Го одржав моето ветување дека ќе му служам на Бог
Го одржав моето ветување дека ќе му служам на Бог
РАСКАЖАЛ ФРАНЦ ГАДЛИКИС
Само четворица од мојата дружина од над сто војници бевме оставени во живот. Соочен со смртта, паднав на колена и му ветив на Бог: ‚Ако ја преживеам војната, ќе ти служам засекогаш‘.
ОВА ветување го дадов пред 54 години, во април 1945, кога бев војник во германската војска. Тоа беше кратко пред завршувањето на II светска војна, кога советската армија со сите сили се пробиваше кон Берлин. Нашите луѓе беа поставени близу градот Зало на реката Одра, на помалку од 65 километри од Берлин. Таму бевме ден и ноќ бомбардирани со оган од тешка артилерија, и мојата дружина беше десеткувана.
Тогаш за првпат во мојот живот заплакав и во солзи му се помолив на Бог. Се сетив на еден библиски текст кој честопати го цитираше мојата богобојазлива мајка: „Повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, и ти ќе Ме прославиш“ (Псалм 49:15). Таму, додека бев во рововите и плашејќи се за мојот живот, му го дадов на Бог претходно спомнатото ветување. Како успеав да го одржам? И како станав член на германската војска?
Пораснав во Литванија
Во 1918 година, за време на I светска војна, Литванија објави независност и воспостави демократски систем на влада. Роден сум во 1925 во областа Мемел (Клајпеда) во близина на Балтичкото Море. Таа област била приклучена кон Литванија токму во годината пред да се родам.
Моите пет сестри и јас имавме среќно детство. Татко ми ни беше како близок пријател, секогаш работеше со нас децата. Нашите родители беа членови на евангелистичката црква, но не ги посетуваа богослужбите бидејќи мајка ми беше навредена од лицемерството на свештеникот. Сепак, таа го сакаше Бог и неговата Реч, Библијата, која страствено ја читаше.
Во 1939 Германија го присвои делот од Литванија каде што живеевме. Потоа, во почетокот на 1943, бев повикан за воена служба во германската војска. Во една од битките бев ранет, но откако се опоравив од повредите, се вратив на Источниот фронт. Дотогаш војната веќе го имаше сменето текот и Германците се повлекуваа пред советската армија. Тогаш за конец избегнав да бидам убиен, како што раскажав во уводот.
Го одржувам моето ветување
Во текот на војната моите родители беа преселени во Ошатс (Германија), баш југоисточно од Лајпциг. Кога заврши војната, беше тешко да ги пронајдам. Но, колку само бевме среќни кога конечно повторно се обединивме! Недолго после тоа, во април 1947, ѝ се придружив на мајка ми на едно јавно предавање кое го одржа Макс Шуберт, еден Јеховин сведок. Мајка ми веруваше дека ја нашла вистинската религија и, откако посетив неколку состаноци, и јас почнав да го делам нејзиното верување.
Кратко после тоа, мајка ми падна од една скала и се здоби со повреди од кои после неколку месеци умре. Пред смртта, додека беше в болница, срдечно ме охрабри: „Честопати се молев да може барем едно од моите деца да го пронајде патот до Бог. Сега гледам дека моите молитви се одговорени и можам мирно да умрам“. Со колкаво само нетрпение го чекам времето кога мајка ми ќе се разбуди од смртта и ќе дознае дека ѝ се исполниле молитвите! (Јован 5:28).
На 8 август 1947, само четири месеци откако го слушав говорот на брат Шуберт, се крстив на еден собир во Лајпциг како симбол на моето предание на Јехова Бог. Најпосле презедов чекори за да го исполнам ветувањето кое му го дадов на Бог. Наскоро станав пионер, како што се нарекуваат полновремените министри на Јеховините сведоци. Во тоа време, во она што подоцна стана Демократска Република Германија, или Источна Германија, имаше речиси 400 пионери.
Први испити на верата
Еден сосед од Ошатс се обиде да ме заинтересира за марксизмот, нудејќи ми универзитетско образование кое го спонзорираше државата, под услов да ѝ се придружам на Социјалистичката обединета партија на Германија (СЕД). Ја одбив понудата, токму како што Исус ја одбил понудата од Сатана (Матеј 4:8—10).
