Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Љубов кон „своите по вера“

Љубов кон „своите по вера“

Љубов кон „своите по вера“

ВИСТИНСКИТЕ христијани се во меѓусебна врска која е слична на семејната. Навистина, уште од првиот век н. е. тие се осврнувале еден на друг како на „брат“ и „сестра“ (Марко 3:31—35; Филимон 1, 2). Тоа не се само зборови; тие претставуваат опис на она што обожавателите на Бог го чувствуваат еден кон друг. (Спореди 1. Јованово 4:7, 8.) Исус рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35).

Таквата љубов беше очигледна во јули 1997 кога после една долготрајна суша во Чиле настапија поројни дождови и поплави. Ненадејно, многумина се најдоа во потреба од храна, облека и други работи. Во случаи на катастрофи, Јеховините сведоци настојуваат да ја следат Павловата опомена до Галатјаните: „И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“ (Галатјаните 6:10).

Затоа, Јеховините сведоци брзо се организираа за да реагираат. Беа собрани, сортирани и спакувани храна, облека и слични работи кои потоа беа испратени до подрачјето на катастрофата. Децата даруваа дури и играчки! Една сестра била вчудовидена кога ја видела Салата на Царството полна со хуманитарна помош. „Застанав занемена, не знаејќи дали да се смеам или да плачам“, вели таа. „Тоа беше токму она што ни беше потребно.“

Потоа, неочекувано, дел од истото подрачје кое беше зафатено со поплава го погоди земјотрес. Многу домови беа разурнати. За да се задоволат потребите, беа формирани повеќе одбори за помош. Регионалните одбори за градба, кои обично се занимаваат со изградба на објекти за состанување на Јеховините сведоци, зедоа учество во работата и ја дадоа својата поддршка. Каков беше резултатот? На оние кои ги изгубија своите домови им беа подарени скромни куќички кои ги дизајнираа и изградија браќата. Иако овие домови беа едноставни, сепак многу се разликуваа од оние кои беа дадени како заем од световните акции за помош, во кои немаше под и прозорци и кои не беа варосани.

Некои браќа патуваа од голема далечина за да помогнат. Претседавачот на еден Регионален одбор за градба презеде опсежно патување кое траеше два дена — и покрај тоа што беше прикован за инвалидска количка. Еден слеп брат макотрпно работеше носејќи греди до столарот кој ги сечеше со бараната големина. Еден глув брат, пак, ги собираше гредите и ги доставуваше таму каде што беа потребни.

Многу набљудувачи беа импресионирани од помошта која ја пружија браќата. Во еден град, близу до куќата на една сестра каде што се вршеа поправки беше паркирано полициско возило. Полицајците беа љубопитни. Едниот од нив запраша еден брат: „Кои се овие работници што изгледаат толку среќни, и колку ги плаќаат?“ Братот објасни дека сите тие се доброволци. Еден од службениците кажа дека тој плаќа месечен десеток во својата црква, но дека неговиот пастор сѐ уште не го ни посетил по земјотресот! Следниот ден на сестрата ѝ се јавил некој полициски службеник. И тој ги забележал работниците. Рекол дека е толку импресиониран од нивниот ентузијастичен дух што посакал и тој да им се придружи!

Навистина, акцијата за помош во Чиле беше радосно искуство за доброволците и одлично сведоштво за набљудувачите.