Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поучувај со увид и убедливост

Поучувај со увид и убедливост

Поучувај со увид и убедливост

„Срцето на мудриот предизвикува неговата уста да покажува увид, и кон неговите усни тоа додава убедливост“ (ИЗРЕКИ 16:23NW).

1. Зошто поучувањето од Божјата реч вклучува повеќе отколку само пренесување информации?

 НАША цел како учители за Божјата реч е да ги просветлиме не само умовите на нашите студенти туку и нивните срца (Ефесјаните 1:18). Значи, поучувањето вклучува повеќе отколку само пренесување информации. Изреки 16:23 (NW) вели: „Срцето на мудриот предизвикува неговата уста да покажува увид, и кон неговите усни тоа додава убедливост“.

2. а) Што значи да се убедува? б) Како е можно сите христијани да станат убедливи учители?

2 Апостол Павле сигурно го применил ова начело во своето дело на поучување. Кога бил во Коринт, ‚секоја сабота тој зборувал во синагогата и ги убедувал Јудејците и Елините‘ (Дела 18:4). Според еден авторитет, грчкиот збор кој овде е преведен со „убедува“ значи „предизвикување промена на умот преку влијанието на разумот или преку моралните разгледувања“. Преку убедливи аргументи Павле можел да ги покрене луѓето да го променат самиот начин на размислување. Неговата способност на убедување била толку импресивна што неговите непријатели се плашеле од него (Дела 19:24—27). Сепак, Павловото поучување не било покажување човечка способност. На коринтјаните им рекол: „И словото мое, и проповедта моја, не се состоеше во убедливи зборови на човечка мудрост, туку во пројава на Духот и силата, та верата ваша да се утврди не во човечка мудрост, туку во силата Божја“ (1. Коринтјаните 2:4, 5). Бидејќи сите христијани ја имаат помошта од духот на Јехова Бог, сите тие можат да станат убедливи учители. Но, како? Да обрнеме внимание на некои делотворни техники на поучување.

Биди добар слушател

3. Зошто е потребен увид кога ги поучуваме другите, и како можеме да го достигнеме срцето на библискиот студент?

3 Првата техника на поучување не вклучува зборување туку слушање. Како што беше забележано во Изреки 16:23 (NW), за да бидеме убедливи, мораме да имаме увид. Исус сигурно имал увид за луѓето кои ги поучувал. Јован 2:25 вели: „Сам знаеше, што има во човекот“. Но, како можеме да знаеме што има во срцата на оние кои ги поучуваме? Еден начин е да се биде добар слушател. Јаков 1:19 вели: „Секој човек нека биде брз во слушањето, а спор во зборувањето“. Точно, сите луѓе не ги изразуваат спремно своите мисли. Како што нашите библиски студенти ќе стануваат убедени во нашиот вистински интерес за нив, можеби ќе бидат посклони да ги изразат своите вистински чувства. Љубезните, но проникливи прашања можат честопати да ни помогнат да го достигнеме срцето и да ги ‚исцрпиме‘ таквите изрази (Изреки 20:5).

4. Зошто христијанските старешини мораат да бидат добри слушатели?

4 Особено е важно христијанските старешини да бидат добри слушатели. Само тогаш ќе можат вистински ‚како треба на секого да му одговорат‘ (Колосјаните 4:6). Изреки 18:14 предупредува: „Кој дава одговор пред да ислуша, безумен е, тоа е срам за него“. Еднаш, двајца добронамерни браќа ѝ дале на една сестра совет за световноста, бидејќи имала пропуштено неколку состаноци. Сестрата била длабоко повредена бидејќи тие не ја прашале зошто не била присутна. Таа се опоравувала од неодамнешната операција. Значи, колку е важно да ислушаме пред да дадеме совет!

5. Како можат старешините да се справат со споровите кои настануваат меѓу браќата?

