Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Павловите соработници — кои биле тие?

Павловите соработници — кои биле тие?

Павловите соработници — кои биле тие?

ВО БИБЛИСКАТА книга Дела и во писмата на Павле се спомнати околу сто поединци, членови на христијанското собрание од првиот век кои биле во контакт со ‚апостолот на незнабошците‘ (Римјаните 11:13). За извесен број од нив се знае многу. Веројатно си запознат со активностите на Аполо, Варнава и Сила. Од друга страна, пак, веројатно потешко ти е да кажеш многу за Архип, Клаудија, Дамара, Лин, Персида, Пуд и Сосипатр.

Во различни периоди и под разновидни околности, многу поединци одиграле активна улога во поддржувањето на Павловата служба. Некои од нив, како Аристарх, Лука и Тимотеј, служеле покрај апостолот многу години. Некои биле со него кога бил в затвор или додека бил на пат, било како патувачки придружници или како домаќини и домаќинки. Други, за жал, како на пример Александар, Димас, Ермоген и Фигел, не истрајале во христијанската вера.

Кога станува збор за неколку од другите пријатели на Павле како, на пример, Асинкрит, Ермиј, Јулија или Филолог, да спомнеме само неколку, знаеме многу малку, освен нивните имиња. Во случајот со сестрата на Ниреј или со мајката на Руф или, пак, со оние од домот на Хлој, не го знаеме дури ни тоа (Римјаните 16:13—15; 1. Коринтјаните 1:11). Сепак, едно испитување на тие малку информации кои ги имаме за овие отприлика сто поединци, фрла светлина врз начинот на кој работел апостол Павле. Исто така, од тоа учиме нешто за користите да се биде опкружен со голем број соверници и тесно да се соработува со нив.

Патувачки придружници, домаќини и домаќинки

Службата на апостол Павле вклучувала многу патување. Еден писател пресметува дека растојанието што го поминал по копно и по море, како што е запишано само во Дела, изнесувало околу 16.000 километри. Патувањето во тогашно време не било само исцрпувачко туку и опасно. Меѓу различните опасности со кои се соочил тој биле бродолом, опасности од реки и од друмски разбојници, опасности во пустина и опасности на море (2. Коринтјаните 11:25, 26). Погодно било тоа што Павле ретко бил сам на своите патувања од едно место до друго.

Оние кои го придружувале Павле биле извор на другарство, охрабрување и практична помош во службата. Понекогаш, Павле ги оставал онаму каде што оделе за да можат да се грижат за духовните потреби на новите верници (Дела 17:14; Тит 1:5). Но, присутноста на придружниците веројатно била неопходна заради безбедноста и заради поддршка при справувањето со суровоста на патувањето. На тој начин, поединци како што биле Сосипатр, Секунд, Гај и Трофим, за кои знаеме дека биле меѓу Павловите патувачки придружници, можеби одиграле важна улога во успехот на неговата служба (Дела 20:4).

Подеднакво му била добредојдена помошта што му ја укажале домаќините и домаќинките. Кога Павле пристигнувал во некој град каде што имал намера да спроведе проповедничка кампања или само да преноќи, најпрвин требало да најде место за ноќевање. Секој кој патувал толку многу колку Павле бил принуден да спие во дословно огромен број различни кревети. Секогаш можел да отседне во некоја гостилница, но нив историчарите ги опишуваат како „опасни и непристојни места“, па затоа, онаму каде што било можно, Павле веројатно престојувал кај соверници.

Ги знаеме имињата на некои од Павловите домаќини и домаќинки: Акила и Прискила, Гај, Јасон, Лидија, Мнасон, Филимон и Филип (Дела 16:14, 15; 17:7; 18:2, 3; 21:8, 16; Римјаните 16:23; Филимон 1, 22). Во Филипи, Солун и Коринт таквото сместување му обезбедувало на Павле база од која можел да ги организира своите мисионерски активности. Во Коринт, својот дом го отворил и Тит Јуст за да му обезбеди на апостолот место од кое можел да го извршува своето проповедање (Дела 18:7).

