Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вандализам — зошто?

Вандализам — зошто?

Вандализам — зошто?

„НЕМАМ што да кажам.“ Овие зборови биле напишани со огромни букви на штотуку бојадисаниот ѕид во еден пријатен кварт на Сао Паоло. Можеби ќе помислиш: ‚Чин на вандализам‘. Графитите се токму еден вид вандализам.

Замисли си дека некои неодговорни вандали ти го оштетиле новиот автомобил. Или, можеби забележуваш дека некои вандали го уништиле државниот имот кој за многумина е корисен. Зошто? Да, зошто? Дали некогаш си се запрашал зошто има толку многу вандалски дела? Изгледа дека на многу места вандалите наоѓаат задоволство во нагрдувањето или демолирањето на телефонски говорници. Честопати мета им е и јавниот превоз, на пример, возовите или автобусите. Се чини дека вандалите не се грижат за ништо. Но, што стои зад голем дел од вандализмот кој го гледаме или од кој страдаме?

Марко a‚ младинец од Рио де Жанеиро, се исфрустрирал откако неговиот тим изгубил во еден фудбалски натпревар — бил толку исфрустриран што почнал со камења да фрла по еден автобус кој бил полн со навивачи на победничкиот тим. Или, размисли за Клаус. Еднаш кога не му одело добро на училиште, толку се разбеснил што почнал да фрла со камења и ги испокршил прозорците. Меѓутоа, „забавата“ испарила кога татко му бил замолен да ја плати штетата. Еден друг младинец, Ервин, и одел на училиште и работел. Тој и неговите врсници биле сметани за добри младинци. Сепак, разонода им било да го вандализираат соседството. Родителите на Ервин не знаеле ништо за тоа. Валтер бил сирак кој немал голем избор освен улиците на Сао Паоло да бидат негов дом. Најдобри пријатели му биле членовите на една банда вандали, така што тој, придружувајќи им се, научил и боречки вештини. Ваквите примери покажуваат дека зад вандализмот стојат луѓе, но дека она што го активира, односно емоциите кои се вклучени притоа, се разликуваат.

„Вандализмот може да биде чин на одмазда или начин за изразување на некое политичко мислење. Понекогаш и младите и возрасните вршат ваков криминал чисто од ‚забава‘“, вели The World Book Encyclopedia. Меѓутоа, вандализмот не е само младешка забава, тој може да биде сериозно деструктивен, па дури и смртоносен. Една група млади сакале да „се забавуваат“, па кога виделе еден човек што спиел, го попрскале со запаллива течност и го запалиле. Жртвата, еден Индијанец, умрела подоцна во болницата. Според еден извештај, „младите наводно рекле дека мислеле на никого нема да му биде гајле што на улицата биле запалени неколку просјаци, и не била преземена никаква постапка“. Без разлика на тоа дали се чини дека вандализмот е без жртви или не, сепак цената — како финансиски така и емоционално — е непроценлива. Тогаш, што може да го држи под контрола или да го оконча?

Кој може да го запре вандализмот?

Можат ли полицијата и школите да го спречат вандализмот? Еден проблем е тоа што властите можеби се презафатени со посериозни криминални дела, како што е препродавањето дрога или убиствата, а не со престапите во кои „нема жртви“. Според еден полициски службеник, кога еден младинец запаѓа во неволја, тогаш родителите честопати „ги обвинуваат децата со кои тој се дружи или училиштето или, пак, полицијата затоа што го фатила“. Образованието и спроведувањето на законот можат да го намалат вандализмот; но сепак, што ако не се смени ставот на родителите? Една службеничка, која работи на условно ослободување малолетници, вели: „Причина се здодевноста и приликата. [Децата се] надвор од домот до доцна и немаат што да прават. И веројатно никој не ги надгледува — инаку не би биле надвор“.

Иако на многу места вандализмот е сериозен проблем, разгледај како може работите да се свртат. Младите вандали, кои беа спомнати во почетокот, се промениле; сега во потполност го избегнуваат асоцијалното однесување. Што ги навело овие поранешни деликвенти да го сменат начинот на живот? И дали би бил изненаден ако дознаеш дека вандализмот не само што ќе биде намален туку ќе биде и отстранет? Те покануваме да ја прочиташ следната статија.

[Фуснота]

a Имињата се изменети.