5 За старешините, поучувањето честопати вклучува давање совет на другите. И тука е важно да се биде добар слушател. Слушањето е особено неопходно кога меѓу сохристијаните се јавуваат спорови. Дури откако ќе ислушаат, старешините можат да го имитираат ‚Отецот Кој не гледа кој е кој‘ (1. Петрово 1:17). Честопати во такви ситуации можат да се засилат емоциите, па затоа ќе биде добро старешината да го задржи на ум советот од Изреки 18:18: „Првиот по тужбата си е прав, но доаѓа противникот негов и го порекнува“. Еден делотворен учител ќе ги ислуша обете странки. Со тоа што ќе се помоли, тој ќе помогне да се воспостави една смирена атмосфера (Јаков 3:18). Доколку емоциите се вжештат, тој би можел да предложи секој од браќата да му се обраќа директно нему, наместо двајцата да се расправаат меѓу себе. Можеби преку соодветни прашања старешината ќе може да ги расчисти спорните прашања кои се разгледуваат. Во многу случаи, причина за споровите е слабата комуникација, а не злобата. Но, ако се прекршени библиски начела, учителот кој е полн со љубов може да поучи со увид, ислушувајќи ги обете страни.

Драгоценоста на едноставноста

6. Како Павле и Исус дале пример за поучување со едноставност?

6 Една друга драгоцена вештина на поучување е да се задржат работите едноставни. Точно, ние сакаме библиските студенти да станат ‚потполно способни да сфатат умствено, заедно со сите свети, која е широчината и должината и висината и длабочината‘ на вистината (Ефесјаните 3:18NW). Постојат некои аспекти на библиските доктрини кои се фасцинантни и честопати предизвикувачки (Римјаните 11:33). Сепак, кога Павле им проповедал на Грците, тој се сосредоточил на едноставната порака за ‚Христос прикованиот‘ (1. Коринтјаните 2:1, 2NW). Слично на тоа, Исус проповедал на еден јасен, привлечен начин. Тој користел едноставен речник во својата Проповед на гората. Сепак, таа содржи некои од најдлабоките вистини кои некогаш биле кажани (Матеј, поглавја 5—7).

7. Како можеме да ги задржиме работите едноставни кога водиме библиски студии?

7 И ние можеме да ги задржиме работите едноставни кога поучуваме на библиските студии. Како? Така што ќе се сосредоточуваме на „поважните работи“ (Филипјаните 1:10NW). Кога објаснуваме длабоки теми, треба да се обидеме да се изразуваме со едноставен јазик. Треба да се сосредоточиме на клучните стихови наместо да се обидуваме да го читаме и да го дискутираме секој библиски стих кој е наведен во публикацијата. Тоа бара добра подготовка од наша страна. Треба да избегнеме да го преплавуваме студентот со поединости и да не дозволуваме да застраниме со спорни прашања кои се од помала важност. Доколку студентот има прашање кое не е директно поврзано со лекцијата, можеме тактично да му укажеме дека за тоа ќе дискутираме кога ќе завршиме со лекцијата.

Делотворно користење на прашања

8. На кој начин Исус делотворно користел прашања?

8 Една друга корисна вештина на поучување опфаќа поставување делотворни прашања. Исус Христос опсежно користел прашања при своето поучување. На пример, Исус го прашал Петра: „,Како ти се чини, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок? Од своите синови или од туѓи?‘ Петар Му одговори: ‚Од туѓите.‘ Исус му рече: ‚Значи, синовите не плаќаат‘“ (Матеј 17:24—26). Како единороден Син на Оној кој бил обожаван во храмот, Исус всушност не бил обврзан да плаќа храмски данок. Но, тој ја пренел оваа вистина со делотворна употреба на прашања. На тој начин, Исус му помогнал на Петар да дојде до исправен заклучок кој се темелел на информациите што Петар веќе ги имал.

9. Како можеме да користиме прашања за време на библиските студии?

9 Можеме делотворно да користиме прашања за време на библиските студии. Доколку некој студент даде погрешен одговор, можеби ќе бидеме во искушение да го дадеме точниот, но дали тој навистина ќе ги запамти тие информации? Честопати, најдобро е да се обидеме да го доведеме студентот до исправниот заклучок со тоа што ќе поставуваме прашања. На пример, ако му е проблем да сфати зошто треба да го користи божественото име, би можеле да го запрашаме: ‚Дали ти е важно твоето име? . . Зошто? . . Како би се чувствувал ако некој одбива да го користи твоето име? . . Зарем не е разумно Бог да бара да го користиме неговото лично име?‘

10. Како можат старешините да користат прашања кога им помагаат на поединци кои имаат емоционални рани?

10 Исто така, старешините можат делотворно да користат прашања кога го пасат стадото. Многумина во собранието биле емоционално повредувани и удирани од сатанскиот свет и можеби имаат чувство дека се нечисти и недостојни за љубов. Еден старешина би можел да расудува со таквата личност со тоа што ќе му каже: ‚Иако велиш дека се чувствуваш нечист, што мисли Јехова за тебе? Ако нашиот небесен татко кој е полн со љубов дозволил неговиот син да умре и да обезбеди откупнина за тебе, зарем тоа не значи дека Бог те сака?‘ (Јован 3:16).

