Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Бог дејствува на „криви“ начини?

Дали Бог дејствува на „криви“ начини?

Дали Бог дејствува на „криви“ начини?

“DEUS ESCREVE CERTO POR LINHAS TORTAS” („БОГ ПИШУВА ПРАВО користејќи криви линии“) гласи една бразилска изрека. Таа сугерира дека Бог секогаш постапува исправно, но некогаш на начин кој на човекот му изгледа крив. На пример, кога некој ќе умре во најубавите години, многумина велат: ‚Бог го зеде на небото‘. Ако некој страда од физички инвалидитет или се соочи со трагедија, некои забележуваат: ‚Тоа е Божја волја‘. Со оглед на тоа што на тој начин за смртта, физичките проблеми и другите жалосни случаи се обвинува Бог, таквите изрази индиректно кажуваат дека Бог ‚пишува криво‘, дека постапува на начин кој човекот не може да го сфати.

Зошто многу религиозни луѓе веруваат дека Бог е одговорен за смртта и за тешкотиите? Овие верувања честопати се темелат на погрешното разбирање на некои издвоени библиски текстови. Ајде накратко да разгледаме неколку од нив.

● „Кој го прави нем, или глув, да гледа, или да е слеп? Зар не Јас ли, Господ Бог?“ (2. Мојсеева 4:11).

Дали ова значи дека Бог е виновен за сите оние кои страдаат од различни инвалидитети? Не. Тоа не би било во склад со Божјата личност. Библијата ни кажува: „Секое творение Божјо е добро“ (1. Тимотеј 4:4). Тој не е виновен ако некој се родил слеп, нем или глув. Бог го посакува само она што е добро за неговото творештво, зашто тој е Изворот на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17).

Нашите прародители Адам и Ева биле тие кои по сопствен избор се побуниле против Бог и го изгубиле своето совршенство, а со тоа и способноста да раѓаат совршени деца (1. Мојсеева 3:1—6, 16, 19; Јов 14:4). Како што нивните потомци стапувале во брак и имале деца, меѓу луѓето почнале да се појавуваат сѐ повеќе и повеќе несовршености, вклучувајќи и физички дефекти. Иако Јехова Бог не ги предизвикал, тој дозволува тие да се случат. Затоа, тој можел за себе да каже дека ‚прави‘ неми, глуви и слепи.

● „Кривото не може да се исправи“ (Проповедник 1:15).

Дали Бог бил тој кој ги искривил работите? Очигледно не. Проповедник 7:29 забележува: „Бог го направил човекот добар, но луѓето се впуштаат во многу мудрувања“. Contemporary English Version тој стих го парафразира вака: „Ние сме биле потполно чесни кога Бог нѐ создал, но сега имаме извртени умови“. Наместо да живее според Божјите праведни мерила, поголемиот дел од мажите и жените намерно избира да ги следи сопствените планови, шеми, изуми или патишта — на сопствена штета (1. Тимотеј 2:14).

Исто така, апостол Павле забележал дека, поради гревот на човештвото, „творбата беше подложена на ништожност“ (Римјаните 8:20NW). Оваа ситуација „не може да се исправи“ со човечки напори. Сѐ што е искривено и ништожно во земните работи ќе биде отстрането само со божествена интервенција.

● „Погледај ги Божјите дела: кој може да го исправи она, што Бог го направил криво?“ (Проповедник 7:13).

Со други зборови, цар Соломон прашува: ‚Кој од човештвото може да ги исправи дефектите и несовршеностите кои ги дозволува Бог?‘ Никој, бидејќи постои причина зошто Јехова Бог дозволува да се случуваат тие работи.

Затоа, Соломон препорачува: „Во добро време ползувај се со доброто, а во зли дни размислувај [види, NW]: едното и другото го направил Бог, за да не може човекот да каже ништо против Него [да не открие ништо после нив, NW]“ (Проповедник 7:14). Човек треба да го цени денот кога работите одат добро и своето ценење да го покаже така што ќе одразува добрина. На добриот ден треба да гледа како на дар од Бог. Но, што ако денот донесе несреќа? Човекот ќе направи добро ако „види“, т. е. признае дека Бог дозволил да се случи несреќата. Зошто го сторил тоа? Соломон вели: „За да не може човекот да открие ништо после нив“. Што значи тоа?

Фактот што Бог дозволува да се соочуваме и со радости и со неволји нѐ потсетува на тоа дека ние не можеме да кажеме што ќе донесе иднината. Несреќата може да ги снајде и праведните и злобните. Нема исклучоци. Тоа треба да нѐ наведе да ја сфатиме важноста на зависноста, не од себеси, туку од Бог, сеќавајќи се дека „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Иако можеби сега не разбираме извесни работи, можеме да бидеме сигурни дека откако сѐ во потполност ќе се заврши, она што Бог го дозволил послужило за некоја корисна цел за сите кои биле вклучени.

Што и да дозволи тој, нема никогаш да има за последица трајна штета за лицата со исправно настроени срца. Апостол Петар го разјаснил тоа кога коментирал за страдањата кои дошле врз соверниците од негово време: „А Бог на секоја благодат, Кој ве повика за својата вечна слава во Исуса Христа, Сам, по вашето кратко страдање, да ве усоврши, укрепи и направи непоколебливи“ (1. Петрово 5:10).

Време да се исправат работите

Јехова ни дава сила да ги поднесеме нашите сегашни испити. Исто така, тој ветува дека ‚ќе создаде сѐ ново‘ (Откровение 21:5). Да, неговата намера е наскоро неговото небесно Царство да го обнови здравјето на оние кои страдаат од инвалидитети и да го надгледува воскресението на мртвите. Исто така, таа влада ќе го отстрани оној чии патишта се навистина криви — Сатана Ѓаволот (Јован 5:28, 29; Римјаните 16:20; 1. Коринтјаните 15:26; 2. Петрово 3:13). Колкав само благослов ќе биде за богобојазливите луѓе по целата Земја кога ќе дојде времето Бог да ги исправи работите!

[Извор на слика на страница 28]

Јов слуша за својата пропаст/The Doré Bible Illustrations/Dover Publications