Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Благословувај го, душо моја, Јехова“

„Благословувај го, душо моја, Јехова“

„Благословувај го, душо моја, Јехова“

„ВО ИЗМИНАТИВЕ месеци мојата служба стана еднолична и без радост“, вели Ненси. a Таа околу десет години служи како пионер, полновремен објавител на добрата вест. Сепак, додава: „Не ми се допаѓа она што ми се случува. Изгледа како пораката за Царството да ја изнесувам повеќе на начин кој е без одушевеност и не толку од срце. Што да правам?“

Разгледај го и случајот на Кит, старешина во едно собрание на Јеховините сведоци. Колку само се изненадил кога неговата сопруга му рекла: „Сигурно си преокупиран со нешто. Во молитвата која штотуку ја кажа, ти се заблагодари за храната, иако сега не е време за оброк!“ Кит признава: „Гледам дека молитвите ми станале механички“.

Несомнено, ти не сакаш твоите изрази на фалба на Јехова Бог да бидат ладни и механички. Напротив, сакаш да бидат од срце, да извираат од чувства на благодарност. Меѓутоа, едно чувство не може да се облече или соблече како облека. Тоа мора да потекнува однатре. Како може некој да чувствува благодарност во срцето? Псалм 102 ни дава увид во тој поглед.

Псалм 102 го компонирал цар Давид од древниот Израел. Тој започнува со зборовите: „Благословувај го, душо моја, Господа [Јехова, NW], и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име“ (Псалм 102:1). „Зборот благословува применет на Бог“, вели еден прирачник, „значи да се дава фалба и секогаш подразбира силна наклоност кон него, како и чувство на благодарност.“ Сакајќи да го фали Јехова со срце кое е полно со љубов и ценење, Давид силно ја поттикнува сопствената душа — себеси — да го ‚благословува Јехова‘. Но, што го создава ова срдечно чувство во срцето на Давид кон Богот кого го обожава?

Давид продолжува: „Не заборавај ги сите Негови [Јеховини] добрини [дела, NW]“ (Псалм 102:2). Чувството на благодарност кон Јехова очигледно е поврзано со медитирањето за ‚неговите дела‘, и тоа со ценење. Кои конкретно Јеховини дела ги имал Давид на ум? Набљудувањето на творештвото на Јехова Бог како, на пример, небото начичкано со ѕвезди во јасна ноќ, може навистина да го исполни срцето со благодарност за Творецот. Ѕвезденото небо длабоко го трогнало Давид (Псалм 8:3, 4; 18:1). Но, во Псалм 102 Давид си спомнува за една друга Јеховина активност.

Јехова ‚ги простува сите твои беззаконија‘

Во овој псалм, Давид ги набројува Божјите дела на срдечна љубезност. Укажувајќи пред сѐ на нив, тој пее: ‚Господ ги очистува [ги простува, NW] сите твои беззаконија‘ (Псалм 102:3). Давид секако бил свесен за сопствената грешна состојба. Откако пророкот Натан се соочил со него во врска со неговиот прељубнички однос со Вирсавија, Давид признал: „Пред Тебе [Јехова] Единствениот згрешив и пред Тебе зло извршив“ (Псалм 50:4). Тој со скршено срце ја упатил оваа молба: „Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост [срдечна љубезност, NW], и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои. Многупати ме изми од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев“ (Псалм 50:1, 2). Колку мора да бил благодарен Давид што му било простено! Како несовршен човек, тој имал направено и други гревови во својот живот, но никогаш не пропуштил да се покае, да прими укор и да ги исправи своите патишта. Размислувањето за Божјите величествени постапки на љубезност кон него го поттикнале Давид да го благословува Јехова.

Зарем не сме и ние грешни? (Римјаните 5:12). Дури и апостол Павле се жалел: „Бидејќи, со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи. Беден човек сум! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт?“ (Римјаните 7:22—24). Колку само можеме да бидеме благодарни што Јехова не води евиденција за нашите престапи! Тој радо ги брише кога ќе се покаеме и ќе побараме простување.

Давид се сеќава: „[Јехова] ги исцелува сите твои болести“ (Псалм 102:3). Бидејќи исцелувањето е чин на опоравување, тоа налага повеќе отколку само простување на злоделото. Тоа вклучува отстранување на ‚болестите‘ — лошите последици од грешноста на нашите патишта. Во новиот свет што ќе го создаде тој, Јехова навистина ќе ги искорени физичките последици на гревот, како што се болеста и смртта (Исаија 25:8; Откровение 21:1—4). Меѓутоа, Бог уште денес нѐ исцелува од духовните болести. За некои тоа вклучува лоша совест и прекинат однос со него. ‚Да не го заборавиме‘ она што Јехова веќе го сторил за секого од нас лично во тој поглед.

