Колегијантите — проучувањето на Библијата ги направило поинакви
Колегијантите — проучувањето на Библијата ги направило поинакви
Дали си чул за колегијантите?
Оваа мала холандска религиозна група од 17 век се разликувала од постоечките цркви од тоа време. На кој начин, и што можеме да научиме од нив? За да откриеме, да се вратиме наназад во времето.
ВО ГОДИНАТА 1587, Јакобус Арминиус (или Јакоб Харменсен) пристигнал во градот Амстердам. Немал проблем да најде вработување бидејќи неговата биографија била импресивна. На возраст од 21 година, дипломирал на холандскиот универзитет во Лајден. После тоа, поминал шест години во Швајцарија каде што студирал теологија кај Те́одор де Бизе, наследникот на протестантскиот реформатор Жан Калвин. Не е ни чудо што на протестантите од Амстердам им било драго да го назначат 27-годишниот Арминиус за еден од своите пастори! Но, по неколку години, многу членови на црквата зажалиле заради својот избор. Зошто?
Спорното прашање за предодреденост
Набрзо откако Арминиус настапил на проповедалницата, меѓу протестантите во Амстердам се појавила напнатост околу доктрината за предодреденост. Оваа доктрина ја формирала сржта на калвинизмот, но некои членови на црквата сметале дека еден Бог, кој за некои имал предодредено спасение а за други проклетство, бил груб и неправеден. Калвинистите очекувале Арминиус, како ученик на Бизе, да ги исправи одметниците. Меѓутоа, наместо тоа, Арминиус застанал на страната на одметниците, на вчудовидување на калвинистите. До 1593, спорот толку се вжештил што ги поделил протестантите од тој град на две групи — оние кои ја поддржувале доктрината и оние кои ја отфрлале, т. е. умерените.
Во рок од неколку години, овој локален спор се претворил во сенароден протестантски раскол. Конечно, во ноември 1618 била поставена сцената за една пресметка. Калвинистите, поддржани од војската и од јавното мнение, ги свикале дисидентите (тогаш наречени ремонстранти a) на еден народен концил — Протестантскиот синод од Дордрехт. На крајот од состанокот, на сите ремонстрантски министри им бил даден избор: да потпишат еден завет дека никогаш повторно нема да проповедаат или да ја напуштат земјата. Повеќето избрале егзил. Строгите калвинисти ги зазеле проповедалниците кои ги напуштиле ремонстрантските министри. Триумфирал калвинизмот — или барем така синодот се надевал.
Раѓање и раст на колегијантите
Како и на други места, ремонстрантското собрание во селото Вармонд, во близина на Лајден, го изгубило својот пастор. Меѓутоа, за разлика од другите места, собранието не ја прифатило замената која ја одобрил синодот. Освен тоа, кога во 1620 еден ремонстрантски министер го ризикувал својот живот за да се врати во Вармонд со цел да се грижи за собранието, некои членови на собранието го отфрлиле и него. Овие членови почнале да ги одржуваат своите религиозни состаноци тајно, без помош на некој свештеник. Подоцна, овие состаноци биле наречени колегиуми, а оние кои присуствувале — колегијанти.
Иако колегијантите произлегле повеќе заради околностите отколку заради некој принцип, наскоро таа ситуација се сменила. Еден член на собранието, Гизберт ван дер Коде, тврдел дека состанувајќи се без свештеничко надгледување, таа група потесно се повинувала на Библијата и на патот на раните христијани отколку постоечките цркви. Тој рекол дека свештеничката класа била измислена после смртта на апостолите за да се создадат работни места за луѓето кои не биле спремни да научат некој занает.
Во 1621, Ван дер Коде и истомислените членови ги преместиле состаноците во блиското село Ријнсбург. b После неколку години, кога религиозното прогонство донело толеранција, гласот за состаноците на колегијантите се раширил низ целата земја и привлекол „птици со различни пердуви“, како што се изразил историчарот Зигфрид Силверберг. Имало ремонстранти, менонити, социнијанци, па дури и теолози. Некои биле земјоделци. Други биле поети, печатари, лекари и занаетчии. Филозофот Спиноза (Бенедиктус де Спиноза) и педагогот Јохан Амос Комениус (т. е. Јан Коменски), како и познатиот сликар Рембрант ван Ријн, негувале симпатии кон ова движење. Различните идеи што овие побожни луѓе ги донеле со себе имале влијание врз развојот на верувањата на колегијантите.
После 1640, оваа динамична група брзо пораснала. Колегиумите се рашириле во Ротердам, Амстердам, Леварден и во други градови. Професорот по историја Ендрју С. Фикс забележува дека меѓу 1650 и 1700 година „колегијантите . . . пораснале во една од најважните и највлијателните религиозни сили во Холандија во 17 век“.
