„Овие работи мораат да се случат“
„Овие работи мораат да се случат“
„Исус им рече: сето тоа треба да биде [овие работи мораат да се случат, NW]; ама тоа уште не е крајот“ (МАТЕЈ 24:4—6).
1. Која тема би требало да го заслужува нашиот интерес?
НЕСОМНЕНО ти си заинтересиран за својот живот и за својата иднина. Тогаш, би требало да си заинтересиран и за една тема која го пленила вниманието на Ч. Т. Расел во 1877 година. Расел, кој подоцна го основал Watch Tower Society, ја напишал брошурата The Object and Manner of Our Lord’s Return (Целта и начинот на враќање на нашиот Господ). Оваа џебна брошура од 64 страници се занимавала со враќањето, т. е. идното доаѓање на Исус (Јован 14:3). Во една прилика, кога биле на Маслинската Гора, апостолите го прашале за тоа враќање: „Кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [или присутност, NW] и за свршетокот на светот?“ (Матеј 24:3).
2. Зошто има многу противречни гледишта за она што го претскажал Исус?
2 Дали го знаеш и разбираш Исусовиот одговор? Тој се наоѓа во три од евангелијата. Професор Д. А. Карсон наведува: „Малку поглавја од Библијата предизвикуваат толку несогласувања меѓу толкувачите колку Матеј 24 и неговите паралели во Марко 13 и Лука 21“. Потоа, го изнесува своето мислење — само уште едно од противречните човечки гледишта. Отприлика во минатиот век, многу такви гледишта одразувале недостиг на вера. Оние кои ги изнесувале, тврделе дека Исус никогаш не го кажал она што го читаме во евангелијата, дека тие зборови подоцна биле извртени или дека неговото предвидување пропаднало — гледишта кои ги обликувал вишиот критицизам. Дури еден коментатор му пришол на Евангелието по Марко ‚низ призмата на филозофијата на махајана будистите‘!
3. Како Јеховините сведоци му пристапуваат на Исусовото пророштво?
3 За разлика од нив, Јеховините сведоци ја прифаќаат автентичноста и веродостојноста на Библијата, вклучувајќи го и она што им го кажал Исус на четворицата апостоли кои биле со него на Маслинската Гора три дена пред неговата смрт. Од деновите на Ч. Т. Расел па досега, Божјиот народ постепено стекнувал сѐ појасно разбирање на пророштвото што го дал Исус. Во изминатите неколку години, Стражарска кула уште повеќе го разјасни неговото гледиште за ова пророштво. Дали ти ги усвои тие информации и дали го гледаш нивниот учинок во својот живот? a Да ги разгледаме.
Едно трагично исполнување во блиска иднина
4. Зошто можеби апостолите го прашале Исус за иднината?
4 Апостолите знаеле дека Исус е Месијата. Затоа, кога го чуле како ја спомнува својата смрт, воскресение и враќање, сигурно се прашувале: ‚Ако Исус умре и си замине, како ќе може да ги исполни прекрасните работи кои се очекуваат од Месијата?‘ Освен тоа, Исус зборувал и за еден крај на Ерусалим и на неговиот храм. Можеби апостолите се прашувале: ‚Кога и како ќе се случи тоа?‘ Обидувајќи се да ги разберат овие работи, апостолите прашале: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се изврши сето тоа!“ (Марко 13:4; Матеј 16:21, 27, 28; 23:37—24:2).
5. Како она што го рекол Исус се исполнило во првиот век?
5 Исус претскажал дека ќе има војни, глад, чуми, земјотреси, омраза и прогонство на христијаните, лажни месии и распространето проповедање на добрата вест за Царството. Тогаш требало да дојде крајот (Матеј 24:4—14; Марко 13:5—13; Лука 21:8—19). Исус го рекол тоа во почетокот на 33 н. е. Во текот на наредните децении, неговите будни ученици можеле да препознаат дека претскажаните работи всушност се одиграле на еден значаен начин. Да, историјата докажува дека знакот имал исполнување во тоа време, што водело до завршетокот на еврејскиот систем на ствари од рацете на Римјаните во 66—70 н. е. Како се случило тоа?
