Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Обрнувај постојано внимание на своето поучување

Обрнувај постојано внимание на своето поучување

Обрнувај постојано внимание на своето поучување

„Пази [Обрнувај постојано внимание, NW] на себе и на учењето [поучувањето, NW]; биди постојано во тоа, оти, ако постапуваш така, ќе се спасиш и сам и оние што те слушаат“ (1. ТИМОТЕЈ 4:16).

1, 2. Зошто денес се итно потребни ревни учители?

 „ОДЕТЕ и научете ги сите народи . . . учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20). Со оглед на оваа заповед на Исус Христос, сите христијани треба да настојуваат да станат учители. Потребни се ревни учители за да им помогнат на лицата со искрени срца да дојдат до спознание за Бог пред да биде предоцна (Римјаните 13:11). Апостол Павле поттикнал: „Проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме“ (2. Тимотеј 4:12). Ова бара да се поучува и внатре и надвор од собранието. Навистина, самиот налог да се проповеда вклучува повеќе отколку само да се објавува Божјата порака. Делотворното поучување е потребно за да можат заинтересираните лица да станат ученици.

2 Живееме во „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1NW). Мозокот на луѓето им се пере со световни филозофии и лажни учења. Многумина „умствено се наоѓаат во темнина“ и „преминале секакво морално чувство“ (Ефесјаните 4:18, 19NW). Некои имаат болни емоционални рани. Да, луѓето се навистина „изморени и прснати како овци без пастир“ (Матеј 9:36). Сепак, ако користиме уметност на поучување, можеме да им помогнеме на лицата со искрени срца да ги направат потребните промени.

Учители во собранието

3. а) Што вклучува Исусовиот налог да се поучува? б) Кој ја има првенствената одговорност да поучува во собранието?

3 Преку подготовката за домашна библиска студија, милиони лица добиваат лична поука. Но, после своето крштавање, на новите им треба понатамошна помош за да станат „вкоренети и утврдени на темелот“ (Ефесјаните 3:17NW). Додека го извршуваме Исусовиот налог кој е запишан во Матеј 28:19, 20 и ги насочуваме новите кон Јеховината организација, тие извлекуваат корист од поучувањето во самото собрание. Според Ефесјаните 4:11—13, некои мажи биле наименувани да служат како „пастири и учители, за усовршување [исправање, NW] на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело“. Понекогаш, нивната уметност на поучување ја вклучува потребата да ‚караат, укоруваат, силно поттикнуваат, со сета долготрпеливост‘ (2. Тимотеј 4:2NW). Делото на учители било толку важно што, кога им пишува на коринтјаните, Павле ги набројува учителите веднаш после апостолите и пророците (1. Коринтјаните 12:28).

4. Како способноста на поучување ни помага да го послушаме Павловото силно поттикнување запишано во Евреите 10:24, 25?

4 Точно, сите христијани не служат како старешини, т. е. надгледници. Сепак, сите се охрабрени да се поттикнуваат еден со друг „кон љубов и добри дела“ (Евреите 10:24, 25). На состаноците тоа вклучува добро подготвени, искрени коментари кои можат да ги изградат и охрабрат другите. Исто така, искусните објавители на Царството можат да ‚поттикнуваат кон добри дела‘ така што ќе го споделуваат своето спознание и искуство со новите кога ќе работат со нив во службата на теренот. Во тие моменти и во неформални прилики можат да се соопштат драгоцени поуки. На пример, зрелите жени се поттикнати да „учат за добро“ (Тит 2:3).

Убедени да веруваат

5, 6. а) Како вистинското христијанство стои во спротивност со лажното обожавање? б) Како старешините им помагаат на новите да донесуваат мудри одлуки?

5 На тој начин, вистинското христијанство стои во остра спротивност со лажните религии од кои многу настојуваат да го контролираат мислењето на своите членови. Кога Исус бил на земјата, верските водачи настојувале да го контролираат речиси секој аспект од животот на луѓето преку угнетувачки човечки традиции (Лука 11:46). Свештенството на христијанскиот свет честопати го правело истото.

6 Меѓутоа, вистинското обожавање е „света служба“ која ја принесуваме со својата „сила на разумот“ (Римјаните 12:1NW). Јеховините слуги се „убедени да веруваат“ (2. Тимотеј 3:14NW). Понекогаш, оние кои преземаат водство можеби треба да воведат некои упатства и процедури заради глатко функционирање на собранието. Но, наместо да настојуваат да донесуваат одлуки за сохристијаните, старешините ги поучуваат „да разликуваат исправно од погрешно“ (Евреите 5:14NW). Старешините го прават тоа првенствено со тоа што го хранат собранието „со зборовите на верата и на доброто учење“ (1. Тимотеј 4:6).

