Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Живот после смртта — што вели Библијата?

Живот после смртта — што вели Библијата?

Живот после смртта — што вели Библијата?

„Прав си и во прав ќе се вратиш“ (1. МОЈСЕЕВА 3:19NW).

1, 2. а) Какви различни идеи постојат за задгробниот живот? б) Што треба да испитаме за да одредиме што учи Библијата за душата?

 „ТЕОРИЈАТА за вечно страдање е недоследна на верувањето во Божјата љубов кон создадените работи . . . Да се верува во вечна казна на душата поради грешките од само неколку години, без да ѝ се даде шанса за исправка, значи да се оди против сето она што го налага разумот“, забележал хиндуистичкиот филозоф Нихилананда.

2 Исто како Нихилананда, мнозина денес се вознемирени од учењето за вечно мачење. Од истата причина, други имаат проблем да разберат некои концепти како, на пример, достигнување на нирвана и обединување со природата. Дури и меѓу оние кои тврдат дека своите верувања ги темелат на Библијата, постојат различни идеи за тоа што е душа и што се случува со неа кога умираме. Но, што всушност учи Библијата за душата? За да откриеме, треба да ги испитаме значењата на хебрејскиот и грчкиот збор кои во Библијата се преведени со „душа“.

Душата според Библијата

3. а) Кој збор во Хебрејските списи е преведен со „душа“, и кое е неговото основно значење? б) Како 1. Мојсеева 2:7 потврдува дека зборот „душа“ може да ја означува целокупната личност?

3 Хебрејскиот збор преведен со „душа“ е не́феш и во Хебрејските списи се појавува 754 пати. Што значи не́феш? Според The Dictionary of Bible and Religion, тој „обично се однесува на целото живо суштество, на целата индивидуа“. Тоа го потврдува библискиот опис на душата во 1. Мојсеева 2:7: „А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен [во носниците здив на живот, NW]; и човекот стана жива душа“. Забележи дека првиот човек ‚станал‘ душа. Со други зборови, Адам немал душа; тој бил душа — токму како што некој кој станува лекар е лекар. Значи, зборот „душа“ тука ја опишува целокупната личност.

4. Кој збор во Христијанските грчки списи е преведен со душа, и кое е неговото основно значење?

4 Зборот кој е преведен со „душа“ (психе́) во Христијанските грчки списи се појавува повеќе од сто пати. Исто како не́феш, овој збор честопати укажува на целокупната личност. На пример, разгледај ги следниве изјави: „Душата сега Ми се нажали“ (Јован 12:27). „Страв ја обзеде секоја душа“ (Дела 2:43). „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти“ (Римјаните 13:1). „Утешувајте ги малодушните [потиштените души, NW]“ (1. Солунјаните 5:14). „Малкумина, односно осум души се избавија од водата“ (1. Петрово 3:20). Јасно, психе́, исто како не́феш, укажува на целокупната личност. Според изучувачот Најџел Тарнер, овој збор „го означува она што е карактеристично човечко, личното јас, материјалното тело во кое е вдахнат Божјиот ру̂ах [дух] . . . Нагласокот е врз целото свое јас“.

5. Дали животните се души? Објасни.

5 Интересно е тоа што во Библијата зборот „душа“ се применува не само на луѓето, туку и на животните. На пример, опишувајќи го создавањето на морските суштества, 1. Мојсеева 1:20 вели дека Бог заповедал: „Нека произведе водата лазачи, живи суштества [души, NW]“. А во наредниот ден на создавање, Бог рекол: „Нека произведе земјата од себе разни суштества [души, NW] според родот нивни: добиток, и лазачи, и ѕверки земни според нивниот род!“ (1. Мојсеева 1:24; спореди 4. Мојсеева 31:28).

6. Што може да се рече за библиската употреба на зборот душа?

6 Според тоа, зборот „душа“ онака како што е употребен во Библијата, се однесува на лице или животно или, пак, на животот кој го ужива некој човек или животно. (Види ја горната рамка.) Библиската дефиниција за душа е едноставна, доследна и неоптоварена со комплицирани човечки филозофии и суеверија. Кога е така, мора да се постави едно итно прашање: ‚Што, според Библијата, се случува со душата при смртта?‘

Мртвите се несвесни

7, 8. а) Што открива Писмото за состојбата на мртвите? б) Наведи примери од Библијата кои покажуваат дека душата може да умре.

7 Состојбата на мртвите е јасно покажана во Проповедник 9:5, 10, каде што читаме: „Мртвите ништо не знаат . . . Во гробот . . . нема ни работа, ни размислување, ни знаење ни мудрост“. Според тоа, смртта е состојба на непостоење. Псалмистот напишал дека, кога некој ќе умре, „тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 145:3). Мртвите се несвесни, неактивни.