6. Што се развило меѓу Римјаните и Евреите во 66 н. е.?
6 Во текот на жешкото јудејско лето во 66 н. е., еврејските зелоти предводеле еден напад врз римската стража во една тврдина во близина на ерусалимскиот храм, разгорувајќи со тоа насилство и на други места во земјата. Во History of the Jews (Историја на Евреите), професор Хенрик Гретс раскажува: „Цестиј Гал, чија должност како управител на Сирија била да ја поддржи честа на римските сили . . . повеќе не можел да биде сведок на побуната која се ширела околу него без да се обиде да го запре нејзиниот тек. Ги собрал своите легии, додека соседните кнезови доброволно испратиле свои трупи“. Оваа војска од 30.000 луѓе го опколила Ерусалим. После извесна борба, Евреите се повлекле зад ѕидините во близина на храмот. „Во наредните пет дена, Римјаните јуришале на ѕидините, но секогаш биле принудувани да отстапат пред проектилите на Јудејците. Дури во шестиот ден успеале да поткопаат дел од северниот ѕид кој бил пред Храмот.“
7. Зошто Исусовите ученици гледале на работите поинаку од повеќето Евреи?
7 Замисли си само колку биле збркани Евреите, со оглед на тоа што долго време мислеле дека Бог ќе ги заштити нив и нивниот свет град! Но, Исусовите ученици биле предупредени дека Ерусалим го чека катастрофа. Исус претскажал: „Зашто ќе дојдат денови за тебе и непријателите твои ќе те опкружат со окопи и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни; и ќе те разрушат тебе и ќе ги избијат децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе“ (Лука 19:43, 44). Но, дали тоа требало да значи смрт за христијаните кои биле во Ерусалим во 66 н. е.?
8. Каква трагедија претскажал Исус, и кои биле „избраните“ заради кои требало да се скратат деновите?
8 Кога им го дал одговорот на апостолите на Маслинската Гора, Исус претскажал: „Зашто во тие дни ќе биде мака [неволја, NW], каква што не била досега од почетокот на светов, што го создаде Бог, а и нема да биде. И ако Бог не ги скратеше тие дни, тогаш не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра Он, ќе ги скрати дните“ (Марко 13:19, 20; Матеј 24:21, 22). Значи, деновите требало да бидат скратени и „избраните“ спасени. Кои биле тие? Сигурно не бунтовничките Евреи кои тврделе дека го обожаваат Јехова, а притоа го отфрлиле неговиот Син (Јован 19:1—7; Дела 2:22, 23, 26). Вистинските избрани во тоа време биле оние Евреи и не-Евреи кои практикувале вера во Исус како Месија и Спасител. Бог ги избрал нив, и на Педесетница 33 н. е. ги оформил во една нова духовна нација — „Израилот Божји“ (Галатјаните 6:16; Лука 18:7; Дела 10:34—45; 1. Петрово 2:9).
9, 10. Како ‚се скратиле‘ деновите на римскиот напад, и со каков резултат?
9 Дали деновите биле „скратени“ и избраните помазани во Ерусалим спасени? Професор Гретс укажува: „[Цестиј Гал] сметал дека не е препорачливо да продолжи да се бори против херојските ентузијасти и да се зафати со еден долг поход во тоа годишно време, кога набрзо требало да почнат есенските дождови . . . [кои] би можеле да ја спречат војската да добие резерви од храна. Веројатно од таа причина мислел дека е попаметно да се повлече“. Без разлика на тоа што мислел Цестиј Гал, римската војска се повлекла од градот, доживувајќи сериозни загуби кои ѝ ги нанеле Евреите кои ја гонеле.