11. За каква цел служат реторичните прашања?

11 Реторичните прашања се една друга корисна техника за поучување. Од слушателите не се очекува гласно да одговорат, туку со нив им се помага да размислуваат за работите. Пророците од старо време честопати поставувале такви прашања за да ги наведат своите слушатели длабоко да размислуваат (Јеремија 18:14, 15). Исус делотворно користел реторични прашања (Матеј 11:7—11). Таквите прашања се особено делотворни при јавното говорење. Наместо едноставно да им се каже на слушателите дека за да му угодат на Јехова мораат да му бидат оддадени со цела душа, можеби ќе биде поделотворно да се праша: ‚Ако навистина не учествуваме со цела душа во нашата служба, дали ќе му угодиме на Јехова?‘

12. Од колкава вредност е поставувањето прашања со кои се дознава гледиштето?

12 За да одредиме дали некој библиски студент навистина верува во она што го учи, од помош се прашањата со кои се дознава гледиштето на другите (Матеј 16:13—16). Еден студент може точно да одговори дека блудот не е во ред. Но, зошто тоа да не се проследи со прашања, како што се: ‚Што мислиш ти лично во врска со Божјето мерило за моралот? Дали сметаш дека е премногу ограничувачко? Дали би рекол дека навистина е важно да ги следиш Божјите мерила или не е?‘

Илустрации кои го достигнуваат срцето

13, 14. а) Што значи да се илустрира нешто? б) Зошто се делотворни добрите илустрации?

13 Еден друг начин да се достигне срцето на слушателите и на библиските студенти е преку делотворни илустрации. Грчкиот израз преведен со „илустрација“ дословно значи „да се стави покрај или заедно“. Кога илустрираш, ти објаснуваш нешто така што го ‚ставаш истото покрај‘ нешто слично. На пример, Исус прашал: „Со што да го споредиме царството Божјо или со каква парабола [илустрација, NW] да го прикажеме?“ Во одговорот, Исус го спомнал познатото синапово зрно (Марко 4:30—32).

14 Божјите пророци користеле многу силни илустрации. Кога Асирците, кои служеле како инструмент со кој Бог ги казнил Израелците, прибегнале кон нечовечна суровост, Исаија ја разоткрил нивната дрскост со оваа илустрација: „Се крева ли на големо секирата пред оној што сече со неа? Се гордее ли трионот [пилата, NW] пред оној што го движи“ (Исаија 10:15). И Исус во голема мера користел илустрации кога ги поучувал другите. Се известува дека ‚без параболи [илустрации, NW] не им говорел‘ (Марко 4:34). Добрите илустрации се делотворни бидејќи го ангажираат и умот и срцето. Тие дозволуваат слушателите лесно да ги впијат новите информации споредувајќи ги со нешто што веќе им е познато.

15, 16. Што ќе ги направи илустрациите уште поделотворни? Наведи примери.

15 Како можеме да користиме илустрации кои навистина го достигнуваат срцето? Како прво, една илустрација мора во разумна мера да биде слична на она што се објаснува. Доколку споредбата навистина не одговара, илустрацијата ќе ги одврати наместо да ги просветли слушателите. Еднаш, еден добронамерен говорник се обидел да ја пренесе подложноста на помазаниот остаток кон Исус Христос, споредувајќи го со едно верно куче љубимец. Но, дали една таква понижувачка споредба е навистина прикладна? Библијата ја пренесува истата мисла на еден многу попривлечен и подостоинствен начин. Таа ги споредува Исусовите 144.000 помазани следбеници со „невеста, променета за својот маж“ (Откровение 21:2).

16 Илустрациите се најделотворни тогаш кога се однесуваат на животот на луѓето. Илустрацијата на Натан за закланото јагне го допрела срцето на цар Давид бидејќи тој сакал овци и во младоста служел како пастир (1. Царства 16:11—13; 2. Царства 12:1—7). Ако таа илустрација вклучувала бик, можеби не би била толку делотворна. На сличен начин, илустрациите кои се темелат на научен феномен или на непознати историски настани, можеби малку ќе им значат на нашите слушатели. Исус ги земал илустрациите од секојдневниот живот. Тој зборувал за секојдневни работи, како што е ламбата, небесните птици и полските кринови (Матеј 5:15, 16; 6:26, 28). Исусовите слушатели можеле лесно да се поврзат себеси со таквите работи.

