Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Живот после смртта — што веруваат луѓето?

Живот после смртта — што веруваат луѓето?

Живот после смртта — што веруваат луѓето?

„Кога ќе умре човек ќе живее ли пак?“ (ЈОВ 14:14).

1, 2. Како многумина бараат утеха кога ќе изгубат некој сакан во смрт?

 ВО ЕДНА погребна капела во Њујорк Сити, пријателите и семејството мирно одат во колона покрај отворениот мртовечки сандак на едно 17-годишно момче чиј млад живот бил уништен од рак. Скршена од болка, мајката низ солзи одново и одново повторува: „Сега Томи е посреќен. Бог го сакаше Томи кај себе на небото“. Така била поучена да верува.

2 Околу 11.000 километри подалеку, во Јамнагар (Индија), најстариот од тројцата синови ги пали дрвата на кладата за кремирање на нивниот покоен татко. Покрај потпукнувањето на огнот браманот ги повторува санскритските мантри: „Душата која никогаш не умира нека продолжи во своите обиди да стане едно со конечната реалност“.

3. За кои прашања размислувале луѓето со векови?

3 Реалноста на смртта е насекаде околу нас (Римјаните 5:12). Сосема е нормално да се прашуваме дали смртта е крај на сѐ. Размислувајќи за природниот циклус на растенијата, Јов, еден древен верен слуга на Јехова Бог, забележал: „За дрвото сепак има надеж, дека тоа, макар и да биде пресечено, пак ќе оживее, фиданки од него непрестајно избиваат“. Тогаш, што е со луѓето? „Кога ќе умре човек ќе живее ли пак?“ — прашал Јов (Јов 14:7). Низ вековите, луѓето во секое општество размислувале за прашањата: ‚Постои ли живот после смртта? Ако да, каков живот? Што почнале да веруваат луѓето како последица на тоа? И зошто?

Многу одговори, иста тема

4. Што веруваат луѓето од различни религии за животот после смртта?

4 Мнозина номинални христијани веруваат дека после смртта луѓето одат или на небо или во пекол. Хиндусите пак, од своја страна, веруваат во реинкарнација. Според исламското верување, после смртта ќе има ден на суд, кога Алах ќе го процени животниот пат на секого и ќе го предаде или во рај или во пеколен оган. Во некои земји, верувањата во врска со умрените се некоја чудна мешавина од локална традиција и номинално христијанство. На пример, во Шри Ланка, кога во домаќинството има смртен случај, и будистите и католиците ги оставаат вратите и прозорците ширум отворени, а сандакот го поставуваат така што нозете на починатиот се свртени кон влезната врата. Тие веруваат дека овие мерки го олеснуваат излегувањето на духот, односно душата на починатиот. Кај многу католици и протестанти во Западна Африка вообичаено е да се покриваат огледалата кога некој ќе умре, за да не може некој да погледне и да го види духот на умреното лице. А после 40 дена, семејството и пријателите го прославуваат вознесувањето на душата на небото.

5. Со кое централно верување се сложуваат повеќето религии?

5 И покрај оваа разновидност, се чини дека повеќето религии се сложуваат барем околу една точка. Тие веруваат дека нешто што е внатре во лицето — било да се нарекува душа, дух или сениште — е бесмртно и продолжува да живее после смртта на телото. Скоро сите од стотиците религии и секти на христијанскиот свет го застапуваат верувањето во бесмртност на душата. Ова верување е официјална доктрина и во јудаизмот. Тоа е самиот темел на хиндуистичкото учење за реинкарнација. Муслиманите веруваат дека душата продолжува да живее откако телото ќе умре. Австралиските Абориџини, африканските анимисти, шинтоистите, па дури и будистите — сите тие учат за варијации на истата оваа тема.

6. Како некои изучувачи гледаат на идејата за бесмртност на душата?

6 Од друга страна, пак, постојат и такви кои сметаат дека свесниот живот завршува при смртта. Идејата дека емоционалниот и интелектуалниот живот продолжува во некаква безлична душа слична на сенка одвоена од телото, ним им се чини неразумна. Шпанскиот изучувач од 20 век, Мигел де Унамуно, пишува: „Да веруваш во бесмртност на душата значи да посакуваш душата да биде бесмртна, но да посакуваш со толкава силина што ова сакање ќе го згази разумот под нозе и ќе помине преку него“. Меѓу другите кои веруваат на сличен начин спаѓаат луѓе кои се толку различни како, на пример, прочуените древни филозофи Аристотел и Епикур, лекарот Хипократ, шкотскиот филозоф Дејвид Хјум, арапскиот изучувач Авероес и првиот индиски премиер после независноста, Џавахарлал Нехру.

