Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Во потрага по рајот

Во потрага по рајот

Во потрага по рајот

РАСКАЖАЛ ПАСКАЛ СТИЗИ

Ноќта беше доста одмината, а улиците на градот Безје (јужна Франција) беа празни. Наоѓајќи го свежо исфарбан ѕидот на една религиозна книжарница, мојот пријател и јас со огромни црни букви ги нашкрабавме на него зборовите на германскиот филозоф Ниче: ‚Боговите се мртви. Да живее натчовекот!‘ Но, што ме наведе да го направам сево ова?

РОДЕН сум во Франција во 1951 година во католичко семејство со италијанско потекло. Кога бев дете, одевме на одмор на југот од Италија. Таму секое село си имаше свој лик на дева Марија. Одејќи со дедо ми, ги следев овие огромни украсени статуи во бескрајните процесии низ планините — но без никакво уверување. Основното образование го завршив во едно верско училиште со кое раководеа Језуити. Меѓутоа, не можам да се сетам дека чув нешто што навистина ја изгради мојата вера во Бог.

Дури кога се запишав да студирам медицина на еден универзитет во Монпелије, почнав да размислувам за смислата на животот. Татко ми бил ранет за време на војната и секогаш покрај неговиот кревет имаше лекари. Зарем не би било подобро да заврши војната отколку да се троши толку многу време и напор за да се лечат луѓето од нејзиното опустошување? Сепак, Виетнамската војна беше во полн замав. Според мене, единствен логичен начин да се излечи ракот, на пример на белите дробови, беше да се отстрани неговата првенствена причина — тутунот. А што е со болестите кои беа последица на неисхранетост во земјите во развој и оние кои беа последица на прејадување во богатите земји? Зарем не би било подобро да ги отстраниме причините наместо да се обидуваме да ги лечиме жалосните последици? Зошто на земјата има толку многу страдања? Мислев дека нешто страшно не е во ред во ова самоубиствено општество, и сметав дека за тоа се одговорни владите.

Мојата омилена книга беше напишана од еден анархист, и од неа препишував реченици по ѕидовите. Малку по малку, и јас станав анархист, без вера или морални закони, кој не сакаше ни Бог ни господар. Според мене, Бог и религијата беа измислици на богатите и моќните за да можат да нѐ контролираат нас останатите и да нѐ експлоатираат. Изгледаше како да велат: ‚Работете напорно за нас на земјата, и вашата награда ќе биде голема во рајот на небото‘. Но, времето на боговите беше завршено. Требаше да им се каже на луѓето. А еден начин да се стори тоа беа графитите.

Како резултат на тоа, моите студии паднаа на второ место. Во меѓувреме се запишав да студирам географија и екологија на еден друг универзитет во Монпелије каде што владееше состојба на бунт. Колку повеќе студирав екологија, толку повеќе ми беше одвратно да гледам како се загадува нашата прекрасна планета.

Секоја година за време на летниот одмор одев автостоп, поминувајќи илјадници километри низ Европа. Додека патував и разговарав со стотици возачи, со свои очи го видов злото и распадот кои го мачеа човечкото општество. Еднаш, додека трагав по рајот, поминав по величествените плажи на прекрасниот остров Крит и ги најдов покриени со нафта. Ми падна многу тешко. Дали некаде на земјата беше останато некое парче рај?

Ѝ се враќам на земјата

Еколозите во Франција се залагаа да ѝ се вратиме на земјата како решение за неволјите на општеството. Сакав да работам со свои раце. Затоа, купив една стара камена куќа во едно селце во ридовите на Севените во јужна Франција. На вратата напишав: „Рај сега“, слоганот на американските хипици. Партнерка ми стана една млада Германка која поминуваше таму. Немаше теорија да се венчаме пред градоначалник — претставник на овој систем. А во црква? Нема шанси!

Поголемиот дел од времето пешачевме босоноги, а јас имав долга коса и несредена брада. Одгледувањето овошје и зеленчук ме фасцинираше. На лето небото беше сино, и свиреа штурци. Цветните грмушки прекрасно мирисаа, а медитеранските плодови кои ги одгледувавме — грозјето и смоквите — беа многу сочни! Се чинеше дека го најдовме нашето погодно место во рајот.

