Времето и вечноста — што всушност знаеме за нив?
Времето и вечноста — што всушност знаеме за нив?
„ИЗГЛЕДА дека времето е еден од најмистериозните видови човеково искуство“, вели една енциклопедија. Да, да се дефинира времето со едноставни зборови е речиси невозможно. Можеби ние велиме дека времето „тече“, „оди“, „лета“, па дури дека и самите ние се движиме во „струјата на времето“. Но, ние всушност не знаеме за што зборуваме.
Времето се дефинира како „растојание меѓу два настана“. Сепак, изгледа дека нашето искуство ни кажува дека времето не зависи од настаните; се чини дека тоа поминува без разлика дали нешто се случува или не. Еден филозоф тврди дека времето всушност не постои, туку дека е само нешто замислено. Дали е можно, она на што е изграден толкав голем дел од нашето искуство да биде само производ на нашата фантазија?
Библиското гледиште за времето
Библијата не дава никаква дефиниција за времето, што укажува дека можеби е вон способноста на човекот во потполност да го разбере. Тоа е исто како бескрајното пространство на вселената, кое исто така ни е тешко да го разбереме. Очигледно, времето е една од оние работи кои само Бог може во целост да ги разбере, бидејќи само тој е „отсекогаш и за секогаш“ (Псалм 89:2).
Иако Библијата не го дефинира времето, сепак таа зборува за него како за реалност. Како прво, Библијата ни кажува дека Бог ги создал ‚светилата‘ — Сонцето, Месечината и ѕвездите — како ориентири за времето, за да „бидат знаци и за времињата, и за деновите и за годините“. Многу од настаните кои се запишани во Библијата се цврсто утврдени во струјата на времето (1. Мојсеева 1:14; 5:3—32; 7:11, 12; 11:10—32; 2. Мојсеева 12:40, 41). Исто така, Библијата зборува за времето како за нешто кое треба мудро да го користиме за да бидеме во состојба да го добиеме Божјиот благослов за вечно време — изглед да живееме засекогаш (Ефесјаните 5:15, 16).
Вечен живот — дали тоа е логично?
Колку и да фрустрира обидот да се разбере што всушност е времето, сепак за многу луѓе поимот вечен живот, или живеење засекогаш, е многу збунувачки. Една причина може да биде таа што нашето искуство со времето е секогаш поврзано со кругот на раѓање, растење, стареење и смрт. На тој начин, текот на времето сме почнале да го поистоветуваме со самиот процес на стареење. Размислувањето на кој и да е друг начин за многумина би
изгледало како кршење на самиот концепт за времето. ‚Зошто луѓето треба да бидат исклучок во она на кое изгледа се подложни сите други живи суштества?‘ — можеби прашуваат тие.Она што честопати се превидува во овој начин на расудување е фактот што луѓето веќе се исклучок во однос на останатиот дел од творештвото на извесен број подрачја. На пример, животните немаат интелектуални способности како што имаат луѓето. И покрај поинаквите тврдења, тие не стануваат покреативни од она кон што ги тера нивниот инстинкт. Тие немаат дар за уметност ниту, пак, способност да покажуваат љубов и ценење кои луѓето ги поседуваат. Штом на луѓето им се дадени толку многу од овие особини и способности кои го прават животот смисловен, зошто не е возможно да им се даде повеќе и кога станува збор за самиот живот?
Од друга страна, пак, зарем не е чудно тоа што дрвјата, кои не можат да размислуваат, живеат во некои случаи илјадници години, додека интелигентните луѓе можат да живеат просечно само по 70 до 80 години? Зарем не е парадокс тоа што желките, кои немаат креативни ниту уметнички способности, можат да живеат повеќе од 200 години, додека луѓето, кои се богато надарени со овие способности, живеат дури и помалку од половината од нивниот животен век?
Иако човекот не може во целост да ги сфати времето и вечноста, сепак ветувањето за вечен живот е надеж која цврсто се темели на Библијата. Терминот „вечен живот“ во неа се појавува речиси 40 пати. Но, доколку Божјата намера е луѓето да живеат засекогаш, тогаш зошто не е веќе остварена? Ова прашање ќе биде разгледано во следната статија.