Тој ‚го избавува твојот живот‘

„[Јехова] го избавува од распаѓање [од самата дупка, NW] твојот живот“, пее Давид (Псалм 102:4). „Самата дупка“ е заедничкиот гроб на човештвото — шеол, т. е. хадес. Уште пред да стане цар на Израел, Давид се нашол во челуста на смртта. На пример, израелскиот цар Саул негувал убиствена омраза кон Давид и во повеќе наврати го нападнал со цел да го убие (1. Царства 18:9—29; 19:10; 23:6—24:1). Филистејците исто така сакале Давид да умре (1. Царства 21:10—15). Но, секојпат Јехова го избавувал од „самата дупка“. Колку мора да бил благодарен Давид кога си спомнувал за овие Јеховини дела!

А како е со тебе? Дали Јехова те поддржувал низ периоди на депресија или време на загуба? Или, дали знаеш примери кога тој ги избавил животите на своите верни Сведоци од дупката на шеолот во наше време? Можеби си бил трогнат читајќи извештаи на страниците од ова списание за неговите дела на ослободување. Зошто не одвоиш време со ценење да размислиш за овие дела на вистинскиот Бог? И, секако, сите ние имаме причина да му бидеме благодарни на Јехова за надежта во воскресение (Јован 5:28, 29; Дела 24:15).

Јехова ни дава и живот и она што го прави истиот радосен и исплатлив. Псалмистот изјавува дека Бог „те овенчува со милост [срдечна љубезност, NW] и со добрини“ (Псалм 102:4). Кога се наоѓаме во време на потреба, Јехова не нѐ напушта, туку ни притекува на помош преку својата видлива организација и преку наименуваните старешини, т. е. пастири во собранието. Таквата помош ни овозможува да се справиме со некоја испитувачка ситуација без да изгубиме самопочитување и достоинство. Христијанските пастири водат голема грижа за овците. Тие ги охрабруваат болните и депримираните и прават сѐ што можат за да ги опорават оние кои паднале (Исаија 32:1, 2; 1. Петрово 5:2, 3; Јуда 22, 23). Јеховиниот дух ги мотивира тие пастири да бидат жалостиви и полни со љубов кон стадото. Неговата ‚срдечна љубезност и милост‘ се навистина како круна која нѐ краси и ни дава достоинство! Не заборавајќи ги никогаш неговите дела, да го благословуваме Јехова и неговото свето име.

Продолжувајќи самиот да се опоменува, псалмистот Давид пее: „[Јехова] ја исполнува со блага твојата желба, како на орел ќе се обновува твојата младост“ (Псалм 102:5). Јехова дава живот исполнет со задоволство и радост. Па, токму спознанието на самата вистина е неспоредливо богатство и извор на огромна радост! И размисли само колку длабоко задоволство донесува делото на проповедање и правење ученици што ни го дал Јехова. Колку сме одушевени кога ќе најдеме некој кој е заинтересиран да дознае за вистинскиот Бог и ќе му помогнеме да го запознае Јехова и да го благословува! Сепак, без разлика на тоа дали некој во нашиот крај ќе слуша или не, голема предност е да се има удел во делото кое е поврзано со посветувањето на Јеховиното име и со оправдувањето на неговиот суверенитет.

Има ли некој кој не се уморува или истоштува додека учествува во делото на проповедање на Божјето Царство? Сепак, Јехова и понатаму ја обновува силата на своите слуги, правејќи ги ‚како орли‘ кои имаат моќни крилја и се издигнуваат на големи височини на небото. Колку само можеме да бидеме благодарни што нашиот небесен Татко кој е полн со љубов дава таква „динамична енергија“ (NW) за да можеме верно да ја извршуваме нашата служба од ден на ден! (Исаија 40:29—31).

Да илустрираме: Клара има полновремена световна работа, но таа поминува и отприлика по 50 часа месечно во службата на теренот. Таа вели: „Понекогаш сум уморна и се присилувам да излезам во службата на теренот само поради тоа што сум договорена со некого. Но, штом ќе излезам, секогаш се чувствувам закрепната“. И ти можеш да ја осетиш закрепата која произлегува од божествената поддршка во христијанската служба. Биди и ти поттикнат да кажеш како Давид во уводните зборови на овој псалм: „Благословувај го, душо моја, Господа [Јехова, NW], и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име“.

