Биди претпазлив и марлив!
Биди претпазлив и марлив!
„И така, бидете [останете, NW] будни, оти не го знаете ни денот, ни часот“ (МАТЕЈ 25:13).
1. Што со нетрпение очекувал апостол Јован?
ВО ПОСЛЕДНИОТ дијалог во Библијата, Исус ветил: „Ќе дојдам скоро!“ Неговиот апостол Јован одговорил: „Амин! ‚Да, дојди, Господи Исусе!‘“ Апостолот не се сомневал дека Исус ќе дојде. Јован бил меѓу оние апостоли кои го прашале Исуса: „Кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [присутност, NW; грчки: паруси́ја] и за свршетокот на светот?“ Да, Јован со доверба и со нетрпение ја очекувал Исусовата идна присутност (Откровение 22:20; Матеј 24:3).
2. Каква е ситуацијата во црквите кога станува збор за Исусовата присутност?
2 Денес таквата доверба е ретка. Многу цркви имаат официјална доктрина за Исусовото „доаѓање“, но малку нивни членови навистина го очекуваат. Така и живеат. Книгата The Parousia in the New Testament (Парусијата во Новиот завет) забележува: „Надежта во Парусија има мало позитивно влијание врз животот, мислата и работата на црквата . . . Зголемената итност со која црквата треба да ги преземе своите задачи на каење и мисионерско објавување на евангелието, е ослабната, ако не и целосно изгубена“. Но, не и кај сите!
3. а) Што мислат вистинските христијани за паруси́јата? б) Што треба посебно да разгледаме сега?
3 Исусовите вистински ученици желно го очекуваат крајот на сегашниов злобен систем на ствари. Додека лојално го правиме тоа, треба да задржиме исправно гледиште кон сето она што е вклучено во Исусовата присутност и да постапуваме според него. Тоа ќе ни овозможи да ‚претрпиме до крај и да бидеме спасени‘ (Матеј 24:13). Додека го давал пророштвото кое го наоѓаме во Матеј, поглавја 24 и 25, Исус дал мудар совет кој можеме да го примениме, и тоа за наша трајна корист. Поглавје 25 ги содржи параболите кои веројатно ги знаеш, вклучувајќи ја и онаа за десетте девојки (разборитите и неразумните) и параболата за талантите (Матеј 25:1—30). Како можеме да извлечеме корист од тие илустрации?
Биди претпазлив, како што биле петте девојки!
4. Која е суштината на параболата за девојките?
4 Можеби ќе сакаш да ја препрочиташ параболата за девојките која се наоѓа во Матеј 25:1—13. Сцената е една раскошна еврејска свадба во која младоженецот оди во куќата на таткото на невестата за да ја придружува до својот дом (или до домот на својот татко). Таквата поворка можеби вклучувала музичари и пејачи, а времето на нејзиното пристигнување не било точно познато. Десетте девојки во параболата го чекале пристигнувањето на младоженецот сѐ до ноќта. Петте биле неразумни бидејќи не понеле доволно масло за светилниците и затоа морале да одат и да купат уште. Другите пет, мудро понеле додатно масло во садовите така што можеле да ги наполнат своите светилници ако имало потреба додека чекаат. Само овие пет биле присутни и спремни кога пристигнал младоженецот. Затоа, само ним им било дозволено да влезат на гозбата. Кога петте неразумни девојки се вратиле, било предоцна да влезат.
5. Кои стихови фрлаат светлина врз фигуративното значење на параболата за девојките?
5 Многу аспекти на оваа парабола можат да се разберат во симболична смисла. На пример, Писмото зборува за Исус како за младоженец (Јован 3:28—30). Исус се споредил себеси со царски син за кого била подготвена свадбата (Матеј 22:1—14). А Библијата го споредува Христос со сопруг (Ефесјаните 5:23). Интересно е тоа што иако помазаните христијани на други места се опишани како Христова „невеста“, параболата не спомнува невеста (Јован 3:29; Откровение 19:7; 21:2, 9). Но, таа зборува за десет девојки, додека помазаниците на други места се споредени со девојка која е ветена за брак со Христос (2. Коринтјаните 11:2). a
6. Каков силен поттик дал Исус кога ја заклучил параболата за девојките?
