Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вандализмот може да се отстрани

Вандализмот може да се отстрани

Вандализмот може да се отстрани

„ТИНЕЈЏЕРСКИОТ вандализам отсекогаш се сметал за израз на непочитување и непријателство кон возрасните и кон нивните мерила“, објаснуваат авторите Џејн Норман и Мајрон В. Харис. Иако многу млади веруваат дека не може ништо да се стори за да се промени ситуацијата, сепак „секој трети мисли дека тинејџерскиот вандализам би можел да се заузда ако родителите им обрнат повеќе внимание на своите деца и ако на тинејџерите не им е толку здодевно“, известиле авторите. Иако зафатеноста на младите луѓе и подобрата контрола од страна на родителите може да го намали вандализмот, дали тоа само по себе навлегува во коренските причини?

Кога се сами, многу млади луѓе не предизвикуваат неред но, кога се во група или во парови, може да се обидат да привлечат внимание така што прават глупави и лоши работи. Тоа било случај со Нелсон кој под дејство на дрога или алкохол честопати го изразувал својот гнев и незадоволство со вандалски дела. Хозе, поттикнат од проповедите во католичката црква во врска со аграрната реформа и правата на работничката класа, сметал дека треба да земе удел во штрајковите и, како средство за протест, организирал вандализам. Меѓутоа, и Нелсон и Хозе нашле нешто што е многу подобро од побуната или вандализмот.

Некои подлабоки причини за вандализам

Да испитаме поодблизу зошто некои млади се впуштиле во вандализам. Многу адолесценти се збунети и „светот го опишуваат како збркано, лудо место, полно со луди луѓе“. Сепак, спротивно на она во што некои веруваат, еден извештај гласел: „Тинејџерите се секираат за правецот на својот живот. Тие се загрижени повеќе отколку што возрасните мислат дека се“. Кога некој младинец е вмешан во вандализам, било да е тоа ненамерно или намерно, можеби на тој начин ги изразува своите длабоко вкоренети фрустрации, нерешени проблеми или незадоволени потреби. Според студијата која беше спомната во почетокот, „ниту еден од анкетираните не го бранел ниту го оправдувал вандализмот, дури ни оние кои биле вмешани во него“.

Можеби еден младинец ретко слуша зборови на ценење или охрабрување. Со оглед на тоа што образованието станува сѐ поважно и за многу работни места се бара висок степен на специјализирано знаење или техничка вештина, можеби тој се чувствува заплашен. Освен тоа, можеби родителите, наставниците или врсниците се многу критизерски настроени и имаат преголеми барања, ставајќи нагласок врз она што младинецот го постигнува, а не врз тоа каква личност е тој. Многумина се бунтуваат или вршат вандализам едноставно затоа што се разочарани од себеси. Зарем не е точно дека љубовта и вниманието на родителите можат во голема мера да ја намалат таквата неволја?

Можеби си видел дека иако извесни авторитети навидум се откажале од обидот да ги контролираат графитите и другите видови деликвенција, загрижените граѓани општо земено сѐ уште бараат наставниците и школскиот персонал да го контролираат вандализмот. Во врска со спроведувањето на законот, The World Book Encyclopedia вели: „Вандализмот е казнив со парична или со затворска казна. Некои локални влади имаат закони според кои родителите се одговорни за вандализмот кој го вршат нивните деца. Но, повеќето вандалски дела поминуваат неказнето. Спроведувањето на законот во такви случаи е тешко, а цената на повеќето поединечни дела направена штета не е толку голема за да се исплати преземање законска постапка“. Еден извештај покажал дека се фатени само 3 проценти од престапниците.

Веројатно се сложуваш со тоа дека адекватното родителство е можеби најдобриот начин да се зафатиме со коренската причина за деликвенција. Но, кога семејниот живот се влошува, тогаш општеството страда. Професорката Ана Лујза Виеира де Матос од универзитетот Сао Паоло (Бразил), забележува дека некои од причините за проблемите со младите луѓе се „слабиот надзор од родителите, недостигот на правила, недостигот на комуникација, запоставеноста, рамнодушноста или апатијата“.

Секако дека во нашево време го гледаме исполнувањето на Исусовите зборови: „Бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24:12). А кој ќе порекне дека зборовите кои се запишани во 2. Тимотеј 3:1—4 се покажале точни? Апостол Павле напишал: „Ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци“. Факт е дека самото живеење меѓу луѓе со такви карактеристики придонесува за деликвенција. Но, не треба да се предаваме. Општествата, општо земено, не успеваат да го отстранат вандализмот, но ние можеме да најдеме луѓе кои успеале да го сменат својот начин на живот, и кои повеќе не се невоспитани или непромислени. Во нивниот случај, вандализмот бил запрен.