8 Кога донесувал пресуда над Адам, Бог навел: „Од прав си и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19NW). Пред Бог да го оформи од земниот прав и да му даде живот, Адам не постоел. Кога умрел, се вратил во таа состојба. Неговата казна била смрт — а не преместување во некое друго подрачје. Па, што се случило со неговата душа? Со оглед на тоа што зборот „душа“ во Библијата честопати се однесува едноставно на некое лице, кога велиме дека Адам умрел, велиме дека душата по име Адам умрела. Ова би можело да му звучи необично на некој кој верува во бесмртност на душата. Меѓутоа, Библијата наведува: „Која душа греши, таа ќе умре“ (Језекиил 18:4). 3. Мојсеева 21:1 зборува за „мртовец“ [„почината душа“, NW]. А на назиреите им било речено да не се доближуваат до „мртво тело [никаква мртва душа, NW]“ (4. Мојсеева 6:6).

9. Што се мисли во Библијата кога се вели дека ‚душата ја напуштала‘ Рахил?

9 Но, што е со изјавата во 1. Мојсеева 35:18 во врска со трагичната смрт на Рахил што настапила кога го раѓала својот втор син? Таму читаме: „А кога душата ја напушташе, бидејќи умираше, го нарече Венони, т. е. син на болките мои. Но таткото му даде име Венијамин“. Дали овој пасус подразбира дека Рахил имала некакво внатрешно битие кое заминало при нејзината смрт? Никако. Запомни, зборот „душа“ може да се однесува и на животот што го поседува едно лице. Според тоа, во овој случај, „душата“ на Рахил едноставно значела нејзиниот „живот“. Затоа фразата „душата ја напушташе“ други библиски преводи ја преведуваат вака: „нејзиниот живот исчезнуваше“ (Knox), „таа го испушти последниот здив“ (Jerusalem Bible) и „нејзиниот живот замина од неа“ (Bible in Basic English). Нема показател дека некој мистериозен дел од Рахил ја преживеал нејзината смрт.

10. На кој начин душата на воскреснатиот син на вдовицата ‚се вратила во него‘?

10 Слично е и со воскресението на синот на една вдовица, за кое пишува во 3. Царства, поглавје 17. Во стих 22 читаме дека, кога Илија се помолил над младото момче, ‚Господ го чул гласот на Илија, и му ја вратил душата на момчето во него, и тоа оживеало‘. Повторно, зборот „душа“ значи „живот“. Затоа, преводот на Dr. Ivan Šarić гласи: „Животот на детето повторно се врати во него, и тоа стана живо“. Да, тоа што се вратило кај момчето бил животот, а не некоја сенчеста форма. Ова е во склад со она што ѝ го рекол Илија на мајката на момчето: „Еве, син ти [целата личност] е жив!“ (3. Царства 17:23).

Што е со духот?

11. Зошто зборот „дух“ не би можел да укажува на некој бестелесен дел од лицето кој ја преживува смртта?

11 Библијата вели дека кога ќе умре едно лице, „излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја“ (Псалм 145:4). Дали ова значи дека после смртта на лицето, некој бестелесен дух дословно заминува и живее понатаму? Тоа не би можело да биде така, зашто псалмистот понатаму вели: „Во тој ден исчезнуваат сите негови помисли („пропаѓаат нивните планови“, Радосна вест). Тогаш, што е духот, и како тој „излегува“ од лицето за време на неговата смрт?

12. Што се подразбира со хебрејскиот и грчкиот збор преведени со „дух“ во Библијата?

12 Во Библијата, зборовите преведени со „дух“ (хебрејски: ру́ах, грчки: пнеу́ма) во основа значат „здив“. Така, наместо „излегува духот негов“, преводот на Р. А. Нокс ја користи фразата „здивот го напушта неговото тело“ (Псалм 145:4). Но, зборот „дух“ подразбира многу повеќе отколку само чинот на дишење. На пример, опишувајќи го уништувањето на човечкиот и животинскиот живот во времето на глобалниот потоп, 1. Мојсеева 7:22 вели: „Сѐ, што на суво имаше здив [односно дух; хебрејски: ру́ах] во ноздрите свои, изумре“. Според тоа, „духот“ може да се однесува на животната сила која е активна во сите живи суштества, и луѓе и животни, и која се одржува преку дишење.

13. Како духот се враќа кај Бог кога умира лицето?

