Дали треба да го прошириш своето гледиште?
Дали треба да го прошириш своето гледиште?
ГРАДОТ Кобе во западна Јапонија беше погоден од еден разурнувачки земјотрес и самопожртвуваните доброволци брзо им притекнаа на помош на погодените жители. Меѓутоа, еден гостувачки тим лекари откри дека неговото барање за медицински материјали било отфрлено од некого во Здравствениот дом во градот. Тој службеник, кој бил и директор на една голема градска болница, барал жртвите да одат во болниците во Кобе наместо лекарите да им даваат скапи инјекции и интравенозни течности во центрите за помош. На крај, барањето на лекарите било исполнето, но првобитниот нефлексибилен став и како што изгледа, недостигот на сожалување на службеникот, повлекле широка критика.
Можеби и ти си доживеал слична тврдоглавост од страна на некој кој има авторитет. Можеби дури и самиот си бил виновен
за тоа. Дали би можел да извлечеш корист од развивањето на едно пошироко гледиште?Стекни целосна слика
Вообичаено е луѓето да гледаат на работите само од еден агол, или од едно гледиште, и со тоа да го ограничуваат своето согледување и разбирање на работите. Честопати тоа се должи на фактори како што се образованието, животното искуство и заднината. Кога некој настојува да стекне целосна слика, тогаш може да донесе помудри одлуки. На пример, ако преминуваш една прометна раскрсница каде што нема семафори, дали би било мудро да гледаш само право пред себе? Секако не! На сличен начин, проширувањето на твоето размислување за да добиеш целосен преглед може да ти биде од голема помош при донесувањето одлуки и постапувањето на еден одговорен начин. Тоа може да биде дури и животоспасувачко.
Веројатно, сите ние би можеле да се подобриме во тој поглед. Затоа, прашај се: ‚На кои подрачја би можел да извлечам корист ако го проширам моето размислување?‘
Твоето гледиште за другите
Што гледаш кога ќе ги погледнеш другите? Дали си склон на она што тие ќе го кажат или сторат да гледаш како на црно или бело, како да не постојат никакви други бои или нијанси? Дали според тебе, коментарот што некој го дава е или комплимент или навреда? Дали некој е или целосно во право или сосема во грешка? Да се има такво гледиште би било како кога еден фотограф би ги игнорирал многуте различни брилјантни тонови и нијанси на еден есенски пејзаж, како да постојат само црни и бели слики. Или, пак, си склон да се сосредоточуваш на негативните аспекти на личноста на човекот, слично како кога еден патник би дозволил неговото уживање во некоја прекрасна сцена да биде расипано од малкуте отпадоци што ги оставил некој необѕирен посетител. (Спореди Проповедник 7:16, NW.)
Ако се земе предвид Јеховиното гледиште за човечките грешки, може да се научи многу. Иако е свесен за многуте слабости и пропусти на човекот, тој избира да не се сосредоточува ниту, пак, да размислува за нив. Благодарниот псалмист забележал: „Господи, ако гледаш на беззаконијата, — тогаш кој ќе се одржи“ (Псалм 129:3). Јехова е спремен да ги оддалечи грешките од покајничките грешници, да, така што великодушно ги брише, па тие не претставуваат дамка на нашиот однос со него (Псалм 50:1; 102:12). За цар Давид, кој во една прилика направил сериозни гревови со Вирсавија, Јехова можел да рече дека е човек ‚кој Го следел од сѐ срце, вршејќи го само она, што е угодно пред очите Негови‘ (3. Царства 14:8). Зошто Бог можел да каже така за Давид? Поради тоа што се сосредоточил на подобрите особини на покајничкиот Давид. Тој ги зел предвид сите соодветни фактори и избрал и понатаму да покажува милост кон својот слуга.
Христос Исус беспрекорно го одразувал ова широко гледиште кон грешките на другите (Јован 5:19). Кога се соочувал со недостатоците на своите апостоли, Исус бил милосрден и полн со разбирање. За несовршените луѓе признал дека дури и кога ‚духот е бодар, телото е слабо‘ (Матеј 26:41). Имајќи го ова на ум, Исус можел да се справи со слабостите и грешките на своите ученици на еден стрплив начин полн со разбирање. Тој не се сосредоточувал на нивните пропусти, туку на нивните добри особини.
Во една прилика, откако ги исправил апостолите поради тоа што се расправале околу тоа кој е најголем, Исус додал: „Но вие сте, кои издржавте со Мене во Моите напасти, и Јас ви ветувам [склучувам сојуз со вас, NW], како што Ми вети Мојот Отец [склучил сојуз со мене за, NW] царство, за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви колена“ (Лука 22:24—30). Да, и покрај многуте пропусти на апостолите, Исус се сеќавал на нивната верност и љубов кон него (Изреки 17:17). Исус имал доверба во она што тие можеле да го направат и би го направиле, па затоа со нив склучил сојуз за Царството. Да, ‚Исус ги сакал своите ученици до крај‘ (Јован 13:1).
