Колку долго можеме да живееме?
Колку долго можеме да живееме?
Луѓето, општо земено, живеат сѐ подолго и подолго, што доведува до тоа многумина да се прашуваат: ‚Колку долго можеме да живееме?‘
СПОРЕД The New Encyclopædia Britannica (1995), општо е прифатено дека во минатото најдолго живеел Пјер Жубер. Умрел во 1814 на старост од 113 години. Точно, се вели дека други живееле и подолго, но нивната старост не била веродостојно документирана. Меѓутоа, со точна документација е потврдено дека извесен број луѓе живееле и подолго од Пјер Жубер.
Жан Луиз Калман била родена во Арл, југоисточна Франција, на 21 февруари 1875. Нејзината смрт, на 4 август 1997 — после повеќе од 122 години — добила голем публицитет. Во 1986 умрел Шигечио Изуми од Јапонија на возраст од 120 години. Гинисовата книга на рекорди за 1999 наведува дека во времето на нејзиното пишување најстарото лице била 118-годишната Сара Наус. Родена е на 24 септември 1880 во Пенсилванија (САД). Кога Мери-Луиз Феброни од Квебек (Канада) умрела во 1998 на старост од 118 години, била 26 дена постара од Сара.
Навистина, бројот на оние кои се многу стари драматично пораснал. Се проценува дека во првата половина на следниот век бројот на стогодишниците ќе се зголеми на над 2,2 милиони! На сличен начин, бројот на луѓето кои имаат 80 години и повеќе се зголемил од 26,7 милиони во 1970 на 66 милиони во 1998. Тоа е 147-процентен пораст во споредба со 60-процентниот пораст на вкупното светско население.
И не се работи само за тоа дека луѓето живеат подолго. Многумина постигнуваат работи кои не можат да ги постигнат ни 20-годишници. Во 1990, 82-годишниот Џон Кели истрчал еден маратон — трка долга 42.195 метри — за пет часа и пет минути. Во 1991, 84-годишната прабаба Мавис Линдгрен го поминала тоа растојание за седум часа и девет минути. А уште понеодамна, еден човек стар 91 година го истрчал маратонот на Њујорк Сити!
Ова не значи дека старите во минатото не постигнувале зачудувачки подвизи. На старост од 99 години, библискиот патријарх Авраам ‚им притрчал во пресрет‘ на своите гости. На старост од 85 години, Халев изјавил: „Колку што имав сила тогаш [45 години пред тоа], толку имам и сега, да влегувам, да излегувам и да војувам“. А за Мојсеј Библијата вели дека кога имал 120 години, ‚видот не му бил ослабнат, и силата негова не му била опадната‘ (1. Мојсеева 18:2; Исус Навин 14:10, 11; 5. Мојсеева 34:7).
Исус Христос зборувал за првиот човек Адам и за градителот на арката Ное како за историски личности (Матеј 19:4—6; 24:37—39). 1. Мојсеева вели дека Адам живеел 930, а Ное 950 години (1. Мојсеева 5:5; 9:29). Дали луѓето навистина живееле толку долго? Дали ние можеме да живееме уште подолго, можеби засекогаш? Те молиме, испитај ги доказите за тоа во следнава статија.