13 Тогаш, што значи кога Проповедник 12:7 наведува дека, кога едно лице умира, ‚духот се враќа кај Бога, Кој го дал?‘ Дали ова значи дека духот дословно патува низ вселената до Божјето присуство? Не се подразбира ништо такво. Бидејќи духот е животната сила, таа ‚се враќа кај Бог‘ во таа смисла што секоја надеж за иден живот на тоа лице сега потполно зависи од Бог. Само Бог може да го обнови духот, односно животната сила, предизвикувајќи лицето да се врати во живот (Псалм 103:30). Но, дали Бог има намера да го стори тоа?

„Ќе воскресне“

14. Што рекол и сторил Исус за да им донесе олеснување и утеха на сестрите на Лазар откако го изгубиле својот брат?

14 Во гратчето Витанија, на околу три километри источно од Ерусалим, Марта и Марија ја оплакувале предвремената смрт на нивниот брат Лазар. Исус ја споделувал нивната жалост бидејќи имал наклоност кон Лазар и кон неговите сестри. Како можел Исус да ги утеши сестрите? Не со тоа што ќе им каже некоја заплеткана приказна, туку со тоа што ќе им ја каже вистината. Исус едноставно рекол: „Твојот брат ќе воскресне“. Потоа, отишол кај гробот, и го воскреснал Лазар — враќајќи му го животот на човек кој четири дена бил мртов! (Јован 11:18—23, 38—44).

15. Каква била реакцијата на Марта на она што го рекол и сторил Исус?

15 Дали Марта била изненадена од Исусовата изјава дека Лазар ќе „воскресне“? Очигледно не, зашто таа му одговорила: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“. Таа веќе имала вера во ветувањето за воскресение. Исус потоа ѝ кажал: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11:23—25). Чудото на Лазаровото враќање во живот послужило за одново да се зајакне нејзината вера и за да всади вера во другите (Јован 11:45). Но, што точно се мисли со терминот „воскресение“?

16. Што значи зборот „воскресение“?

16 Зборот „воскресение“ е преведен од грчкиот збор ана́стасис што дословно значи „повторно станување“. Хебрејските преведувачи го превеле ана́стасис од грчки со еден израз што значи „оживување на умрените“ (на хебрејски: техија́т хамети́м). a Според тоа, воскресението вклучува подигање на лицето од безживотната состојба на смрт — обновување и реактивирање на животниот образец на поединецот.

17. а) Зошто воскресението на поединци нема да претставува проблем за Јехова Бог и за Исус Христос? б) Кое ветување го дал Исус во врска со оние кои се во спомен гробовите?

17 Поради тоа што е бесконечен во мудроста и совршен во сеќавањето, Јехова Бог може лесно да воскресне некое лице. Сеќавањето на животниот образец на умрените — нивните карактеристики на личноста, нивната лична историја и сите детали од нивниот идентитет — за него не е проблем (Јов 12:13; спореди Исаија 40:26). Освен тоа, како што покажува искуството на Лазар, Исус Христос сака и е способен да ги воскресне умрените. (Спореди Лука 7:11—17; 8:40—56.) Всушност, Исус Христос рекол: „Иде часот кога сите, кои што се во [споменNW] гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Да, Исус Христос ветил дека сите оние кои се во Јеховиното сеќавање, ќе воскреснат. Јасно, според Библијата, душата умира, а лек за смртта е воскресението. Но, милијарди луѓе живееле и умреле. Кој меѓу нив е во Божјето сеќавање, чекајќи го воскресението?

18. Кој ќе воскресне?

18 Ќе воскреснат оние кои се стремеле по праведен пат како Јеховини слуги. Но, милиони други луѓе умреле без да покажат дали би се повинувале на Божјите праведни мерила. Тие или биле во незнаење за Јеховините барања или, пак, немале доволно време за да ги направат потребните промени. И тие други се во Божјето сеќавање, па затоа ќе воскреснат, бидејќи Библијата ветува: „Ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15).

19. а) Каква визија добил апостол Јован за воскресението? б) Што е ‚фрлено во огнено езеро‘, и што значи тој израз?

19 Апостол Јован имал една возбудлива визија за воскреснатите како стојат пред Божјиот престол. Опишувајќи ја, тој напишал: „Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот [Хадесот, NW] ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои. А смртта и пеколот [Хадесот, NW] беа фрлени во огнено езеро. Тоа е втората смрт“ (Откровение 20:12—14). Помисли само што значи ова! Сите мртви кои се во Божјето сеќавање ќе бидат ослободени од хадесот, односно шеолот, општиот гроб на човештвото (Псалм 16:10; Дела 2:31, обата NW). Тогаш „смртта и хадесот“ ќе бидат фрлени во она што е наречено „огнено езеро“, кое симболизира потполно уништување. Општиот гроб на човештвото ќе престане да постои.

Единствен изглед

20. Во каква околина ќе воскреснат милиони кои сега се мртви?

