Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Савле — избран сад за Господ

Савле — избран сад за Господ

Савле — избран сад за Господ

САВЛЕ (Саул) од Тарс бил убиствено настроен противник на Христовите следбеници. Но, за него Господ спремал една поинаква иднина. Савле требало да стане извонреден претставник токму на она на кое толку жестоко се противел. Исус рекол: „Тој [Савле] ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израилеви“ (Дела 9:15).

Животот на Савле како „дрзок човек“ (NW) потполно се сменил кога му била покажана милост и станал „избран сад“ на Господ Исус Христос (1. Тимотеј 1:12, 13). Кога Савле станал христијански апостол Павле, енергијата која го мотивирала да учествува во каменувањето на Стефан и во другите напади на Исусовите ученици била свртена кон сосема поинакви цели. Очигледно е дека Исус видел пожелни црти кај Савле. Какви црти? Кој бил Савле? Како неговата заднина го направила погоден да биде користен во унапредувањето на вистинското обожавање? Можеме ли да научиме нешто од неговото искуство?

Семејната заднина на Савле

Во времето кога бил убиен Стефан, кратко после Педесетница 33 н. е., Савле бил „млад човек“ (NW). Кога околу 60—61 н. е. му пишувал на Филемон, бил „старец“ (Дела 7:58; Филемон 9). Изучувачите укажуваат дека, според древните пресметувања на староста, веројатно „млад човек“ означувало возраст меѓу 24 и 40 години, додека „старец“ би било од 50 до 56 години. Според тоа, Савле се родил веројатно неколку години после раѓањето на Исус.

Тогашните Евреи живееле во многу делови на светот. Подјармувањето, ропството, протерувањето, трговијата и доброволното селење биле некои од причините за нивното раселување од Јудеја. Иако неговото семејство потекнувало од раселените Евреи, Савле ја подвлекува неговата приврзаност кон Законот, наведувајќи дека тој бил „обрезан во осмиот ден, од родот Израилев, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по закон фарисеј“. Савле (Саул) го носел хебрејското име на еден истакнат член на неговото племе — првиот цар на Израел. Како Римјанин по раѓање, Савле од Тарс имал и латинско име — Паулус (Филипјаните 3:5; Дела 13:21; 22:25—29).

Тоа што Савле бил роден како Римјанин значело дека еден од неговите машки предци стекнал предност да добие граѓанство. Како? Постојат неколку можности. Освен што можело да се наследи, граѓанството можело да им се даде на поединци или на групи заради особени заслуги, заради чисто политичка погодност или како награда за некоја истакната служба за државата. Робот кој можел да ја купи својата слобода од некој Римјанин или, пак, од некој кој бил ослободен од римски граѓанин, и самиот станувал Римјанин. Тоа можело да биде случај и со некој ветеран на вооружените сили откако ќе бил отпуштен од римските легии. Мештаните кои живееле во римските колонии можеле со текот на времето да станат римски граѓани. Исто така, се вели дека во извесни периоди граѓанството се купувало за големи пари. На кој начин граѓанството влегло во семејството на Савле, останува тајна.

Знаеме дека Савле дошол од Тарс, важен град и престолнина на римската покраина Киликија (сега во јужна Турција). Иако во тоа подрачје живееле приличен број Евреи, тамошниот живот го изложил Савле и на нееврејската култура. Тарс бил голем и напреден град, познат како центар на хеленистичкото, односно грчкото учење. Се проценува дека во првиот век неговото население броело меѓу 300.000 и 500.000 жители. Тој бил трговски центар на главниот автопат меѓу Мала Азија, Сирија и Месопотамија. Тарс го должел својот просперитет на трговијата и на плодноста на околната долина која произведувала главно житарици, вино и лен. Неговата напредна текстилна индустрија произведувала ткаенина од козјо влакно од која се правеле шатори.

Образованието на Савле

Савле, т. е. Павле, чесно се грижел за себе и ги поддржувал своите мисионерски активности со правење шатори (Дела 18:2, 3; 20:34). Правењето шатори било типично за неговиот роден град Тарс. Веројатно Савле го научил тој занает во младоста од својот татко.

Савловото познавање јазици — особено тоа што го владеел грчкиот, заедничкиот јазик на Римската Империја — се покажало непроценливо и во неговото мисионерско дело (Дела 21:37—22:2). Аналитичарите на неговите записи велат дека неговиот грчки јазик бил одличен. Неговиот речник не е класичен или литературен туку, наместо тоа, го одразува јазикот на Септуагинтата — грчкиот превод на Хебрејските списи кој тој честопати го цитирал или парафразирал. На темел на овие докази, различни изучувачи претпоставуваат дека Савле добил барем добро основно образование на грчки јазик, веројатно во некоја еврејска школа. „Во старо време, подоброто образование — пред сѐ образование на грчки — не било бесплатно; тоа, како правило, подразбирало некаква материјална издршка“, вели изучувачот Мартин Хенгел. Според тоа, образованието на Савле укажува дека тој дошол од угледно семејство.

