Среќни поради тоа што Јехова ни го покажува својот пат
Среќни поради тоа што Јехова ни го покажува својот пат
„Бог! — непорочен е Неговиот пат, чисто е словото Негово“ (2. ЦАРСТВА 22:31).
1, 2. а) Каква основна потреба имаат сите луѓе? б) Чиј пример ќе биде добро да го имитираме?
СИТЕ луѓе имаат основна потреба од водство. Навистина, нам ни треба помош за да бидеме водени во животот. Точно, Јехова нѐ надарил со извесна мера интелигенција и совест за да ни помогне да проникнуваме во тоа што е исправно а што погрешно. Но, за да биде доверлив водич, нашата совест треба да биде извежбана (Евреите 5:14, NW). А ако сакаме да донесуваме добри одлуки, тогаш на нашиот ум му се потребни исправни информации — како и извежбаност за да ги процени тие информации (Изреки 2:1—5). Дури и тогаш — поради неизвесностите во животот — нашите одлуки можеби нема да испаднат онака како што сме сакале (Проповедник 9:11, NW). Самите ние немаме доверлив начин да дознаеме што носи иднината.
2 Од овие и од многу други причини, пророкот Јеремија напишал: „Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа [насочува, NW] стапките свои“ (Јеремија 10:23). Исус Христос, најголемиот човек кој некогаш живеел, прифатил насочување. Тој рекол: „Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти, она што го прави Он, тоа исто го прави и Синот“ (Јован 5:19). Значи, колку само е мудро да го имитираме Исус и да се ослонуваме на Јехова за помош во насочувањето на нашите чекори! Цар Давид пеел: „Бог! — непорочен е Неговиот пат, чисто е словото Негово; Он е штит за сите, што се надеваат на Него“ (2. Царства 22:31). Ако настојуваме да одиме по Јеховиниот пат наместо да ја следиме сопствената мудрост, ќе имаме совршено водство. Отфрлањето на Божјиот пат води до несреќа.
Јехова го покажува патот
3. Како Јехова ги водел Адам и Ева, и какви изгледи им понудил?
3 Размисли за случајот на Адам и Ева. Иако биле безгрешни, ним им било потребно насочување. Јехова не го оставил Адам сам да планира сѐ во прекрасната градина Едем. Напротив, Бог му дал работа. Најпрвин, Адам морал да им даде имиња на животните. Потоа, Јехова им дал на Адам и на Ева долгорочни цели. Требало да ја подложат земјата, да ја наполнат со свое потомство и да се грижат за животните на неа (1. Мојсеева 1:28). Тоа била огромна задача, но крајниот резултат требало да биде глобален Рај полн со совршен човечки род кој живее во хармонија со животинското творештво. Каков само прекрасен изглед! Освен тоа, сѐ додека Адам и Ева верно оделе по Јеховиниот пат, тие требало да комуницираат со Него. (Спореди 1. Мојсеева 3:8.) Каква само извонредна предност — да се има еден постојан, личен однос со Творецот!
4. Како Адам и Ева покажале недостиг на доверба и лојалност, и со какви катастрофални последици?
4 Јехова му забранил на првиот човечки пар да јаде од дрвото на познавање на доброто и на злото кое било во Едем, а тоа им дало непосредна прилика да ја покажат својата послушност — својата желба да одат по Јеховиниот пат (1. Мојсеева 2:17). Но, наскоро таа послушност била испитана. Кога дошол Сатана со своите измамнички зборови, Адам и Ева требало да покажат лојалност кон Јехова и да имаат доверба во Неговите ветувања, ако сакале да му останат послушни. За жал, им недостасувала лојалност и доверба. Кога Сатана ѝ понудил на Ева независност и лажно го обвинил Јехова дека лаже, таа била измамена и покажала непослушност кон Бог. Адам ја следел во гревот (1. Мојсеева 3:1—6; 1. Тимотеј 2:14). Загубата која произлегла од тоа била огромна. Одењето по Јеховиниот пат требало да им дава сѐ поголема радост додека и понатаму ја вршеле неговата волја. Но, наместо тоа, нивниот живот станал полн со разочарување и болка сѐ додека не ги снашла смрт (1. Мојсеева 3:16—19; 5:1—5).
5. Каква е Јеховината долгорочна намера, и како тој им помага на верните луѓе да го доживеат нејзиното исполнување?
5 Сепак, Јехова не ја сменил својата намера еден ден земјата да биде рајски дом за совршени, безгрешни луѓе (Псалм 36:11, 29). И тој никогаш не пропуштил да им даде совршено водство на оние кои одат по неговиот пат и кои се надеваат да го доживеат исполнувањето на тоа ветување. За нас кои имаме уво што слуша, Јеховиниот глас е зад нас и вели: „Ете го патот, врвете по него!“ (Исаија 30:21).
