Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Павле триумфира над неволјата

Павле триумфира над неволјата

Тие ја извршувале Јеховината волја

Павле триумфира над неволјата

ПАВЛЕ е во една очајна ситуација. Тој и 275 други луѓе се наоѓаат на еден брод кој е зафатен од евроклидон — најсилниот ветар на Медитеранот. Бурата е толку жестока што сонцето не може да се види дење, ниту ѕвездите ноќе. Разбирливо е тоа што патниците се исплашени за своите животи. Сепак, Павле ги утешува раскажувајќи им дека на сон му било божествено откриено: „Ниедна душа од вас нема да загине, освен лаѓата“ (Дела 27:14, 20—22).

Во 14-тата ноќ од бурата, морнарите откриваат нешто вчудовидувачко — водата е длабока само 20 фати. a Малку понатаму, пак ја мерат длабочината на водата. Овојпат, водата е длабока 15 фати. Близу е копното! Но, оваа добра вест укажува на нешто отрезнувачко. Ако ноќе биде фрлан ваму-таму во плитките води, бродот би можел да се искрши во карпите и да биде распарчен. Мудро, морнарите ги фрлаат сидрата. Некои од нив сакаат да го спуштат скифот и да се качат на него, ризикувајќи по морето. b Но, Павле ги спречува. На воениот офицер и на војниците им вели: „Ако овие не останат на коработ, вие не можете да се спасите“. Офицерот го послушува Павле и сега сите 276 патници тегобно загрижени чекаат да се раздени (Дела 27:27—32).

Бродолом

Следното утро, патниците на бродот здогледуваат еден залив со плажа. Со обновена надеж, морнарите ги сечат сидрата и го креваат предното едро на ветрот. Бродот почнува да се движи кон копното — несомнено проследено со извици на радост (Дела 27:39, 40).

Но, наеднаш бродот се забива во едно плитко место. Што е уште полошо, силните бранови ја разбиваат крмата на чамецот и го распарчуваат. Сите патници ќе мораат да го напуштат бродот! (Дела 27:41). Но, ова наметнува еден проблем. Многумина од оние кои се на чамецот — вклучувајќи го и Павле — се затвореници. Според римскиот закон, еден чувар кој ќе дозволи неговиот затвореник да побегне мора да ја издржи казната која е предвидена за затвореникот. Ако, на пример, побегнел некој убиец, тогаш немарниот чувар морал да плати со живот.

Плашејќи се од таквите последици, војниците одлучуваат да ги погубат сите затвореници. Меѓутоа, тогаш посредува воениот офицер кој е пријателски настроен кон Павле. Тој заповеда сите кои можат, да скокнат во водата и да пливаат до копното. Оние кои не знаат да пливаат, мораат да се фатат за штици или за други предмети од чамецот. Еден по еден, патниците на осудениот брод полека се приближуваат кон брегот. Верно на Павловите зборови, не е изгубен ниту еден живот (Дела 27:42—44).

Чудо на Малта

Исцрпената група наоѓа засолниште на островот наречен Малта. Жителите се ‚луѓе кои зборуваат странски‘ (NW), дословно „варвари“ (грчки: варварос). c Но, Малтежанците не се дивјаци. Напротив, Лука, патувачкиот придружник на Павле, известува: „Ни укажаа необична човекољубивост: нѐ примија сите и, бидејќи врнеше дожд, беше студено, та накладоа оган“. Самиот Павле им се придружува на малтешките домородци во собирањето и ставањето прачки во огнот (Дела 28:1—3, фуснота NW).

Одеднаш, една змија отровница се замотува на раката на Павле! Островјаните претпоставуваат дека Павле мора да е убиец. Веројатно мислат дека Бог ги казнува грешниците така што го напаѓа оној дел од нивното тело кој бил вршител на гревот. Но, гледај! На големо изненадување на домородците, Павле ја истресува отровницата во огнот. Извештајот на Лука како очевидец покажува дека ‚тие очекувале [кај Павле] да се појави оток, или, пак, веднаш да падне мртов‘. Островјаните го менуваат својот став и почнуваат да велат дека Павле мора да е некој бог (Дела 28:3—6).

Следните три месеци Павле ги минува на Малта и за тоа време го лечи таткото на Поплиј — првиот човек на островот кој гостољубиво го примил — и други кои биле измачувани со болести. Освен тоа, Павле го сее семето на вистината, што донесува многу благослови за гостољубивите жители на Малта (Дела 28:7—11).

Поука за нас

За време на својата служба, Павле се соочил со многу предизвици (2. Коринтјаните 11:23—27). Во горенаведениот извештај тој бил затвореник заради добрата вест. Потоа, морал да се соочи со неочекувани испити: страшна бура и бродолом како последица на неа. Низ сево ова, Павле никогаш не се поколебал во својата решеност да биде ревен проповедник на добрата вест. Од лично искуство напишал: „Научен сум на сѐ и секако, и сит да бидам, и глад да трпам, и во изобилие да сум, и во немање. Сѐ можам преку Исуса Христа [оној, NW], Кој ме крепи“ (Филипјаните 4:12, 13).

Не би требало никогаш животните проблеми да ја ослабнат нашата решеност да бидеме ревни министри на вистинскиот Бог! Кога се појавува неочекуван испит, го фрламе нашето бреме на Јехова (Псалм 55:22NW). Потоа, стрпливо чекаме за да видиме како тој ќе ни овозможи да го поднесеме испитот. Во меѓувреме, и понатаму верно му служиме, уверени дека тој се грижи за нас (1. Коринтјаните 10:13; 1. Петрово 5:7). Со тоа што остануваме цврсти, без разлика што и да дојде, ние — како Павле — можеме да триумфираме над неволјата.

[Фусноти]

a Обично се смета дека фат изнесува околу 1,8 метри.

b Скиф бил мал чамец кој се користел за да се дојде до копното кога бродот бил укотвен во близина на брегот. Изгледа дека морнарите се обидувале да ги спасат своите животи по цена на оние кои би останале, а кои немале вештина да управуваат со брод.

c Word Origins (Потекло на зборовите) од Вилфред Фанк забележува: „Грците ги презирале сите јазици освен сопствениот и велеле дека тие звучат како ‚вар-вар‘. Секој кој зборувал таков јазик го нарекувале варварос“.