Прашања од читателите
Прашања од читателите
Со оглед на тоа што се вели дека постапките на стерилизација сега се реверзибилни (повратни) на барање, дали христијанинот може да гледа на нив како на можност за контрола на раѓање?
Стерилизацијата стана најшироко користено средство за планирање на семејството. Изгледа дека за многу луѓе нејзината прифатливост зависи од социјалната и образовната заднина, како и од религиозните гледишта. Аспектот на религиозно верување игра улога кај Јеховините сведоци кои ја делат желбата на псалмистот: „Научи ме, Господи, на Твојот пат и упати ме по патеката на правдата, поради непријателите мои“ (Псалм 26:11). Што е вклучено во постапките на стерилизација?
Стерилизацијата кај мажите заради контрола на раѓање се вика вазектомија. Притоа се сечат и се блокираат двете мали семени каналчиња, или семеводи, во скротумот. Тоа може да се направи на различни медицински начини, но намерата е да се оневозможи излегувањето на спермата од тестисите. Стерилизацијата кај жените се вика тубална лигатура (подврзување на јајцеводите). Обично се прави со сечење и врзување (или горење) со цел да се затворат јајцеводите кои ги носат јајце-клетките од јајниците до матката.
Долго време се сметало дека овие чекори се трајни — дека со нив се постигнува иреверзибилна (неповратна) стерилизација. Но, некои луѓе, поради тоа што зажалиле за својот чекор или како резултат на новите околности, побарале медицинска помош за да ја отстранат вазектомијата или тубалната лигатура. Со појавата на специјализирани инструменти и на микрохирургијата, обидите за враќање станале поуспешни. Не е необично да се прочита дека кај одбрани кандидати може да има 50 до 70-процентен успех во враќањето на вазектомијата преку повторно спојување на пресечените краеви на малите семеводи. Се тврди дека стапката на успех во враќањето на женската тубална лигатура во првобитна состојба изнесува 60 до 80 проценти. Некои кои дознале за ова мислеле дека стерилизацијата не треба повеќе да се смета за трајна. Можеби веруваат дека вазектомијата и тубалната лигатура може да се стават во истата категорија како и оралните контрацептивни средства, кондомите и дијафрагмите — методи кои може да се прекинат ако се посака бременост. Сепак, не треба да се игнорираат некои отрезнувачки аспекти.
Еден е тоа дека изгледите за враќање во првобитната состојба може драматично да бидат попречени од фактори како што се следниве: колку се оштетени јајцеводите за време на постапката на стерилизација, колкав дел од јајцеводот е отстранет или колкава лузна има, колку години поминале од времето кога е направена таа постапка, а во случај на вазектомија, дали се создадени антитела против спермата на мажот. Не треба да се игнорира ни фактот дека на многу места можеби нема на располагање инструменти за микрохирургија или, пак, трошокот може да биде страшно висок. Затоа, многумина кои можеби очајнички ќе сакаат да се поврати стерилизацијата нема да можат да го сторат тоа. За нив тоа е крај. a Значи, горенаведените проценти за враќање во првобитна состојба всушност се само теоретски, недоверливи просеци.
Некои факти се однесуваат на реалноста. Една статија во врска со враќањето на вазектомијата во првобитна состојба, издадена во Соединетите Држави, коментирала дека после операцијата која чини 12.000 долари, „само 63 проценти од пациентите можат да ги оплодат своите партнерки“. Освен тоа, само „шест проценти од мажите кои се подложиле на вазектомија, на крај бараат враќање во првобитната состојба“. Во една студија спроведена во Германија во врска со централна Европа, околу 3 проценти од мажите кои избрале да се стерилизираат, подоцна побарале враќање во првобитната состојба. Дури и ако половина од тие обиди би успеале, тоа би значело дека во 98,5 проценти, вазектомијата е еднаква на трајна стерилизација. А стапката би била повисока во земјите кои имаат малку или, пак, воопшто немаат микрохирурзи.
Како последица на тоа, нереалистично е стерилизацијата на мажот или на жената да се сфаќа површно, како да е тоа привремена контрола на раѓање. А искрениот христијанин треба да разгледа и некои други аспекти.
1. Мојсеева 1:28). Откако со потопот бројот на населението на земјата се намалил на осуммина, Бог ги повторил тие основни упатства (1. Мојсеева 9:1). Тој не ѝ ја повторил таа заповед на нацијата Израел, но Израелците гледале на потомството како на многу пожелно нешто (1. Царства 1:1—11; Псалм 127:3).
