Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Последниот ден од Исусовиот човечки живот

Последниот ден од Исусовиот човечки живот

Последниот ден од Исусовиот човечки живот

Петок е, доцна попладне, 14 Нисан 33 н. е. Група мажи и жени се подготвуваат да погребат еден драг пријател. Еден од мажите, Никодим, донел мирудии за да го подготват телото за погреб. Еден човек по име Јосиф, обезбедил чисто ленено платно за да го завитка помодрениот и измачен леш.

КОИ се тие луѓе, и кого погребуваат? Дали сево ова има некаква врска со тебе? За да одговориме на овие прашања, да се вратиме назад, во почетокот на овој значаен ден.

Четврток навечер, 14 Нисан

Сјајната полна месечина полека се издига над Ерусалим. Преполниот град се смирува после еден исполнет ден. Таа вечер во воздухот се шири арома на печено јагне. Да, илјадници луѓе се подготвуваат за еден посебен настан — годишната прослава на Пасхата.

Во една голема гостинска соба ги наоѓаме Исус Христос и неговите 12 апостоли крај една подготвена маса. Слушајте! Зборува Исус. „Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа пасха со вас, пред да пострадам“, вели тој (Лука 22:15). Исус знае дека неговите религиозни непријатели се решени да го убијат. Но, пред да се случи тоа, оваа вечер ќе се одигра нешто многу значајно.

Откако ја прославуваат Пасхата, Исус изјавува: „Еден од вас ќе Ме предаде“ (Матеј 26:21). Ова ги вознемирува апостолите. Кој би можел да биде тоа? После извесна дискусија, Исус му вели на Јуда Искариотски: „Што ќе правиш, прави побргу!“ (Јован 13:27). Иако другите не го сфаќаат тоа, Јуда е предавник. Тој заминува за да ја исполни својата подла улога во заверата против Исус.

Посебно одбележување

Сега Исус воспоставува една сосема нова прослава — прослава која ќе ја одбележи неговата смрт. Земајќи парче леб, Исус кажува за него една благодарна молитва и го разделува. „Земете, јадете“, им вели тој. „Ова е Моето тело, што се дава за вас.“ Откако секој од нив јаде од лебот, тој зема чаша црвено вино и кажува благослов за него. „Пијте од неа сите“, им вели Исус, објаснувајќи: „Оваа чаша е Новиот завет со мојата крв, која се пролива за вас.“ Тој ги поучува останатите 11 верни апостоли: „Правете го ова за спомен Мој!“ (Матеј 26:26—28; Лука 22:19, 20; 1. Коринтјаните 11:24, 25).

Таа вечер Исус љубезно ги подготвува своите лојални апостоли за она што стои пред нив и ја потврдува својата длабока љубов кон нив. „Никој нема поголема љубов од оваа“, објаснува тој, „да ја положи душата своја за своите пријатели. Вие сте Ми пријатели, ако го вршите она, што ви заповедам Јас“ (Јован 15:13—15). Да, 11-те апостоли докажале дека се вистински пријатели така што останале со Исус за време на неговите испити.

Истата вечер подоцна — можеби после полноќ — Исус кажува една знаменита молитва, после која пеат песни за фалба на Јехова. Потоа, под светлината на полната месечина, го напуштаат градот и ја поминуваат долината Кедрон (Јован 17:1—18:1).

Во Гетсиманската градина

После кратко време, Исус и апостолите пристигнуваат во Гетсиманската градина. Оставајќи осуммина од апостолите на влезот во градината, Исус ги води Петар, Јаков и Јован понатаму меѓу маслиновите дрвја. „Душата Ми е смртно нажалена“, им кажува тој. „Останете тука и бидете будни!“ (Марко 14:33, 34).

Тројцата апостоли чекаат додека Исус оди во внатрешноста на градината за да се помоли. Со силни извици и солзи, тој моли: „Оче, кога би сакал да Ме одмине оваа чаша!“ На Исусовите плеќи лежи огромна одговорност. Колку само е вознемирувачки да размислува за она што Јеховините непријатели ќе го кажат кога Неговиот единороден Син ќе биде прикован како криминалец! Уште поболна за Исус е помислата на срамот кој ќе биде истурен врз неговиот драг небесен Татко доколку тој падне на овој крајно мачен испит. Исус се моли толку сесрдно и запаѓа во една таква агонија што неговата пот се претвора во капки крв кои капат на земјата (Лука 22:42, 44).