Се буди верувањето во Бог

На универзитетот студирав целуларна биологија, ембриологија и анатомија, и бев длабоко импресиониран од сложеноста и складот на сите овие механизми. Сега, кога секој ден од прва рака можев да размислувам за творештвото и да го набљудувам, неговата убавина и потенцијал ме исполнија со восхит. Од ден на ден, книгата на творештвото ми зборуваше страница по страница. Еден ден, додека долго пешачев по ридовите и откако длабоко размислував за животот, дојдов до заклучок дека мора да постои Творец. Решив во срцето да верувам во Бог. Претходно чувствував некоја празнина во срцето, вознемирувачка осаменост. На денот кога почнав да верувам во Бог, си реков: ‚Паскал, никогаш повторно нема да бидеш осамен‘. Тоа беше извонредна сензација.

Кратко после тоа, мојата партнерка и јас добивме ќеркичка — Амандин. Таа ми беше како зеница во окото. Сега, кога верував во Бог, почнав да ги почитувам малкуте морални закони кои ги знаев. Престанав да крадам и да лажам, и наскоро сфатив дека тоа ми помогна да избегнам многу проблеми со оние кои беа околу мене. Да, имавме свои проблеми, и мојот рај воопшто не беше оној на кој се надевав. Локалните лозари користеа инсектициди и хербициди кои ги загадуваа и моите приноси. Моето прашање за причината за злобата сѐ уште не беше одговорено. Освен тоа, иако имав прочитано многу за семејниот живот, тоа не ги спречи вжештените расправии со мојата партнерка. Имавме малку пријатели, но и тие беа лажни; некои дури се обидуваа да ја наведат мојата партнерка да ми биде неверна. Мораше да постои некој подобар рај.

Одговор на моите молитви

На свој начин многу често му се молев на Бог за да ме води во животот. Едно неделно утро, на нашата врата дојде една пријателски настроена жена по име Ирен Лопез со своето синче. Таа беше Јеховин сведок. Го сослушав она што имаше да го каже и ја прифатив понудата за друга посета. Ме посетија двајца мажи. Од нашиот разговор запомнив две работи — Рај и Божје Царство. Внимателно ги чував во срцето тие мисли, и како што поминуваа месеците, сфаќав дека, доколку сакам да имам чиста совест и да најдам вистинска среќа, ќе морам еден ден да ги средам работите пред Бог.

Во почетокот мојата партнерка беше расположена да се венча со мене за да го доведеме нашиот живот во склад со Речта Божја. Но потоа западна во лошо друштво со луѓе кои го исмејуваа Бог и неговите закони. Една пролетна вечер кога си дојдов дома, доживеав ужасен шок. Куќата беше празна. Мојата партнерка си беше заминала, земајќи ја со себе и нашата тригодишна ќеркичка. Со денови чекав да се вратат — но напразно. Наместо да го обвинам Бог, му се молев да ми помогне.

Кратко после тоа, ја зедов Библијата, седнав под смоквата и почнав да читам. Всушност, ги пиев нејзините зборови. Иако имав читано секакви книги од психоаналитичари и психолози, никогаш немав сретнато таква мудрост. Таа книга мора да е божествено инспирирана. Исусовото поучување и неговото разбирање на човечката природа ме вчудовидоа. Бев утешен од Псалмите и зачуден од практичната мудрост на Изреките. Брзо сфатив дека иако проучувањето на творештвото е одлично за да му се приближи некој на Бог, тоа може да открие само „делови од патиштата Негови“ (Јов 26:14).

Сведоците ми ги оставија и книгите Вистина која води до вечен живот и Породични живот учинити срећним. a Кога ги прочитав нив, ми се отворија очите. Книгата Вистина ми помогна да разберам зошто човекот се соочува со пандемското загадување, војните, сѐ поголемото насилство и заканата од нуклеарно истребување. И токму како што црвеното небо кое го гледав од мојата градина навестуваше убаво време следниот ден, овие настани докажуваа дека Божјето Царство е многу близу. Што се однесува до книгата Породични живот, посакував да можам да ѝ ја покажам на мојата партнерка и да ѝ кажам дека би можеле да бидеме среќни ако ги применуваме Божјите совети. Но, тоа повеќе не беше можно.

