Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

На некои Јеховини сведоци им било понудено вработување кое вклучувало религиозни згради или имоти. Какво е библиското гледиште за таквата работа?

Со ова спорно прашање може да се соочат христијаните кои искрено сакаат да го применат 1. Тимотеј 5:8, кој ја нагласува важноста на материјалното обезбедување на домаќинството. Иако христијаните сигурно треба да го применат тој совет, тоа не оправдува прифаќање секаква световна работа, без разлика на нејзината природа. Христијаните ја сфаќаат потребата да ги земаат предвид и другите показатели на Божјата волја. На пример, желбата на некој човек да го издржува своето семејство не би го оправдало неговото прекршување на она што го вели Библијата за неморалот или убиството. (Спореди 1. Мојсеева 39:4—9; Исаија 2:4; Јован 17:14, 16.) Исто така, животоважно е христијаните да постапуваат во склад со заповедта да се излезе од Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија (Откровение 18:4, 5).

Ширум Земјината топка, Божјите слуги се соочуваат со многу ситуации во врска со вработувањето. Би било бесмислено, а и не е под наша надлежност, да се обидуваме да ги набројуваме сите можности и да поставуваме категорични правила (2. Коринтјаните 1:24). Но, да спомнеме некои фактори кои треба да ги разгледаат христијаните кога донесуваат лични одлуки за вработувањето. Овие фактори се кратко изложени во Стражарска кула од 1 ноември 1982 во една статија во врска со тоа како да извлечеме корист од совеста која ни ја дал Бог. Во една рамка беа поставени две клучни прашања и потоа набројани други корисни фактори.

Првото клучно прашање е следново: Дали самата таа световна работа е осудена во Библијата? Коментирајќи за тоа, Стражарска кула забележа дека Библијата осудува крадење, злоупотреба на крв и идолопоклонство. Еден христијанин треба да избегнува световна работа која директно унапредува активности кои Бог не ги одобрува, како што се штотуку споменатите.

Второто прашање е: Дали вршењето на таа работа би направило лицето да биде соучесник во некоја практика што се осудува? Јасно, лице кое е вработено во некое коцкарско дувло, клиника за абортус или во јавна куќа би било соучесник во небиблиски практики. Дури и ако неговата секојдневна работа таму е само бришење на подот или одговарање на телефон, тоа би било придонес за некоја практика што Божјата реч ја осудува.

Многу христијани кои се соочиле со одлуки за вработување увиделе дека анализирањето токму на тие прашања им помага да донесат лична одлука.

На пример, од тие две прашања може да се види зошто еден вистински обожавател не би бил директно вработен во некоја организација на лажната религија, работејќи за и во црквата. Откровение 18:4 ја изложува заповедта: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини“. Ако некое лице е редовно вработено во некоја религија која поучува лажно обожавање, тогаш тоа би учествувало во делата и гревовите на Големиот Вавилон. Без разлика дали вработениот е градинар, вратар, мајстор или сметководител, неговата работа ќе служи за унапредување на обожавање кое е во судир со вистинската религија. Освен тоа, луѓето кои би виделе како овој вработен работи на тоа да се разубави црквата, да се одржува во добра состојба или да се спроведуваат нејзините религиозни должности, логично дека би го поврзале со таа религија.

Но, што е со некој кој не е редовно вработен во црква или во некоја религиозна организација? Можеби е повикан само да изврши некоја итна поправка на пукната водоводна цевка во подрумот на црквата. Зарем тоа не се разликува од ситуацијата да понудиш да склучиш договор како, на пример, за да се стават летви на покривот на црквата или да се изолира истиот?

Повторно, би можеле да се замислат најразлични ситуации. Затоа, да разгледаме пет додатни фактори кои беа изнесени во Стражарска кула:

1. Дали работата е само хуманитарна услуга која сама по себе нема библиски приговор? Да земеме за пример еден поштар. Тоа што тој доставува пошта тешко би значело дека унапредува некоја практика која се осудува ако една од зградите во подрачјето кое го опслужува е црква или клиника за абортус. Бог дава сончевата светлина да свети низ прозорците на сите згради, вклучувајќи и една црква или таква клиника (Дела 14:16, 17). Еден христијанин кој е поштар можеби ќе заклучи дека тој, од ден на ден, им врши хуманитарна услуга на сите. Тоа би можело да биде слично со некој христијанин кој се одѕива на итен случај — водоинсталатер кој е повикан да ја запре поплавата во некоја црква или болничар со брза помош кој е повикан да му помогне на некој кој се онесвестил за време на црковните служби. Тоа би можел да го смета едноставно како случајно давање хуманитарна помош.

2. Колкав авторитет има лицето над она што се работи? Некој христијанин кој е сопственик на продавница тешко би се сложил да нарача и да продава идоли, спиритистички амајлии, цигари или колбаси направени од крв. Како сопственик, тој има контрола. Можеби луѓето ќе го наговараат да продава цигари или идоли и да заработи повеќе, но тој ќе постапува во склад со своите библиски верувања. Од друга страна, пак, на еден христијанин кој е вработен во голема продавница за храна можеби ќе му биде дадено да работи на каса, да го чисти подот или да работи во книговодство. Тој нема контрола над тоа какви производи се нарачуваат и се продаваат, дури и ако некои од нив се за приговор, како што се цигари или предмети за верски празници. a (Спореди Лука 7:8; 17:7, 8.) Тоа е поврзано со следната точка.

