Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Продолжи да одиш по Јеховиниот пат

Продолжи да одиш по Јеховиниот пат

Продолжи да одиш по Јеховиниот пат

„Надевај се на Господа и пази ги Неговите патишта; Он ќе те воздигне, за да ја наследиш земјата“ (Псалм 36:34).

1, 2. Што вклучувало одењето по Јеховиниот пат за цар Давид, и што бара тоа од нас денес?

 „ПОКАЖИ ми го, Господи, патот по кој да одам, зашто кон Тебе ја вознесувам душата своја“ (Псалм 142:8). Денешните христијани со цело срце ги повторуваат овие зборови на цар Давид. Тие искрено сакаат да му угодат на Јехова и да одат по неговиот пат. Што вклучува тоа? За Давид тоа значело да го држи Божјиот закон. Тоа вклучувало да има доверба во Јехова наместо во сојузите со нациите. Да, тоа значело и лојално да му служи на Јехова, а не на боговите на соседните народи. За христијаните, одењето по Јеховиниот пат вклучува повеќе од тоа.

2 Како прво, одењето по Јеховиниот пат денес значи да се практикува вера во откупната жртва на Исус Христос, признавајќи го него како „патот, вистината и животот“ (Јован 3:16; 14:6; Евреите 5:9). Тоа значи и да се исполни „законот Христов“ што вклучува покажување меѓусебна љубов, особено кон Исусовите помазани браќа (Галатјаните 6:2; Матеј 25:34—40). Оние кои одат по Јеховиниот пат ги сакаат неговите начела и заповеди (Псалм 118:97; Изреки 4:5, 6). Тие длабоко ја ценат својата драгоцена предност да учествуваат во христијанската служба (Колосјаните 4:17; 2. Тимотеј 4:5). Молитвата е редовен дел од нивниот живот (Римјаните 12:12). Исто така, ‚строго пазат како одат не како немудри, туку како мудри лица‘ (Ефесјаните 5:15NW). Секако, тие не го жртвуваат духовното богатство заради привремените материјални добивки или заради недозволени телесни задоволства (Матеј 6:19, 20; 1. Јованово 2:15—17). Освен тоа, животоважни се лојалноста кон Јехова и довербата во него (2. Коринтјаните 1:9; 10:5; Ефесјаните 4:24). Зошто? Бидејќи нашата ситуација е многу слична на ситуацијата на древниот Израел.

Потреба од доверба и лојалност

3. Зошто лојалноста, верата и довербата ќе ни помогнат да продолжиме да одиме по Јеховиниот пат?

3 Израел бил мала нација опкружена со непријателски соседи кои учествувале во развратни церемонии во обожавањето идолски богови (1. Летописи 16:26). Само Израелците му служеле на единствениот вистински и невидлив Бог Јехова кој барал тие да задржат високи морални мерила (5. Мојсеева 6:4). Слично е и денес. Само неколку милиони луѓе го обожаваат Јехова и живеат во свет од речиси шест милијарди луѓе чии мерила и религиозни гледишта се многу поинакви од нивните. Ако сме меѓу тие неколку милиони, мораме да пазиме да не потпаднеме под влијание на некој погрешен начин. Како? Ќе ни помогнат лојалноста кон Јехова Бог, верата во него и цврстата доверба дека тој ќе ги исполни своите ветувања (Евреите 11:6). Тоа ќе нѐ спречи да ја положиме нашата доверба во работите на кои се надева светот (Изреки 20:22; 1. Тимотеј 6:17).

4. Зошто народите „умствено се во темнина“?

