Творецот може да го осмисли твојот живот
Творецот може да го осмисли твојот живот
„Нека го фалат името на Господа, зашто Он . . . заповеда — и се создадоа“ (ПСАЛМ 148:5).
1, 2. а) Кое прашање треба да го разгледаме? б) Како во прашањето на Исаија е вклучено творештвото?
„ЗАР не знаеш?“ Ова може да звучи само како едно сугестивно прашање кое наведува многумина да одговорат: ‚А што да знам?‘ Но, тоа е сериозно прашање. Одговорот ќе можеме најдобро да го сфатиме ако ја забележиме неговата рамка — 40. поглавје од библиската книга Исаија. Ја напишал еден древен Евреин, Исаија, што значи прашањето е старо. Сепак, тоа е и многу современо и се однесува на самата срж од смислата на твојот живот.
2 Бидејќи е толку важно, прашањето од Исаија 40:28 сериозно го заслужува нашето внимание: „Зар не знаеш? Зар не си слушал дека вечниот Господ Бог, Кој ги создал [Творецот на, NW] краиштата на земјата, не се изморува и не изнемоштува?“ Значи, ‚знаењето‘ го вклучувало Творецот на Земјата, а контекстот покажува дека тоа опфаќа повеќе отколку само Земјата. Два стиха пред тоа, Исаија пишувал за ѕвездите: „Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна . . . поради големата моќ и големата сила во Него ништо не недостига“.
3. Дури и ако многу знаеш за Творецот, зошто треба да сакаш да дознаеш уште повеќе?
3 Да, прашањето: „Зар не знаеш?“ всушност се однесува на Творецот на нашиот универзум. Можеби ти лично си убеден дека Јехова Бог „ги создал [е Творецот на, NW] краиштата на земјата“. Исто така, можеби многу знаеш за неговата личност и за неговите патишта. Но, што ако сретнеш некој маж или жена кои се сомневаат дека постои Творец и кои очигледно не знаат каков е тој? Не треба да те изненади една таква средба затоа што постојат милиони и милиони луѓе кои не го познаваат Творецот ниту, пак, веруваат во него (Псалм 13:1; 52:1).
4. а) Зошто размислувањето за Творецот е прикладно во ова време? б) Кои одговори не може да ги даде науката?
4 Училиштата создаваат многу скептици кои сметаат дека науката ги има (или ќе ги најде) одговорите на прашањата за потеклото на универзумот и на животот. Во The Origin of Life (Потеклото на животот; оригиналниот францускиот наслов е Aux Origines de la Vie), авторите Ажан и Ленеј забележуваат: „На почетокот од дваесет и првиот век сѐ уште се дебатира за потеклото на животот. Овој проблем, кој е толку тежок за решавање, бара истражување на сите полиња — од огромната вселена до бескрајно малата материја“. Сепак, последното поглавје: „Прашањето и понатаму останува“, признава: „Ние испитавме некои научни одговори на прашањето: ‚Како се појавил животот на земјата?‘ Но, зошто се појавил животот? Дали животот има некаква цел? Науката не може да одговори на тие прашања. Таа го истражува само прашањето ‚како‘ за работите. Но, ‚како‘ и ‚зошто‘ се две сосема различни прашања . . . А што се однесува до прашањето ‚зошто‘, филозофијата, религијата и, пред сѐ, секој од нас, мора да го најде одговорот“.
Да се најдат одговорите и смислата
5. Кои луѓе можат особено да извлечат корист ако дознаат повеќе за Творецот?
5 Да, ние сакаме да разбереме зошто постои животот — а особено зошто сме овде. Освен тоа, треба да бидеме заинтересирани за луѓето кои сѐ уште не дошле до заклучок дека постои Творец и кои сигурно малку знаат за неговите патишта. Или, пак, размисли за оние чија заднина вклучува концепт за Бог кој е многу поинаков од оној што го изнесува Библијата. Милијарди луѓе израснале на Ориентот или на други места каде што повеќето луѓе не размислуваат за Бог кој е личност, за едно реално битие со привлечна личност. За нив, зборот „бог“ потсетува на претставата за една нејасна сила или апстрактен причинител. Тие не ‚го запознале Творецот‘, ниту неговите патишта. Ако тие, или милиони со слично гледиште, би можеле да се уверат дека постои Творец, тогаш колкави само користи би можеле да добијат, вклучувајќи и изгледи за вечност! Тие можат да добијат и нешто што е навистина ретко — вистинско значење во животот, вистинска смисла и мир во мислите.