Обрнувај внимание на своето поучување

7, 8. а) Како луѓето со скромни способности можат да служат како учители? б) Што покажува дека за да се стане делотворен учител, потребен е личен напор?

7 Но, да се вратиме на нашиот општ налог да поучуваме. Дали се потребни некои посебни вештини, образование или способности за да се учествува во ова дело? Не мора да значи. Поголемиот дел од ова светско дело на поучување го извршуваат ординирани поединци со скромни способности (1. Коринтјаните 1:26—29). Павле објаснува: „Но таа ризница [службата] ја носиме во глинени садови [несовршени тела], та преизобилната сила да Му се оддава на Бога, а не нам“ (2. Коринтјаните 4:7). Огромниот успех кој го ужива глобалното дело на проповедање на Царството е сведоштво за моќта на Јеховиниот дух!

8 Сепак, потребен е одлучен личен напор за да се стане „работник кој нема од што да се срами и кој исправно управува со речта на вистината“ (2. Тимотеј 2:15NW). Павле го поттикнал Тимотеј: „Пази [Обрнувај постојано внимание, NW] на себе и на учењето [поучувањето, NW]; биди постојано во тоа, оти, ако постапуваш така, ќе се спасиш и сам и оние што те слушаат“ (1. Тимотеј 4:16). Како некој обрнува внимание на своето поучување, без оглед дали го прави тоа внатре или надвор од собранието? Дали тоа задолжително вклучува совладување на извесни вештини или техники на поучување?

9. Што е поважно од природните способности?

9 Исус сигурно покажал извонредно разбирање на методите на поучување во својата прочуена Проповед на гората. Кога завршил со зборувањето, ‚народот се чудел на Неговото учење‘ (Матеј 7:28). Се разбира, ниеден од нас не може да поучува како Исус. Но, ние не треба да бидеме речити говорници за да бидеме делотворни учители. Според Јов 12:7, дури „добитокот“ и „небеската птица“ можат немо да поучуваат! Заедно со која и да било природна способност или вештина која би можеле да ја имаме, она што е од особена важност е тоа „какви луѓе“ сме ние — какви особини имаме и какви духовни навики сме негувале, кои студентите можат да ги имитираат (2. Петрово 3:11; Лука 6:40).

Студенти на Божјата реч

10. На кој начин Исус дал убав пример како студент на Божјата реч?

10 Еден делотворен учител на библиските вистини мора да биде студент на Божјата реч (Римјаните 2:21). Исус Христос дал извонреден пример во тој поглед. Во текот на својата служба, Исус укажувал на или изразувал мисли кои одговарале на пасусите во отприлика половина од книгите во Хебрејските списи. a Дека бил запознат со Божјата реч, се видело на 12-годишна возраст, кога бил најден како „седи меѓу учители, ги слуша и ги прашува“ (Лука 2:46). Како возрасен човек, Исус имал обичај да оди во синагогата каде што се читала Божјата реч (Лука 4:16).

11. Какви добри навики на проучување треба да негува еден учител?

11 Дали си страстен читател на Божјата реч? Копањето по неа е средството преку кое „ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога“ (Изреки 2:4, 5). Затоа, развивај добри навики на проучување. Обиди се секој ден да читаш по еден дел од Божјата реч (Псалм 1:2). Нека ти биде навика да го прочиташ секое издание на Стражарска кула и Разбудете се! веднаш штом ќе го добиеш. Обрнувај живо внимание на собраниските состаноци. Научи внимателно да истражуваш. Ако научиш да ‚испитуваш сѐ [со точност, NW]‘, можеш да избегнеш претерувања и неточности кога поучуваш (Лука 1:3).

Љубов и почитување кон оние кои ги поучуваш

12. Каков бил Исусовиот став кон неговите ученици?

12 Друга важна особина е исправниот став кон оние кои ги поучуваш. Фарисеите чувствувале презир кон оние кои го слушале Исус. „Овој народ, што не го знае Законот, е проклет“, рекле тие (Јован 7:49). Но, Исус имал длабока љубов и почитување кон своите ученици. Тој рекол: „Не ве наречувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, оти ви кажав сѐ што сум чул од Мојот Отец“ (Јован 15:15). Ова покажало како Исусовите ученици треба да ја извршуваат својата активност на поучување.