6 Освен тие детали и која и да било пророчка примена, сигурно постојат добри начела кои можеме да ги научиме од оваа парабола. На пример, забележи дека Исус ја завршил со зборовите: „И така, бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот“. Значи параболата ја изразува потребата секој од нас да биде претпазлив, да биде буден за претстојниот крај на овој злобен систем. Овој крај непобитно ќе дојде, иако не можеме да посочиме некој датум. Во тој поглед, забележи ги ставовите кои ги покажуваат двете групи девојки.
7. Во која смисла пет од девојките во параболата се покажале неразумни?
7 Исус рекол: ‚Петте од нив беа неразумни‘. Дали тоа било така бидејќи тие не верувале дека ќе дојде младоженецот? Дали тие биле отсутни тежнеејќи по задоволства? Или, пак, биле измамени? Ниту едно од овие. Исус рекол дека овие пет ‚излегле да го пречекаат младоженецот‘. Тие знаеле дека тој ќе дојде и сакале да бидат вклучени, па дури и да учествуваат на „свадбата“. Сепак, дали биле доволно подготвени? Го чекале извесно време, сѐ до „полноќ“, но не биле подготвени за неговото пристигнување без разлика на тоа кога требало да биде — дали порано или подоцна од она што во почетокот го очекувале.
8. Како пет од девојките во параболата се покажале разборити?
8 Другите пет — оние кои Исус ги нарекол разборити — исто така излегле со запалени светилници, очекувајќи го пристигнувањето на младоженецот. И тие морале да чекаат, но биле „разборити“. Грчкиот збор преведен со „разборити“ може да ја пренесува смислата да се биде „паметен, разумен, практично мудар“. Овие пет докажале дека се разборити со тоа што понеле садови со додатно масло за да ги наполнат своите светилници ако имало потреба. Всушност, тие биле толку сосредоточени на тоа да бидат спремни за младоженецот што не си го дале своето масло. Таквата претпазливост не била ставена на погрешно место, како што се докажало со нивното присуство и целосна подготвеност кога пристигнал младоженецот. Овие кои биле ‚спремни, влегле со него на свадбата, и вратите се затвориле‘.
9, 10. Која е поентата на параболата за девојките, и кои прашања треба да си ги поставиме?
9 Исус овде не држел лекција за пристојност на свадба ниту, пак, давал совет за делењето. Неговата поента била: „И така, бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот“. Запрашај се: ‚Дали навистина сум претпазлив во однос на Исусовата присутност?‘ Ние веруваме дека Исус сега владее на небото, но колку сме сосредоточени на реалноста дека ‚Синот Човечки наскоро ќе дојде на небеските облаци, со голема слава и сила‘? (Матеј 24:30). На „полноќ“, пристигнувањето на младоженецот сигурно било поблизу отколку во почетокот, кога девојките излегле да го пречекаат. Слично на тоа, пристигнувањето на Синот човечки за да го уништи сегашниов злобен систем сега е поблизу отколку кога сме почнале со нетрпение да го очекуваме неговото доаѓање (Римјаните 13:11—14). Дали ја задржуваме нашата претпазливост со тоа што сме уште попретпазливи додека времето привршува?
10 Послушноста на заповедта „останете будни“ (NW) бара постојана претпазливост. Пет од девојките дозволиле нивното масло да се потроши и отишле да купат уште. Христијанинот денес може на сличен начин да биде одвратен и така да не биде целосно подготвен за непосредното пристигнување на Исус. Тоа им се случило на некои христијани во првиот век. Може да им се случи и на некои денес. Затоа, да се запрашаме: ‚Дали тоа ми се случува мене?‘ (1. Солунјаните 5:6—8; Евреите 2:1; 3:12; 12:3; Откровение 16:15).
Биди марлив додека се приближува крајот
11. Која парабола ја кажал Исус после тоа, и на што била слична?
11 Во својата следна парабола, Исус направил повеќе отколку само да ги поттикне своите следбеници да бидат претпазливи. Откако зборувал за разборитите и неразумните девојки, тој ја раскажал илустрацијата за талантите. (Прочитај Матеј 25:14—30.) Таа во многу погледи е слична на неговата поранешна парабола за мините која ја кажал бидејќи многумина ‚мислеле дека набргу ќе се открие царството Божјо‘ (Лука 19:11—27).