Значи, ако чудните особености и грешките на нечија личност те нервираат, биди како Јехова и Исус. Прошири го своето размислување и обиди се да ги земеш предвид сите фактори. Ако ги ставаш работите во исправна перспектива, ќе ти биде полесно да ги сакаш и да ги цениш своите браќа.
Во материјалното давање
Предноста на давање е една од радостите кои им се дадени на христијаните. Но, дали треба да го ограничиме нашето давање само на една активност, да кажеме, на пример, учеството во службата на теренот? (Матеј 24:14; 28:19, 20). Или, дали твоето размислување би можело да се прошири и да ги вклучи физичките потреби и благосостојбата на другите? Секако, сите христијани сфаќаат дека духовното давање е од најголема важност (Јован 6:26, 27; Дела 1:8). Сепак, без разлика на тоа колку е важно духовното давање, секако дека не треба да се занемари ни материјалното давање (Јаков 2:15, 16).
Додека размислуваме за итните потреби на духовните браќа во нашето собрание и низ светот, можеме уште поцелосно да увидиме што можеме да сториме за да им помогнеме. 2. Коринтјаните 8:13—15; 1. Петрово 2:17).
Кога оние кои се во состојба да го прават тоа, великодушно делат со другите, тогаш се постигнува израмнување. На тој начин се згрижени потребите на сите наши браќа. Еден христијански старешина го изразил тоа вака: „Ако во еден дел од светот се јави потреба, тогаш браќата од некој друг дел на светот ќе им притекнат на помош. Ако тие не се во состојба да помогнат, тогаш тоа ќе го сторат браќата од некое друго место. На тој начин се згрижуваат потребите на нашите браќа ширум светот. Секако, светското братство е прекрасно“ (Една христијанска сестра која искрено сакала да присуствува на еден од меѓународните конгреси што се одржаа во Источна Европа, едноставно не била во состојба да го стори тоа. Меѓутоа, таа чула дека тамошните браќа имаат голема потреба од Библии, па затоа дала прилог за такви Библии преку некој кој присуствувал. На тој начин ја доживеала среќата од давањето, од споделувањето со своите браќа во една странска земја (Дела 20:35).
Ако го прошириш своето размислување, можеби ќе можеш да дадеш уште поголем прилог кон светското библиско образовно дело кое сѐ повеќе се шири, донесувајќи си така радост себеси но и на другите (5. Мојсеева 15:7; Изреки 11:24; Филипјаните 4:14—19).
Кога даваш совет
Кога сме повикани да даваме совет или исправка, обѕирното и урамнотежено расудување ќе ни помогне да го стекнеме почитувањето на нашите духовни браќа и да им дадеме навистина делотворна помош. Многу е лесно да се сосредоточиме на неколку факти и да донесеме избрзан, пристрасен заклучок. Тоа остава впечаток дека сме тесногради, ако не и претерано ограничени, како верските водачи од времето на Исус кои биле склони да ги товараат другите со своите бесконечни одредби (Матеј 23:2—4). Од друга страна, пак, ако избегнуваме крајности и даваме убав совет кој цврсто се темели на библиските начела, одразувајќи го Јеховиното праведно, но сепак урамнотежено и милосрдно размислување, тогаш на другите ќе им биде многу полесно да ги прифатат и применат нашите предлози.
Пред неколку години, младите браќа од неколку собранија се собрале за да се занимаваат со некои спортови. За жал, меѓу нив се развил натпреварувачки дух што имало за последица груби вербални судири. Како локалните старешини се справиле со тој проблем? Признавајќи дека младите имаат потреба од рекреација, тие не препорачале сосема да прекинат (Ефесјаните 5:17; 1. Тимотеј 4:8). Наместо тоа, дале цврсти, но разумни предупредувања во врска со тоа до што би можел да доведе натпреварувачкиот дух. Исто така, дале корисни предлози како, на пример, да бидат присутни постари, одговорни лица. Младите ја ценеле мудроста и рамнотежата на советот и поволно реагирале. Освен тоа, пораснало нивното почитување и наклоност кон постарите.
Работи на тоа да се прошириш
Иако можеби имаш предрасуди ненамерно и без да си свесен, сепак ќе биде потребен одлучен напор за да го прошириш своето размислување. Додека ја проучуваш Божјата реч, медитирај за неа за да го сфатиш и потполно го разбереш Јеховиниот начин на размислување (Псалм 139:17, NW). Обиди се да ги разбереш причините за изјавите кои се дадени во Библијата и начелата кои се вклучени, и настојувај да ги проценуваш работите како Јехова. Тоа ќе биде во склад со Давидовата молитва: „Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои. Упати ме кон Твојата вистина и научи ме“ (Псалм 24:4, 5).
Додека усвојуваш една поширока перспектива, ќе бидеш благословен. Еден благослов од проширеното гледиште ќе биде тоа што ќе стекнеш репутација на човек што поседува рамнотежа и разбирање. Кога ќе укажуваш помош во различни ситуации ќе можеш да реагираш на еден поразумен начин полн со разбирање. Тоа, пак, од своја страна, ќе придонесе кон прекрасно единство и хармонија во христијанското братство.
[Слики на страница 12]
Великодушното давање им помага на другите, му донесува радост на дарителот и му е угодно на нашиот небесен Татко