13. Што чувствувал Павле кон оние кои ги поучувал?

13 На пример, Павле не задржал ладен, службен однос со своите ученици. На коринтјаните им рекол: „Зашто, ако имате и на десетина илјади наставници во Христа Исуса, многу татковци немате, бидејќи јас ве родив во Исуса Христа преку Евангелието“ (1. Коринтјаните 4:15). Понекогаш Павле дури ронел солзи додека ги опоменувал оние кои ги поучувал! (Дела 20:31). Исто така, тој покажал извонредна стрпливост и љубезност. Затоа на солуњаните можел да им каже: „Бевме среде вас благи, онака како што нежно се однесува доилката кон своите деца“ (1. Солунјаните 2:7).

14. Зошто е толку важен личниот интерес за нашите библиски студенти? Илустрирај.

14 Дали ги имитираш Исус и Павле? Искрената љубов кон нашите студенти може во голема мера да надомести некои недостатоци во природните способности кои можеби ги имаме. Дали нашите библиски студенти чувствуваат дека имаме за нив искрен личен интерес? Дали одвојуваме време за да ги запознаеме? Кога една христијанка имала проблем да ѝ помогне на една студентка да напредува духовно, таа љубезно ја прашала: „Дали нешто те мачи?“ Жената почнала да си го излева срцето, раскажувајќи за многу работи што ја мачат и загрижуваат. Тој љубезен разговор се покажал како пресвртница за жената. Во такви случаи соодветни се библиски мисли и зборови на утеха и охрабрување (Римјаните 15:4). Но, внимавај: Еден библиски студент можеби брзо напредува, но можеби сѐ уште има некои нехристијански навики кои треба да ги совлада. Затоа, не би било мудро да бидеме претерано блиски со поединецот на друштвен план. Треба да задржиме исправни христијански граници (1. Коринтјаните 15:33).

15. Како можеме да покажеме почитување кон нашите библиски студенти?

15 Почитувањето на нашите студенти вклучува да не се обидуваме да го контролираме нивниот приватен живот (1. Солунјаните 4:11). На пример, можеби проучуваме со некоја жена која живее вонбрачно со некој маж. Можеби имаат заеднички деца. Откако стекнала точно спознание за Бог, жената сака да ги реши работите онака како што бара Јехова (Евреите 13:4). Дали да се венча со тој човек или да се одвои од него? Можеби ние цврсто веруваме дека венчавањето со човек кој има мал или никаков духовен интерес ќе го спречи нејзиниот иден напредок. Од друга страна, пак, можеби се плашиме за благосостојбата на нејзините деца и мислиме дека би било подобро да се венча со него. Во секој случај, би било без почитување и без љубов да се натураме во животот на студентката и да се обидуваме да наметнуваме свои сопствени мислења за такви работи. На крајот на краиштата, таа е онаа која мора да живее со последиците од одлуката. Тогаш, зарем не би било најдобро да ја обучиме студентката да ја користи својата „моќ на согледување“ и самата да одлучи што да прави? (Евреите 5:14NW).

16. Како можат старешините да покажуваат љубов и почитување кон Божјето стадо?

16 Особено е важно собраниските старешини да постапуваат со стадото со љубов и почитување. Пишувајќи му на Филимон, Павле рекол: „Иако имам во Христа голема слобода да ти заповедам како што треба, сепак од љубов кон тебе, те молам“ (Филимон 8, 9). Понекогаш, во собранието може да настанат фрустрирачки ситуации. Можеби ќе биде потребна дури и цврстина. Павле го поттикнал Тит да ги ‚разобличува [укорува и понатаму, NW] [оние што грешат] строго, за да бидат здрави во верата‘ (Тит 1:13). Сепак, надгледниците мораат да настојуваат никогаш да не зборуваат нељубезно со собранието. „Слугата Господов не треба да влегува во расправии“, напишал Павле, „туку да биде кроток кон сите, поучлив и незлобив“ (2. Тимотеј 2:24; Псалм 140:3).

17. Каква грешка направил Мојсеј, и што можат старешините да научат од тоа?