10 Тоа неочекувано повлекување на Римјаните овозможило ‚телото‘ — Исусовите ученици кои биле во опасност во Ерусалим — да се спаси. Историјата известува дека кога се отворила оваа поволна прилика, христијаните побегнале од регионот. Каква само демонстрација било тоа на Божјата способност однапред да ја знае иднината и да осигура преживување на своите обожаватели! Но, што станало со Евреите кои не верувале и останале во Ерусалим и Јудеја?
Современиците ќе ја видат
11. Што рекол Исус за „оваа генерација“?
11 Многу Евреи мислеле дека нивниот систем на обожавање, сосредоточен на храмот, ќе продолжи неограничено. Но, Исус рекол: „Со смоквата направете споредба [научете ја оваа поента, NW]: штом се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото; така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата. Вистина ви велам: нема да премине овој род [оваа генерација, NW], додека сето тоа не се исполни. Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат“ (Матеј 24:32—35).
12, 13. Како учениците го разбрале Исусовото укажување на „оваа генерација“?
12 Во годините кои воделе до 66 н. е. христијаните требало да го видат исполнувањето на многу од уводните елементи на комбинираниот знак — војни, глад, па дури и обемно проповедање на добрата вест за Царството (Дела 11:28; Колосјаните 1:23). Но, кога требало да дојде крајот? Што мислел Исус кога рекол: ‚Оваа генерација [грчки: генеа́] нема да премине‘? Масата од противнички Евреи кои биле негови современици, вклучувајќи ги и религиозните водачи, Исус честопати ја нарекувал ‚зла, прељубничка генерација‘ (Матеј 11:16; 12:39, 45; 16:4; 17:17; 23:36). Затоа, кога на Маслинската Гора повторно зборувал за „оваа генерација“, очигледно не мислел на целиот род Евреи низ историјата; ниту, пак, мислел на своите следбеници, иако тие биле „род избран“ (1. Петрово 2:9). Ниту, пак, Исус рекол дека „оваа генерација“ претставува некој временски период.
13 Напротив, Исус ги имал на ум тогашните противнички Евреи кои би го доживеале исполнувањето на знакот што го дал. Во врска со укажувањето на „оваа генерација“ во Лука 21:32 (NW), професор Џоил Б. Грин забележува: „Фразата ‚оваа генерација‘ (и сродните фрази) во третото Евангелие редовно означувале една категорија луѓе кои ѝ даваат отпор на Божјата намера . . . [Таа укажува] на луѓе кои тврдоглаво ѝ го вртат грбот на божествената намера“. b
14. Што доживеала таа „генерација“, но како исходот за христијаните бил поинаков?
14 Злобната генерација еврејски противници која можела да го забележи знакот што се исполнувал, би го доживеала и крајот (Матеј 24:6, 13, 14). И навистина го доживеала! Во 70 н. е. се вратила римската војска предводена од Тит, син на императорот Веспазијан. Страдањето на Евреите кои повторно биле фатени во стапица во градот било речиси неверојатно. c Очевидецот Јосиф Флавиј известува дека до времето кога Римјаните го разрушиле градот, умреле околу 1.100.000 Евреи, а околу 100.000 биле одведени во ропство, од кои наскоро повеќето на ужасен начин изгинале од изгладнетост или во римските арени. Навистина, неволјата од 66—70 н. е. била најголемата која Ерусалим и еврејскиот систем воопшто ја доживеале или некогаш требало да ја доживеат. Колку само бил поинаков исходот за христијаните кои внимавале на Исусовото пророчко предупредување и го напуштиле Ерусалим после заминувањето на римските војски во 66 н. е.! Во 70 н. е. помазаните христијански „избрани“ биле „спасени“, односно сочувани на безбедно (Матеј 24:16, 22).
Ќе има друго исполнување
15. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Исусовото пророштво требало да има поголемо исполнување после 70 н. е.?