Духовен напредок

Сакав да знам повеќе, па затоа го замолив Роберт, еден Сведок, да ме посети. На негово големо изненадување, му кажав дека сакам да се крстам, па така беше започната библиска студија. Веднаш почнав да разговарам со другите за она што го учев и да ги делам публикациите кои ги набавував во Салата на Царството.

За да заработувам за живеачка, се запишав на ѕидарски курс. Свесен за доброто што може да го направи Божјата реч за човекот, ја користев секоја прилика за да им сведочам неформално на колегите и на наставниците. Една вечер, во еден ходник го запознав Серж. Тој држеше в раце некои списанија. „Гледам дека сакаш да читаш“, му реков. „Да, но веќе ми здосади ова.“ „Дали сакаш нешто навистина добро за читање?“ — го прашав. Имавме одлична дискусија за Божјето Царство после која зеде библиска литература. Следната седмица, дојде со мене во Салата на Царството и беше започната библиска студија.

Еден ден го прашав Роберт дали може да проповедам од куќа до куќа. Тој отиде до својата гардероба и ми најде еден костум. Следната недела, ги направив првите чекори во службата со него. Конечно, на 7 март 1981 јавно го симболизирав моето предание на Јехова Бог со крштавање.

Помош во неволја

Во меѓувреме открив каде точно во странство живеат Амандин и мајка ѝ. За жал, мајка ѝ — сосема законски, според законите на земјата каде што живееше — ми забрани да ја видам мојата ќерка. Бев столчен. Мајката на Амандин се омажила, а мојот очај пак го достигна дното кога добив официјално известување дека нејзиниот сопруг ја усвоил мојата ќерка — без никаква согласност од моја страна. Повеќе немав никакви права над моето дете. И покрај законската постапка, не можев да добијам право да ја посетувам. Се чувствував како на грбот да носам товар од педесет килограми, толкава беше мојата болка.

Но, Јеховината реч ме поддржуваше на неколку начини. Еден ден, кога бев крајно вознемирен, одново ги повторував зборовите од Изреки 24:10: „Ако во злочест ден си се покажал слаб [обесхрабрен, NW], скудна ти е силата“. Овој стих ми помогна да не се истоштам. Во една друга прилика, после еден неуспех во обидот да ја видам ќерка ми, отидов во служба и ја стегав рачката од ташната колку што можев посилно. Низ таквите тешки моменти можев да ја доживеам вистинитоста на Псалм 125:6, кој вели: „Одеа и плачеа оние што носеа свое семе; но со радост ќе се вратат, носејќи ги своите снопја“. Од тоа научив една важна лекција: кога имаш сериозни испити, штом си направил сѐ што можеш за да ги решиш, треба да ги оставиш зад себе и одлучно да продолжиш во Јеховината служба. Тоа е единствениот начин да ја задржиш радоста.

Посегнување по нешто подобро

Откако ги видоа промените што ги направив, моите драги родители се понудија да ми помогнат да продолжам со студиите на универзитетот. Им се заблагодарив, но сега имав друга цел. Вистината ме ослободи од човечката филозофија, мистицизмот и астрологијата. Сега имав вистински пријатели кои никогаш не би се убивале еден со друг во војна. И на крај, го имав одговорот на моите прашања околу тоа зошто на земјата има толку многу страдања. Од благодарност сакав да му служам на Бог со сета своја сила. Исус целосно се посветил на својата служба, и сакав да го следам неговиот пример.