Штотуку Исус завршил со молењето по третпат. Сега се приближуваат некои мажи кои носат факели и фенери. Оној кој оди напред не е никој друг туку Јуда Искариотски, кој оди право кон Исус. „Радуј се, Рави!“ — вели тој бакнувајќи го Исус многу нежно. „Јудо“, одговара Исус, „со целив ли го предаваш Синот Човечки?“ (Матеј 26:49; Лука 22:47, 48; Јован 18:3).

Одеднаш, апостолите сфаќаат што се случува. Нивниот Господ и драг пријател треба да биде уапсен! Затоа, Петар грабнува еден меч и му го отсекува увото на робот на првосвештеникот. „Оставете го тоа, запрете!“ — брзо извикува Исус. Испружувајќи ја раката, го лечи робот и му заповеда на Петар: „Врати го ножот [мечот, NW] на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож [меч, NW]; од нож [меч, NW] ќе загинат“ (Лука 22:50, 51; Матеј 26:52). Офицерите и војниците го зграпчуваат Исус и го врзуваат. Обземени од страв и збркани, апостолите го напуштаат Исус и бегаат во темнината (Матеј 26:56; Јован 18:12).

Петок наутро, 14 Нисан

Одминато е доста време после полноќ, и сега се утринските часови в петок. Исус најпрвин е одведен во домот на поранешниот првосвештеник Ана, кој сѐ уште има големо влијание и моќ. Ана го испрашува и потоа го пушта да биде одведен во домот на првосвештеникот Кајафа каде што е собран Синедрионот.

Сега верските водачи се обидуваат да најдат сведоци кои ќе измислат некоја парница против Исус. Меѓутоа, дури и лажните сведоци не можат да се сложат во своето сведоштво. Исус цело време молчи. Менувајќи ја тактиката, Кајафа прашува: „Те заколнувам во Живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Син Божји?“ Тоа е факт кој не може да се порекне, па затоа Исус храбро одговара: „Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на силата и како иде на облаците небески“ (Матеј 26:63; Марко 14:60—62).

„Овој хули на Бога!“ — извикува Кајафа. „Каква потреба имаме повеќе од сведоци?“ Сега некои му удираат на Исус шлаканици и го плукаат. Други го удираат со тупаници и го опсипуваат со навреди (Матеј 26:65—68; Марко 14:63—65). Кратко после разденувањето в петок, Синедрионот повторно се состанува, можеби за да се остави впечаток дека незаконското ноќно судење сепак е законско. Исус повторно храбро покажува дека тој е Христос, Синот Божји (Лука 22:66—71).

Потоа, првосвештениците и постарите мажи го водат за да биде суден од Понтиј Пилат, римскиот управител на Јудеја. Го обвинуваат Исус дека го подрива народот, забранувајќи му да плаќа даноци на цезарот и дека „вели за Себе, дека е Он Христос Цар“ (Лука 23:2; спореди Марко 12:17). Откако го испрашува, Пилат изјавува: „Јас не наоѓам никаква вина кај Овој Човек“ (Лука 23:4). Кога Пилат слуша дека Исус е Галилеец, го испраќа кај Ирод Антипа, владетелот на Галилеја, кој за Пасхата е во Ерусалим. Намерата на Ирод не е да се спроведе правдата. Тој само сака Исус да направи некое чудо. Бидејќи Исус не ја задоволува неговата љубопитност и продолжува да молчи, Ирод и неговите војници си прават шеги со него и го враќаат кај Пилат.

„Та какво зло направил Овој?“ — прашува повторно Пилат. „Јас не најдов во Него ништо, што заслужува смрт; па затоа ќе Го накажам и ќе Го пуштам“ (Лука 23:22). Затоа, тој наредува Исус да биде камшикуван со камшик кој има многу ремени и болно му го расцепува грбот. Тогаш војниците му набиваат на главата круна од трње. Му се потсмеваат и го удираат со една јака трска, притискајќи му ја круната од трње уште подлабоко во темето. Низ целата неопислива болка и малтретирање, Исус задржува извонредно достоинство и сила.

