Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Проповедање во „погодно време и во невреме“

Проповедање во „погодно време и во невреме“

Објавителите на Царството известуваат

Проповедање во „погодно време и во невреме“

КОГА низ државата Босна и Херцеговина пустошеше војната, илјадници луѓе доживеаја крајни тешкотии. Во текот на тој испитувачки период, Јеховините сведоци вложија секакви напори за да им донесат охрабрување и надеж на луѓето. Следат извадоци од писмото што го напишал еден Сведок кој извесно време служел во Сараево.

„Животот овде е суров, но луѓето се многу приемчиви за библиската вистина. Локалните Сведоци се извонреден пример на истрајност. Материјално имаат многу малку, но имаат одличен дух. Речиси сите млади во собранието се во полновремена служба. Новите објавители се охрабрени од оваа ревност, и не е необично да поминуваат по 60 или повеќе часови месечно во службата, уште од првиот месец во неа.

Освен проповедањето од куќа до куќа пробавме и други методи за да ги достигнеме луѓето. На пример, имавме добри резултати споделувајќи библиски публикации на многу гробишта во градот.

Беше дадено сведоштво и во болниците. На Кардиолошкото одделение во сараевската болница, главниот лекар го зеде Разбудете се! од 8 март 1997 чија насловна тема беше ‚Срцев удар — што може да се стори?‘ Тој замоли за додатни примероци за да може да им даде и на другите лекари. Потоа, на Сведоците им беше дадена дозвола да ги посетат сите пациенти на неговото одделение. На тој начин, за малку повеќе од еден час, од кревет до кревет беа поделени над 100 списанија. Многу пациенти рекоа дека тоа бил првпат некој да ги посети в болница за да им понуди охрабрување и надеж.

Во една друга прилика беше посетено Педијатриското одделение со статии од списанијата кои беа погодни за деца. Главната лекарка зеде и неколку примероци од Моја книга со библиски приказни за читалната. Сега мајките кои ги посетуваат своите деца во болницата им читаат библиски приказни секој ден. Беа направени подготовки оваа лекарка да биде посетена и дома.

Во Сараево има илјадници војници на НАТО [Организацијата на северноатлантскиот пакт] од различни националности. И тие добија темелно сведоштво. Понекогаш одиме од оклопно возило до оклопно возило користејќи ја џебната брошура Добра вест за сите народи заедно со списанијата Стражарска кула и Разбудете се! на различни јазици. Во бараките на италијанските трупи беа поделени повеќе од 200 списанија. Многу чудно беше тоа што многу италијански војници рекоа дека никогаш порано не разговарале со Јеховини сведоци. Па ете, ги достигнавме во Сараево.

Еден ден, покрај патот беше паркирано едно оклопно возило. Тропнав на возилото со чадорот и излезе еден војник. Му ја понудив Стражарска кула со насловот ‚Гласници на мир — кои се тие?‘ Војникот ме погледна и ме праша: ‚Немојте да ми кажете дека Вие сте Јеховин сведок?!‘ Откако дозна дека сум, одговори: ‚Не ми се верува; зарем и тука ве има?! Постои ли некое место на Земјата каде што нема Сведоци?‘“

Апостол Павле силно опоменал: „Проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме“ (2. Тимотеј 4:2). Како и нивните соверници ширум светот, Јеховините сведоци во Сараево го прават тоа, па дури и од кревет до кревет и од оклопно возило до оклопно возило!