Јехова го избавува својот народ

Исто така, псалмистот пее: „Господ им дава милост [извршува праведни дела, NW] и суд на сите онеправдани [изиграни, NW]. Он му ги покажа Своите патишта на Мојсеја, на Израилевите синови — барањата Свои“ (Псалм 102:6, 7). Веројатно Давид размислува за тоа како Израелците биле „изиграни“ од египетските угнетувачи во деновите на Мојсеј. Размислувањето за тоа како Јехова му ги покажал на Мојсеј своите патишта на избавување сигурно создавало чувство на благодарност во срцето на Давид.

И ние можеме да бидеме поттикнати на слична благодарност ако размислуваме за Божјите постапки со Израелците. Но, не треба да пропуштиме да размислуваме за искуствата на Јеховините современи слуги како што се оние спомнати во поглавја 29 и 30 во книгата Jehovah’s WitnessesProclaimers of God’s Kingdom (Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство). Извештаите кои се документирани во неа и во другите публикации на Watch Tower Society ни овозможуваат да видиме како Јехова му помогнал на својот народ во нашево време да поднесе затворања, напади од страна на толпите, забрани, концентрациони логори и затворски работнички логори. Имало испити во земјите растргнати од војна како, на пример, Бурунди, Либерија, Руанда и поранешна Југославија. Секаде каде што се појавувало прогонство, Јеховината рака секогаш ги поддржувала неговите верни слуги. Размислувањето за овие дела на нашиот голем Бог, Јехова, може да го направи за нас она што за Давид го направило размислувањето за извештајот во врска со ослободувањето од Египет.

Размисли и за тоа како Јехова нежно нѐ избавува од товарот на гревот. Тој ја дал „крвта на Христа“ за да „ја очисти совеста наша од мртви дела“ (Евреите 9:14). Кога се каеме за нашите гревови и бараме простување на темел на Христовата пролеана крв, Бог ги оддалечува од нас нашите престапи — „од исток до запад“ — и нѐ враќа во неговата наклоност. И размисли за Јеховините подготовки во облик на христијански состаноци, изградувачко дружење, пастири во собранието и публикации темелени на Библијата кои ги добиваме преку „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:15NW). Зарем сиве овие Јеховини дела не ни помагаат да го зајакнеме нашиот однос со него? Давид изјавува: „Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив . . . Он не ни направи ништо според нашите беззаконија и не постапи според нашите гревови“ (Псалм 102:8—14). Медитирањето за Јеховината грижа полна со љубов секако може да нѐ поттикне да го славиме и да го величаме неговото свето име.

„Благословувајте го Јехова сите Негови дела“

Во споредба со бесмртноста на Јехова, „Богот на вечноста“ (NW), „дните“ на ‚[смртниот, NW] човек‘ се навистина кратки — „како трева“. Но, Давид со ценење размислува: „Милоста [Срдечната љубезност, NW] на Господа е од век до век спрема оние, кои се бојат од Него, и правдата Негова е од синовите на синовите, кои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови, за да ги исполнуваат“ (1. Мојсеева 21:33, фуснота NW; Псалм 102:15—18). Јехова не ги заборава оние кои се бојат од него. Во одредено време ќе им даде вечен живот (Јован 3:16; 17:3).

Изразувајќи го своето ценење за Јеховиното царување, Давид вели: „Господ [самиот Јехова, NW] го поставил Својот престол на небото, и царството Негово владее над сѐ“ (Псалм 102:19). Иако Јеховиното царување извесно време било видливо изразено преку царството Израел, неговиот престол е всушност на небото. Затоа што е Творец, Јехова е Суверен Владетел на универзумот и ја практикува својата божествена волја на небото и на земјата во склад со своите намери.

Давид силно ги поттикнува дури и небесните ангелски суштества. Тој пее: „Благословувајте Го Господа [Јехова, NW] — сите ангели Негови, крепки по сила, кои го извршуваат Неговиот збор, слушајќи го гласот од зборот Негов; благословувајте Го Господа — сите Негови војски, Негови служители, кои ја исполнувате волјата Негова; благословувајте Го Господа сите Негови дела, по сите места на Неговото владеење. Благословувај Го, душо моја, Господа!“ (Псалм 102:20—22). Зарем нашето размислување за Јеховините дела на срдечна љубезност кон нас не треба да нѐ поттикне и ние да го благословуваме? Секако! И можеме да бидеме сигурни дека звукот на нашиот глас во личната фалба на Бог нема да се изгуби во моќниот хор на фалители кој ги вклучува дури и праведните ангели. Нека со цело срце го фалиме нашиот небесен Татко, секогаш говорејќи добро за него. Навистина, да ги земеме при срце Давидовите зборови: „Благословувај го, душо моја, Јехова“.

[Фуснота]

a Некои имиња се изменети.

[Слика на страница 23]

Давид медитирал за Јеховините дела на срдечна љубезност. А ти?