4 Апостол Павле покажал колку христијаните мора да се разликуваат од светот кога напишал: „Затоа го велам ова и сведочам во Господа, за вие повеќе да не одите како што одат и нациите во бескорисноста на својот ум, додека умствено се наоѓаат во темнина, и отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог, поради незнаењето кое е во нив, поради бесчувствителноста на нивните срца“ (Ефесјаните 4:17, 18NW). Исус е „вистинска Светлина“ (Јован 1:9). Сите кои го отфрлаат или кои тврдат дека веруваат во него, но не се послушни на „законот Христов“, се наоѓаат „умствено во темнина“. Далеку од тоа да одат по Јеховиниот пат, тие се „отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог“. Без оглед на тоа колку мислат дека се мудри во световен поглед, што се однесува до единственото спознание кое води до живот, спознанието за Јехова Бог и за Исус Христос, тие ‚во себе имаат незнаење‘ (Јован 17:3; 1. Коринтјаните 3:19).

5. Иако светлината на вистината свети во светот, зошто многу срца се неприемчиви?

5 Сепак, светлината на вистината свети во светот! (Псалм 42:3; Филипјаните 2:15). ‚[Вистинската] Премудрост говори високо на улицата‘ (Изреки 1:20). Минатата година Јеховините сведоци поминаа повеќе од една милијарда часови кажувајќи им на своите соседи за Јехова Бог и за Исус Христос. Стотици илјади се одѕваа. Но, дали треба да бидеме изненадени кога многу други не се одѕиваат? Не. Павле зборувал за „бесчувствителноста на нивните срца“. Некои имаат неприемчиви срца поради себичноста или љубовта кон парите. Други се под влијание на лажната религија или на световното гледиште кое денес е толку широко распространето. Тешките животни искуства навеле многу луѓе да му го свртат грбот на Бог. Други одбиваат да ги задоволат Јеховините високи морални мерила (Јован 3:20). Дали е можно срцето на некој кој оди по Јеховиниот пат да стане неосетливо во тој поглед?

6, 7. Иако биле обожаватели на Јехова Бог, во кои прилики Израелците се покажале неверни, и зошто?

6 Тоа се случило во древниот Израел, како што покажал Павле. Тој напишал: „А тоа беа примери за нас, за да не бидеме похотливи на злото, како што тие беа похотливи. Не станувајте ниту идолослужители, како некои од нив, за кои е напишано: ‚Народот седна да јаде и да пие, па стана да игра [да се забавува, NW]‘. Ниту, пак, да блудствуваме, како некои од нив што блудствуваа, и во еден ден загинаа дваесет и три илјади“ (1. Коринтјаните 10:6—8).

7 Павле укажува првин на приликата кога Израел обожавал златно теле во подножјето на гората Синај (2. Мојсеева 32:5, 6). Тоа било директна непослушност спрема една божествена заповед на која само неколку седмици пред тоа се сложиле дека ќе ѝ бидат послушни (2. Мојсеева 20:4—6; 24:3). Потоа, Павле укажува на времето кога Израел му се поклонил на Ваал заедно со моавските ќерки (4. Мојсеева 25:1—9). Обожавањето теле се карактеризирало со сериозна самопопустливост, со ‚забава‘. a Обожавањето на Ваал било проследено со бесрамен сексуален неморал (Откровение 2:14). Зошто Израелците извршиле такви гревови? Бидејќи дозволиле нивните срца да станат ‚похотливи на злото‘ — без разлика дали тоа било идолопоклонството или развратните практики кои го придружувале.

8. Каква поука можеме да извлечеме од искуствата на Израел?

8 Павле покажал дека ние треба да извлечеме поука од тие настани. Каква поука? Незамисливо е еден христијанин да му се поклони на златно теле или на некој древен моавски бог. Но, што е со неморалот или со неконтролираната самопопустливост? Тие денес се вообичаени, а ако дозволиме желбата за нив да порасне во нашето срце, тие ќе застанат меѓу нас и Јехова. Последицата од тоа ќе биде иста како да сме направиле идолопоклонство — оттуѓување од Бог. (Спореди Колосјаните 3:5; Филипјаните 3:19.) Навистина, Павле ја заклучува својата дискусија за тие настани со тоа што силно ги поттикнал соверниците: „Одбегнувајте го служењето на идолите“ (1. Коринтјаните 10:14).