Некои оделе по Јеховиниот пат
6. Кои двајца мажи од старо време оделе по Јеховиниот пат, и со какви резултати?
6 Според библискиот запис, само малцина од потомството на Адам и Ева оделе по Јеховиниот пат. Прв од нив бил Авел. Иако доживеал предвремена смрт, тој умрел во Јеховината наклоност и на тој начин има сигурен изглед да учествува во ‚воскресението на . . . праведните‘ во Божје одредено време (Дела 24:15). Тој ќе го доживее конечното исполнување на Јеховината величествена намера за земјата и за човештвото (Евреите 11:4). Друг човек кој одел по Јеховиниот пат бил Енох, чие пророштво за конечниот крај на овој систем на ствари е сочувано во книгата Јуда (Јуда 14, 15). И Енох не успеал да го проживее својот потенцијален животен век (1. Мојсеева 5:21—24). Сепак, ‚тој добил сведоштво дека Му угодил на Бога‘ (Евреите 11:5). Кога ја напуштил земната сцена, тој, како и Авел, имал сигурен изглед за воскресение и ќе биде меѓу оние кои ќе го доживеат исполнувањето на Јеховините намери.
7. Како Ное и неговото семејство покажале лојалност кон Јехова и доверба во него?
7 Додека претпотопниот свет тонел сѐ подлабоко во злобата, послушноста кон Јехова сѐ повеќе станувала испит на лојалност. Кон крајот на тој свет, се нашла само една мала група која одела по Јеховиниот пат. Ное и неговото семејство го слушале Бог и имале доверба во она што им го рекол. Верно ги извршиле задачите што биле поставени пред нив и одбиле да бидат намамени во злобните практики на тогашниот свет (1. Мојсеева 6:5—7, 13—16; Евреите 11:7; 2. Петрово 2:5). Можеме да бидеме благодарни за нивната лојална послушност која била полна со доверба. Поради тоа, го преживеале потопот и станале наши предци (1. Мојсеева 6:22; 1. Петрово 3:20).
8. Што вклучувало одењето по Божјиот пат за нацијата Израел?
8 Со текот на времето, Јехова склопил завет со потомците на верниот Јаков, и така тие станале негов посебен народ (2. Мојсеева 19:5, 6). Јехова му дал насочување на својот заветен народ преку еден пишан Закон, свештенство и постојано водство од пророците. Но, од Израелците зависело дали ќе го следат тоа насочување. Јехова го упатил неговиот пророк да им каже на Израелците: „Ете, јас ви давам денес благослов и клетва; благослов — ако ги послушате заповедите на Господа, вашиот Бог, што ви заповедам денес, а клетва — ако не ги послушате заповедите на Господа, вашиот Бог, и се отстраните од патот, што ви го кажувам денес, и тргнете по други богови, што не ги знаете“ (5. Мојсеева 11:26—28).
Зошто некои го напуштиле Јеховиниот пат
9, 10. Поради која ситуација Израелците требало да имаат доверба во Јехова и да негуваат лојалност кон него?
9 Исто како Адам и Ева, и Израелците требало да имаат доверба во Јехова и да му бидат лојални ако сакале да останат послушни. Израел бил мала нација опколена со кавгаџиски настроени соседи. На југозапад биле Египет и Етиопија. На североисток биле Сирија и Асирија. Во непосредна близина биле Филистеја, Амон, Моав и Едом. Во едно или во друго време, сите овие се покажале како непријатели на Израел. Освен тоа, сите тие практикувале лажна религија, окарактеризирана со обожавање на идолски богови, астрологија и, во некои случаи, со срамни сексуални обреди и сурово жртвување деца. За да имаат големи семејства, плодни жетви и победа во војната, соседите на Израел се ослонувале на своите богови.
10 Само Израел обожавал еден Бог, Јехова. Тој им ветил дека ќе ги благослови со големи семејства, богати жетви и безбедност од сите непријатели — ако бидат послушни на неговите закони (5. Мојсеева 28:1—14). За жал, многумина во Израел потфрлиле во тој поглед. Многумина од оние кои оделе по Јеховиниот пат настрадале заради својата лојалност. Некои биле дури мачени, исмејувани, шибани, затворани, каменувани и убиени од сонародници Израелци (Дела 7:51, 52; Евреите 11:35—38). Каков само испит сигурно било тоа за верните! Но, зошто толку многу луѓе застраниле од Јеховиниот пат? Два примера од историјата на Израел ни помагаат да го увидиме нивното погрешно размислување.
Лошиот пример на Ахаз
11, 12. а) Што одбил да прави Ахаз кога му се заканувала Сирија? б) На кои два извора се ослонувал Ахаз за безбедност?