Пилат — можеби со надеж дека Исусовата измачена состојба ќе изнуди некакво сожалување — пак го изнесува пред мноштвото. „Еве“, извикува тој, „ви Го изведувам надвор, за да разберете дека не наоѓам во Него никаква вина.“ Но првосвештениците викаат: „Приковај го! Приковај го!“ (Јован 19:4—6NW). Додека мноштвото станува сѐ поупорно, Пилат се помирува и го предава Исуса да биде прикован.

Агониска смрт

Веќе е средината на претпладнето, а можеби се приближува пладне. Исус е одведен надвор од Ерусалим на едно место наречено Голгота. Низ Исусовите дланки и стапала коваат големи шајки во еден маченички столб. Не може со зборови да се опише агонијата додека при исправањето на маченичкиот столб, поради тежината на неговото тело, се раскинуваат раните кои ги направиле шајките. Едно мноштво се собира за да набљудува како ги приковуваат Исус и двајцата криминалци. Многумина зборуваат навредливо за Исус. „Другите ги спаси“, се потсмеваат првосвештениците и другите, „а Сам Себе не може да се спаси.“ Дури и војниците и двајцата приковани криминалци му се исмејуваат на Исус (Матеј 27:41—44).

Одеднаш на пладне, откако Исус е извесно време на столбот, една грозоморна темнина со божествено потекло се надвиснува над земјата три часа. a Можеби поради тоа едниот злодеец е трогнат да го укори другиот. Потоа, обрнувајќи се кон Исус, тој моли: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“ Каква само зачудувачка вера наспроти неизбежната смрт! „Вистина ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:39—43NW).

Отприлика во три часот попладне, Исус чувствува дека му се наближува крајот. „Жеден сум“, вели тој. Потоа, со силен глас извикува: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?“ Исус може да осети дека неговиот Татко, така да се каже, ја повлекол заштитата од него за да дозволи неговиот интегритет да биде испитан до крајна граница, па ги цитира зборовите на Давид. Некој става до Исусовите усни сунѓер натопен во кисело вино. Откако вкусува од виното, Исус едвај изговара: „Се сврши!“ Потоа, извикува: „Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!“, ја наведнува главата и издишува (Јован 19:28—30; Матеј 27:46; Лука 23:46; Псалм 21:1).

Бидејќи е доцна попладне, се прават забрзани подготовки за неговиот погреб пред да започне Сабатот на зајдисонце (15 Нисан). Јосиф од Ариматеја, добро познат член на Синедрионот кој бил таен ученик на Исус, добива дозвола да го погребе. Никодим, исто така член на Синедрионот, кој тајно исповедувал вера во Исус, помага со 33 килограми миро и алоја. Тие внимателно го положуваат Исусовото тело во еден нов спомен гроб во близината.

Повторно жив!

Сѐ уште е темница, рано наутро в недела, кога Марија Магдалина и некои други жени пристапуваат кон Исусовиот гроб. Но, погледни! Каменот кој беше пред гробот е истркалан. Па гробот е празен! Марија Магдалина ита да им каже на Петар и на Јован (Јован 20:1, 2). Кратко откако заминува, еден ангел им се појавува на другите жени. Тој вели: „Не бојте се“. Исто така, ги поттикнува: „Отидете бргу и кажете им на учениците Негови, дека Он воскресна од мртвите“ (Матеј 28:2—7).

Додека тие брзаат, кого би сретнале, ако не самиот Исус! „Одете и соопштете им на браќата Мои“, им вели тој (Матеј 28:8—10). Подоцна, Исус ѝ се појавува на Марија Магдалина додека таа е покрај гробот и плаче. Таа едвај може да ја задржи радоста и ита да им каже на другите ученици за прекрасната вест (Јован 20:11—18). Всушност, таа незаборавна недела, Исус пет пати им се појавува на различни ученици, не оставајќи сомнение дека тој навистина е повторно жив!

Каква врска има тоа со тебе

Како можат настани од пред 1.966 години да имаат врска со тебе сега на прагот на 21 век? Еден очевидец на тие настани објаснува: „Божјата љубов кон нас се покажа во тоа, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син, за да живееме преку Него. Во тоа се состои љубовта, што не ние Го засакавме Бога, туку Бог нас нѐ возљуби и Го прати Синот Свој, за да ги очисти [како помирбена жртва за, NW] гревовите наши“ (1. Јованово 4:9, 10).