Помош во одењето по Божјиот пат

9. а) Каква помош добиваме за да продолжиме да одиме по Јеховиниот пат? б) Кој е еден од начините на кои го слушаме ‚словото зад нас‘?

9 Ако сме одлучни и понатаму да одиме по Јеховиниот пат, не сме оставени без помош. Исаија прорекол: „Ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас — ете го патот, врвете по него!“ (Исаија 30:21). Како ‚нашите уши‘ го слушаат ‚словото кое говори зад нас‘? Па, никој денес не слуша дословен глас ниту, пак, добива некоја лична порака од Бог. „Словото“ кое го слушаме доаѓа до сите нас на ист начин. Пред сѐ, тоа доаѓа преку инспирираното Писмо, Библијата, која ги содржи мислите на Бог и записот за неговите постапки со луѓето. Со оглед на тоа што секојдневно сме изложени на пропаганда од извори кои се „отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог“, за да имаме добро духовно здравје треба редовно да ја читаме Библијата и да размислуваме за неа. Тоа ќе ни помогне да ги избегнуваме ‚ништожните работи‘ (NW) и да бидеме ‚потполно компетентни, целосно опремени за секое добро дело‘ (Дела 14:14, 15; 2. Тимотеј 3:16, 17NW). Тоа ќе нѐ зајакне, ќе нѐ утврди и ќе ни помогне ‚да имаме успех во патиштата наши‘ (Исус Навин 1:7, 8). Затоа Јеховината реч нѐ поттикнува: „И така, синко, сега послушај ме: блажени се, оние што ги пазат моите патишта! Послушај ја поуката, бидете мудри и не отстапувајте од неа“ (Изреки 8:32, 33).

10. Кој е вториот начин на кој го слушаме ‚словото зад нас‘?

10 ,Словото зад нас‘ доаѓа и преку „верниот и разборит роб“ кој обезбедува „храна во право време“ (Матеј 24:45—47NW). Еден начин на кој се обезбедува оваа храна е преку печатените публикации темелени на Библијата. Во изминативе години овие резерви од храна беа изобилни. На пример, преку списанието Стражарска кула беше подобрено нашето разбирање на пророштвата. Со овој журнал сме охрабрени да истраеме во делото на проповедање и правење ученици и покрај сѐ поголемата апатија, ни се помага да ги избегнеме стапиците и сме поттикнувани да развиваме убави христијански особини. Колку само ја цениме таквата храна во право време!

11. Објасни го третиот начин на кој можеме да го слушаме ‚словото зад нас‘.

11 Верниот и разборит роб обезбедува храна и преку нашите редовни состаноци. Тука спаѓаат и локалните собраниски состаноци, полугодишните состаноци на ниво на покраина и поголемите годишни конгреси. Кој верен христијанин не ги цени таквите собири? Тие се од витална помош и нѐ поддржуваат во одењето по Јеховиниот пат. Со оглед на тоа што многумина мораат да поминуваат многу време на работа или на училиште во друштво со лица кои не ја споделуваат нивната вера, редовното христијанско дружење е во дословна смисла животоспасувачко. Состаноците ни даваат убава прилика „да се поттикнуваме кон љубов и добри дела“ (Евреите 10:24). Ние ги љубиме нашите браќа и сакаме да се дружиме со нив (Псалм 132:1).

12. Каква одлучност имаат Јеховините сведоци, и како неодамна го изразија тоа?

12 Зајакнати од таквата духовна храна, речиси шест милиони луѓе денес одат по Јеховиниот пат, а милиони други ја проучуваат Библијата за да научат како да го прават тоа. Дали се обесхрабрени или ослабнати поради фактот дека се малцина на број во споредба со милијардите од населението на земјата? Никако! Тие се одлучни и понатаму да внимаваат на ‚словото зад нив‘ и лојално да ја вршат Јеховината волја. Како јавен доказ за таа одлучност, за време на Меѓународните и Обласните конгреси „Божјиот пат на живот“ во текот на 1998/1999 година, делегатите усвоија една резолуција со која го изразија својот искрен став. Следи текстот од таа резолуција.