15 Меѓутоа, тоа не било финалето. Исус претходно покажал дека, откако градот ќе биде разорен, ќе дојде тој во Јеховино име (Матеј 23:38, 39; 24:2). Потоа го разјаснил тоа уште повеќе во своето пророштво кое го кажал на Маслинската Гора. Откако го спомнал доаѓањето на ‚големата неволја‘, рекол дека после тоа ќе се појават лажни Христоси и дека Ерусалим ќе го газат народите еден продолжен временски период (Матеј 24:21, 23—28; Лука 21:24). Дали е можно тоа да требало да има уште едно друго, поголемо исполнување? Фактите одговараат ‚да‘. Кога ќе го споредиме Откровение 6:2—8 (напишано после неволјата над Ерусалим во 70 н. е.) со Матеј 24:6—8 и Лука 21:10, 11, ќе видиме дека војната, недостигот на храна и чумите ќе ги има во поголеми размери. Ова поголемо исполнување на Исусовите зборови се случува откако избувнала I светска војна во 1914 година.
16-18. Што очекуваме допрва да се случи?
16 Јеховините сведоци со децении научувале дека моменталното исполнување на знакот докажува дека ‚големата неволја‘ допрва ќе дојде. Сегашнава зла „генерација“ ќе ја види таа неволја. Изгледа дека повторно ќе има почетна фаза (напад врз целокупната лажна религија), исто како што со Галовиот напад во 66 н. е. почнала неволјата над Ерусалим. d Потоа, после еден интервал со неодредена должина, ќе дојде крајот — уништување од светски размери што ќе биде паралела на она во 70 н. е.
17 Укажувајќи на неволјата која лежи токму пред нас, Исус рекол: „И веднаш, по маките [неволјата, NW] на тие дни [уништувањето на лажната религија], сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите ќе попаѓаат од небото, и силите небески ќе попуштат. Тогаш ќе се појави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како иде на небеските облаци, со голема слава и сила“ (Матеј 24:29, 30).
18 Според тоа, самиот Исус вели дека ‚после неволјата од тие дни‘, ќе се случат некакви небесни феномени. (Спореди Јоил 2:28—32; 3:15.) Тоа толку ќе ги преплаши и ќе ги шокира непослушните луѓе што тие ќе „се расплачат“. Многумина ќе „умираат [се онесвестуваат, NW] од страв и од исчекување на она што ќе го најде светот“. Но, тоа нема да биде случај со вистинските христијани! Тие ‚ќе ги подигнат главите свои, зашто се приближува нивното спасение‘ (Лука 21:25, 26, 28).
Судот е пред нас!
19. Како можеме да утврдиме кога ќе се исполни параболата за овците и козите?
19 Забележи дека Матеј 24:29—31 претскажува дека 1) доаѓа Синот човечки, 2) тоа доаѓање ќе биде со голема слава, 3) со него ќе бидат ангелите и 4) ќе го видат сите земни племиња. Исус ги повторува овие елементи во параболата за овците и козите (Матеј 25:31—46). Оттука можеме да заклучиме дека оваа парабола се однесува на времето, после почетното избивање на неволјата, кога Исус ќе дојде со своите ангели и ќе седне на својот престол за да суди (Јован 5:22; Дела 17:31; спореди 3. Царства 7:7; Даниил 7:10, 13, 14, 22, 26; Матеј 19:28). Кој ќе биде суден, и со каков резултат? Параболата покажува дека Исус ќе обрне внимание на сите нации, како да се собрани токму пред неговиот небесен престол.
20, 21. а) Што ќе се случи со овците од Исусовата парабола? б) Што ќе доживеат козите во иднина?
20 Мажите и жените слични на овци ќе бидат одвоени на Исусовата десна страна на наклоност. Зошто? Бидејќи ги користеле своите прилики да им прават добро на неговите браќа — помазаните христијани кои ќе учествуваат во Христовото небесно Царство (Даниил 7:27; Евреите 2:9—3:1). Во склад со таа парабола, милиони христијани слични на овци ги признале Исусовите духовни браќа и работеле во нивни прилог. Како резултат на тоа, ова големо мноштво ја има библиски темелената надеж да ја преживее ‚големата неволја‘ и потоа да живее засекогаш во Рајот, земното подрачје на Божјето Царство (Откровение 7:9, 14; 21:3, 4; Јован 10:16).