Мноштво пријатели

Како што може и да се очекува, Павловите познаници биле спомнати на различни начини поради различните околности под кои тој се запознавал со нив. На пример, Маријам, Персида, Фива, Трифена и Трифоса биле совернички кои биле пофалени заради нивниот труд и напорна работа (Римјаните 16:1, 2, 6, 12). Павле ги крстил Крисп, Гај и домаќинството на Стефанин. Дионисиј и Дамара ја прифатиле пораката на вистината од него во Атина (Дела 17:34; 1. Коринтјаните 1:14, 16). Андроник и Јунија, „прочуени меѓу апостолите“ кои биле верници подолго време од Павле, се наречени негови „созатвореници“. Можеби тие биле со него в затвор во некоја прилика. За нив двајца, како и за Иродион, Јасон, Луциј и Сосипатр, Павле зборувал како за свои „сродници“ (Римјаните 16:7, 11, 21). Додека грчкиот збор кој овде е употребен може да значи „земјак“, првенственото негово значење е „крвни роднини од истата генерација“.

Многу од Павловите пријатели патувале заради добрата вест. Покрај неговите добро познати придружници, тука се и Ахаик, Фортунат и Стефанин кои отпатувале од Коринт до Ефес за да се посоветуваат со Павле за духовната состојба на своето собрание. Артема и Тихик биле спремни да патуваат за да се сретнат со Тит кој служел на островот Крит, а Зина презел едно патување со Аполос (1. Коринтјаните 16:17; Тит 3:12, 13).

Тука се и оние за кои Павле дава некои мали и фасцинантни детали. На пример, информирани сме дека Епенет бил „првенец во Христа во Ахаја [Азија, NW]“, дека Ераст бил „градски благајник“ во Коринт, дека Лука бил лекар, дека Лидија била продавачка на црвени ткаенини, а дека Терциј бил оној кого Павле го употребил за да го напише своето писмо до Римјаните (Римјаните 16:5, 22, 23; Дела 16:14; Колосјаните 4:14). За сите кои би сакале да дознаат повеќе за таквите поединци, овие трошки информации по нивната ограниченост претставуваат Танталови маки.

Други, пак, од Павловите придружници добиле лични пораки, кои сега се запишани во Библијата. На пример, во своето писмо до колосјаните, Павле силно го поттикнал Архип: „Гледај ја службата, што си ја примил во Господа, да ја извршуваш!“ (Колосјаните 4:17). Изгледа дека Еводија и Синтихија требало да решат некој личен конфликт. Затоа, Павле силно ги поттикнал преку некој неименуван ‚сотрудник‘ во Филипи „да бидат едномислени во Господа“ (Филипјаните 4:2, 3). Секако, тоа е добар совет за сите нас.

Лојална поддршка додека бил в затвор

Павле бил в затвор неколкупати (2. Коринтјаните 11:23). Во тие прилики, локалните христијани, кога ги имало, сигурно се обидувале да сторат сѐ што можат за да му ги направат околностите низ кои поминувал поподносливи. Кога Павле се наоѓал во Рим на издржување на првата затворска казна, му било дозволено да изнајми сопствена куќа на две години и да може да биде посетуван од пријателите (Дела 28:30). Во текот на тој период, тој напишал писма до собранијата во Ефес, Филипи и Колоси, како и до Филимон. Овие извори ни кажуваат многу за оние кои биле близу до Павле за време на неговиот притвор.

На пример, учиме дека Онисим, слугата на Филимон кој избегал, се сретнал со Павле во Рим, како и Тихик кој требало да го придружува Онисим на патувањето назад кај неговиот господар (Колосјаните 4:7—9). Тука бил и Епафродит кој презел долго патување од Филипи со подарок од своето собрание и кој потоа се разболел (Филипјаните 2:25; 4:18). Меѓу оние кои тесно соработувале со Павле во Рим биле Аристарх, Марко и Исус наречен Јуст, за кои Павле напишал: „Тие се . . . единствените сотрудници за царството Божјо, кои ми беа утеха [зајакнувачка помош, NW]“ (Колосјаните 4:10, 11). Заедно со сите овие верни поединци биле и попознатите Тимотеј и Лука, како и Димас кој подоцна го напуштил Павле заради љубовта кон светот (Колосјаните 1:1; 4:14; 2. Тимотеј 4:10; Филимон 23).