Здраво водство за младите луѓе

Што им помогнало на вандалите и на другите да ја променат својата личност? Иако за некои воспитувачи и родители можеби изгледа неверојатно, Библијата дава одлично и современо водство. Со тоа што го следеле, некои поранешни вандали биле поттикнати на послушност кон Божјиот конкретен закон: „Не оди со мнозинството на зло“ (2. Мојсеева 23:2). Многумина биле привлечени кон вистината од Божјата реч во врска со верувањата и доктрините кои никогаш пред тоа не ги разбирале, и она што го научиле влијаело врз нив на подобро. Разгледај го искуството на Хозе, младинец од Сао Паоло. Бил одгледан да верува во користење ликови при обожавањето. Кога дознал дека Бог има име, Јехова, и дека Тој не го одобрува обожавањето ликови, Хозе направил промени за да го врши она што е угодно во Божји очи (2. Мојсеева 20:4, 5; Псалм 83:18NW; 1. Јованово 5:21; Откровение 4:11).

Наместо да доживува едно по друго фрустрирачки искуства во насилните банди и штрајкови, Нелсон нашол вистинска надеж за иднината и тоа му донело огромно олеснување. Тој вели: „Наместо да бидам отфрлен од моето семејство поради лошото друштво и поради животот на зависник од дрога, сега сум човек кој дома е најмногу почитуван. Честопати татко ми ме замолува да им дадам совет на моите постари браќа. Откако почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, научив што е тоа радост бидејќи имам смисла во животот“. И за еден градски младинец како Марко, кој бил навикнат да живее во насилничка средина, спознанието дека Божјето Царство ќе ја претвори Земјата во рај навистина му донело радост (Откровение 21:3, 4).

Размисли и за случајот на еден поранешен член на банда, уличен кавгаџија и вандал. Бидејќи бил сираче и имал многу тажно детство, Валтер бил импресиониран од фактот дека среде еден расипан, злобен систем, Бог има свој народ. Тој народ искрено настојува да ги применува библиските начела во животот, покажувајќи сожалување, обѕир и љубезност. Валтер објаснува: „Верно на Исусовото ветување, сега имам огромно семејство, ‚браќа и сестри и мајки и татковци‘. А што се однесува до иднината, со нетрпение го чекам времето кога луѓето ќе живеат во среќа и единство под Божјата праведна влада“ (Марко 10:29, 30; Псалм 36:10, 11, 29).

Нешто подобро од протест

Освен да покажуваат обѕир и љубов кон своите ближни, овие поранешни вандали научиле и ‚да го мразат злото‘ (Псалм 96:10; Матеј 7:12). А како е со тебе? Дури и ако си само човек кој страда од последиците на распространетиот вандализам, проучувањето на Божјата реч ќе направи Јехова да ти биде реален како небесен Татко полн со љубов кој сака да се грижи за тебе (1. Петрово 5:6, 7). Бог може да ти помогне да растеш духовно, и покрај личните слабости или сиромаштијата. Тоа само по себе е едно извонредно искуство!

Јехова и неговиот Син, Исус Христос, навистина сакаат сите видови луѓе да имаат прилика да ја дознаат библиската вистина. Божјата реч може да стори повеќе отколку само да им помогне на поединци веднаш да престанат со вандалство. Таа може да ги мотивира и понатаму да напредуваат во применувањето на божествените начела. Како резулатат на тоа, стануваат членови на едно меѓународно братство познато по чистотата и добрите манири, светското собрание на Јеховините сведоци. Во склад со Ефесјаните 4:24, овие искрени христијани ‚се облекле во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината‘. Наскоро светот ќе биде полн со такви луѓе бидејќи тие ќе бидат единствените кои ќе преживеат и ќе живеат засекогаш. (Спореди Лука 23:43NW.)

Еден нов свет ослободен од вандализам е можен

Дали веруваш дека вандализмот навистина може да се искорени? Ако да, како ќе дојде до една таква значајна промена? Наскоро Божјето Царство ќе го отстрани овој злобен систем. Оние кои живеат на Земјата ќе бидат сметани за одговорни за секакво намерно кршење на Божјите праведни закони. (Спореди Исаија 24:5, 6.) Иако „безбожниците сите ќе бидат истребени“, оние кои ја сакаат праведноста ќе бидат избавени. „Ќе им помага Господ и ќе ги избави; ќе ги одбере од грешниците и ќе ги запази, зашто на него се надеваат“ (Псалм 36:38—40).

Навистина, корењата на вандализмот ќе бидат целосно отстранети. А тоа ќе се случи и со целокупниот криминал, угнетувањето, страдањата и злобата. Наместо тоа, животот во новиот свет ќе го карактеризира мир, вистинска праведност, спокојство и безбедност. Исаија 32:18 (NW) опишува што ќе се покаже вистинито во дословен поглед: „Мојот народ мора да живее во мирољубиво престојувалиште и во живеалишта полни со доверба и во невознемирувани почивалишта“. Да, еден убав, глобален рај ќе биде населен со луѓе кои покажуваат љубов и обѕир кон другите.

Заедно со милиони други луѓе, некои поранешни вандали веќе уживаат присен однос со Јехова Бог. Тие повеќе не учествуваат во вандалски дела. Дали и ти ќе дозволиш Божјата реч да те води кон живот во неговиот нов свет? Зошто да не го имитираме древниот псалмист кој ја запишал Јеховината изјава: „Ќе направам да имаш увид и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш. Со очи вперени во тебе, ќе те советувам“ (Псалм 32:8NW).

[Слика на страница 7]

Вниманието и љубовта од страна на родителите ги штитат младите луѓе