11 Ахаз владеел над јужното царство Јуда во осмиот век пр. н. е. Неговото владеење не било мирољубиво. Во една прилика, Сирија и северното царство Израел се обединиле во војна против него и ‚затреперило срцето на Ахаза и срцето на народот негов‘ (Исаија 7:1, 2). Меѓутоа, кога Јехова му понудил поддршка и замолил да биде испитан, тогаш Ахаз напросто одбил! (Исаија 7:10—12). Како последица на тоа, Јуда ја изгубила војната и доживеала многу несреќи (2. Летописи 28:1—8).
12 Иако Ахаз одбил да го испита Јехова, тој не бил толку многу горд за да побара помош од царот на Асирија. Сепак, Јуда и понатаму страдала од своите соседи. Кога и Асирија се свртела против Ахаз и ‚му била од штета‘, царот ‚им принесувал жртви на дамаските богови, мислејќи, дека тие го поразиле, па велел: „Боговите на сирските цареви им помагаат; ќе им принесам жртва, тие и на мене ќе ми помогнат“‘ (2. Летописи 28:20, 23).
13. Што покажал цар Ахаз со тоа што се свртел кон сириските богови?
13 Подоцна, Јехова му рекол на Израел: „Јас [Јехова, NW] сум Господ, Бог твој, Кој те учи на добро, Кој те води по оној пат, по кој треба да одиш. О, да беше ги слушал Моите заповеди! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда — како морски бранови“ (Исаија 48:17, 18). Свртувајќи се кон боговите на Сирија, Ахаз покажал колку бил далеку од ‚одењето по патот по кој требало да оди‘. Тој бил целосно заведен од размислувањето на народите, потпирајќи се на нивните лажни извори на безбедност наместо на Јехова.
14. Зошто Ахаз немал изговор кога се свртел кон лажните богови?
14 Боговите на народите, вклучувајќи ги и оние на Сирија, долго време се покажувале како „безвредни богови“ (Исаија 2:8, NW). Претходно, за време на владеењето на цар Давид, Јеховината супериорност над сириските богови јасно се видела кога Сиријците станале Давидови слуги (1. Летописи 18:5, 6). Само Јехова, ‚Богот на боговите и Господар на господарите, Бог голем, силен и страшен‘ може да пружи вистинска безбедност (5. Мојсеева 10:17). Но, Ахаз му свртел грб на Јехова и за безбедност се ослонувал на боговите на народите. Резултатот за Јуда бил катастрофален (2. Летописи 28:24, 25).
Евреите кои биле со Јеремија во Египет
15. На кој начин згрешиле Евреите во Египет во времето на Јеремија?
15 Поради крајната нелојалност на неговиот народ, во 607 пр. н. е. Јехова дозволил Вавилонците да го уништат Ерусалим и неговиот храм. Поголемиот дел од нацијата бил протеран во Вавилон. Но, некои, меѓу кои бил и пророкот Јеремија, биле оставени. Кога му бил извршен атентат на управителот Годолија, оваа група побегнала во Египет и со себе го зела и Јеремија (4. Царства 25:22—26; Јеремија 43:5—7). Таму почнале да принесуваат жртви на лажни божества. Јеремија им приговорил на неверните Евреи, но тие биле тврдоглави. Одбиле да се обратат кон Јехова и инсистирале и понатаму да принесуваат жртвен кад на „богињата на небото“. Зошто? Поради тоа што тие и нивните предци го правеле тоа ‚по градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски бидејќи тогаш биле сите во добра состојба и немале видено беди‘ (Јеремија 44:16, 17). Исто така, Евреите тврделе: „Откако прекративме да ѝ кадиме на богињата на небото и да ѝ правиме преливи, трпиме секакви скудности и загинуваме од меч и од глад“ (Јеремија 44:18).
16. Зошто Евреите во Египет многу грешеле во нивното расудување?
16 Колку само може да избира памтењето! Какви биле фактите? Евреите навистина жртвувале на лажните богови во земјата што им ја дал Јехова. Понекогаш, како во времето на Ахаз, тие страдале поради тоа отпадништво. Меѓутоа, Јехова бил „бавен на гнев“ со својот заветен народ (2. Мојсеева 34:6; Псалм 86:15, обата NW). Тој ги испраќал своите пророци да ги поттикнат да се покаат. Понекогаш, кога царот бил верен, Јехова го благословувал, а народот извлекувал корист од тој благослов, иако мнозинството било неверно (2. Летописи 20:29—33; 27:1—6). Колку само биле во заблуда оние Евреи во Египет кои тврделе дека каков и да било просперитет што уживале во својата татковина доаѓал од нивните лажни богови!
17. Зошто Јуда ја изгубила својата земја и храмот?