3. До која мера е вклучено лицето? Да се вратиме на примерот со продавницата. Веројатно некој вработен, кому му е дадено да работи на каса или да ги полни рафтовите, само повремено има работа со цигари или со религиозни предмети; тоа е мал дел од неговата севкупна работа. Но, колкава само е разликата меѓу него и некој вработен во истата продавница кој работи на штандот за цигари! Целата негова работа секојдневно се сосредоточува на нешто што е спротивно на христијанските верувања (2. Коринтјаните 7:1). Тоа илустрира зошто при одлучувањето околу прашања за вработувањето мора да се процени степенот на вклученост или контакт.

4. Кој е изворот на плаќање или локацијата каде што се врши работата? Разгледај две ситуации. За да го подобри својот имиџ пред јавноста, една клиника за абортус решава да плати човек кој ќе ги чисти околните улици. Неговата плата доаѓа од клиниката за абортус, но тој не работи таму и никој не го гледа во таа клиника секој ден. Наместо тоа, го забележуваат како извршува јавна работа која сама по себе не е во судир со Писмото, без разлика на тоа кој го плаќа. Сега, една спротивна ситуација. Во една нација каде што проституцијата е легализирана, заводот за здравствена заштита плаќа една медицинска сестра да работи во бордели, вршејќи здравствени прегледи со цел да се намали ширењето на сексуално преносливи болести. Иако неа ја плаќа заводот за здравствена заштита, целата нејзина работа е во јавните куќи, правејќи го неморалот посигурен и поприфатлив. Овие примери илустрираат зошто изворот на платата и локацијата на работата се аспекти кои треба да се земат предвид.

5. Каков е ефектот од вршењето на таа работа; дали таа ќе повреди нечија совест или ќе ги спрепне другите? Треба да се земе предвид совеста, како својата така и совеста на другите. Дури и ако некоја работа (вклучувајќи ја нејзината локација и изворот на плата) изгледа прифатлива за повеќето христијани, можеби некој поединец има чувство дека таа би ја вознемирила неговата лична совест. Апостол Павле кој дал добар пример, навел: „Оти сме уверени дека имаме добра совест, грижејќи се во сѐ добро да постапуваме“ (Евреите 13:18). Треба да избегнуваме да работиме нешто што ќе нѐ вознемирува; сепак, не треба да бидеме критизерски настроени кон другите чија совест се разликува од нашата. И обратно, можеби некој христијанин не гледа судир со Библијата во вршењето на извесна работа, но сфаќа дека тоа ќе вознемири многумина во собранието и во средината. Павле одразувал исправен став во зборовите: „Никому никаков повод не даваме, за да не се напаѓа нашата служба, туку во сѐ се препорачуваме за служители Божји“ (2. Коринтјаните 6:3, 4).

Сега да се вратиме на главното прашање — работење во некоја црковна зграда како, на пример, местење нови прозорци, чистење теписи или сервисирање топларница. Како би можеле да бидат вклучени претходно спомнатите фактори?

Сети се на аспектот за авторитет. Дали христијанинот е сопственик или раководител кој може да одлучи дали да прифати таква работа во црква? Дали еден христијанин, кој има авторитет, ќе сака да учествува со Големиот Вавилон со тоа што ќе понуди работа или ќе склучи договор да ѝ помогне на некоја религија која унапредува лажно обожавање? Зарем тоа не би можело да се спореди со одлучување да се продаваат цигари или идоли во сопствена продавница? (2. Коринтјаните 6:14—16).

Ако христијанинот е вработен без да има право да одлучува за тоа какви работи да се прифатат, треба да се земат предвид други фактори како, на пример, локацијата и степенот на вклученост. Дали вработениот е замолен едноставно да донесе или да стави нови столици во некоја прилика или да изврши некоја човечка услуга како, на пример, пожарникарот да изгаси пожар во некоја црква пред тој да се рашири? Многумина ќе увидат дека тоа се разликува од вработувањето во некој бизнис каде се поминува долго време во бојадисување на црквата или во редовно одржување на градината за таа да биде привлечна. Таквиот редовен или продолжителен контакт би ја зголемил веројатноста многумина да го поврзат христијанинот со религија за која тој тврди дека не ја поддржува, и со тоа можеби да ги спрепне (Матеј 13:41; 18:6, 7).

Изнесовме извесен број важни работи што треба да се земат предвид кога станува збор за вработувањето. Тие беа изнесени во контекстот на едно конкретно прашање кое ја опфаќа лажната религија. Сепак, тие можат подеднакво да се земат предвид и во врска со други видови вработување. Во секој случај, треба да се направи анализа во молитва, земајќи ги предвид конкретните — а веројатно и единствените — аспекти на дадената ситуација. Претходно наведените фактори веќе им помогнале на многу искрени христијани да донесат совесни одлуки кои ја одразуваат нивната желба да одат исправно и чесно пред Јехова (Изреки 3:5, 6; Исаија 2:3; Евреите 12:12—14).

[Фуснота]

a Некои христијани кои работат во болница морале да го земат предвид овој фактор на авторитет. Можеби еден лекар има авторитет да препише лекарства или медицински процедури за пациентот. Дури и ако пациентот нема приговор, како би можел еден христијански лекар, кој има авторитет, да наложи трансфузија на крв или да изврши абортус, кога знае што вели Библијата за тие работи? За разлика од него, една медицинска сестра која работи во болница можеби нема таков авторитет. Додека таа ги извршува рутинските услуги, можеби некој лекар ќе побара од неа да направи некое испитување на крв за извесна цел или да се погрижи за некоја пациентка која дошла да абортира. Во склад со примерот кој е запишан во 4. Царства 5:17—19, таа би можела да заклучи дека со оглед на тоа што таа не е оној кој има авторитет да наложи трансфузија или да изврши абортус, би можела да изврши некои човечки услуги за пациентот. Секако, таа сепак ќе мора да ја земе во обѕир својата совест за ‚да живее пред Бог со најдобра совест‘ (Дела 23:1).