Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Секој ќе биде слободен

Секој ќе биде слободен

Секој ќе биде слободен

„Затоа, сметам дека страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата која ќе се открие во нас. Зашто желното исчекување на творбата е чекање да се откријат Божјите синови. Зашто творбата беше подложена на ништожност, не по својата волја туку преку оној кој ја подложи, на темел на надежта дека и самата творба ќе биде ослободена од ропството на расипаноста и ќе ја има славната слобода на Божјите деца. Целокупната творба заедно стенка и се наоѓа во болка до сега“ (РИМЈАНИТЕ 8:18—22NW).

ВО ОВОЈ дел од своето писмо до христијаните во Рим, апостол Павле дава извонреден преглед за тоа зошто во животот нема вистинска слобода и зошто толку често е обележан со празнина и болка. Исто така, тој објаснува како можеме да добиеме вистинска слобода.

„Страдањата на сегашното време“

Павле не ги минимизира „страдањата на сегашното време“ кога вели дека тие „не се ништо во споредба со славата која ќе се открие во нас“. Во времето на Павле, а и подоцна, христијаните многу страдале под крутото тоталитаристичко владеење што го спроведувале римските власти кои малку се грижеле за човековите права. Кога Рим поверувал дека христијаните се непријатели на државата, тој ги подложил на брутални репресии. Историчарот Џ. М. Робертс вели: „Многу христијани во главниот град [Рим] сигурно загинале во арените на ужасен начин или биле живи изгорени“ (Shorter History of the World — Пократка историја на светот). За овие жртви на прогонството од страна на Нерон, еден друг извештај наведува: „Некои биле распнати на крст, на некои им биле пришивани кожи од животни и биле гонети од кучиња, некои биле мачкани со катран и спалувани за да служат како живи факели кога паѓал мрак“ (New Testament History — Историја на Новиот завет од Ф. Ф. Брус).

Сигурно дека тие рани христијани сакале слобода од таквото угнетување, но не биле спремни да ги прекршат учењата на Исус Христос за да ја добијат. Останале апсолутно неутрални, на пример, во борбата меѓу римските владејачки авторитети и еврејските борци за слобода, како што биле зелотите (Јован 17:16; 18:36). За зелотите, „зборувањето за чекање на Божје одредено време не било она што го налагала сегашната криза“. Она што е потребно, велеле тие, е „насилничка акција против непријателот“, Рим (Историја на Новиот завет). Раните христијани размислувале поинаку. „Чекањето на Божјето одредено време“ за нив било единствен реалистичен избор. Тие биле уверени дека ништо друго освен божествената интервенција нема трајно да ги оконча „страдањата на сегашното време“ и да донесе вистинска, трајна слобода (Михеј 7:7; Авакум 2:3). Но, пред да разгледаме како ќе се случи тоа, најпрвин да испитаме зошто ‚творбата била подложена на ништожноста‘.

‚Подложени на ништожноста‘

Овде зборот ‚творба‘, вели Бенџамин Вилсон во The Emphatic Diaglott, не значи „сурова и нежива творба“ како што некои сугерираат, туку поточно „целото човештво“. (Спореди Колосјаните 1:23.) Тоа укажува на целото човечко семејство — на сите нас кои копнееме по слобода. Ние сме ‚подложени на ништожност‘ поради постапките на нашите прародители. Тоа не се случило ‚по [наша] волја‘ или како резултат на личен избор на поединецот. Ние сме ја наследиле нашата ситуација. Од гледна точка на Писмото, Русо згрешил кога рекол дека „човекот е роден слободен“. Секој од нас е роден во ропството на гревот и несовршеноста, поробен, така да се каже, во еден систем кој е исполнет со фрустрација и ништожност (Римјаните 3:23).

Зошто тоа било случај? Поради тоа што нашите прародители Адам и Ева сакале да бидат „како Бог“ (NW), да имаат целосно самоопределување, сами да одлучуваат што е добро а што зло (1. Мојсеева 3:5). Тие игнорирале еден витален фактор за слободата. Само Творецот може да има апсолутна слобода. Тој е Универзален Суверен (Исаија 33:22; Откровение 4:11). Човековата слобода мора да значи слобода во рамките на извесни граници. Затоа ученикот Јаков ги охрабрил христијаните од негово време да се управуваат според „совршениот Закон на слободата“ (Јаков 1:25).

Јехова со право ги истерал Адам и Ева од своето универзално семејство и, како последица на тоа, тие умреле (1. Мојсеева 3:19). Но, што е со нивните потомци? Милосрдно е тоа што иако тие сега можеле да пренесат само несовршеност, грев и смрт, Јехова сѐ уште им дозволувал да имаат деца. Така „смртта премина на сите луѓе“ (Римјаните 5:12). Во таа смисла Бог ‚ја подложил [творбата] на ништожност‘.

‚Откривањето на синовите Божји‘

Јехова ја покорил творбата на ништожност „на темел на надежта“ дека еден ден ќе биде обновена слободата на човечкото семејство преку активностите на ‚синовите Божји‘. Кои се тие „синови Божји“? Тоа се учениците на Исус Христос кои, како и останатиот дел од ‚[човечката] творба‘, се родени поробени од гревот и несовршеноста. Со раѓањето тие немаат законско место во Божјето чисто, совршено, универзално семејство. Но, Јехова прави за нив нешто извонредно. Преку откупната жртва на Исус Христос, Тој ги ослободува од ропството на наследениот грев и ги прогласува за „праведни“, т. е. духовно чисти (1. Коринтјаните 6:11). Потоа ги усвојува како „синови Божји“ враќајќи ги во своето универзално семејство (Римјаните 8:14—17).