Главна поента е тоа дека способноста за размножување е дар од нашиот Творец. Неговата првобитна намера вклучувала обновување на родот преку совршени луѓе кои би ‚ја наполниле земјата и би господареле над неа‘ (Божјиот Закон до Израел содржел показатели за неговиот обѕир кон обновувањето на човечкиот род. На пример, ако некој оженет маж умрел пред да му се роди син кој ќе ја продолжи неговата лоза, тогаш неговиот брат требало да биде татко на син преку деверски брак (5. Мојсеева 25:5). Уште поконкретен бил законот во врска со жена која би се обидувала да му помогне на својот сопруг во тепачка. Доколку ги зграпчела интимните органи на противникот на нејзиниот сопруг, тогаш требало да ѝ се пресече раката; значајно е тоа што Бог не ги барал како отштета од типот „око за око“ ниту нејзините ниту, пак, органите за размножување на нејзиниот сопруг (5. Мојсеева 25:11, 12, NW). Овој закон јасно наведувал на почитување кон органите за размножување; не смеело тие непотребно да бидат уништени. b
Знаеме дека христијаните не се под Законот на Израел, што значи дека тие не се обврзани на одредбата од 5. Мојсеева 25:11, 12. Исус ниту наредил ниту, пак, укажал дека неговите ученици мора да стапуваат во брак и да имаат колку што е можно повеќе деца — нешто што многу парови го земаат во обѕир кога одлучуваат дали да користат некоја метода за контрола на раѓање (Матеј 19:10—12). Апостол Павле ги охрабрил помладите вдовици кои биле полни со страст ‚да се мажат и да раѓаат деца‘ (1. Тимотеј 5:11—14). Тој не спомнал трајна стерилизација за христијаните — нивно доброволно жртвување на репродуктивниот потенцијал да раѓаат деца.
Христијаните ќе направат добро ако ги одмерат показателите за тоа дека Бог длабоко ја почитува нивната способност за размножување. Секој пар мора да одлучи дали и кога ќе користи соодветни методи за планирање на семејството. Секако, нивната одлука особено би била тешка ако постојат потврдени медицински гаранции дека со идната бременост мајката или детето би се соочиле со сериозни медицински ризици, па дури и со веројатност за смрт. Во таква ситуација, некои против сопствена волја се подложиле на постапката на стерилизација која претходно беше опишана за да се осигураат дека никаква бременост не би била закана за животот на мајката (која можеби веќе има други деца) ниту дека детето, кое можеби подоцна ќе се роди, ќе има некаков здравствен проблем кој е опасен по живот.
Но, христијаните кои не се соочуваат со таков невообичаен и јасен ризик сигурно ќе сакаат да употребат „здрави мисли“ (NW) и своето размислување и постапки да ги обликуваат земајќи го во обѕир Божјето почитување на потенцијалот за размножување (1. Тимотеј 3:2; Тит 1:8; 2:2, 5—8). Тоа би одразувало зрела осетливост за библиските показатели. Сепак, што ако се дознае дека некој христијанин непромислено го занемарил Божјето проценување на работите? Зарем нема другите да се сомневаат во тоа дали тој (или таа) е добар пример кој има репутација дека донесува одлуки во склад со Библијата? Секако, таквата вознемирувачка дамка врз репутацијата би можела да влијае на тоа дали некој министер се квалификува за посебни предности во службата, иако тоа можеби не би било случај доколку некој ја извршил таа постапка во незнаење (1. Тимотеј 3:7).
[Фусноти]
a „Хируршките обиди за повторно врзување [vas deferens] имаат стапка на успех од најмалку 40 проценти и постои доказ дека со подобрени микрохируршки техники може да се постигне поголем успех. Сепак, стерилизацијата преку вазектомија треба да се смета за трајна“ (Encyclopædia Britannica). „Стерилизацијата треба да се смета за трајна постапка. И покрај она што можеби пациентот го чул за враќањето во првобитната состојба, реанастомозата [повторното врзување] е скапа и не може да се гарантира успех. За жените кои се подложуваат на тубална стерилизација, постои висок ризик од вонматерична бременост“ (Contemporary OB/GYN, јуни 1998).
b Според еден друг закон кој можеби изгледал умесен, ниеден човек чии полови органи биле сериозно оштетени, не смеел да влезе во Божјето собрание (5. Мојсеева 23:1). Меѓутоа, Insight on the Scriptures (Увид во Писмото) забележува дека тоа очигледно „било поврзано со намерното скопење заради неморални цели, како што е хомосексуалноста“. Значи, тој закон не вклучувал кастрирање или некаков еквивалент на контролата на раѓање. Исто така, Увид вели: „Јехова утешително го претскажал времето кога ќе ги прифати евнусите како негови слуги и дека, ако бидат послушни, ќе имаат име кое е подобро од синови и ќерки. Откако Исус Христос го укинал Законот, сите луѓе кои практикувале вера, без оглед на нивниот поранешен статус или состојба, можеле да станат Божји духовни синови. Телесните разлики биле отстранети (Исаија 56:4, 5; Јован 1:12)“.