Раши — влијателен коментатор на Библијата
Раши — влијателен коментатор на Библијата
КОЈА била една од првите книги што воопшто биле отпечатени на хебрејски јазик? Еден коментар на Пентатеухот (петте книги Мојсееви). Бил објавен во Реѓо Калабрија (Италија) во 1475 година. Кој бил неговиот автор? Еден човек познат како Раши.
Зошто оваа посебна чест да му се даде на еден коментар? Во својата книга Rashi—The Man and His World (Раши — Човекот и неговиот свет), Езра Шерешевски наведува дека коментарот на Раши „станал основен текст во еврејскиот дом и во домот за проучување. На ниедно друго дело од еврејската литература не му била дадена таква оцена . . . Познати се повеќе од 200 суперкоментари кои се занимаваат директно со Рашиевиот коментар на Пентатеухот“.
Дали коментарот на Раши имал врска само со Евреите? Иако многумина не го проникнале тоа, Рашиевиот коментар на Хебрејските списи со векови имал влијание врз преводите на Библијата. Но, кој бил Раши, и како дошло до тоа да има толкаво влијание?
Кој бил Раши?
Раши бил роден во Троа (Франција), во 1040 година. a Како млад човек, ги посетувал еврејските религиозни академии во Вормс и Мајнц на Рајна. Таму студирал кај некои од најпрочуените еврејски изучувачи во Европа. На возраст од околу 25 години, неговите лични околности наложиле да се врати во Троа. Веќе признат како истакнат изучувач, Раши брзо станал верски водач на локалната еврејска заедница и основал своја религиозна академија. Со текот на времето, овој нов центар на еврејското знаење станал уште повлијателен од оние на учителите на Раши во Германија.
Во тоа време Евреите во Франција уживале релативен мир и хармонија со своите соседи кои исповедувале христијанство и дозволувале поголема слобода за изучувачките стремежи на Раши. Сепак, тој не бил повлечен изучувач. И покрај престижот што го имал како учител и директор на академијата, Раши заработувал за живот како производител на вино. Ова присно познавање на вообичаените занаети му овозможило да дојде во поблизок контакт со просечните Евреи, кои му помогнале да ги разбере нивните околности и да се соживее со нив. Местоположбата на Троа исто така придонела кон увидот на Раши. Сместен покрај главните трговски патишта, градот служел како космополитски центар. Тоа, пак, му овозможило на Раши добро да се запознае со манирите и обичаите на различните нации.
Зошто бил потребен коментар?
Евреите биле познати како народ на книгата. Но „книгата“ — Библијата — била на хебрејски, а „народот“ сега зборувал арапски, германски, француски, шпански и мноштво други јазици. Иако повеќето Евреи сѐ уште биле поучувани на хебрејски уште од детството, тие не разбирале јасно многу библиски термини. Освен тоа, со векови еден силен тренд во рамките на рабинскиот јудаизам ги одвратувал луѓето од тоа да го испитаат дословното значење на библискиот текст. Изобилувале алегории и легенди во врска со библиски зборови и стихови. Многуте такви коментари и приказни биле запишани во повеќетомни записи, заедно наречени Мидрах. b
Внукот на Раши, рабин Самуел бен Маер (Рашбам), исто така бил изучувач на Библијата. Во својот коментар на 1. Мојсеева 37:2, рекол дека „постарите коментатори [пред Раши] . . . биле склони да проповедаат проповеди (дерашот), кои ги сметале за најважната цел, [но] не биле навикнати да копаат по длабочините на дословното значење на библискиот текст“. Коментирајќи за тој тренд, д-р А. Коен (главниот уредник на Soncino Books of the Bible) пишува: „Точно е дека рабините поставиле правило да не биде признато ниедно толкување кое не е спојливо со пешат или јасното значење на текстот; но во пракса тие обрнувале мало внимание на ова правило“. Во една таква религиозна средина, просечниот Евреин се чувствувал изгубен кога му пристапувал на библискиот текст и чувствувал потреба од некоја алатка за објаснување.
Целта и методите на Раши
Животната цел на Раши била да го направи текстот на Хебрејските списи разбирлив за сите Евреи. За да го постигне тоа, тој почнал да собира белешки од коментарите на специфични зборови и стихови за кои сметал дека ќе му претставуваат тешкотија на читателот. Забелешките на Раши ги спомнуваат објаснувањата на неговите учители и се резултат на неговото енциклопедиско спознание на целокупната рабинска литература. Во лингвистичкото истражување, Раши ги исцрпил сите извори кои му биле на располагање. Обрнал внимание на тоа како интерпункцијата и акцентите на масоретите влијаеле врз разбирањето на текстот. За да го разјасни значењето на некој збор, неговиот коментар на Пентатеухот честопати укажува на арамејскиот превод (Таргум од Анкелас). Раши покажувал флексибилност и остроумност додека ги испитувал претходно неистражените можности во објаснувањето на предлозите, сврзниците, глаголските значења и другите аспекти на граматиката и синтаксата. Таквите коментари дале еден драгоцен придонес кон разбирањето на синтаксата и граматиката на хебрејскиот јазик.