Како Јеховини усвоени синови, тие ќе имаат една славна предност. Ќе бидат ‚пред нашиот Бог цареви и свештеници; и ќе царуваат на [над, NW] земјата‘ заедно со Исус Христос како дел од Божјето небесно Царство, т. е. влада (Откровение 5:9, 10; 14:1—4). Тоа е влада која е цврсто темелена на начелата на слобода и правда — а не на угнетување и тиранија (Исаија 9:6, 7; 61:1—4). Апостол Павле вели дека овие синови Божји се придружници на Исус, долго ветуваното ‚семе на Авраам‘ (Галатјаните 3:16, 26, 29). Како такви, тие играат клучна улога во исполнувањето на едно ветување кое Бог му го дал на својот пријател Авраам. Дел од тоа ветување е дека преку Авраамовото семе (т. е. потомство) „ќе бидат благословени сите народи на земјата“ (1. Мојсеева 22:18).

Каков благослов му носат тие на човештвото? Синовите Божји учествуваат во ослободувањето на целото човечко семејство од ужасните последици на адамскиот грев и во обновувањето на човештвото до совршенство. Луѓето „од сите племиња и колена, народи“ можат да бидат благословени ако практикуваат вера во откупната жртва на Исус Христос и ако се подложат на неговата добротворна влада на Царството (Откровение 7:9, 14—17; 21:1—4; 22:1, 2; Матеј 20:28; Јован 3:16). На тој начин, ‚целокупната творба‘ повторно ќе се радува на „славната слобода на Божјите деца“. Ова нема да биде некаква ограничена, привремена политичка слобода туку, напротив, слобода од сѐ што му предизвикува болка и неволја на човечкото семејство уште откако Адам и Ева го отфрлиле Божјиот суверенитет. Не е ни чудо што апостол Павле можел да рече дека „страдањата на сегашното време не се ништо“ во споредба со славната служба што ќе ја извршуваат тие верни поединци!

Кога започнува ‚откривањето на синовите Божји‘? Многу скоро, кога Јехова јасно ќе им даде на сите до знаење кои се Божјите синови. Тоа ќе биде кога тие „синови“, воскреснати во духовното подрачје, ќе учествуваат со Исус Христос во очистувањето на оваа Земја од злото и угнетувањето, во Божјата војна Армагедон (Даниил 2:44; 7:13, 14, 27; Откровение 2:26, 27; 16:16; 17:14; 19:11—21). Околу нас гледаме сѐ поголем доказ дека сме навлезени длабоко во „последните денови“, кога ќе заврши Божјето долго толерирање на побуната и на злобата која е нејзина последица (2. Тимотеј 3:1—5; Матеј 24:3—31).

Да, така е како што вели апостол Павле дека „целокупната творба заедно стенка и се наоѓа во болка до сега“ — но не уште за многу долго. Милиони кои живеат сега ќе видат „кога ќе се изврши [обновувањето на, NW] сѐ, што беше рекол Бог преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот“, вклучувајќи и обновување на мирот, слободата и правдата на целото човечко семејство (Дела 3:21).

Најпосле вистинска слобода

Што мора да правиш за да се радуваш на таа ‚славна слобода на Божјите деца‘? Исус Христос рекол: „Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32). Тоа е клучот за слободата — да ги научиме и потоа да им бидеме послушни на Христовите заповеди и учења. Тоа донесува извесна мера слобода уште сега. Во блиска иднина тоа ќе донесе целосна слобода под владеењето на Христос Исус. Мудар правец е да се запознае Исусовото „слово“ преку проучување на Библијата (Јован 17:3). Исто како раните христијани, активно дружи се со собранието на Христовите вистински ученици. На тој начин можеш да извлечеш корист од ослободувачките вистини кои Јехова ги става на располагање преку својата денешна организација (Евреите 10:24, 25).

Додека го ‚чекаш откривањето на синовите Божји‘, можеш да ја негуваш довербата што ја имал апостол Павле во Христовата заштитничка грижа и поддршка, дури и тогаш кога страдањата и неправдите изгледаат речиси неподносливи. После дискусијата за откривањето на синовите Божји, Павле прашал: „Кој ќе нѐ одвои од љубовта Божја [на Христа, NW]: тага ли, невола ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли или меч?“ (Римјаните 8:35). Секако, христијаните во времето на Павле, да се послужиме со зборовите на Русо, сѐ уште биле ‚во синџирите‘ на потиснувачки сили од еден или од друг вид. Тие биле ‚секогаш убивани‘ како „овци за клање“ (Римјаните 8:36). Дали дозволиле тоа да ги совлада?

„Напротив“ (NW), пишува Павле, „во сето ова победуваме преку Оној, Кој нѐ возљуби“ (Римјаните 8:36, 37). Како раните христијани победувале и покрај сѐ што морале да поднесат? „Оти сигурно знам“, вели тој во одговорот, „дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 8:38, 39). И ти можеш да ја ‚победиш‘ која и да било ‚тага, невола, или гонење‘ што можеби ќе мора да ги поднесеш во меѓувреме. Божјата љубов гарантира дека наскоро — многу скоро — ‚ќе бидеме ослободени од [сето] ропство и ќе ја имаме славната слобода на Божјите деца‘.

[Слики на страница 6]

‚Целокупната творба заедно стенка и се наоѓа во болка до сега‘

[Слика на страница 7]

‚Творбата ќе биде ослободена од сето ропство и ќе ја има славната слобода на Божјите деца‘