Верувањата на колегијантите
Со оглед на тоа што печат на движењето на колегијантите биле разумот, толеранцијата и слободата на говорот, поединечните колегијанти биле слободни да застапуваат различни верувања. Сепак, тие биле поврзани со некои заеднички уверувања. На пример, сите колегијанти ја ценеле важноста на личното проучување на Библијата. Секој член, напишал еден колегијант, би требало „да истражува сам и да не го спознае Бог од некој друг“. Тоа и го правеле. Според црковниот историчар од 19 век, Јакобус К. ван Сле, меѓу колегијантите можело да се најде поголемо знаење за Библијата отколку кај другите религиозни групи од тоа време. Дури и противниците ги фалеле колегијантите за
нивната способност вешто да ја користат Библијата.Но, колку повеќе колегијантите ја проучувале Библијата толку повеќе развивале уверувања кои се разликувале од оние кои ги застапувале главните цркви. Извори кои датираат од 17 до 20 век опишуваат некои од нивните верувања:
Раната црква. Колегијантот и теолог Адам Борел во 1644 напишал дека кога раната црква се вмешала во политиката во времето на императорот Константин, таа го прекршила својот завет со Христос и ја изгубила инспирираноста од светиот дух. Тој додал дека, како резултат на тоа, се намножиле лажните учења и продолжиле сѐ до негово време.
Реформацијата. Реформацијата од 16 век која ја предводеле Лутер, Калвин и други, не отишла многу далеку во реформирањето на црквата. Наместо тоа, според водечкиот колегијант и лекар Галенус Абрахамсон (1622—1706), реформацијата ја влошила религиозната ситуација предизвикувајќи кавги и омраза. Вистинската реформа треба да го смени срцето, но реформацијата не успеала во тоа.
Црквата и свештенството. Постоечките цркви се расипани, световни и лишени од божествен авторитет. Секој кој сериозно ја сфаќа религијата не би можел да стори подобро отколку да ја напушти црквата на која ѝ припаѓа за да не стане соучесник во нејзините гревови. Свештеничката служба, велеле колегијантите, е спротивна на Писмото и „ја повредува духовната благосостојба на христијанското собрание“.
Царство и Рај. Еден од основачите на амстердамскиот колегиум, Даниел де Брен (1594—1664), напишал дека Христовото Царство не е некое духовно царство кое се наоѓа во срцето. Учителот Јакоб Остенс, колегијант од Ротердам, рекол дека „патријарсите со нетрпение ги очекувале земните ветувања“. Слично на тоа, колегијантите го очекувале времето кога земјата ќе биде преобразена во Рај.
Тројство. Некои водечки колегијанти, под влијание на социнијанските верувања, го отфрлиле тројството. c На пример, Даниел Звикер (1621—1678) напишал дека секоја доктрина која е спротивна на разумот, како што е тројството, е „невозможна и лажна“. Во 1694 била објавена една верзија на Библијата, преведена од колегијантот Рејнир Ролео. Последниот дел од Јован 1:1 таа го превела вака: „И речта беше еден бог“, наспроти православниот превод: „И речта беше Бог“. d
Седмични состаноци
Иако колегијантите не биле во целосен склад во однос на верувањата, нивните колегиуми во различните градови функционирале на многу сличен начин. Историчарот Ван Сле известува дека во првите денови на колегијантското движење, состаноците речиси и не биле однапред подготвувани. Колегијантите мислеле дека на темел на зборовите на апостол Павле за потребата да се „пророкува“, сите машки членови би можеле слободно да зборуваат во колегиумот (1. Коринтјаните 14:1, 3, 26). Како резултат на тоа, состаноците честопати траеле до доцна во ноќта и некои присутни „заспивале“.
Подоцна, состаноците станале поорганизирани. Колегијантите се состанувале не само во неделите туку и во делничните вечери. За да му се овозможи на говорникот и на собранието однапред да се подготви за сите состаноци од годината, имале отпечатена програма која ги наведувала библиските стихови што требало да се разгледаат, како и иницијалите на говорникот. Откако состанокот ќе бил отворен со песна и молитва, говорникот ги објаснувал библиските стихови. Кога завршувал, ги замолувал мажите да се
произнесат за темата за која штотуку се дискутирало. Потоа, некој втор говорник ќе ја покажел примената на истите стихови. Состанокот завршувал со песна и молитва.Колегијантите во градот Харлинген, во покраината Фризија, имале еден необичен начин како да ги одржуваат нивните состаноци според распоредот. Говорникот кој зборувал подолго отколку што било предвидено морал да плати мала казна.
Народни собири
Колегијантите чувствувале потреба и од поголеми собири. Затоа, почнувајќи од 1640, колегијантите од целата држава патувале двапати годишно (на пролет и на лето) во Ријнсбург. Овие собири, пишува историчарот Фикс, им овозможувале да се „запознаат со идеите, чувствата, верувањата и активностите на нивните браќа надалеку и нашироко“.
Некои од гостувачките колегијанти изнајмувале соби од селаните додека, пак, други отседнувале во Groote Huis, т. е. Големиот дом, палата со 30 соби — сопственост на колегијантите. Таму биле сервирани заеднички оброци за 60 до 70 луѓе. После оброкот, посетителите можеле да се шетаат во прилично големата градина на палатата и да уживаат во ‚Божјите дела, во тивок муабет или во момент за размислување‘.