21 Колку само поинаков ќе биде исходот за козите! Во Матеј 24:30 опишано е дека тие ќе ‚се расплачат‘ кога ќе дојде Исус. А и треба, бидејќи во нивното досие ќе стои дека ја отфрлаат добрата вест за Царството, дека им се противат на Исусовите ученици и дека го претпочитаат светот кој поминува (Матеј 10:16—18; 1. Јованово 2:15—17). Исус — а не некој од неговите ученици на земјата — одредува кои се кози. За нив тој вели: „Овие ќе отидат во вечно одрежување“ (Матеј 25:46, NW).
22. Кој дел од Исусовото пророштво го заслужува нашето понатамошно разгледување?
22 Нашиот напредок во разбирањето на пророштвото од Матеј, поглавја 24 и 25, е возбудлив. Меѓутоа, во Исусовото пророштво има еден дел кој го заслужува нашето понатамошно внимание — ‚одвратната работа што предизвикува опустошување која стои на свето место‘. Исус ги поттикнал своите следбеници да применат проникливост во врска со ова и да бидат спремни да преземат акција (Матеј 24:15, 16). Што е оваа ‚одвратна работа‘? Кога стои на свето место? И како се вклучени нашите изгледи за сегашен и иден живот? За тоа ќе дискутира следната статија.
[Фусноти]
a Види ги студиските статии во изданијата на Стражарска кула од 15 февруари 1994; 15 октомври и 1 ноември 1995, како и 15 август 1996.
b Британскиот изучувач Џ. Р. Безли-Мари забележува: „Фразата ‚оваа генерација‘ не би требало да биде проблем за толкувачите. Иако, како што е познато, генеа́ во раниот грчки јазик значела раѓање, потомство и, според тоа, род . . . во [грчката Септуагинта] таа најчесто била превод на хебрејскиот термин до̂р што значел возраст, старост на човештвото или генерација во смисла на современици . . . Се чини дека во изјавите кои му се припишуваат на Исус, тој термин има двојна конотација: од една страна секогаш ги означува неговите современици, а од друга страна, пак, се подразбира дека тој секогаш пренесува критицизам“.
c Во Историја на Евреите, професор Гретс вели дека понекогаш Римјаните приковувале и по 500 затвореници на ден. На други заробени Евреи им биле отсечувани рацете и после тоа биле враќани во градот. Какви околности преовладувале таму? „Парите ја изгубиле вредноста, зашто со нив не можело да се купи леб. Мажите очајнички се бореле по улиците за најодвратната и најодбивна храна, шака слама, парче кожа, т. е. отпадоци од месо кои им се фрлале на кучињата . . . Бројот на непогребани лешеви кој брзо растел предизвикал спарниот летен воздух да биде заразен, а населението станувало плен на болести, глад и меч.“
d Следната статија дискутира за овој аспект од идната неволја.
Дали се сеќаваш?
◻ Какво исполнување имал Матеј 24:4—14 во првиот век?
◻ На кој начин биле скратени деновите и се спасило телото во времето на апостолите, како што било предвидено во Матеј 24:21, 22?
◻ Што ја карактеризирало ‚генерацијата‘ која е спомната во Матеј 24:34?
◻ Од каде знаеме дека пророштвото дадено на Маслинската Гора ќе има едно друго, поголемо исполнување?
◻ Кога и како ќе се исполни параболата за овците и козите?
[Прашања]
[Слика на страница 12]
Детаљ од триумфалната порта на Тит во Рим кој го покажува пленот од уништувањето на Ерусалим
[Извор на слика]
Soprintendenza Archeologica di Roma