7. Кои важни прашања за верувањето во бесмртност на душата мора сега да се разгледаат?

7 Соочени со такви спротивни идеи и верувања, мора да се запрашаме: Дали навистина имаме бесмртна душа? Ако душата всушност не е бесмртна, тогаш како можело едно такво лажно учење да стане составен дел на толку многу денешни религии? Од каде дошла таа идеја? Неодложно е да најдеме вистинити и задоволителни одговори на овие прашања бидејќи од нив зависи нашата иднина (1. Коринтјаните 15:19). Но, најпрвин да испитаме од каде потекнала доктрината за бесмртност на душата.

Раѓање на доктрината

8. Каква улога одиграле Сократ и Платон во унапредувањето на идејата дека душата е бесмртна?

8 На Сократ и Платон, грчки филозофи од петтиот век пр. н. е. им се припишува заслугата дека се едни од првите кои го унапредувале верувањето дека душата е бесмртна. Но, тие не биле зачетниците на таа идеја. Напротив, тие ја дотерале и ја преобразиле во едно филозофско учење и на тој начин ја направиле попривлечна за културните класи од своето време, а и после тоа. Факт е дека зороастријанците од древна Персија и Египќаните пред нив, исто така, верувале во бесмртност на душата. Тогаш, прашањето е: ‚Кој е изворот на тоа учење?‘

9. Кој извор на влијание им бил заеднички на древните култури на Египет, Персија и Грција?

9 „Во древниот свет“, вели книгата The Religion of Babylonia and Assyria, „Египет, Персија и Грција го почувствувале влијанието на вавилонската религија.“ Во врска со египетските религиозни верувања, книгата продолжува: „Со оглед на раниот контакт помеѓу Египет и Вавилонија, како што откриле плочите Ел-Амарна, сигурно имало изобилни прилики за влевање на вавилонските гледишта и обичаи во египетските култови“. a Истото може да се каже за старата персиска и за грчката култура.

10. Какво било вавилонското гледиште за животот после смртта?

10 Но, дали древните Вавилонци верувале во бесмртност на душата? На таа тема, професор Морис Џестроу Помладиот од Универзитетот во Пенсилванија (САД), напишал: „Ниту луѓето ниту водачите на религиозната мисла [на Вавилонија] некогаш се соочиле со веројатноста од тотално уништување на она што еднаш било создадено. Смртта [според нивно гледиште] била премин во еден друг вид живот, а негирањето на бесмртноста [на сегашниов живот] само ја нагласувало невозможноста да се избегне промената во постоењето која била предизвикана со смртта“. Да, Вавилонците верувале дека животот во некој вид, во некаков облик, продолжува после смртта. Ова го изразувале со закопување на предмети заедно со умрениот за да ги користи во задгробниот живот.

11, 12. После потопот, кое било местото на раѓање на учењето за бесмртност на душата?

11 Јасно, учењето за бесмртност на душата оди наназад сѐ до древниот Вавилон. Дали е значајно тоа? Навистина е, зашто според Библијата, градот Вавел, односно Вавилон, го основал Нимрод, правнук на Ное. После глобалниот потоп од времето на Ное, сите луѓе зборувале еден јазик и имале една религија. Нимрод не бил само оној кој бил „во отпор против Јехова (NW)“, туку тој и неговите следбеници сакале да ‚се здобијат со име‘. На тој начин, со основањето на градот и со градењето на една кула таму, Нимрод започнал една поинаква религија (1. Мојсеева 10:1, 6, 8—10; 11:1—4).

12 Традицијата вели дека Нимрод умрел од насилна смрт. Разумно е дека, по неговата смрт, Вавилонците биле склони длабоко да го почитуваат како основач, градител и прв цар на својот град. Со оглед на тоа дека богот Мардук (Меродах) бил сметан за основач на Вавилон и според него биле именувани дури и голем број вавилонски цареви, некои изучувачи сугерирале дека Мардук го претставува обоготворениот Нимрод (4. Царства 25:27; Исаија 39:1; Јеремија 50:2). Ако е така, тогаш идејата дека човекот има душа која ја преживува смртта сигурно била општо прифатена барем до смртта на Нимрод. Како и да е, страниците на историјата откриваат дека после потопот, родното место на учењето за бесмртност на душата било Вавел, односно Вавилон.

