Обожавање на Ваал — битката за срцата на Израелците
Обожавање на Ваал — битката за срцата на Израелците
Речиси илјада години беснеела една битка за срцето на израелската нација. Суеверниот страв и сексуалните обреди од една страна, се бореле против верата и лојалноста од друга страна. Оваа борба за живот и смрт го ставила обожавањето на Ваал наспроти обожавањето на Јехова.
ДАЛИ израелската нација верно ќе се држи за вистинскиот Бог кој ја извел од Египет? (2. Мојсеева 20:2, 3). Или, пак, ќе пребегне кон Ваал, омилениот бог на Ханан, кој ветува дека ќе ја направи земјата плодна?
Оваа духовна битка, која се водела пред илјадници години, е важна за нас. Зошто? „Сето тоа“, напишал апостол Павле, „беше напишано за поука на нас, до кои стигна крајот на вековите“ (1. Коринтјаните 10:11). Основното предупредување на овој историски конфликт ќе биде уште позначајно ако разбереме кој бил Ваал и што вклучувало обожавањето на Ваал.
Кој бил Ваал?
Израелците дошле во контакт со Ваал кога пристигнале во Ханан, отприлика во 1473 пр. н. е. Тие откриле дека Хананејците обожавале мноштво богови кои не се разликувале од боговите на Египет, иако имале различни имиња и некои различни карактеристики. Меѓутоа, Библијата го издвојува Ваал како главен бог на Хананејците а археолошките откритија ја потврдуваат неговата истакнатост (Судии 2:11). Иако Ваал не бил врховниот бог од нивниот пантеон, тој бил богот кој бил најзначаен за Хананејците. Тие верувале дека тој има моќ над дождот, ветрот и облаците, и дека само тој може да ги избави луѓето — како и нивните животни и жетви — од бесплодност, па дури и од смрт. Без заштитата на Ваал, Мот, еден осветољубив ханански бог, сигурно би им донел несреќи.
Обожавањето на Ваал било возбудливо и исполнето со сексуални обреди. Дури и религиозните предмети кои биле поврзани со Ваал како, на пример, светите столбови и светите стапови имале сексуална конотација. Изгледа дека светите столбови — карпи или делкани камења во облик на фалусен симбол — го претставувале Ваал, машката страна за сексуално соединување. Светите стапови, пак, од своја страна, биле дрвени предмети или дрвја кои ја претставувале Ашера, сопруга на Ваал и женскиот елемент (3. Царства 18:19).
Храмската проституција и жртвувањето деца биле други истакнати аспекти на обожавањето на Ваал (3. Царства 14:23, 24; 2. Летописи 28:2, 3). Книгата The Bible and Archaeology вели: „Во храмовите на Хананејците имало машки и женски проститутки (,свети‘ мажи и жени) и се практикувал секаков вид сексуална распуштеност. [Хананејците] верувале дека, на некој начин, овие обреди предизвикувале жетвите и стадата да напредуваат“. Тоа барем било религиозното оправдание, иако таквиот неморал несомнено апелирал на телесните желби на обожавателите. Тогаш, како Ваал ги завел срцата на Израелците?
Зошто бил толку привлечен?
Можеби многу Израелци претпочитале да практикуваат религија која барала малку од нив. При обожавањето на Ваал биле поштедени од придржување кон Законот, како што бил Сабатот и многуте морални ограничувања (3. Мојсеева 18:2—30; 5. Мојсеева 5:1—3). Можеби материјалниот просперитет на Хананејците ги уверил другите дека треба да го смират Ваал.
Хананејските светилишта, познати како високи места и сместени во пошумените гори на планинските ’рбети, сигурно правеле една привлечна заднина за обредите на плодноста кои се практикувале таму. Наскоро, Израелците не биле задоволни со честото посетување на светите места на Хананејците; дури си изградиле и свои. „Тие си беа издигнале идоли и идолски светилишта на секој висок рид и под секое сенчесто дрво“ (3. Царства 14:23; Осија 4:13).
Но, пред сѐ, обожавањето на Ваал било привлечно за телото (Галатјаните 5:19—21). Сладострасните практики ја надминувале желбата за обилните жетви и стада. Бил величан сексот. Тоа е видливо од многуте ископани фигурички кои имале претерани сексуални обележја и прикажувале сексуално возбудување. Гоштавањето, танцувањето и музиката создавале расположение за развратно однесување.
