Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Бог не е бавен во врска со своето ветување

Бог не е бавен во врска со своето ветување

Бог не е бавен во врска со своето ветување

„ДО КОГА, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш?“ Ова се зборовите на хебрејскиот пророк Авакум кој живеел во седмиот век пр. н. е. Но, тие имаат познат призвук, зарем не? Сосема човечки е да сакаме веднаш или колку што е можно поскоро, да ги имаме работите по кои силно копнееме. Особено ова е случај во нашава ера на моментално задоволство (Авакум 1:2).

Во првиот век имало некои кои изгледа мислеле дека Бог треба поскоро да ги исполни своите ветувања. Станале толку нестрпливи што дури сметале дека Бог е бавен или дека доцни. Поради тоа апостол Петар морал да ги потсети дека Божјето гледиште за времето е сосема поинакво од нашето. Петар пишува: „Но внимавајте, возљубени, да не го изумите само тоа дека за Господа еден ден е како илјада години, а илјада години — како еден ден“ (2. Петрово 3:8).

Според овој начин на сметање на времето, еден 80-годишен човек живеел само отприлика два часа, а целата историја на човештвото траела само околу шест дена. Кога ги гледаме работите од таа перспектива, ни станува полесно да го разбереме Божјиот начин на постапување со нас.

Меѓутоа, Бог не е рамнодушен во однос на времето. Напротив, тој е многу свесен за него (Дела 1:7). Затоа, Петар понатаму вели: „Јехова не е бавен во врска со своето ветување, како што некои тоа го сметаат за бавност, туку е стрплив со вас, бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9NW). За разлика од луѓето, Бог не се чувствува притиснат да ги врши работите така како да му истекува времето. Како „Цар на вечноста“ (NW), тој има извонреден преглед и може да одреди кога во струјата на времето неговите постапки ќе го направат најдоброто за сите кои се вклучени (1. Тимотеј 1:17).

Откако ја објаснил причината за Божјата наводна бавност, Петар го огласува ова предупредување: „Јеховиниот ден ќе дојде како крадец“. Со други зборови, денот на пресметка ќе дојде токму тогаш кога луѓето нема да го очекуваат. Потоа, во следните стихови Петар го истакнува величествениот изглед за оние кои покажуваат ‚свети постапки на однесување и дела на побожна оддаденост‘, имено, дека тие може да се одржат до Божјите ветени „нови небеса и нова Земја“ (2. Петрово 3:10—13NW).

Ова треба да нѐ наведе уште повеќе да го цениме тоа што Божјиот суд сѐ уште не дошол. Неговата стрпливост ни овозможила да ја запознаеме неговата намера и да го преиначиме својот живот за да ги добиеме ветените благослови. Зарем не треба да ја сметаме ‚долготрпеливоста на нашиот Господ како спасение‘, како што расудува Петар? (2. Петрово 3:15). Меѓутоа, постои и еден друг фактор во Божјата стрпливост.

Да се исполни мерката на беззаконијата

Проучувајќи ги Божјите минати постапки со човештвото, забележуваме дека тој честопати го задржувал својот суд сѐ додека не била помината сета надеж за подобрување. На пример, во врска со својот суд врз Хананејците, Бог долго време однапред му укажувал на Авраам за нивните гревови. Но, времето за извршување на неговиот суд не било предвидено за тогаш. Зошто? Библијата вели: „Зашто мерката на безаконијата Аморејски [на Хананејците] уште не превршила [не била довршена, NW]“ или како што вели преводот Knox: „Злобата на Аморејците не ја достигнала својата потполна временска граница“ (1. Мојсеева 15:16). a

Меѓутоа, околу 400 години подоцна, Божјиот суд дошол и Авраамовите потомци, Израелците, ја презеле земјата. Неколкумина од Хананејците, како што биле Раав и Гаваонците, биле спасени поради нивниот став и нивните постапки, но поголемиот дел од нив имале достигнато крајно ниво на нечистота, како што откриле и современите археолошки ископувања. Тие практикувале обожавање на фалус, храмска проституција и жртвување деца. Halley’s Bible Handbook (Библискиот прирачник на Хали) наведува: „Археолозите кои копале по урнатините на хананејските градови се чудат што Бог не ги уништил уште пред времето кога го сторил тоа“. На крајот, ‚мерката на гревот била полна‘; нивната злоба „ја достигнала својата потполна временска граница“. Никој не може со право да го обвини Бог дека е неправеден кога дозволил таа земја да биде исчистена додека ги поштедил оние кои покажале исправен став.

Слична слика наоѓаме и во времето на Ное. И покрај фактот што луѓето пред потопот биле злобни, Бог милостиво одлучил да им го продолжи времето за уште 120 години. Дел од тој период, Ное служел како ‚проповедник на правдата‘ (2. Петрово 2:5). Како што времето поминувало, нивната злоба очигледно созревала. „И погледна Господ Бог на земјата, и ете — таа беше расипана: бидејќи секоја плот беше се отклонила од својот пат на земјата“ (1. Мојсеева 6:3, 12). ‚Мерката на нивниот грев била полна‘; со одминувањето на времето, нивните грешни склоности достигнале кулминација. Кога Бог дејствувал, бил сосема во право. Само осум лица се покажале праведни во Божји очи, и тој ги спасил.

