Секој сака да биде слободен
Секој сака да биде слободен
„Човекот е роден слободен, а насекаде живее во синџири“, напишал францускиот филозоф Жан Жак Русо во 1762 година. Роден слободен. Колку само прекрасна мисла! Но, како што забележал Русо, милиони луѓе во текот на историјата никогаш не вкусиле слобода. Напротив, својот живот го поминале „во синџири“, затворени во еден систем кој ги лишил од секаква трајна среќа и задоволство во животот.
МИЛИОНИ луѓе денес сѐ уште увидуваат дека „човекот господари над човек на своја штета“ (Проповедник 8:9). Во своите стремежи кон моќ, некои амбициозни мажи и жени и понатаму покажуваат мала или никаква грижа на совеста поради тоа што им ја газат слободата на другите. „Разбеснетите одреди на смртта убија 21 човек“, вели еден типичен извештај. Друг, пак, зборува за „касапење“ во кое силите на безбедноста ‚убиваат незаштитени жени, деца и стари луѓе кои не пружаат отпор, сечат грклани, стрелаат цивилни затвореници в глава и ја следат тактиката на уништување села — изгорена земја и фрлање гранати каде што ќе им текне‘.
Не е ни чудо тоа што луѓето длабоко во себе сакаат и навистина се борат за слобода од репресии! Но, жална вистина е дека борбата на еден човек за слобода честопати вклучува газење на правата и слободата на другиот. Во тој процес речиси неизбежно се жртвувани мажи, жени и деца, додека нивната смрт е „озаконета“ со тоа што поводот се прогласува за достоен и праведен. На пример, минатата година еден автомобил-бомба во Ирска кој го поставиле „борците за слобода“ во малото гратче Ома, усмрти 29 недолжни набљудувачи и повреди уште стотици.
Сѐ уште „во синџири“
Што се добива по завршувањето на борбата? Кога „борците
за слобода“ ги извојуваат своите битки, може да се добие некаква ограничена слобода. Но, дали тогаш навистина се слободни? Зарем не е точно дека дури и во најлибералните општества во таканаречениот слободен свет, луѓето сѐ уште се ‚во синџирите‘ на брутални господари како што се сиромаштијата, несовршеноста, болестите и смртта? Како може некој да каже дека е навистина слободен кога тие работи и понатаму го поробуваат?Древниот библиски писател Мојсеј точно опишал каков бил животот на многумина во текот на историјата — а и сѐ уште е денес. Може да живееме 70 или 80 години, рекол тој, „и повеќе време од нив се во труд и болести“ (Псалм 89:10). Дали ова некогаш ќе се смени? Дали некогаш ќе биде можно сите ние да живееме потполно задоволувачки живот, слободни од болката и теророт од кои страдаат толку многу луѓе денес?
Библијата вели „да“! Таа зборува за „славното ослободување [слобода, NW] на синовите Божји“ (Римјаните 8:21). Да ја разгледаме внимателно таа слобода за која зборувал апостол Павле во првиот век во едно писмо кое го напишал до христијаните во Рим. Во тоа писмо тој јасно објаснува како секој од нас може да добие вистинска, трајна ‚славна слобода‘.
[Извор на слика на страница 3]
Од книгата Beacon Lights of History, том XIII