12. Која е суштината на параболата за талантите?
12 Во параболата за талантите, Исус зборувал за еден човек кој, пред да отиде на пат во странство, повикал тројца слуги. На едниот му дал пет таланти, на другиот два, а на последниот само еден — „секому според силата негова“. Веројатно тоа било сребрен талант, стандардна сума која тогаш вредела колку заработувачката на еден работник за 14 години — навистина многу пари! Кога човекот се вратил, побарал слугите да положат сметка за она што го правеле во текот на ‚долгото време‘ додека бил отсутен. Првите двајца слуги ја удвоиле вредноста на она што им било доверено. Тој рекол: „Убаво“, ветувајќи му на секого од нив поголема одговорност, и заклучувајќи: „Влези во радоста на својот господар!“ Тврдејќи дека господарот има преголеми барања, слугата со еден талант не го употребил талантот за ништо профитабилно. Ги скрил парите, дури не ги вложил ни кај банкарите за да спечали камата. Господарот го означил како ‚лукав и мрзлив‘ бидејќи работел против интересите на својот господар. Како последица на тоа, талантот му бил одземен, а тој бил истеран надвор каде што требало да има „плач и крцкање со заби“.
13. Како Исус покажал дека е сличен на господарот од параболата?
13 Повторно, некои детали од ова можат да се разберат во симболична смисла. На пример, Исус, претставен со човекот кој отпатувал во странство, требало да ги напушти своите ученици, да замине на небото и да чека долго време сѐ додека не добие царска моќ b (Псалм 109:1—4; Дела 2:34—36; Римјаните 8:34; Евреите 10:12, 13). Но, повторно можеме да согледаме една поширока поука или начело кое сите ние треба да го примениме во својот живот. Кое е тоа?
14. Која витална потреба ја нагласува параболата за талантите?
14 Без разлика на тоа дали нашата надеж е за бесмртен живот на небото или за вечен живот на рајска земја, од Исусовата парабола е јасно дека треба да се напрегаме во христијанските активности. Всушност, пораката на оваа парабола може да се резимира со еден збор: марливост. Апостолите го поставиле образецот од Педесетница 33 н. е. па наваму. Читаме: „И со многу други зборови тој [Петар] даваше темелно сведоштво и постојано ги поттикнуваше, велејќи: ‚Спасете се од оваа изопачена генерација‘“ (Дела 2:40—42, NW). И колку само одлична добивка имал тој за своите напори! Како што другите им се придружувале на апостолите во христијанското дело на проповедање, така и тие биле марливи, поради што добрата вест ‚растела во целиот свет‘ (Колосјаните 1:3—6, 23; 1. Коринтјаните 3:5—9).
15. На кој посебен начин треба да ја примениме главната поента од параболата за талантите?
15 Задржи го на ум контекстот на оваа парабола — едно пророштво за Исусовата присутност. Ние имаме обемен доказ дека Исусовата паруси́ја е во тек и дека наскоро ќе достигне кулминација. Сети се дека Исус го поврзал „крајот“ со делото што треба да го вршат христијаните: „И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Имајќи го ова на ум, на кој слуга личиме ние? Запрашај се: ‚Дали постои причина да заклучам дека јас сум како слугата кој го скрил она што му било доверено, можеби додека се грижел за своите лични интереси? Или, пак, е очигледно дека сум како оние кои биле добри и верни? Дали сум целосно решен да ги зголемувам интересите на Господарот во секоја прилика?‘
Претпазливи и марливи за време на неговата присутност
16. Каква порака носат за тебе двете параболи за кои дискутиравме?
16 Да, освен што имаат фигуративно и пророчко значење, овие две параболи претставуваат јасно охрабрување кое доаѓа од устата на самиот Исус. Неговата порака е оваа: Биди претпазлив; биди марлив, особено кога знакот на Христовата паруси́ја се гледа. Тоа е сега. Според тоа, дали ние навистина сме претпазливи и марливи?