Иако не сметале сите колегијанти дека е потребно крштавање, сепак многумина сметале дека е потребно. Така крштавањето станало обележје на големите собири. Историчарот Ван Сле вели дека церемонијата обично се случувала во сабота претпладне. После песна и молитва следел еден говор за потребата од потопување.
Потоа, оние возрасни кои сакале да се крстат говорникот ги поканувал да исповедаат вера, како на пример, велејќи: „Јас верувам дека Исус Христос е Синот на живиот Бог“. Откако говорот ќе завршел со молитва, сите присутни оделе до базенот за крштавање и ги гледале мажите и жените кои клекнувале во базенот, така што водата стигнувала до нивните раменици. Крстителот полека ја спуштал главата на новиот верник нанапред под водата. После церемонијата, сите се враќале на своите места за друго предавање.Во сабота попладне во 17.00 часот почнувал состанокот со кратко читање од Библијата, со песна и молитва. За да осигураат секогаш да има говорник на располагање, колегиумите од Ротердам, Лајден, Амстердам и северна Холандија наизменично обезбедувале говорници за секој собир. Недела претпладне била резервирана за прослава на Господовата вечера. После говор, молитва и песна, мажите, а потоа и жените земале од лебот и виното. Повеќе предавања имало во недела навечер, а во понеделник претпладне сите доаѓале за заклучниот говор. Повеќето говори одржани на овие конгреси, забележува Ван Сле, биле од практична природа и повеќе ја нагласувале примената наместо разјаснувањето.
На селото Ријнсбург му било угодно да биде домаќин на овие собири. Еден набљудувач од 18 век напишал дека приливот на странци кои трошеле прилично, донесувал добар доход за селото. Освен тоа, после секој конгрес колегијантите приложувале извесна сума за сиромашните од Ријнсбург. Несомнено, селото осетило загуба кога во 1787 година тие состаноци престанале. После тоа, колегијантското движење исчезнало. Зошто?
Зошто исчезнале?
Кон крајот на 17 век, се јавил спор околу улогата на разумот во религијата. Некои колегијанти сметале дека човечкото размислување треба да има предност над божественото откровение, но други не се сложувале со тоа. На крај, тој спор го разделил целото колегијантско движење. Дури откако главните поборници на обете страни во спорот умреле, колегијантите повторно се обединиле. Сепак, после овој раскол, движењето „никогаш повторно не било истото“, забележува историчарот Фикс.
Зголемената толеранција во протестантските цркви во 18 век исто така придонела за пропаѓањето на колегијантите. Како што колегијантските начела за разум и толеранција станувале сѐ поприфатени од општеството, општо земено, „некогаш осаменото светло на колегијантизмот се изгубило во сјајната зора на Просветителството“. До крајот на 18 век, повеќето колегијанти биле апсорбирани од менонитите и од другите религиозни групи.
Бидејќи целта на колегијантите не била единство на мислата во рамките на своето движење, имало толку многу различни гледишта колку што имало и колегијанти. Тие го признале тоа, и затоа не тврделе дека се „обединети . . . во истиот тек на мислите“ (NW), како што апостол Павле ги поттикнал христијаните да бидат (1. Коринтјаните 1:10). Меѓутоа, истовремено, колегијантите со нетрпение го очекувале времето кога основните христијански верувања како, на пример, единството на мислата, ќе станат реалност.
Размислувајќи за фактот дека во деновите на колегијантите сѐ уште не изобилувало вистинското спознание, тие дале пример кој би можеле да го забележат многу денешни религии. (Спореди Даниил 12:4.) Тоа што ја нагласувале потребата од проучување на Библијата било во склад со советот на апостол Павле: „Уверете се во сите работи“ (1. Солунјаните 5:21, NW). Личното проучување на Библијата го научило Јакобус Арминиус и другите дека некои долго негувани религиозни доктрини и практики, воопшто не се темелени на Библијата. Кога го сфатиле тоа, имале храброст да се разликуваат од постоечката религија. Дали и ти ќе си го сторел истото?
[Фусноти]
a Во 1610 дисидентите испратиле формална ремонстранца (документ кој ги наведувал причините за противењето) до холандските владетели. После тој чин, биле наречени ремонстранти.
b Поради оваа локација, колегијантите биле наречени и ријнсбургери.
c Види го англиското издание на Разбудете се! од 22 ноември 1988, страница 19, „Социнијанците — зошто го отфрлиле тројството?“
d Het Nieuwe Testament van onze Heer Jezus Christus, uit het Grieksch vertaald door Reijnier Rooleeuw, M.D. (Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос, преведен од грчки од Рејнир Ролео, Доктор по медицински науки.).
[Слика на страница 24]
Рембрант ван Ријн
[Слики на страница 26]
Селото Вармонд, каде што за првпат почнале колегијантите, и реката Де Влит каде што се извршувале крштавањата
[Извор на слика на страница 23]
Позадина: Со љубезна дозвола на American Bible Society Library, Њујорк