6. Како животот на многумина денес е сличен на искуството на Пол Гоген и на една од неговите слики?
6 Да илустрираме: Во 1891 францускиот уметник Пол Гоген отишол да најде исполнувачки живот на Француска Полинезија, во еден вистински рај. Но, неговото развратно минато наскоро му донело болест нему и на другите. Чувствувајќи дека му се приближува смртта, тој насликал едно големо платно на кое изгледа го ‚толкувал животот како една голема мистерија‘. Дали знаеш како ја нарекол Гоген таа слика? „Од каде доаѓаме? Што сме? Каде одиме?“ Можеби си чул како и други поставуваат слични прашања. Многумина ги поставуваат. Но, кога не наоѓаат задоволителни одговори — ниту вистинска смисла во животот — каде можат да се обратат? Можеби заклучуваат дека нивниот живот малку се разликува од животинскиот (2. Петрово 2:12). a
7, 8. Зошто истражувањата на науката сами по себе не се адекватни?
7 На тој начин можеш да разбереш зошто некој како професорот по физика Фриман Дајсон, можел да напише: „Го делам мислењето на многу почитувани луѓе кога повторно ги поставувам прашањата кои ги поставил Јов. ‚Зошто страдаме? Зошто светот е толку неправеден? Која е смислата на болката и трагедијата?‘“ (Јов 3:20, 21; 10:2, 18; ). Како што беше спомнато, многу луѓе за одговори се обраќаат кон науката наместо кон Бог. Биолози, океанографи и други придонесуваат за зголемувањето на спознанието за нашата Земјина топка и за животот на неа. Трагајќи во еден друг правец, астрономите и физичарите дознаваат сѐ повеќе за нашиот Сончев систем, за ѕвездите, па дури и за далечните галаксии. (Спореди 21:71. Мојсеева 11:6.) На кои разумни заклучоци можат да укажат ваквите факти?
8 Некои научници зборуваат за Божјиот „ум“ или за неговиот „ракопис“ откриен во универзумот. Но, дали можеби со тоа се промашува клучната поента? Списанието Science забележало: „Кога истражувачите велат дека космологијата го открива Божјиот ‚ум‘ или ‚ракопис‘, тие му го припишуваат на божественото она што на крајот можеби и не е толку важен аспект на универзумот — неговата физичка структура“. Всушност, физичарот и Нобелов лауреат Стивен Вајнберг напишал: „Колку повеќе универзумот изгледа посфатлив толку повеќе изгледа и бесмислен“.
9. Кои докази можат да ни помогнат нам и на другите да научиме за Творецот?
9 Сепак, можеби ти си меѓу милионите кои сериозно ја проучувале таа тема и сфатиле дека вистинската смисла на животот е поврзана со познавањето на Творецот. Сети се што напишал апостол Павле: „Луѓето не можат да речат дека не знаат за Бог. Од почетокот на светот, луѓето можеле да видат каков е Бог преку работите што Тој ги направил. Тоа ја покажува Неговата моќ која трае засекогаш. Покажува дека Тој е Бог“ (Римјаните 1:20, Holy Bible, New Life Version). Да, постојат факти за нашиот свет и за нас кои можат да им помогнат на луѓето да го признаат Творецот и да пронајдат смисла во поврзаност со него. Разгледај три аспекти: универзумот околу нас, потеклото на животот и нашите сопствени умствени способности.
Причини да се верува
10. Зошто треба да обрнеме внимание на „почетокот“? (1. Мојсеева 1:1; Псалм 110:10).
10 Како настанал универзумот? Можеби од извештаите за вселенските телескопи и сонди знаеш дека повеќето научници увидуваат дека нашиот универзум не постоел отсекогаш. Тој имал почеток и се шири. Што значи тоа? Слушни што вели астрономот сер Бернард Ловел: „Ако во некој момент во минатото универзумот бил блиску до една сингуларна состојба на бесконечно мала големина и бесконечна густина, тогаш мораме да се запрашаме што имало таму пред тоа . . . Мораме да се соочиме со проблемот за еден Почеток“.
11. а) Колку е простран универзумот? б) На што укажува прецизноста во универзумот?