Резолуција

13, 14. Какво реалистично гледиште за светската ситуација имаат Јеховините сведоци?

13 „Ние, како Јеховини сведоци собрани на конгресот ‚Божјиот пат на живот‘, од сѐ срце се согласуваме дека Божјиот пат е најдобриот пат на живот. Меѓутоа, признаваме дека поголемиот дел од човештвото денес мисли поинаку. Човечкото општество експериментирало со бројни концепти, филозофии и религиозни идеи за тоа што го сочинува најдобриот пат на живот. Еден искрен преглед на човечката историја и денешните светски услови ја потврдува вистинитоста на божествената изјава запишана во Јеремија 10:23: ‚Не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои‘.

14 Секојдневно гледаме сѐ поголем доказ кој ја потврдува вистинитоста на овие зборови. Во најголем дел, човечкото општество го игнорира Божјиот пат на живот. Луѓето тежнеат по она што им се чини исправно во сопствените очи. Резултатите се трагични — распад на семејниот живот што ги остава децата без водство; масовно тежнеење по материјализам што завршува со празнина и фрустрација; бесмислен криминал и насилство што одзема безброј жртви; етнички судири и војни што земаат ужасен данок во човечки животи; распространет неморал кој ја потхранува епидемијата од сексуално преносливи болести. Тоа се само неколку од многуте сложени проблеми кои го попречуваат тежнеењето по среќа, мир и сигурност.

15, 16. Во врска со Божјиот пат на живот, каква одлучност беше изразена во резолуцијата?

15 Со оглед на жалната и тешка состојба на човештвото и близината на ‚војната во големиот ден на Бога Седржителот‘, наречена Армагедон (Откровение 16:14, 16), ние како Јеховини сведоци донесуваме одлука дека:

16 Прво: Сметаме дека му припаѓаме на Јехова Бог, бидејќи безусловно сме му се предале нему како поединци, и ќе задржиме непоколеблива вера во Јеховината подготовка за откуп преку неговиот Син, Исус Христос. Одлучни сме да одиме по Божјиот пат на живот, служејќи како негови Сведоци и подложувајќи се на неговата сувереност изразена преку владетелството на Исус Христос.

17, 18. Каква положба и понатаму ќе задржат Јеховините сведоци во врска со моралните мерила и христијанското братство?

17 Второ: Ќе продолжиме да се придржуваме за високите морални и духовни мерила на Библијата. Одлучни сме да се воздржуваме да одиме како што одат нациите во бескорисноста на нивните умови (Ефесјаните 4:17—19). Наша одлука е да останеме чисти пред Јехова и без дамка од овој свет (Јаков 1:27NW).

18 Трето: Цврсто ќе се држиме за нашата библиска положба како христијанско братство ширум светот. Ќе задржиме христијанска неутралност меѓу нациите, не допуштајќи да бидеме заплеткани во расната, националната или етничката омраза или поделеност.

19, 20. а) Што ќе прават христијанските родители? б) Како сите вистински христијани и понатаму ќе се идентификуваат како Христови ученици?

19 Четврто: Ние кои сме родители ќе го всадиме Божјиот пат во своите деца. Ќе даваме пример за христијанско живеење, кое вклучува редовно читање на Библијата, семејна студија и сесрдно учество во христијанското собрание и во службата на теренот.

20 Петто: Сите ние ќе настојуваме да ги негуваме побожните особини кои со пример ги покажува нашиот Творец и ќе настојуваме да ја имитираме неговата личност и неговите патишта, како што правел Исус (Ефесјаните 5:1). Одлучни сме сите наши работи да се одвиваат во љубов, идентификувајќи се со тоа како Христови ученици (Јован 13:35).

21-23. Што ќе прават и понатаму Јеховините сведоци, и во што се уверени тие?