20 Кога милиони ќе бидат подигнати во воскресението, тие нема да бидат вратени во живот на празна земја (Исаија 45:18). Ќе се разбудат во една прекрасна подобрена околина и ќе увидат дека за нив се подготвени живеалишта, облека и изобилство храна (Псалм 66:6; 71:16; Исаија 65:21, 22). Кој ќе ги направи сите овие подготовки? Јасно, пред да започне земното воскресение, во новиот свет ќе мора да живеат луѓе. Но, кои?

21, 22. Каков единствен изглед претстои за оние кои живеат во ‚последните денови‘?

21 Исполнувањето на библиското пророштво покажува дека живееме во „последните денови“ од овој систем на ствари b (2. Тимотеј 3:1). Многу скоро, Јехова Бог ќе интервенира во човечките прилики и ќе ја избрише злобата од земјата (Псалм 36:10, 11; Изреки 2:21, 22). Што ќе се случи во тоа време со оние кои верно му служат на Бог?

22 Јехова нема да ги уништи праведните заедно со злобните (Псалм 144:20). Тој никогаш не сторил такво нешто, и нема да стори ни кога ќе ја исчисти земјата од целокупната злоба. (Спореди 1. Мојсеева 18:22, 23, 26.) Всушност, последната книга од Библијата зборува за едно ‚големо мноштво народ, кое што никој не можел да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици‘, како излегува од „големи маки [големата неволја, NW]“ (Откровение 7:9—14). Да, едно големо мноштво ќе ја преживее големата неволја во која ќе заврши сегашниот зол свет, и тоа ќе влезе во Божјиот нов свет. Таму послушното човештво ќе може да извлече потполна корист од Божјата прекрасна подготовка да го ослободи човештвото од грев и смрт (Откровение 22:1, 2). На тој начин, ‚големото мноштво‘ не мора никогаш да вкуси смрт. Каков само единствен изглед!

Живот без смрт

23, 24. Што мораш да правиш ако сакаш да уживаш живот без смрт во Рајот на земјата?

23 Можеме ли да имаме доверба во оваа вчудовидувачка надеж? Апсолутно! Самиот Исус Христос покажал дека ќе дојде време кога луѓето ќе живеат без никогаш да умрат. Токму пред да го воскресне својот пријател Лазар, Исус ѝ рекол на Марта: „Секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јован 11:26).

24 Дали сакаш да живееш засекогаш во Рајот на земјата? Дали копнееш повторно да ги видиш своите љубени? „Светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“, вели апостол Јован (1. Јованово 2:17). Сега е време да научиш која е Божјата волја и да бидеш решен да живееш во склад со неа. Тогаш и ти, заедно со милиони други кои веќе ја вршат Божјата волја, ќе можеш засекогаш да живееш во Рајот на земјата.

[Фусноти]

a Иако во Хебрејските списи не се појавува зборот „воскресение“, надежта во воскресение јасно е изразена во Јов 14:13, Даниил 12:13 (NW) и Осија 13:14.

b Види Спознание кое води до вечен живот, страници 98—107, издадено од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

Дали се сеќаваш?

◻ Кое е основното значење на зборовите од оригиналниот јазик кои се преведени со „душа“?

◻ Што се случува со душата после смртта?

◻ Според Библијата, кој е лекот за смртта?

◻ Кој единствен изглед ги очекува верните денес?

[Прашања]

[Рамка на страница 15]

„Душа“ како животот на едно суштество

Понекогаш, зборот „душа“ укажува на животот кој го ужива некое лице или животно. Тоа не ја менува библиската дефиниција за душата како лице или животно. Да илустрираме: „Велиме дека некој е жив, што значи дека тој е живо лице. Можеме да кажеме и дека тоа поседува живот. На ист начин, едно живо лице е душа. Сепак, додека тоа е живо, може да се каже дека „душа“ е нешто што тоа го поседува.

На пример, Бог му рекол на Мојсеј: „Изумреа сите, што ја бараа душата твоја“ (2. Мојсеева 4:19). Јасно, непријателите на Мосеј сакале да му го одземат животот (2. Мојсеева 4:19; спореди Исус Навин 9:24NW; Изреки 12:10, обата NW). Исус го употребил тој збор на сличен начин кога рекол: „Синот Човечки . . . дојде . . . да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Матеј 20:28; спореди 10:28). Во сите случаи, зборот „душа“ значи „живот“ на некое суштество.

[Слики на страница 15]

Сите тие се души

[Извор на слика]

Hummingbird: U.S. Fish and Wildlife Service, Washington, D.C./Dean Biggins

[Слика на страница 17]

Исус покажал дека лек за смртта е воскресението

[Слика на страница 18]

„Секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јован 11:26).