Во 1983, се откажав од мојот ѕидарски занает за да станам полновремен министер. Како одговор на моите молитви, најдов работа со скратено работно време во еден парк за да се издржувам. Колкава само радост беше кога присуствував на пионерската школа заедно со Серж, младиот човек кому му сведочев во ѕидарската школа! После три години како општ пионер, имав желба да сторам уште повеќе во Јеховината служба! Затоа во 1986 бев наименуван за специјален пионер во живописниот град Провен, недалеку од Париз. Честопати кога навечер се враќав дома, клекнував во молитва за да му се заблагодарам на Јехова за прекрасниот ден кој сум го поминал разговарајќи со другите за него. Всушност, двете мои најголеми задоволства во животот се — да зборувам со Бог и да зборувам за Бог.

Друга голема радост за мене беше крштавањето на мојата 68-годишна мајка која живееше во Сабазан, селце на југот од Франција. Кога мајка ми почна да ја чита Библијата, ѝ испратив претплати на Стражарска кула и Разбудете се! Таа беше личност која размислува, и наскоро го препозна звукот на вистината во она што го читаше.

Бетел — извонреден духовен рај

Кога Watch Tower Society реши да го намали бројот на специјални пионери, дадов молба и за Школата за оспособување слуги и за Бетел, канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Франција. Сакав да оставам Јехова да одлучи како би можел најдобро да му служам. После неколку месеци, во декември 1989, бев поканет во Бетелот во Лувје, северозападна Франција. Исходот од тоа се покажа одличен, бидејќи локацијата ми овозможуваше да им помагам на брат ми и на снаа ми во грижата за моите родители кога беа многу болни. Не ќе можев да го сторам тоа да бев во мисионерска служба на далечина од илјадници километри.

Мајка ми неколку пати ме посети во Бетелот. Иако за неа беше жртва што живееше далеку од мене, честопати ми велеше: „Остани во Бетел, сине. Среќна сум што му служиш на Јехова на ваков начин“. За жал, сега обата мои родитела се починати. Колку само со душа чекам да ги видам во една земја преобразена во дословен рај!

Навистина верувам дека ако некоја куќа го заслужува описот „Рај сега“, тоа е Бетелот — „Божјиот дом“ затоа што вистинскиот рај, пред сѐ друго, е духовен, а во Бетелот владее духовност. Имаме прилика да ги негуваме плодовите на духот (Галатјаните 5:22, 23). Богатата духовна храна која ја добиваме во текот на секојдневната дискусија за библискиот стих и семејната студија на Стражарска кула ме зајакнува за бетелската служба. Освен тоа, можноста за дружење со духовно настроени браќа и сестри, кои со децении верно му служат на Јехова, го прави Бетелот посебно место во кое може духовно да се расте. Иако веќе 17 години сум одвоен од мојата ќерка, во Бетелот најдов голем број ревни младинци кои ги сметам за мои деца и на чиј духовен напредок се восхитувам. Во изминатите осум години имав седум различни доделби. Иако овие промени не беа секогаш лесни, на крајот на краиштата таквото обучување беше корисно.

Порано одгледував еден вид грав што донесува стократно. Слично на тоа, доживеав дека кога го сееш она што е лошо, тогаш жнееш стопати полошо — и тоа не само една жетва. Искуството е школа во која лекциите се многу скапи. Би сакал никогаш да не бев запишан на таа школа, туку да бев воспитан според Јеховините патишта. Колкава само предност имаат оние младинци кои се воспитувани од христијански родители! Без сомнение, подобро е да се сее добро во Јеховината служба и да се жнее стопати повеќе мир и задоволство (Галатјаните 6:7, 8).

Кога бев пионер, понекогаш поминував покрај религиозната книжарница на чиј ѕид го напишавме анархистичкиот слоган. Влегов дури и внатре и со сопственикот разговарав за живиот Бог и за неговата намера. Да, Бог е жив! Освен тоа, Јехова, единствениот вистински Бог, е верен Татко кој никогаш не ги напушта своите деца (Откровение 15:4). Нека уште повеќе мноштва од сите нации го најдат духовниот рај сега — и обновениот рај кој треба да дојде — служејќи му на живиот Бог Јехова и фалејќи го!

[Фуснота]

a Објавени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Слики на страница 26]

Трогнат од чудата на творештвото, решив во срцето да верувам во Бог. (десно) Во бетелската служба денес