21 Шесто: Без попуштање ќе продолжиме да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство, правејќи ученици кои ќе ги поучуваме за Божјиот пат на живот и ќе ги храбриме да добијат натамошно обучување на христијанските состаноци (Матеј 24:14; 28:19, 20; Евреите 10:24, 25).

22 Седмо: Како поединци и како религиозна организација, ќе продолжиме да ја ставаме Божјата волја на прво место во нашиот живот. Користејќи ја неговата Реч, Библијата, како наш водич, нема да застрануваме ни десно ни лево, потврдувајќи со тоа дека Божјиот пат е далеку посупериорен од патиштата на светот. Одлучни сме да се стремиме по Божјиот пат на живот — цврсто и лојално, сега и засекогаш!

23 Ја донесуваме оваа резолуција затоа што полагаме потполна доверба во Јеховиното ветување полно со љубов дека оној што ја извршува волјата Божја ќе остане засекогаш. Ја донесуваме оваа резолуција затоа што сме уверени дека живеењето според библиските начела, совет и предупредување придонесува за најдобриот пат на живот денес и полага еден добар темел за иднината, така што можеме цврсто да се држиме за вистинскиот живот (1. Тимотеј 6:19NW; 2. Тимотеј 4:7б, 8). Пред сѐ, ја донесуваме оваа резолуција затоа што го љубиме Јехова Бог со сето свое срце, душа, ум и сила!

24, 25. Каква беше реакцијата на предложената резолуција, и на што се одлучни оние кои одат по Јеховиниот пат?

24 Сите присутни на овој обласен конгрес кои се за усвојување на оваа Резолуција, ги молам да речат ДА!“

25 Стотици арени и стадиони ширум светот одекнаа додека сите присутни одговорија со громогласно „ДА!“ Јеховините сведоци не се сомневаат дека ќе продолжат да одат по Јеховиниот пат. Тие имаат целосна доверба во Јехова и вера дека тој ќе ги исполни своите ветувања. Му остануваат лојални, без разлика што и да се случи. И одлучни се да ја вршат неговата волја.

„Бог е со нас“

26. Во каква среќна ситуација се наоѓаат оние кои одат по Јеховиниот пат?

26 Јеховините сведоци се сеќаваат на силниот поттик на псалмистот: „Надевај се на Господа и пази ги Неговите патишта; Он ќе те воздигне, за да ја наследиш земјата“ (Псалм 36:34). Не ги забораваат Павловите охрабрувачки зборови: „Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас? Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, како да не ни подари со Него сѐ?“ (Римјаните 8:31, 32). Да, ако и понатаму одиме по Јеховиниот пат, тој ќе ни даде „за наслада сѐ во изобилие“ (1. Тимотеј 6:17). Какво подобро место може да постои од она каде што сме — одејќи по Јеховиниот пат, заедно со нашите драги браќа и сестри. Имајќи го Јехова на наша страна, да бидеме одлучни да останеме таму и да истраеме до крај, целосно уверени дека во негово одредено време ќе го доживееме исполнувањето на сите негови ветувања (Тит 1:2).

[Фуснота]

a Осврнувајќи се на грчкиот збор кој овде е преведен „се забавува“, еден толкувач вели дека тој укажува на танците кои се играле на паганските празници, и додава: „Многу од тие танци, како што е добро познато, биле директно наменети за да побудат најразвратни страсти“.

Дали се сеќаваш?

◻ Што се бара од еден христијанин за да оди по Јеховиниот пат?

◻ Зошто треба да негуваме доверба во Јехова и лојалност кон него?

◻ Каква помош ни стои на располагање додека одиме по Јеховиниот пат?

◻ Изнеси некои врвни точки од резолуцијата што беше усвоена на конгресите „Божјиот пат на живот“.

[Прашања]

[Слики на страница 18]

На Обласните и Меѓународните конгреси „Божјиот пат на живот“ беше усвоена една важна резолуција