Истиот образец може да се види и во Божјето однесување со Израел. И покрај тоа што се однесувале на еден неверен и изопачен начин, Бог бил стрплив со нив стотици години. Извештајот вели: „Господ, Бог . . . им испраќаше [секогаш одново, NW] Свои гласници уште во рано утро, зашто Му беше жал за Својот народ . . . Но тие [постојано, NW] се подбиваа со испратените од Бога и не се грижеа за зборовите Негови, ги понижуваа пророците Негови, додека гневот на Господа не падна врз народот Негов, та немаше за него спасение“ (2. Летописи 36:15, 16). Луѓето достигнале ниво кога повеќе не било можно подобрување. Само Јеремија и неколку други можеле да се спасат. Кога на крај Бог донел суд врз останатите, не можело да се каже дека тој бил неправеден.

Дојдено е времето за Божје дејствување

Од овие примери можеме да видиме дека Бог го задржува судот над сегашниов систем на ствари сѐ додека не созрее времето за тоа. Ова е изјавено во наредбата која му била дадена на Божјиот симболичен погубител: „,Фрли го српот свој и обери го грозјето од земното лозје, зашто зрната му се веќе зрели!‘ И ангелот го фрли српот свој на земјата, го обра земното лозје и го фрли во големата каца на Божјиот гнев‘“. Забележи дека злобата на човештвото ‚созреала‘, т. е. достигнала ниво кога не постоела можност за подобрување. Кога Бог ќе го изврши судот, нема сомнение дека неговата интервенција ќе биде оправдана (Откровение 14:18, 19).

Разгледувајќи го горенаведеното, јасно е дека Божјиот суд врз светот мора да е близу бидејќи светот ги попримил карактеристиките кои биле доволно добра причина за Божјиот суд во минатото. Насекаде каде што ќе погледнеме, земјата е полна со насилство, исто како што било пред потопот во времето на Ное. Ставовите на луѓето стануваат сѐ послични на оние кои се опишани во 1. Мојсеева 6:5 (NW): „Секоја склоност на мислите на [човечкото] срце беше само лоша цело време“. Денес се вообичаени дури и сериозните гревови кои довеле до Божји суд врз Хананејците.

Особено од I светска војна па наваму, човештвото доживува ужасни промени. Земјата е натопена со крвта на милиони луѓе. Војните, геноцидот, тероризмот, криминалот и беззаконието избиле по целиот свет. На нашата Земјина топка се шират гладот, болестите и неморалот. Сите докази покажуваат дека сега живееме среде таа злобна генерација за која Исус рекол: „Оваа генерација никако нема да помине додека не се случат сите овие работи“ (Матеј 24:34NW). Сега светот ја исполнува „мерката на својот грев“. „Земното лозје“ станува зрело за берба.

Време ти да дејствуваш

На апостол Јован му било кажано дека како што ќе се приближува времето за суд, така ќе се случуваат два вида зреење. Од една страна, „кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште“. Но, од друга страна, „кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште“ (Откровение 22:10, 11). Вториов развој се случува во поврзаност со светското библиско образовно дело кое го спроведуваат Јеховините сведоци. Целта на тоа дело е да се поучуваат луѓето за тоа што бара Бог од нив за да можат да бидат вброени како достојни за добивање вечен живот. Сега оваа активност достигнува 233 земји во 87.000 собранија.

Бог не е бавен. Стрпливо им го дозволува на поединци времето кое е потребно за да ‚го облечат новиот човек‘ за да бидат во состојба да ги добијат неговите ветувања (Ефесјаните 4:24). Денес Бог сѐ уште чека, и покрај тоа што околностите во светот постојано се влошуваат. Јеховините сведоци ширум светот прават сѐ што разумно можат за да го споделуваат со своите ближни спознанието кое води до вечен живот (Јован 17:3, 17). За среќа, секоја година се одѕиваат и се крштаваат над 300.000 луѓе.

Имајќи во изглед вечен живот, сега е времето — не да се чека туку да се дејствува, зашто за кратко време ќе го дочекаме исполнувањето на Исусовото ветување: „И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јован 11:26).

[Фуснота]

a Една фуснота за овој стих од The Soncino Chumash наведува: „Да заслужи протерување, бидејќи Бог не казнува некоја нација сѐ додека мерката на нејзиниот грев не биде полна“.

[Слика на страница 6]

На Божјиот погубител му било кажано да замавне со српот кога грозјето на земјата ќе созрее

[Слика на страница 7]

Јеховините сведоци ширум светот им помагаат на луѓето да бидат во состојба да ги добијат Божјите вечни благослови