17 Надгледниците мораат постојано да се потсетуваат дека имаат работа со „Божјето стадо“ (1. Петрово 5:2). Мојсеј, иако бил многу понизен, кратко го изгубил тоа од вид. Израелците ‚го преогорчиле духот негов, и тој згрешил со устата своја‘ (Псалм 105:33). Бог бил многу незадоволен од ова лошо постапување со Неговото стадо, иако и самото тоа било далеку од беспрекорно (4. Мојсеева 20:2—12). Кога денес се соочуваат со слични предизвици, старешините треба да настојуваат да поучуваат и да даваат упатства со увид и љубезно. Нашите браќа најдобро се одѕиваат кога со нив се постапува со обѕир и како со поединци на кои им треба помош, а не како со лица кои не можат да се поправат. Старешините треба да го задржат позитивното гледиште кое го имал Павле, кога рекол: „Ние сме уверени за вас во Господа дека го вршите и дека ќе го вршите она што ви го заповедаме“ (2. Солунјаните 3:4).

Да реагираме на нивните потреби

18, 19. а) Како треба да реагираме на потребите на оние библиски студенти кои имаат ограничени способности? б) Како можеме да им помогнеме на студентите кои имаат проблем со специфични работи?

18 Еден делотворен учител е спремен да се приспособи кон способностите и ограничувањата на своите студенти. (Спореди Јован 16:12.) Во Исусовата илустрација за талентите, господарот му дал предности „секому според силата негова“ (Матеј 25:15). Ние можеме да следиме сличен образец кога водиме библиски студии. Се разбира, пожелно е да се помине една публикација која се темели на Библијата за еден разумно краток временски период. Но, мора да се признае дека сите немаат добри вештини на читање или способност брзо да ги усвојат новите идеи. Затоа, ако на поединците кои се одѕиваат им е проблем да одржуваат едно брзо темпо, потребна е проникливост за да се одреди кога за време на студијата да се префрлиме од една точка на друга. Поважно е да им се помогне на студентите да ја сфатат смислата на она што го учат отколку само да се помине материјалот со едно утврдено темпо (Матеј 13:51NW).

19 Истото може да се рече и за библиските студенти кои имаат проблем со специфични работи, како што е тројството или верските празници. Иако обично нема потреба на нашите студии да вклучуваме библиски темелен материјал за истражување, можеме повремено да го правиме тоа ако е јасно дека ќе биде од корист. Треба да се употреби добро просудување за да се спречи непотребно успорување на напредокот на студентот.

Биди одушевен!

20. Како Павле дал пример во покажувањето одушевеност и увереност во своето поучување?

20 „Духот да ви биде пламенен“, вели Павле (Римјаните 12:11). Да, без разлика дали водиме домашна библиска студија или учествуваме во некоја точка на собранискиот состанок, треба да го правиме тоа со ревност и одушевеност. Павле им рекол на солуњаните: „Зашто нашето Благовестие кон вас беше не само со слово, туку и со сила и со Светиот Дух, и со голема увереност“ (1. Солунјаните 1:5). На тој начин, Павле и неговите придружници го предале „не само Благовестието Божјо, туку и душите свои“ (1. Солунјаните 2:8).

21. Како можеме да задржиме одушевен став кон нашите задачи да поучуваме?

21 Вистинската одушевеност доаѓа од тоа што сме цврсто уверени дека нашите библиски студенти треба да го чујат она што ние имаме да им го кажеме. На ниедна задача да поучуваме никогаш да не гледаме како на рутинска. Книжникот Ездра сигурно обрнувал внимание на своето поучување во тој поглед. Тој „го беше управил [подготвил, NW] срцето свое да го изучува законот Господов и да го извршува и да го учи Израилот“ (1. Ездра 7:10). И ние треба да го правиме истото така што темелно ќе се подготвуваме и ќе размислуваме за важноста на материјалот. Да му се молиме на Јехова да нѐ исполни со вера и увереност (Лука 17:5). Нашата одушевеност може да им помогне на библиските студенти да развијат вистинска љубов кон вистината. Секако, обрнувањето внимание на нашето поучување можеби ќе вклучува и користење конкретни техники на поучување. Нашата следна статија ќе дискутира за некои од нив.

[Фуснота]

a Види Insight on the Scriptures, том 2, страница 1071, издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

Дали се сеќаваш?

Зошто денес се потребни вешти христијански учители?

Какви добри навики за проучување можеме да негуваме?

Зошто се важни љубовта и почитувањето кон оние кои ги поучуваме?

Како можеме да реагираме на потребите на нашите библиски студенти?

Зошто одушевеноста и увереноста се витални кога ги поучуваме другите?

[Прашања]

[Слика на страница 10]

Добрите учители и самите се студенти на Божјата реч

[Слика на страница 13]

Покажи личен интерес за библиските студенти