13. Како учењето за бесмртна душа се раширило по лицето на земјата, и со каков резултат?

13 Библијата понатаму покажува дека Бог ги осуетил напорите на градителите на кулата во Вавел така што им го збркал јазикот. Бидејќи повеќе не биле во можност да комуницираат еден со друг, тие го напуштиле својот проект и се раштркале „по целата земја“ (1. Мојсеева 11:5—9). Мораме да задржиме на ум дека иако говорот на градителите на она што требало да биде кула бил изменет, тоа не било случај и со нивното размислување и концепти. Како последица на тоа, секаде каде што оделе, со себе ги понеле своите религиозни идеи. На тој начин, вавилонските религиозни учења — вклучувајќи го и она за бесмртноста на душата — се рашириле по лицето на земјата и станале темел на главните религии на светот. На тој начин било основано едно царство на лажната религија, соодветно опишано во Библијата како „Вавилон големиот, мајка на блудниците и на земните гнасотии“ (Откровение 17:5).

Светското царство на лажната религија се шири кон исток

14. Како вавилонските религиозни верувања се рашириле на индискиот потконтинент?

14 Некои историчари велат дека пред повеќе од 3.500 години, еден бран на миграција ги одвел белокожите Аријанци од северозапад во долината Инд, сега сместена главно во Пакистан и Индија. Оттаму се рашириле по низините на реката Ганг и низ Индија. Некои експерти велат дека религиозните идеи на мигрантите се темелеле на древните ирански и вавилонски учења. Потоа, овие религиозни идеи станале корени на хиндуизмот.

15. Како идејата за бесмртна душа почнала да влијае врз денешниот хиндуизам?

15 Идејата за бесмртна душа во Индија го презела обликот на доктрината за реинкарнација. Хиндуските мудреци, борејќи се со универзалниот проблем на злото и страдањето меѓу луѓето, дошле до она што е наречено закон на Карма, законот за причина и последица. Комбинирајќи го овој закон со верувањето во бесмртност на душата, тие дошле до учењето за реинкарнација, според кое заслугите и недостатоците во едниот живот се наградени или казнети во другиот. Целта на верникот е мокша, т. е. ослободување од циклусот на повторни раѓања и обединување со она што е наречено конечна реалност, или нирвана. Како што хиндуизмот се ширел низ вековите, така се ширело и учењето за реинкарнација. Оваа доктрина станала главна потпора на денешниот хиндуизам.

16. Кое верување за задгробен живот почнало да доминира со религиозното размислување и практики на огромното население на Источна Азија?

16 Од хиндуизмот никнале и други вери како, на пример, будизмот, џаинизмот и сикизмот. И тие се држат за верувањето во реинкарнација. Освен тоа, како што будизмот продирал низ поголемиот дел на Источна Азија — Кина, Кореја, Јапонија и други места — тој вршел длабоко влијание врз културата и религијата на целиот тој регион. Ова довело до религии кои претставуваат една смеса од верувања која опфаќа елементи на будизам, спиритизам и обожавање на предци. Највлијателни меѓу нив се таоизмот, конфучијанизмот и шинтоизмот. На тој начин, верувањето дека животот продолжува после смртта на телото, почнало да доминира со религиозното размислување и практиките на еден огромен сегмент од човештвото во тој дел од светот.

Како е со јудаизмот, христијанскиот свет и со исламот?

17. Што верувале древните Евреи во врска со животот после смртта?

17 Што веруваат за животот после смртта луѓето кои ги следат религиите на јудаизмот, христијанскиот свет и исламот? Далеку најстара од овие религии е јудаизмот. Неговите корени одат наназад околу 4.000 години сѐ до Авраам — долго пред Сократ и Платон да ја обликуваат теоријата за бесмртност на душата. Древните Евреи верувале во воскресение на мртвите, а не во вродена човечка бесмртност (Матеј 22:31, 32; Евреите 11:19). Тогаш, како доктрината за бесмртност на душата навлегла во јудаизмот? Историјата го дава одговорот.

18, 19. Како доктрината за бесмртност на душата навлегла во јудаизмот?

18 Во 332 пр. н. е., Александар Велики го освоил Средниот Исток, вклучувајќи го и Ерусалим. Како што наследниците на Александар ја продолжиле неговата програма на хеленизација, дошло до спојување на двете култури — грчката и еврејската. Со текот на времето, Евреите биле запознати со грчката мисла, а некои дури станале филозофи.

