите во близината на брегот на Мала Азија, Павле користел мал пловен објект (Дела 16:8—11; 17:14, 15; 20:1—6, 13—15; 21:1). Користењето на ваквите мали бротчиња заштедувало време, но сепак тие не можеле да ризикуваат да пловат многу далеку од копното. Затоа, бродовите со кои Павле одел на Кипар, а потоа и до Памфилија, како и оние со кои патувал од Ефес до Ќесарија и од Патара до Тир, мора да биле доста поголеми (Дела 13:4, 13; 18:21, 22; 21:1—3). Бродот на кој Павле доживеал бродолом на Малта исто така се сметал за доста голем. Колкави можеле да бидат таквите бродови?

Литературните извори навеле еден изучувач да каже: „Најмалиот капацитет [на брод] што обично го користеле древните луѓе бил околу 70 до 80 тона. Највообичаена големина, барем во хеленистичкото доба, била 130 тона. Еден 250-тонски брод, иако било вообичаено да се види, бил недвосмислено поголем од просечните. Во римско време, бродовите кои се користеле во транспортната служба на царот биле уште поголеми — пожелниот капацитет изнесувал 340 тони. Најголемите пловни бродови достигнувале до 1.300 тони, а можеби и повеќе“. Според еден опис, запишан во вториот век н. е., александрискиот носач на жито Изис бил долг повеќе од 55 метри, широк околу 14 метри, имал магацин длабок 13 метри и веројатно можел да носи над илјада тони жито и можеби неколку стотини патници.

Како биле згрижувани патниците на еден брод за жито? Бидејќи бродовите служеле пред сѐ за товар, патниците биле од второстепена важност. Не добивале храна ниту, пак, некакви услуги, освен вода. Спиеле на палубата, можеби под засолништа слични на шатор кои биле подигани навечер и склопувани наутро. Иако на патниците можеби им било дозволено да ја користат бродската кујна за готвење, тие морале сами да се снабдат со сѐ што им било потребно за готвење, јадење, капење и спиење — од кујнски садови па сѐ до постелнина.

Патување по море — колку било безбедно?

Во недостиг на инструменти — па дури и на компас — навигаторите во првиот век работеле строго по гледање. Затоа, патувањето било најсигурно кога видливоста била најдобра — главно од крајот на мај до средината на септември. Во текот на двата месеца пред и после тоа време, трговците можеле да ризикуваат при пловењето. Но, во текот на зимата, маглата и облаците честопати ги криеле патоказите и сонцето дење, а ѕвездите ноќе. Навигацијата се сметала за затворена (латински, маре клаузум) од 11 ноември до 10 март, освен во случаи на апсолутна потреба или итност. Оние кои патувале на крајот од сезоната го преземале ризикот да презимат во некое странско пристаниште (Дела 27:12; 28:11).

Освен што било опасно и сезонско, дали пловењето нудело некакви предности во однос на патувањето по копно? Да, навистина! Патувањето по море не било толку заморно, било поевтино и побрзо. Кога ветровите биле поволни, еден брод можел да помине можеби и 150 километри на ден. При едно долго патување пешки, обично можело да се помине 25—30 километри на ден.

Брзината на пловењето зависела речиси само од ветрот. Патувањето од Египет до Италија било една постојана борба со ветровите кои дувале директно, па дури и во најповолно време. Најкратката рута обично била преку Родос или Мира или, пак, некое друго пристаниште на брегот на Ликија во Мала Азија. Во една прилика, откако отпловил од Александрија, а потоа наишол на бури и го изгубил патот, бродот Изис кој носел жито бил 70 дена укотвен во Пиреј. Имајќи ги зад себе северозападните ветрови кои преовладувале, пловењето од Италија назад веројатно можело да трае 20 до 25 дена. По копнената рута, истото патување во секој правец би траело по повеќе од 150 дена, и тоа по добро време.

Добрата вест носена надалеку преку морето

Очигледно Павле бил свесен за опасностите од патувањето по море вон сезоната. Тој дури советувал да не се плови на крајот од септември или во почетокот на октомври, велејќи: „Гледам, луѓе, дека пловењето ќе биде мачно и со голема штета не само за товарот на лаѓата, туку и за животите наши“ (Дела 27:9, 10). Меѓутоа, одговорниот воен офицер ги игнорирал тие зборови, и последица на тоа бил бродоломот на Малта.

До крајот на својата мисионерска кариера Павле доживеал бродолом најмалку четири пати (Дела 27:41—44; 2. Коринтјаните 11:25). Сепак, претераната тегобна грижа околу таквите можности не ги спречила раните проповедници на добрата вест да патуваат по море. Тие во потполност ги искористиле сите средства за патување кои им биле на располагање за да ја шират пораката за Царството. И во послушност на Исусовата заповед, било дадено сведоштво надалеку и нашироко (Матеј 28:19, 20; Дела 1:8). Благодарение на нивната ревност, на верата на оние кои го следеле нивниот пример и на водството од Јеховиниот свет дух, добрата вест стигнала до најоддалечените делови на населената Земја.

[Извор на слика на страница 31]

Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.