Можеме да си замислиме една типична сцена во рана есен. Во една впечатлива природна рамка, прејадени од гоштавањето и стимулирани од виното, обожавателите танцуваат. Нивниот танц на плодноста има за цел да го разбуди Ваал од неговата летна неактивност за да ја благослови земјата со дожд. Танцуваат околу фалусните столбови и светите стапови. Движењата, особено на храмските проститутки, се еротски и сетилни. Музиката и публиката ги тераат да продолжат. И веројатно, при кулминацијата на танцот, танчерите се упатуваат кон собите во домот на Ваал за да имаат неморални односи (4. Мојсеева 25:1, 2; спореди 2. Мојсеева 32:6, 17—19; Амос 2:8).
Тие оделе по гледање, а не по вера
Иако многумина биле привлечени од таквиот сетилен облик на обожавање, и стравот бил тој кој ги терал Израелците кон обожавањето на Ваал. Како што Израелците ја губеле својата вера во Јехова, така стравот од мртвите, од иднината и силната фасцинираност од окултизмот ги навеле да практикуваат спиритизам, што од своја страна, пак, ги вклучило во обреди кои биле крајно расипани. The International Standard Bible Encyclopedia опишува дека Хананејците му искажувале чест на духот на покојникот како дел од обожавањето на предците: „Празниците . . . биле прославувани во семејната гробница или на гробишта со ритуално пијанство и сексуалност (која можеби вклучувала и инцест) и се сметало дека во тоа учествуваат и умрените“. Учествувањето во таквите понижувачки спиритистички практики сѐ повеќе ги оддалечувало 5. Мојсеева 18:9—12).
Израелците од нивниот Бог, Јехова (Идолите — и придружните ритуали — исто така ги привлекувале оние Израелци кои претпочитале да одат по гледање, а не по вера (2. Коринтјаните 5:7). Дури и откако виделе спектакуларни чуда од Јеховината невидлива рака, многу Израелци кои го напуштиле Египет почувствувале потреба визуелно да бидат потсетени на него (2. Мојсеева 32:1—4). На сличен начин, некои нивни потомци сакале да обожаваат нешто видливо како, на пример, идолите на Ваал (3. Царства 12:25—30).
Кој победил?
Битката за срцата на Израелците беснеела со векови, од времето кога пристигнале во моавските низини, кратко пред да влезат во Ветената земја, па сѐ до нивното протерување во Вавилон. Изгледа дека предноста се движела ваму-таму. Понекогаш, мнозинството од Израелците останувале лојални на Јехова, но честопати се обрнувале кон Ваал. Една од главните причини за тоа било нивното дружење со паганските народи околу нив.
После својот воен пораз, Хананејците се бореле со попрефинети средства. Тие живееле покрај Израелците и ги храбреле своите освојувачи да ги усвојат боговите од нивната земја. На ваквиот тренд се спротивставиле храбрите судии, како што биле Гедеон и Самуил. Самуил силно го поттикнувал народот: „Отстранете ги од средината своја туѓите богови . . . расположете го срцето свое кон Господа и Нему единствено служете Му“. Некое време Израелците внимавале на силното поттикнување на Самуил, и ги ‚отстраниле разните Вааловци и Астарти и почнале да му служат само на Господа‘ (1. Царства 7:3, 4; Судии 6:25—27).
После владеењето на Саул и Давид, во своите последни години Соломон почнал да принесува жртви на туѓи богови (3. Царства 11:4—8). Другите цареви на Израел и Јуда го правеле истото и му се предале на Ваал. Сепак, верните пророци и цареви, како што биле Илија, Елисеј и Јосија, презеле водство во борбата против обожавањето на Ваал (2. Летописи 34:1—5). Освен тоа, низ овој период од историјата на Израелците, имало поединци кои му останале верни на Јехова. Па дури и во времето на Ахав и Језавела, кога обожавањето на Ваал било во својот зенит, седум илјади луѓе одбиле ‚да ги свиткаат колената пред Ваала‘ (3. Царства 19:18).
На крај, откако Евреите се вратиле од вавилонското изгнанство, веќе не се спомнува обожавањето на Ваал. Слично на оние на кои се укажува во 1. Ездра 6:21, сите ‚се откажале од нечистотијата на земните народи, за да прибегнат кон Господа, Бога Израилев‘.
Предупредувања од обожавањето на Ваал
Иако поминало долго време откако исчезнало обожавањето на Ваал, таа хананејска религија и денешното општество имаат едно заедничко нешто — величање на сексот. Се чини дека заведувањата кон неморал се во самиот воздух што го дишиме (Ефесјаните 2:2). „Ние сме против невидливата сила која го контролира овој мрачен свет и духовните застапници од самиот главен штаб на злото“, предупредува Павле (Ефесјаните 6:12, Phillips).
