Плодната земја на народот Венда
Плодната земја на народот Венда
ИЗМИНАТИВЕ десет години, мојата сопруга и јас работиме како полновремени евангелизатори меѓу народот Венда. Тој живее јужно од реката Лимпопо, во северниот дел на Јужна Африка, и е составен од извесен број племиња кои го преминале Лимпопо во текот на изминатите векови. Некои од народот Венда тврдат дека нивните предци се населиле овде пред повеќе од 1.000 години.
Всушност, овој регион некогаш бил дел од една стара цивилизација наречена царството Мапунгубве. Тоа било првата голема градска населба во Јужна Африка, и под нејзина контрола била пространата долина на реката Лимпопо, од Боцвана на запад па сѐ до Мозамбик на исток. Од отприлика 900 н. е. до 1.100 н. е. Мапунгубве ги снабдувало арапските трговци со слонова коска, рогови од носорози, животински кожи, бакар, па дури и со злато. На едно кралско погребно брдо наречено Мапунгубве биле ископани вешто извајани предмети обложени со злато. Тие спаѓаат меѓу „најраните показатели за рударство на злато во јужниот дел на Африка“, укажува една енциклопедија.
Тука повеќе не се вади злато. Денес земјата на народот Венда е прочуена по нејзината плодност. Јужно од планината Саутпансберг лежи една бујна долина каде во изобилство растат плодови како, на пример, авокадо, банани, манго и гуава. Освен калифорниските ореви и макадамиите, има и изобилна понуда на зеленчук. Во него спаѓа дивото мурохо кое има вкус на спанаќ и е омилено кај мештаните.
Народот Венда е мирољубив и гостопримлив. Не е необично поглаварот на домаќинството да побара да се зготви пиле за некој неочекуван гостин. Тоа се јаде заедно со вхусва, основен прехранбен производ направен од слатка пченка. После посетата, поглаварот на домаќинството ќе го испрати својот гостин до некаде. Тоа е традиционален начин на покажување почит кон посетителот. Децата се поучени да ги поздравуваат посетителите на учтив начин така што им се поклонуваат и ја лизгаат едната рака преку другата. На оваа страница можете да видите две Венда жени кои се поздравуваат на овој вообичаен начин.
Тежок јазик
Венда јазикот не е лесен за луѓето кои имаат европско потекло. Една тешкотија е тоа што многу зборови се пишуваат исто, но се изговараат различно. Еден ден, додека држев библиско предавање во едно Венда собрание на Јеховините сведоци, се
обидував да ги охрабрам присутните да разговараат со секој човек. Едно лице меѓу присутните не можеше а да не се насмее, бидејќи реков: „од прст на прст“, наместо: „од човек на човек“.Кога првпат се обидов да зборувам на јазикот Венда во делото на јавно сведочење, една Венда госпоѓа ми одговори: „Не знам англиски“. Штотуку си помислив дека добро зборувам Венда, а таа мислеше дека тоа е англиски! Во една друга прилика, додека се приближував до една куќа, замолив еден младич да го викне поглаварот на семејството. Зборот за семеен поглавар на Венда јазикот е тхо́хо. По грешка реков тхохо́ и така замолив да зборувам со мајмунот на куќата! Таквите грешки ме обесхрабруваа, но со истрајност, мојата сопруга и јас сега доста добро можеме да разговараме на Венда.
Духовни плодови
Земјата на народот Венда се покажува плодна и во духовен поглед. Во 1950-тите било формирано собрание на Јеховините сведоци од мигрантите кои дошле од соседните земји за да работат во еден рудник за бакар во градот Месина. Нивната ревна активност запознала многумина од народот Венда со библиските вистини. После една деценија, една група Венда Сведоци одржувале состаноци во еден приватен дом во градот Сибаса.
За да го забрза порастот, подружницата на Watch Tower Society од Јужна Африка испрати полновремени евангелизатори на ова плодоносно поле. Набрзо групата во Сибаса прерасна во големо собрание. Во тоа време христијанските состаноци се одржуваа во една училница. Меѓутоа, со помош на Јеховините сведоци во подрачјето на Питерсбург на околу 160 километри на југ, во Тохојандоу, еден соседен град, беше изградена Сала на Царството.
Населението кое зборува на јазикот Венда во северниот дел на Јужна Африка брои над 500.000 луѓе. Кога во 1950-тите започнало делото на проповедање на Царството, овде немало Венда Сведоци. Сега ги има повеќе од 150. Но, сѐ уште има многу недопрени подрачја и уште многу работа. Во 1989 почнавме да го посетуваме Венда селото по име Хамутша. Во тоа време таму живееше само еден Сведок. Сега во тоа село живеат над 40 објавители на Царството. Зафатени сме со довршување на нашата Сала на Царството, повторно, благодарение на помошта од Сведоците од собранијата во Питерсбург и на финансиските прилози на браќата од побогатите земји.
Ние живееме во еден караван (мала приколка) на една фарма. Водејќи едноставен живот, имаме повеќе време за да ги достигнеме мештаните со добрата вест (Марко 13:10). Како резултат на тоа, бевме богато благословени со предноста да им помогнеме на многумина да ги предадат своите животи на Јехова Бог. Пример за тоа е еден човек по име Мајкл, кој ја видел книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата во куќата на еден свој пријател. a Почнал да ја чита и веднаш ја препознал вистината. Затоа пишал до Watch Tower Society барајќи повеќе библиска литература. Во своето писмо Мајкл објаснил дека неодамна се крстил како член на една локална Апостолска црква. „Открив“, продолжил тој, „дека сум на погрешен пат до Царството на Бог. Решив да станам ваш член, но не знам како.“ Потоа, ја дал својата адреса и побарал да биде испратен некој Јеховин сведок за да му помогне. Успеав да го пронајдам Мајкл и започнав со него домашна библиска студија. Денес тој е крстен Сведок и лојално му служи на Јехова.
Во декември 1997 бевме присутни на Обласниот конгрес на Јеховините сведоци „Вера во Божјата реч“ кој се одржа на еден спортски стадион во Тохојандоу. Имаше 634 присутни и се крстија 12 нови лица. Имав предност да држам две предавања на Венда. Тоа навистина беше пресвртница во нашата среќна деценија која ја поминавме во оваа плодна земја! (Приложено.)
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.