17. а) На што би можеле да ги темелиме нашите илустрации? б) Како може илустрациите кои се користат во нашите публикации да ги приспособиме кон околностите на нашите студенти?

17 Во нашата служба имаме многу прилики да користиме едноставни, но делотворни илустрации. Набљудувај (Дела 17:22, 23). Можеби некоја илустрација би можела да се темели на децата, домот, работата или хобито на слушателот. Или, можеме да го употребиме своето лично познавање на библискиот студент за да ги збогатиме илустрациите кои веќе ни се дадени во нашиот материјал за проучување. Земи ја за пример делотворната илустрација која е употребена во 14. пасус од поглавје 8 во книгата Спознание кое води до вечен живот. Таа вклучува еден родител полн со љубов кој е наклеветен од некој сосед. Можеме малку да размислиме за тоа како би ја приспособиле таа илустрација кон околностите на некој библиски студент кој и самиот е родител.

Вешто да се читаат стиховите

18. Зошто треба да настојуваме течно да читаме?

18 Павле силно го поттикнал Тимотеј: „Додека дојдам, занимавај се со читање, со утешување и со поучување!“ (1. Тимотеј 4:13). Бидејќи Библијата е темелот за нашето поучување, корисно е да можеме течно да ја читаме. Левитите имале предност да го читаат Мојсеевиот закон пред Божјиот народ. Дали тие пелтечеле додека читале или читале на еден монотон начин? Не, во Неемија 8:8 Библијата вели: „Читаа разбирливо [на глас, NW] од книгите, од Законот Божји, и даваа толкување, и народот го разбираше прочитаното“.

19. Како можеме да се подобриме во нашето читање на Писмото?

19 Некои христијански мажи кои зборуваат течно потфрлаат кога станува збор за читањето. Како можат да се подобрат? Со вежбање. Да, така што ќе читаат на глас секогаш одново сѐ додека да можат течно да го прават тоа. Ако на твојот јазик има на располагање аудиокасети на Библијата, би било мудро да го слушаш смисловното нагласување и модулацијата на читачот и да забележиш како ги изговара имињата и необичните зборови. Оние кои на свој јазик имаат New World Translation можат да извлечат корист и од неговите помагала за изговор. a Со вежбање, може релативно лесно да се прочитаат дури и имиња како што е Маʹер-шалʹал-хаш-баз (Исаија 8:1NW).

20. Како можеме ‚постојано да обрнуваме внимание на нашето поучување‘?

20 Колкава само предност имаме што како Јеховин народ можеме да бидеме користени како учители! Тогаш, нека секој од нас сериозно ја преземе таа одговорност. ‚[Постојано, NW] да обрнуваме внимание на себе и на своето учење‘ (1. Тимотеј 4:16). Можеме да бидеме добри учители ако сме добри слушатели, ако ги задржиме работите едноставни, ако поставуваме проникливи прашања, ако користиме делотворни илустрации и ако вешто ги читаме стиховите. Нека сите ние извлечеме корист од обучувањето кое го обезбедува Јехова преку својата организација, зашто тоа може да ни помогне да имаме ‚јазик на поучените‘ (Исаија 50:4NW). Ако во потполност извлекуваме корист од сите алатки кои се обезбедени за нашата служба, вклучувајќи ги и брошурите, аудиокасетите и видеокасетите, можеме да научиме да поучуваме со увид и убедливост.

[Фуснота]

a Личните именки се поделени на слогови, а секој слог е одвоен со точка или со знак за акцент. Нагласокот се става на слогот кој е одбележан со акцент. Ако слогот завршува со самогласка, самогласката се изговара долго. Ако слогот завршува со согласка, самогласката се изговара кратко.

Дали се сеќаваш?

◻ Како тоа што сме добри слушатели ни помага во нашето поучување?

◻ Како можеме да ги имитираме Павле и Исус во поучувањето со едноставност?

◻ Какви прашања можеме да користиме кога ги поучуваме другите?

◻ Кои илустрации се најделотворни?

◻ Како можеме да ја подобриме својата вештина како јавни читатели?

[Прашања]

[Слика на страница 16]

Еден добар учител слуша за да добие увид

[Слики на страница 18]

Исус ги земал своите илустрации од секојдневниот живот