За разлика од доминантниот тренд во рабинскиот јудаизам, Раши секогаш настојувал да го нагласи едноставното, дословно значење на текстот. Но, огромната количина мидрашка литература, која им била добро позната на Евреите, не можела да се игнорира. Едно впечатливо обележје на коментарот на Раши е начинот на кој ја покажува врската со самите мидрашки записи кои честопати го засенувале дословното значење на библискиот текст.
Во својот коментар на 1. Мојсеева 3:8, Раши објаснува: „Постојат многу агадски c мидрашим кои нашите мудреци веќе прикладно ги уредиле во Bereshit Rabbah и во други мидрашки антологии. Меѓутоа, јас сум загрижен само за отвореното значење (пешат) на стихот и за таков агадот кој го објаснува библискиот извештај во неговиот контекст“. Избирајќи ги и уредувајќи ги само оние мидрашим кои според негово мислење помогнале да се разјасни значењето или контекстот на некој стих, Раши ги испуштил, т. е. ги исфрлил оние мидрашим кои предизвикувале противречност и збрка. Како резултат на тие промени, идните генерации Евреи се запознале главно со Рашиевите квалитетни селекции од Мидрахот.
Иако великодушен во оддавањето признание на своите учители, Раши не се колебал да се спротивстави кога сметал дека нивните објаснувања противречеле на јасното резонирање на некој текст. Кога не разбирал извесен пасус или сметал дека она што претходно го објаснил не е исправно, бил спремен да го признае тоа, па дури и спомнувал случаи во кои неговите студенти помогнале да се исправи неговото разбирање.
Под влијание на своето време
Раши бил многу современ човек. Еден автор го резимирал тоа вака: „Големиот придонес [на Раши] во животот на Евреите се состоел во неговата реинтерпретација на сите значајни пасуси на мајчиниот јазик од тоа време, на еден јасен, разбирлив јазик, со една таква срдечност и човечност, со толку ретка вештина и наобразба, што неговите коментари станале почитувани како свети и пожелни како книжевност. Раши пишувал хебрејски со остроумност и префинетост како да бил француски. Секогаш кога му недостигал прецизниот хебрејски збор, користел француски збор, пишувајќи го со хебрејски букви“. Овие транскрибирани француски термини — Раши употребил повеќе од 3.500 — станале драгоцен извор за студентите по стара француска филологија и изговор.
Иако животот на Раши почнал во една атмосфера на релативно спокојство, неговите подоцнежни години сведочеле за зголемена тензија меѓу Евреите и оние кои се исповедувале како христијани. Првата крстоносна војна во 1096 година ги опустошила еврејските заедници на Рајна каде што студирал Раши. Илјадници Евреи биле масакрирани. Изгледа дека веста за овие масакри влијаела врз здравјето на Раши (кое постојано се влошувало сѐ до неговата смрт во 1105 година). Од тој момент, настанала значајна промена во неговите коментари на Писмото. Еден истакнат пример е Исаија, поглавје 53, кое зборува за Јеховиниот слуга кој страдал. Претходно, Раши ги применил овие стихови на Месијата, како што тоа го прави Талмудот. Но, се чини дека после крстоносните војни, мислел дека овие стихови се примениле на еврејскиот народ кој се соочил со неправедно страдање. Тоа се покажало како пресвртница во еврејското толкување на овие стихови. d На тој начин, нехристијанското однесување на христијанскиот свет одвратило многумина, вклучувајќи и Евреи, од вистината за Исус (Матеј 7:16—20; 2. Петрово 2:1, 2).
Како влијаел врз преводот на Библијата?
Влијанието на Раши наскоро се почувствувало и надвор од јудаизмот. Францускиот фрањевски библиски коментатор Николас Лира (1270—1349) многу често се осврнувал на гледиштата на „рабин Соломон [Раши]“ кој имал прекар „Имитатор на Соломон“. Од своја страна, пак, многу коментатори и преведувачи биле под влијание на Лира, вклучувајќи ги и претходниците на англиската King James Version и реформаторот Мартин Лутер, кој радикално го изменил преведувањето на Библијата на германски. Лутер толку многу се ослонил на Лира што една популарна рима гласела: „Ако Лира не свиреше лира, тогаш Лутер немаше да игра“.
Раши бил под длабоко влијание на рабинската мисла која не е во склад со христијанската вистина. Сепак, со својот длабок увид во библиските хебрејски термини, синтаксата и граматиката и со својот постојан напор да проникне во јасното и дословно значење на текстот, Раши обезбедува еден смисловен извор на компарација за истражувачите и преведувачите на Библијата.
[Фусноти]
a „Раши“ е хебрејски акроним кој е создаден од почетните букви на зборовите „Раби Шломо Јицаки [рабин Соломон бен Исак]“.
b Зборот „Мидрах“ доаѓа од еден хебрејски корен што значи „да прашува, да проучува, да истражува“ и, според тоа, „да проповеда“.
c Агадах (множина агадот) дословно значи „раскажување“ и укажува на незаконските елементи на рабинските записи кои честопати вклучуваат небиблиски приказни за библиски личности или легенди за рабините.
d За понатамошни информации за овој библиски пасус, види ја рамката „Мојот слуга“ — Кој е тој? на страница 28 од брошурата Ќе постои ли некогаш свет без војни? објавена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Извор на слика на страница 26]
Текст: Per gentile concession e del Ministero dei Beni Culturali e Ambientali