17, 18. Што советувал ученикот Јаков во врска со Исусовата присутност?
17 Исусовиот полубрат Јаков не бил на Маслинската Гора за да го чуе Исусовото пророштво; туку подоцна дознал за него, и јасно го сфатил неговото значење. Тој напишал: „Бидете трпеливи, браќа мои, до доаѓањето [присутноста, NW] на Господа! Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен. Па трпете и вие, укрепете ги срцата свои, оти доаѓањето [присутноста, NW] на Господа се приближи“ (Јаков 5:7, 8).
18 Откако дал гаранција дека Бог неповолно ќе ги суди оние кои го злоупотребуваат своето богатство, Јаков ги поттикнал христијаните да не бидат нестрпливи додека чекаат Јехова да дејствува. Еден нестрплив христијанин би можел да стане осветољубив, како самиот тој да има право да ги исправи грешките кои се направени. Но, тоа не треба да биде случај бидејќи времето за суд сигурно ќе дојде. Тоа е илустрирано со примерот на земјоделецот, како што објаснил Јаков.
19. Каква стрпливост можел да покаже еден израелски земјоделец?
19 Еден израелски земјоделец кој засадил семе морал да чека — прво да се појави стебленцето, потоа да созрее растението и на крај жетва (Лука 8:5—8; Јован 4:35). Низ тие месеци имало периоди, а можеби и причина за тегобна загриженост. Дали ќе дојдат раните дождови и дали ќе бидат обилни? А што е со доцните дождови? Дали можеби инсекти или невреме ќе ги уништат растенијата? (Спореди Јоил 1:4; 2:23—25.) Сепак, севкупно земено, еден израелски земјоделец можел да има доверба во Јехова и во природните циклуси што Тој ги воспоставил (5. Мојсеева 11:14; Јеремија 5:24). Стрпливоста на земјоделецот можела всушност да биде рамна на доверливо очекување. Без да се сомнева, знаел дека она што тој го очекува, ќе дојде. Навистина ќе дојде!
20. Како можеме да покажеме стрпливост во склад со советот на Јаков?
20 Иако еден земјоделец можел да има некакво познавање за тоа кога ќе биде жетвата, христијаните од првиот век не можеле да пресметаат кога ќе биде Исусовата присутност. Но, таа сигурно требало да дојде. Јаков напишал: „Доаѓањето [присутноста, NW; грчки паруси́ја] на Господа се приближи“. Во времето кога Јаков ги напишал тие зборови, сѐ уште не се гледал знакот на Христовата присутност во широки размери, т. е. глобално. Но, сега се гледа. Значи, како би требало да се чувствуваме ние во овој период? Знакот е навистина видлив. Го гледаме. Можеме со сигурност да кажеме: ‚Гледам како се исполнува знакот‘. Ние можеме со доверба да кажеме: ‚Присутноста на Господа е овде и близу е нејзината кулминација‘.
21. Што сме апсолутно решени да правиме?
21 Бидејќи тоа е случај, имаме особено силна причина да ги земеме при срце и да ги примениме основните поуки од Исусовите две параболи за кои дискутиравме. Тој рекол: „И така, бидете [останете, NW] будни, оти не го знаете ни денот, ни часот“ (Матеј 25:13). Неоспорно, сега е времето да бидеме ревни во нашата христијанска служба. Секојдневно во нашите животи да покажуваме дека ја разбираме Исусовата поента. Да бидеме претпазливи! Да бидеме марливи!
[Фусноти]
a Што се однесува до симболичните детали од параболата, види Божје хиљадугодишње царство се приближило, страници 112—141, издадено од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Види Божје хиљадугодишње царство се приближило, страници 141—171.
Дали се сеќаваш?
◻ Која клучна порака ја извлече ти од параболата за разборитите и неразумните девојки?
◻ Кој основен совет ти го дава Исус со параболата за талантите?
◻ Во која смисла твојата стрпливост во однос на паруси́јата е слична на стрпливоста на еден израелски земјоделец?
◻ Зошто е особено возбудливо и предизвикувачки да се живее во ова време?
[Прашања]
[Слики на страница 23]
Кои поуки ги учиш од параболата за девојките и од онаа за талантите?