Изгледа дека ниеден од нив не бил од Рим, но сепак, тие биле покрај Павле. Можеби некои отишле специјално за да му помогнат во текот на затворската казна. Несомнено, други извршувале разни работи за него, трети биле испратени на далечни мисии, а на четврти Павле им диктирал писма. Какво само уверливо сведоштво било тоа за јачината на приврзаноста и лојалноста која сите тие ја имале кон Павле и кон Божјето дело!

Од заклучоците на некои од Павловите писма согледуваме дека веројатно тој бил опколен со големо друштво од христијански браќа и сестри кое броело многу повеќе од неколкуте имиња кои ги знаеме. Во различни прилики тој пишувал: „Ве поздравуваат сите светии“ и „Те поздравуваат сите што се со мене“ (2. Коринтјаните 13:12; Тит 3:15; Филипјаните 4:22).

Во текот на Павловото критично второ затворање во Рим, кога му се приближувала маченичката смрт, во мислите често му биле неговите соработници. Сѐ уште бил активен во надгледувањето и координирањето на активностите на барем некои од нив. Тит и Тихик биле испратени во мисии, Крискент отишол во Галатија, Ераст останал во Коринт, Трофим бил оставен болен на Милет, но Марко и Тимотеј требало да дојдат кај него. Меѓутоа, Лука бил покрај Павле и кога апостолот го напишал своето второ писмо до Тимотеј, тогаш кај него биле неколку други верници, вклучувајќи ги и Евул, Пуд, Лин и Клаудија кои испратиле свои поздрави. Тие несомнено правеле сѐ што можеле за да му помогнат на Павле. Истовремено, самиот Павле испратил поздрави до Прискила и до Акила, како и до домаќинството на Онисифор. Меѓутоа, за жал, во тоа време на неволја, Димас го напуштил, а Александар му направил големо зло (2. Тимотеј 4:9—21).

„Ние сме Му соработници на Бога“

Павле ретко бил сам во текот на своите проповеднички активности. „Сликата која се појавува“, вели коментаторот И. Ирл Елис, „е слика на мисионер со голем број другари. Навистина, Павле ретко некогаш е најден без придружници.“ Под водство на Божјиот свет дух, Павле можел да покрене многу луѓе и да организира делотворни мисионерски кампањи. Бил опкружен со блиски партнери, привремени помошници, некои силни личности и голем број понизни слуги. Сепак, тие не биле само соработници. Без оглед на тоа до која мера работеле или го придружувале Павле, врската на христијанската љубов и личното пријателство се очигледни.

Апостол Павле го имал она што се нарекува „дар за пријателство“. Тој направил многу за да им ја пренесе добрата вест на народите, но не се обидувал да го прави тоа сам. Соработувал со организираното христијанско собрание и во потполност го користел. За резултатите кои ги постигнувал Павле не си припишувал заслуга себеси, туку понизно признал дека тој е роб и дека сета чест треба да му се даде на Бог како на оној кој е одговорен за растот (1. Коринтјаните 3:5—7; 9:16; Филипјаните 1:1).

Времето во кое живеел Павле е поинакво од нашето, но сепак никој во христијанското собрание денес не треба да мисли дека може или треба да биде независен. Напротив, треба секогаш да соработуваме со Божјата организација, со нашето локално собрание и со нашите соверници. Нам ни е потребна нивната помош, поддршка и утеха како во добро така и во тешко време. Ние ја имаме скапоцената предност да бидеме дел од едно ‚цело здружение од браќа во светот‘ (1. Петрово 5:9NW). Ако верно и со љубов работиме рамо до рамо и соработуваме со сите нив, тогаш исто како Павле, и ние можеме да кажеме дека „сме Му соработници на Бога“ (1. Коринтјаните 3:9).

[Слики на страница 31]

АПОЛОС

АРИСТАРХ

ВАРНАВА

ЛИДИЈА

ОНИСИМ

ТЕРЦИЈ

ТИХИК