Еден ден во април 1949, на моето работно место дојдоа двајца полицајци и побараа да појдам со нив. Ме одведоа во локалната канцеларија на Советската разузнавачка служба каде што бев обвинет дека работам за капиталистите од Запад. Ми рекоа дека би можел да ја докажам мојата невиност ако продолжам со моето дело од куќа до куќа но притоа да ги известувам за секој кој зборува негативно за Советскиот Сојуз или за СЕД или, пак, за секој кој ги посетува состаноците на Јеховините сведоци. Кога одбив да соработувам, ме затворија во една ќелија. Подоцна ме изведоа пред нешто што изгледа беше воен суд. Мојата казна беше 15 години принудна работа во Сибир!
Останав смирен, а тоа ги импресионира офицерите. Потоа ми рекоа дека мојата казна ќе остане на сила, но дека ќе биде доволно ако еднаш седмично се пријавувам сѐ додека не сум спремен да соработувам со нив. Барајќи совет од позрели Сведоци, отпатував до Магдебург, каде што тогаш беше сместена канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society. Патувањето не беше лесно, бидејќи бев под надзор. Ернст Вауер, кој служеше во Правниот оддел во Магдебург, ми рече: „Бори се и ќе победиш. Направи компромис и ќе бидеш поразен. Тоа е она што го научивме ние во концентрациониот логор“. a Тој совет ми помогна да го одржам ветувањето да му служам на Бог.
Забрана и повторно апсење
Во јули 1950, бев препорачан да служам како патувачки надгледник. Меѓутоа, на 30 август полицијата упадна во нашите простории во Магдебург и нашето проповедничко дело беше забрането. Затоа, мојата доделба беше сменета. Паул Хиршбергер и јас требаше да работиме во околу 50 собранија и да поминуваме по два или три дена во секое од нив, помагајќи им на браќата да бидат организирани за да ја вршат својата служба под забрана. Во месеците кои следуваа, шест пати избегнав да бидам уапсен од полицијата!
Во едно од собранијата се беше вовлекол некој кој нѐ издаде на Стази, Државната служба за безбедност. Така, во јули 1951, Паул и јас бевме уапсени на улица од петмина мажи со вперени пушки. Кога помислувавме на минатото, можевме да увидиме дека не сме се ослонувале на Јеховината организација толку колку што требаше. Постарите браќа ни препорачуваа никогаш да не патуваме заедно. Прекумерната самодоверба доведе до тоа да си ја изгубиме слободата! Освен тоа, претходно немавме дискутирано за тоа што би рекле ако нѐ уапсат.
Сам во ќелијата, низ солзи го молев Јехова за помош да не ги издадам браќата ниту да ја компромитирам мојата вера. Откако сум заспал, одеднаш ме разбуди гласот на мојот пријател Паул. Баш над мојата ќелија беше собата каде што го сослушуваше Стази. Бидејќи тоа беше топла и влажна ноќ, вратата на балконот беше отворена и, иако придушено, можев да чујам сѐ. Подоцна, кога јас бев сослушуван, ги дадов истите одговори, а тоа ги изненади службениците. На ум ми дојде омилениот библиски стих на мајка ми: „Повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам“, и многу ме охрабри (Псалм 49:15).
После сослушувањето, Паул и јас поминавме пет месеци во еден истражен притвор во Стази затворот во Хале и подоцна во Магдебург. Додека бевме во Магдебург, повремено погледнував кон нашите тогаш затворени објекти на подружницата. Сакав да можам да работам таму наместо да бидам в затвор! Во февруари 1952 беше изречена нашата казна: „10 години затвор и 20 години одземање на граѓанските права“.
Задржувам вера в затвор
Јеховините сведоци кои беа осудени на казна затвор од најмалку десет години, извесен период додека беа во затворот носеа посебна идентификација. На едната ногавица и на едниот ракав од палтото ни беше сошиена црвена трака. Исто така, на вратата од нашите ќелии однадвор беше закачено едно мало, тркалезно парче црвен картон со кој чуварите беа предупредени дека ние сме опасни криминалци.
Всушност, управата нѐ сметаше за најтешки криминалци. Не ни беше дозволено да имаме Библија бидејќи, како што објасни еден чувар, „еден Јеховин сведок со Библија в рака е исто како криминалец со пиштол в рака“. За да собереме фрагменти од Библијата, ги читавме делата на рускиот писател Лав Толстој кој во своите книги честопати има цитирано библиски текстови. Тие библиски текстови ги научивме напамет.