Оваа „невидлива сила“ на Сатана унапредува сексуален неморал за да ги зароби луѓето духовно (Јован 8:34). Во денешното попустливо општество, препуштањето на сексот не се практикува како обред на плодноста, туку како начин да се најде лично задоволување или да се тера по свое. А исто толку убедлива е и пропагандата. Преку забава, музика и реклами, сексуалните пораки ја заситуваат совеста на луѓето. Божјите слуги не се имуни на овој напад. Всушност, мнозинството од оние кои се исклучени од христијанското собрание се поединци кои подлегнале на такви практики. Христијанинот ќе остане чист само со постојано отфрлање на овие неморални понуди (Римјаните 12:9).
Младите Сведоци се особено изложени на опасност, бидејќи многу работи се претставени така да им изгледаат сексуално привлечни. За да биде ситуацијата уште полоша, тие мораат да се спротивстават на влијанието од другите млади кои ги наговараат. (Спореди Изреки 1:10—15.) Не е мал бројот на оние кои западнале во неволја, на пример, на големи собири. Исто како во обожавањето на Ваал во древно време, музиката, танцувањето и сексуалната мамка прават опојна комбинација (2. Тимотеј 2:22).
„Како младичот ќе го запази во чистота патот свој?“ — прашал псалмистот. „Ако ги пази зборовите Твои [Јеховини]“, одговорил тој (Псалм 118:9). Исто како што Божјиот закон им заповедал на Израелците да избегнуваат блиско дружење со Хананејците, така Библијата нѐ алармира на опасностите од немудрото дружење (1. Коринтјаните 15:32, 33). Еден млад христијанин ја покажува својата зрелост кога ќе рече „не“ на она што може да биде сетилно привлечно, но за кое тој знае дека е морално штетно. Исто како верниот Илија, ние не можеме да дозволиме бранот на јавното мнение да донесува одлуки наместо нас (3. Царства 18:21; спореди Матеј 7:13, 14).
Друго предупредување се однесува на губењето на верата — „гревот што лесно нѐ заплеткува“ (Евреите 12:1, NW). Изгледа дека многу Израелци сѐ уште верувале во Јехова, но се ослонувале на Ваал како на бог кој би ги заштитил нивните жетви и би се погрижил за нивните секојдневни потреби. Можеби мислеле дека Јеховиниот храм во Ерусалим бил премногу далеку и дека држењето на неговите закони е непрактично. Обожавањето на Ваал не барало голем напор и било многу комотно — тие можеле да му принесуваат кад на Ваал дури на сопствените покриви (Јеремија 32:29). Можеби тие отпловиле во обожавање на Ваал само со тоа што учествувале во некои обреди или дури со тоа што му давале приноси на Ваал во името на Јехова.
Како може ние да ја изгубиме верата и полека да отстапиме од живиот Бог? (Евреите 3:12, NW). Би можеле постепено да го изгубиме ценењето што порано сме го имале за состаноците и за собирите. Таквиот став открива недостиг на доверба во Јеховината подготовка за духовна „храна во право време“ (Матеј 24:45—47, NW). Така ослабнати, би можеле да го олабавиме нашиот „стисок на речта на животот“ (NW) или дури да развиеме поделено срце, можеби подлегнувајќи на материјалистички стремежи или на неморал (Филипјаните 2:16; спореди Псалм 119:113, обата NW).
Цврсто да се држиме за својот интегритет
Нема сомнение во тоа, денес се води битка за срцето. Дали ќе му останеме лојални на Јехова или ќе застраниме преку распуштеното живеење на овој свет? За жал, токму како што Израелците биле привлечени од одвратните хананејски практики, некои денешни христијански мажи и жени биле заведени да извршат срамотни дела. (Спореди Изреки 7:7, 21—23.)
Таков духовен пораз можеме да избегнеме ако, како и Мојсеј, ‚останеме постојани како да го гледаме Невидливиот‘ (Евреите 11:27, NW). Навистина, мораме да ‚водиме тешка борба за верата‘ (Јуда 3, NW). Но, ако му останеме лојални на нашиот Бог и на неговите начела, можеме со нетрпение да го очекуваме времето кога лажното обожавање ќе исчезне засекогаш. Токму како што обожавањето на Јехова триумфирало над обожавањето на Ваал, така и ние можеме да бидеме сигурни дека наскоро „земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:9).
[Слика на страница 31]
Урнатини од светите столбови во Газер кои се користеле во обожавањето на Ваал
[Извор на слика на страница 28]
Musée du Louvre, Париз