Веројатно, кога имал не повеќе од 13 години, Савле го продолжил своето школување во Ерусалим, на околу 840 километри од дома. Бил школуван крај нозете на Гамалиил, добро познат и високо почитуван учител на фарисејската традиција (Дела 22:3; 23:6). Тие студии, кои можат да се споредат со денешното универзитетско образование, давале добра шанса за постигнување углед во јудаизмот. a

Добро искористени способности

Со тоа што бил роден во еврејско семејство во хеленистички и римски град, Савле припаѓал на три света. Космополитската многујазична заднина несомнено му помогнала да стане ‚сѐ за сите‘ (1. Коринтјаните 9:19—23). Неговото римско граѓанство подоцна му овозможило законски да ја брани својата служба и да ја однесе добрата вест до највисоките авторитети во Римската Империја (Дела 16:37—40; 25:11, 12). Секако, заднината, образованието и личноста на Павле му биле познати на воскреснатиот Исус, кој на Ананија му рекол: „Оди, оти тој ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израилеви. И Јас ќе му покажам, колку треба тој да пострада заради името Мое“ (Дела 9:13—16). Кога била насочена во исправен правец, ревноста на Савле била инструмент за ширење на пораката за Царството до далечните подрачја.

Тоа што Исус го избрал Савле за посебен налог, бил еден посебен настан во христијанската историја. Сепак, сите денешни христијани имаат поединечни способности и особини кои можат делотворно да ги користат во ширењето на добрата вест. Кога Савле разбрал што бара Исус од него, тој не се колебал. Сторил сѐ што можел за да ги унапредува интересите на Царството. Дали тоа е случај и со тебе?

[Фуснота]

a Во врска со суштината и природата на образованието што го добил Савле од Гамалиил, види Стражарска кула од 15 јули 1996, страници 26—29.

[Рамка/слика на страница 30]

Пријавување и потврдување на римското граѓанство

Пријавувањето на децата кои биле од законските бракови на римските граѓани го вовел Август со два статута кои биле донесени во 4 и во 9 година н. е. Пријавувањето морало да се изврши во рок од 30 дена по раѓањето. Во покраините, семејството морало да даде изјава пред судија за прекршоци во соодветната канцеларија на државната архива и да наведе дека детето е од законски брак и дека има римско граѓанство. Биле пријавувани и имињата на родителите, полот и името на детето, како и датумот на неговото раѓање. Дури и пред да се воведат тие закони, пријавувањето на граѓаните во сите римски општини, колонии и градски управи се обновувало на секои пет години преку попис.

На тој начин статусот можел да се докаже со осврнување на една збирка од правилно водена архива. Заверените преписи од таквите евиденции можеле да се добијат во облик на лесно преносливи дрвени диптиси (плочки кои можеле да се склопат). Според мислењето на некои изучувачи, кога Павле полагал право на римско граѓанство, можеби можел да покаже уверение за да го потврди (Дела 16:37; 22:25—29; 25:11). Бидејќи на римското граѓанство се гледало како на речиси „света особина“ кое му давало на лицето многу предности, фалсификувањето на тие документи било крајно сериозен престап. Фалсификувањето на нечиј статус било казниво со смрт.

[Извор на слика]

Historic Costume in Pictures/Dover Publications, Inc., Њујорк

[Рамка/слика на страница 31]

Римското име на Савле

Секој машки римски граѓанин имал најмалку три елементи во своето име. Имал име, презиме (поврзано со неговото племе или генс) и прекар. Прочуен пример за тоа е Гај Јулиј Цезар. Библијата не ги дава целосните римски имиња, но световни извори ни кажуваат дека Агрипа бил Маркус Јулиј Агрипа, Галион бил Луциј Јуниј Галион (Дела 18:12; 25:13). Библиски примери за последните две од трите имиња на личноста се Понтиј Пилат (долниот натпис), Сергиј Павле, Клаудиј Лисиј и Порциј Фест (Дела 4:27; 13:7; 23:26; 24:27).

Не може со сигурност да се утврди дали Паулус било првото име или, пак, прекарот на Савле. Не било чудно неформално да се додаде друго име со кое семејството или познаниците му се обраќале на лицето. Наместо тоа, како замена можело да се користи име кое не било римско, како на пример Савле. „[Савле] никогаш не би одговарало на римско име“, вели еден изучувач, „но како домашно име, дадено како сигнум на еден римски граѓанин, навистина многу добро одговарало.“ Во многујазичните подрачја, можеби ситуацијата била одлучувачка за тоа кое од своите имиња ќе изберел некој да го користи.

[Извор на слика]

Фотографија од Israel Museum, ©Israel Antiquities Authority