Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Искри на љубопитност во срцето и во умот‘

‚Искри на љубопитност во срцето и во умот‘

‚Искри на љубопитност во срцето и во умот‘

„Зборовите не би можеле да ги изразат радоста и возбудувањето кои и понатаму се зголемуваат додека ја голтам книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе? Таа едноставно создава внатрешна желба — не, потреба — да се дознае повеќе. Ви благодарам што ги запаливте искрите на љубопитност во моето срце и во мојот ум.“

ТАКА се чувствувал еден Јеховин сведок од Северна Каролина (САД) во врска со книгата која ја објави Watch Tower Society на обласните конгреси „Божјиот пат на живот“ во текот на 1998/1999 година. Дури и ако немаш примерок од неа, забележи ги реакциите на другите.

Неколку дена откако добил примерок на конгресот во Сан Диего (Калифорнија, САД), еден човек напишал: „Увидувам дека оваа книга многу ја зајакнува верата. Ми го полни срцето со длабоко ценење за Јеховините творештва. Стигнав до 98 страница и се плашам од денот кога ќе стигнам до крајот! Таа навистина ми причинува длабока радост“.

Една жена од Ориентот напишала: „Конгресниот говорник го употреби изразот ‚уникатна книга‘ и тој израз навистина одговара на содржината. Истакнато обележје е тоа што книгата не му го наметнува на читателот постоењето на Бог, но сепак ги изнесува фактите“.

Фактите вклучуваат фасцинантни научни откритија за нашиот универзум, за животот и за самите нас. Тоа импресионирало многумина. „Всушност немам зборови за да изразам колку длабоко влијаеше врз мене оваа мала книга“, напишала една жена од Калифорнија. „Не можев да ја оставам бидејќи секоја страница опишуваше сѐ повеќе откритија за нашиот универзум и за самиот живот. Навистина научив многу! Длабоко ќе ја ценам оваа мала книга и ќе ја споделувам со колку што е можно повеќе луѓе.“

Едно обележје кое восхити многумина е начинот на кој книгата дава кус преглед на Библијата, истакнувајќи ја личноста на Творецот. „Севкупниот преглед на Библијата кој е изнесен при крајот на книгата е еден од најдобрите што ги имам прочитано“, гласи еден типичен коментар. Веднаш по еден од првите конгреси во Њујорк (САД), една жена напишала: „Новото издание сигурно е најпривлечната публикација што ја имате отпечатено. Бев маѓепсана од научните докази за постоењето на Творец. Само концизниот преглед на самата Библија е доволен за да ги објасни поентите што се изнесени и да го зголеми апетитот да се чита повеќе“.

Разбирлива наука

Научните информации во првите поглавја би можеле да изгледаат застрашувачки, но еве некои типични реакции.

Еден Канаѓанец напишал: „Каква само разлика во однос на техничките книги чии автори се обидуваат да ни остават впечаток со својот импресивен речник. Вашата ученост се истакнува по тоа што темите како што се физика, хемија, ДНК, хромозоми итн. ни ги правите толку разбирливи. Е, ако само вие ги имавте напишано универзитетските учебници од кои учев пред многу години!“

Еден универзитетски професор по физика напишал: „[Таа] јасно ги презентира темите кои се вклучени без да заглибува во технички детали. Книгата го разубедува читателот и цитира многу водечки научници. Ова е нешто што ‚мора да го прочита‘ секој кој е заинтересиран за потеклото на универзумот и на животот, било како научник било како лаик“.

Една млада жена која посетува курс за болничари коментирала: „Не можев да си верувам на очите кога го отворив поглавје 4 и кога прочитав еден цитат од книгата што ја користиме на час! Му ја дадов книгата на нашиот професор и му реков дека знам оти тие информации за него ќе бидат освежувачки. Му ја покажав страница 54 каде пишува за мозокот. Ја прочита во себе и рече: ‚Ова е интересно! Ќе ја испитам‘“.

Еден член на парламентот во Белгија напишал: „Она што ме восхити и ме плени беше научниот нацрт кој подвлекува дека современата наука не се противи на библискиот призвук на монотеизам туку напротив, се сложува со него. Ова е едно многу успешно гледиште“.

Подобро запознавање на Творецот

Книгата им помогнала на луѓето од многу земји подобро да го запознаат Творецот и да се чувствуваат поблиски со него. Една читателка од градот Фукуока (Јапонија) забележала: „Изгледа дека објективот за првпат е точно сосредоточен на Јехова. Книгата е прекрасно уверлива. Можев да го запознаам Јехова од становиште за кое никогаш досега не сум помислила“. Еден Салвадорец напишал: „На многу јасен начин објаснувате дека Бог е милосрден, пријатен, бавен на гнев и обилен во срдечна љубезност. Навистина, ова е баш она што ни беше потребно за да се зближиме со него и со неговиот Син. Ова е првата книга која ги објаснува чувствата на Јехова и човечките чувства на неговиот Син, Исус“. А еден читател од Замбија одговорил: „Јехова за мене доби едно сосема ново значење“.

Разбирливо е тоа што Јеховините сведоци се восхитени кога ја споделуваат со другите книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе? Една жена забележала: „Откако го прочитав поглавје 10 [„Ако Творецот се грижи, зошто тогаш толку многу страдања?“], едноставно не можев а да не воскликнам: ‚Ова е токму онаа книга која ни треба во Јапонија!‘ Би сакала материјалот од ова поглавје да го направам моја сопственост и што повеќе да го користам во службата на теренот“. Една друга жена ја проучува Библијата со една девојка која била одгледана во еден храм каде што татко ѝ е свештеник. „Таа се мачеше да го прифати концептот за Творец. Во објаснувањето на оваа книга нема ништо наметливо, но фактите се тука, и затоа сметам дека дури и будистите можат без колебање да ја читаат. Исто така, таа придонесува уште повеќе да ја чувствуваме Јеховината љубов“.

Од Англија дојде оваа оценка: „Штотуку ја завршив книгата Творец и веќе почнувам одново да ја читам. Каква извонредна книга! Човек може само да го сака Јехова кога ја чита. Ѝ дадов примерок на мојата сосетка која откако прочита само две поглавја, рече: ‚Не можам да ја оставам, толку е возбудлива‘. Сигурна сум дека таа ќе им помогне на луѓето да го запознаат и да го сакаат нашиот Величествен Творец“.

Еден човек од Мериленд (САД) рече: „Таа навистина продира во моите духовни коски и срж! Планирам да им дадам по еден примерок на сите луѓе кај кои работам. Понекогаш ми е тешко да започнам да им сведочам на толку зафатени, образовани луѓе. Сега, со оваа книга ќе најдам еден привлечен, делотворен пристап“.

Јасно, книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе? ќе има позитивен ефект врз луѓето по целата земја.

[Извор на слика на страница 25]

Фотографија на насловната страница горе, Орлова маглина: J. Hester и P. Scowen (AZ State Univ.), НАСА