На кој начин Христовата смрт е „помирбена жртва“? Таа е помирбена бидејќи овозможува поволен однос со Бог. Првиот човек, Адам, се побунил против Бог и, на тој начин, на потомството му пренел во наследство грев и смрт. Исус, пак, од своја страна, го дал животот како откупнина за да ја плати цената за гревот и смртта на човештвото, обезбедувајќи со тоа темел за Бог да покаже милост и наклоност (1. Тимотеј 2:5, 6). Практикувајќи вера во Исусовата гревоискупувачка жртва, и ти можеш да бидеш ослободен од осудата која си ја наследил од грешникот Адам (Римјаните 5:12; 6:23). Од друга страна, пак, ова ти отвора прекрасна прилика да имаш личен однос со својот небесен татко полн со љубов, Јехова Бог. Накратко, Исусовата најголема жртва за тебе може да значи бескраен живот (Јован 3:16; 17:3).

За овие и за слични работи ќе се дискутира в четврток навечер, на 1 април, на десетици илјади места ширум светот, кога милиони луѓе ќе се соберат за да ја комеморираат смртта на Исус Христос. Поканет си да бидеш присутен и ти. Јеховините сведоци од твоето подрачје радо ќе ти кажат каде и кога можеш да присуствуваш. Без сомнение, присуството ќе го продлабочи твоето ценење за она што го сториле нашиот љубезен Бог и неговиот драг Син во последниот ден од Исусовиот човечки живот.

[Фуснота]

a Не е можно темнината да била предизвикана од некое затемнување на Сонцето бидејќи Исус умрел за време на полна месечина. Затемнувањата на Сонцето траат само неколку минути и се случуваат кога месечината се наоѓа меѓу Земјата и Сонцето за време на младата месечина.

[Табела/слики на страница 7]

СМРТТА И ВОСКРЕСЕНИЕТО НА ИСУС

НАСТАНИ ОД 33 НИСАН Н. Е. НАЈГОЛЕМИОТ ЧОВЕК b

14 четврток Прослава на Пасхата; Исус им ги мие 113, пас. 2 до

навечер нозете на апостолите; Јуда излегува 117, пас. 1

за да го издаде Исус; Христос го

воспоставува Меморијалот на својата

смрт (оваа година се одбележува

в четврток на 1 април, после зајдисонце);

силно поттикнување за да ги подготви

апостолите за неговото заминување

Полноќ до После молитва и песни на фалба, 117 до 120

предзори Исус и апостолите одат во Гетсиманската

градина; Исус се моли со силни извици

и солзи; Јуда Искариотски пристигнува

со големо мноштво и го издава Исус;

апостолите бегаат додека Исус е

врзан и одведен кај Ана; одведен кај

Првосвештеникот Кајафа за да се појави

пред Синедрионот; осуден на смрт;

вербално и физички малтретиран; Петар

трипати се одрекува од Исус

Петок В зори, Исус повторно се појавува 121 до 124

наутро пред Синедрионот; одведен кај Пилат;

испратен кај Ирод; вратен кај Пилат;

Исус камшикуван, вреѓан и напаѓан; под

притисок, Пилат го предава да го

приковаат; одведен на Голгота за да

биде погубен доцна претпладнето

Пладне до Прикован кратко пред да настапи пладнето; 125, 126

средината темнина од пладне до околу три часот,

на поплад- кога Исус умира; силен земјотрес;

нето завесата во храмот раскината на половина

Доцна Исусовото тело е положено во еден 127, пас. 1—7

попладне гроб во градината, пред Сабатот

15 петок Почнува Сабатот

навечер

Сабота Пилат дозволува да има чувари кај 127, пас. 8, 9

Исусовиот гроб

16 недела Рано наутро Исусовиот гроб е најден 127, пас. 10

празен; воскреснатиот Исус се појавува до 129,

на: 1) група ученички, меѓу кои биле пас. 10

Салома, Јоана и Марија, мајката на Јаков;

2) Марија Магдалина; 3) Клеопа и неговиот

придружник; 4) Симон Петар; 5) собир на

апостолите и другите ученици

[Фуснота]

b Овде се наведени броевите кои ги покажуваат поглавјата во книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел. За табела која содржи детални осврнувања на последната служба на Исус, види „Све је Писмо од Бога надахнуто и корисно“, страница 290. Овие книги се објавени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.