17 Уште пред 607 пр. н. е. Јехова го поттикнал народот на Јуда: „Слушајте го Мојот глас, и Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ, и одете по оној пат, по кој ќе ви заповедам, за да ви биде добро“ (Јеремија 7:23). Евреите го изгубиле својот храм и својата земја баш поради тоа што одбиле да одат ‚по оној пат по кој им заповедал Јехова‘. Да се погрижиме да ја избегнеме таа смртоносна грешка.
Јехова ги благословува оние кои одат по неговиот пат
18. Што мора да прават оние кои одат по Јеховиниот пат?
18 Денес, како и во минатото, одењето по Јеховиниот пат бара лојалност — одлучност да му се служи само нему. Тоа бара доверба — целосна вера дека Јеховините ветувања се веродостојни и дека ќе се обистинат. Одењето по Јеховиниот пат бара послушност — следење на неговите закони без скршнување и држење на неговите високи мерила. „Господ [Јехова, NW] е праведен, ја сака правдата“ (Псалм 10:7).
19. Кои богови ги обожаваат многумина денес, и со какви резултати?
19 Ахаз се ослонувал за безбедност на боговите на Сирија. Израелците во Египет се надевале дека материјален просперитет ќе им донесе „богињата небесна“, божица која била нашироко обожавана на древниот Среден Исток. Денес, многу богови не се дословни идоли. Исус предупредил на служењето на „богатството“ (NW) наместо на Јехова (Матеј 6:24). Апостол Павле зборувал за „лакомството, кое е идолопоклонство“ (Колосјаните 3:5). Исто така, тој зборувал за оние чиј ‚бог е стомакот‘ (Филипјаните 3:19). Да, парите и материјалните работи спаѓаат меѓу главните богови кои се обожаваат денес. Всушност, повеќето — вклучувајќи и многумина кои се припоени кон некоја религија — ‚се надеваат на непостојаното богатство‘ (1. Тимотеј 6:17). Многумина работат многу напорно служејќи им на тие богови, а некои жнеат и награди — живеат во најубави домови, уживаат во скапи работи и јадат раскошни оброци. Меѓутоа, не уживаат сите такво изобилство. Па дури и оние кои уживаат, на крај увидуваат дека овие работи сами по себе не им донесуваат задоволство. Тие се несигурни, привремени и не ги задоволуваат духовните потреби (Матеј 5:3).
20. Каква рамнотежа треба да задржиме?
20 Точно, мора да бидеме практични додека живееме во последните денови на овој систем на ствари. Треба да преземеме разумни чекори за да ги издржуваме своите семејства во материјален поглед. Но, ако повеќе вреднуваме некое високо мерило на живеење, тежнеење по пари или слични работи наместо служењето на Бог, тогаш сме западнале во еден вид идолопоклонство и повеќе не одиме по Јеховиниот пат (1. Тимотеј 6:9, 10). Но, што кога ќе се соочиме со здравствени, финансиски или, пак, други проблеми? Да не бидеме како оние Евреи во Египет кои за своите проблеми го обвинувале служењето на Бог. Наместо тоа, да го испитаме Јехова — она што Ахаз пропуштил да го стори. Лојално да му се обраќаме на Јехова Бог за водство. Со доверба да го применуваме неговото водство и да се молиме за сила и мудрост за да се справиме со секоја ситуација. Потоа, со доверба да чекаме Јеховин благослов.
21. Какви благослови доаѓаат за оние кои одат по Јеховиниот пат?
21 Во текот на историјата на Израел, Јехова богато ги благословувал оние кои оделе по неговиот пат. Цар Давид пеел: „Господи, упатувај ме во Твојата правда, поради непријателите мои“ (Псалм 5:8). Нему Јехова му дал воени победи над соседните нации кои подоцна го шиканирале Ахаз. Додека владеел Соломон, Израел бил благословен со мир и просперитет по кој подоцна копнееле Евреите во Египет. На синот на Ахаз, Езекија, Јехова му дал победа дури и над моќната Асирија (Исаија 59:1). Да, Јеховината рака не била кратка кон неговите лојални кои не стоеле „на пат на грешници“, туку им омилел Божјиот закон (Псалм 1:1, 2). Сѐ уште важи истото. Но, како можеме денес да бидеме сигурни дека одиме по Јеховиниот пат? За тоа ќе биде дискутирано во следната статија.
Дали се сеќаваш?
◻ Кои особини се неопходни за да одиме по Јеховиниот пат?
◻ Зошто размислувањето на Ахаз било погрешно?
◻ Што било погрешно во расудувањето на Евреите во Египет?
◻ Како можеме да ја зајакнеме нашата решеност да одиме по Јеховиниот пат?
[Прашања]
[Слика на страница 13]
Ахаз се ослонувал на сириските богови наместо на Јехова