19 Филон од Александрија од првиот век н. е. бил еден таков еврејски филозоф. Тој длабоко го почитувал Платон и настојувал да го објасни јудаизмот во однос на грчката филозофија. На тој начин го подготвил патот за подоцнежните еврејски мислители. Талмудот — пишани коментари од рабините во врска со усните закони — исто така претрпел влијание од грчката мисла. „Рабините на Талмудот“ — вели Encyclopaedia Judaica — „верувале во континуирано постоење на душата после смртта.“ Подоцнежната еврејска мистична литература, како што е Кабалата, оди дури дотаму што учи за реинкарнација. Така, идејата за бесмртност на душата индиректно влегла во јудаизмот преку грчката филозофија. Што може да се рече за навлегувањето на ова учење во христијанскиот свет?

20, 21. а) Каков бил ставот на раните христијани во врска со платонската, т. е. грчката филозофија? б) Што довело до стопување на идеите на Платон со христијанските учења?

20 Вистинското христијанство започнало со Исус Христос. Во врска со Исус, Мигел де Унамуно, цитиран претходно, напишал: „Тој верувал во воскресение на телото, според еврејскиот начин, а не во бесмртност на душата, според [грчкиот] платонистички начин“. Тој заклучил: „Бесмртноста на душата . . . е паганска филозофска догма“. Со оглед на ова, можеме да увидиме зошто апостол Павле силно ги предупредил христијаните од првиот век на ‚философија и празна измама според човечкото предание, според стихиите на светот, а не по Христа‘ (Колосјаните 2:8).

21 Но, кога и како оваа „паганска филозофска догма“ се пробила во христијанството? New Encyclopædia Britannica објаснува: „Од средината на 2 век А. Д., христијаните кои добиле некаква обука за грчката филозофија, почнале да ја чувствуваат потребата својата вера да ја изразат со нејзините термини, заради свое лично интелектуално задоволство и за да ги преобратат образованите пагани. Најдобро им одговарала филозофијата на платонизмот“. Двајца такви рани филозофи, кои извршиле огромно влијание врз доктрините на христијанскиот свет, биле Ориген од Александрија и Августин од Хипо. Обајцата биле под силно влијание на Платоновите идеи и помогнале во стопувањето на тие идеи со христијанските учења.

22. Како учењето за бесмртност на душата останало истакнато во исламот?

22 Иако идејата за бесмртност на душата во јудаизмот и во христијанскиот свет се должи на платонското влијание, тој концепт бил вграден во исламот уште од неговиот почеток. Коранот, светата книга на исламот, учи дека човекот има душа која продолжува да живее после смртта. Тој зборува дека конечната судбина на душата е или живот во небесна рајска градина или казна во огнен пекол. Тоа не значи дека арапските изучувачи не се обиделе да ги соединат исламските учења со грчката филозофија. Всушност, арапскиот свет до некоја мера бил под влијание на делото на Аристотел. Меѓутоа, бесмртноста на душата останува верување на муслиманите.

23. Кои задолжителни прашања за животот после смртта ќе ги разгледаме во следната статија?

23 Очигледно, религиите ширум светот развиле една збунувачка низа верувања во врска со задгробниот живот, темелени на идејата дека душата е бесмртна. Таквите, пак, верувања влијаеле — да, па дури и доминирале над милијарди луѓе и ги поробиле. Соочени со сево ова, се чувствуваме наведени да се запрашаме: ‚Можно ли е да се дознае вистината за тоа што се случува кога ќе умреме? Постои ли живот после смртта? Што има да каже Библијата за тоа?‘ Ова ќе го разгледаме во следната статија.

[Фуснота]

a Ел-Амарна е местото на урнатините на египетскиот град Акетатон, за кој се тврди дека е изграден во 14 век пр. н. е.

Можеш ли да објасниш?

◻ Која заедничка тема за животот после смртта се провлекува во верувањата на повеќето религии?

◻ Како историјата и Библијата укажуваат на древниот Вавилон како на родно место на доктрината за бесмртна душа?

◻ На кој начин источните религии се под влијание на вавилонското верување за бесмртна душа?

◻ Како учењето за бесмртност на душата се пробило во јудаизмот, христијанскиот свет и исламот?

[Прашања]

[Слики на страници 12 и 13]

Освојувањето од страна на Александар Велики довело до мешање на грчката и еврејската култура

Августин се обидел да ја спои филозофијата на Платон со христијанството

[Извори на слики]

Alexander: Musei Capitolini, Рим; Augustine: Од книгата Great Men and Famous Women (Големите мажи и прочуените жени)