Пред да бидам уапсен во 1951, се верив со Елза Ример. Таа ме посетуваше во затворот онолку колку што можеше и еднаш месечно ми испраќаше пакет со храна. Во пакетите криеше и духовна храна. Еднаш, во некои колбаси имаше наставано статии од Стражарска кула. Чуварите честопати ги сечеа колбасите од пакетите што ги отвораа за да проверат да нема скриено нешто внатре, но во таа прилика пакетот стигна кратко пред да им заврши работното време, и така не го проверија.
Во тоа време, Карл Хајнц Клебер и јас делевме една мала ќелија со тројца цимери кои не беа Сведоци. Кога можевме да читаме Стражарска кула без да нѐ забележат? Па, се преправавме дека читаме некоја книга, но во неа ги имавме скриено статиите од Стражарска кула. Исто така, таа драгоцена духовна храна им ја пренесувавме и на другите Сведоци кои беа во затворот.
Освен тоа, додека бевме в затвор, ги користевме приликите да им кажуваме на другите за Божјето Царство. Бев восхитен кога видов дека, како резултат на тоа, еден од моите цимери стана верник (Матеј 24:14).
Враќање во полновремена служба
Бев ослободен на 1 април 1957, после речиси шест години зад решетки. После помалку од две седмици се оженив со Елза. Кога Стази слушна за моето ослободување, бараа изговор да ме вратат в затвор. За да ја избегнеме таа можност, Елза и јас ја поминавме границата за да живееме во Западен Берлин.
Кога стигнавме во Западен Берлин, Заедницата сакаше да знае какви се нашите планови. Објаснивме дека едниот од нас ќе биде пионер, а другиот ќе работи световна работа.
„Како би ви се допаднало обајцата да бидете пионери?“ — нѐ прашаа.
„Ако тоа е возможно“, одговоривме, „тогаш ние веднаш ќе почнеме.“
Така, секој месец ни беше даван мал паричен надомест како помош да се издржуваме, а во 1958 почнавме да служиме како специјални пионери. Колкава само радост имавме додека ги набљудувавме поединците со кои ја проучувавме Библијата како ги менуваат своите животи за да станат Јеховини слуги! Следните десет години поминати во специјалната пионерска служба нѐ научија тесно да соработуваме заедно како маж и жена. Елза секогаш беше покрај мене, па дури и кога ја поправав колата. Исто така, заедно читавме, проучувавме и се молевме.
Во 1969 бевме доделени во патувачкото дело, посетувајќи различни собранија секоја седмица за да служиме на потребите на нивните членови. Јозеф Барт, човек кој беше искусен во патувачкото дело, ми го даде овој совет: „Ако сакаш да бидеш успешен на својата доделба, само биди им брат на браќата“. Се обидов да го применам тој совет. Како резултат на тоа, имавме многу срдечен и хармоничен однос со останатите Сведоци, што го олесни давањето совет кога тој беше потребен.
Во 1972 кај Елза беше дијагностициран рак и беше на операција. Подоцна, ѝ се појави и ревматизам. Иако се мачеше од болки, сепак секоја седмица ме придружуваше, служејќи им на собранијата и работејќи со сестрите во службата онолку колку што можеше.
Приспособување кон потребите
Во 1984 на нејзините родители им беше потребна постојана нега, па така го напуштивме патувачкото дело за да помогнеме во грижата за нив сѐ до нивната смрт, после четири години (1. Тимотеј 5:8). Потоа, во 1989, Елза сериозно се разболе. За среќа, некако се опорави, но беше неопходно јас да се грижам за сите домашни работи. Сѐ уште учам како да се справам со некој кој постојано трпи болка. Сепак, и покрај стресот и напнатоста, ја задржавме нашата љубов кон духовните работи.
Благодарни сме што денес сѐ уште сме на листата на пионерите. Меѓутоа, научивме дека она што е важно, не е положбата што ја имаме или колку можеме да сториме, туку да останеме верни. Ние сакаме да му служиме на нашиот Бог, Јехова, и тоа не само неколку години, туку за сета вечност. Нашето искуство беше прекрасна обука за иднината. А Јехова ни даде сила за да го фалиме дури и под најтешките околности (Филипјаните 4:13, NW).
[Фуснота]
a Животната приказна на Ернст Вауер излезе во Стражарска кула од 1 август 1991, страници 25—29.
[Слика на страница 23]
Магдебург, каде што бев во затвор
[Извор на слика]
Gedenkstätte Moritzplatz Magdeburg für die Opfer politischer Gewalt; фотографија: Fredi Fröschki, Magdeburg
[Слика на страница 23]
Кога се венчавме во 1957
[Слика на страница 23]
Со Елза денес