11 Составот на универзумот, вклучувајќи ја и нашата Земја, одразува една зачудувачки вешта ускладеност. На пример, две извонредни својства на нашето Сонце и на другите ѕвезди се долгорочната ефикасност и стабилност. Според моменталните проценки, бројот на галаксиите во видливиот универзум се движи од 50 милијарди (50.000.000.000) до 125 милијарди. А нашата галаксија Млечен Пат во себе има милијарди и милијарди ѕвезди. Сега размисли: Знаеме дека моторот на автомобилот бара критичен сооднос помеѓу горивото и воздухот. Ако имаш автомобил, можеби ќе повикаш еден квалификуван механичар со цел да го усклади моторот за да може автомобилот да вози поглатко, поефикасно. Ако таквата прецизност е важна кај еден обичен мотор, тогаш што останува, на пример, за нашето Сонце кое „гори“ ефикасно? Јасно е, клучните сили што се вклучени, се прецизно ускладени за да постои живот на Земјата. Дали тоа се случило туку-така? Јов од старо време бил запрашан: „Дали ти ги објави правилата кои управуваат со небото или ги одреди законите на природата на Земјата?“ (Јов 38:33, The New English Bible). Ниеден човек не го направил тоа. Па, од каде дошла таа прецизност? (Псалм 18:1).
12. Зошто не е неразумно да сметаме дека зад творештвото стои моќна Интелигенција?
12 Дали тоа би можело да биде од нешто или од Некој кој не може да се види со човечки очи? Размисли за ова прашање во светлина на современата наука. Повеќето астрономи сега прифаќаат дека постојат многу моќни небесни тела — црни дупки. Тие не можат да се видат, но сепак, експертите се уверени дека постојат. Слично на тоа, Библијата известува дека во едно друго подрачје постојат моќни суштества кои не можат да се видат — духовни суштества. Ако постојат такви моќни, невидливи битија, тогаш зарем не е прифатливо дека прецизноста што е откриена во универзумот потекнала од некоја моќна Интелигенција? (Неемија 9:6).
13, 14. а) Што всушност установила науката во врска со потеклото на животот? б) На што укажува постоењето на живот на Земјата?
13 Второто поле докази кои можат да им помогнат на луѓето да признаат дека постои Творец го вклучува потеклото на животот. Уште од времето на експериментите на Луј Пастер, прифатено е дека животот не дошол во постоење од ништо, по пат на спонтано настанување. Значи, од каде потекнал земниот живот? Во 1950-тите, научниците се обиделе да докажат дека тој можел да се развие полека во некој ран океан, кога една првобитна атмосфера била постојано изложена на секавици. Меѓутоа, поновите докази покажуваат дека таквото потекло на копнениот живот е неверојатно затоа што таква атмосфера никогаш не постоела. Затоа, некои научници трагаат по објаснување кое има помалку недостатоци. Но, дали и тие ја промашуваат поентата?
14 Откако со децении го проучувал универзумот и животот во него, британскиот научник сер Фред Хојл коментирал: „Наместо да ја прифатиме извонредно малата веројатност дека животот настанал преку слепите сили на природата, изгледа дека би било подобро да претпоставиме дека потеклото на животот бил еден промислен интелектуален чин“. Да, колку повеќе учиме за чудата на животот толку ни станува пологично дека животот потекнал од еден интелигентен Извор (Јов 33:4; Псалм 8:3, 4; 35:9; Дела 17:28).
15. Зошто може да се рече дека ти си уникатен?
15 Значи, првиот начин на расудување го вклучува универзумот, а вториот — потеклото на животот на Земјата. Забележи го третиот — нашата уникатност. Во многу погледи сите луѓе се уникатни, што значи дека и ти си таков. Како? Веројатно си чул дека мозокот е спореден со моќен компјутер. Но всушност, недамнешните откритија покажуваат дека оваа споредба ни најмалку не одговара. Еден научник од Технолошкиот институт во Масачусетс рекол: „Денешните компјутери не се ни близу едно 4-годишно човечко суштество по нивната способност да гледаат, да зборуваат, да се движат или да користат здрав разум . . . Пресметано е дека капацитетот за обработување информации, дури и на најмоќниот суперкомпјутер, еднаков е на нервниот систем на еден полжав — ситен дел од моќта која е достапна за суперкомпјутерот во [Вашиот] череп“.
16. На што укажува твојата способност за јазик?
16 Јазикот е една од способностите кои ги имаш благодарение на твојот мозок. Некои луѓе зборуваат два, три или повеќе јазици, но сепак, способноста да се зборува дури и само еден јазик нѐ прави уникатни (Исаија 36:11; Дела 21:37—40). Професорите Р. С. и Д. Х. Фаутс прашале: „Дали само човекот . . . е способен да комуницира со јазик? . . Сите виши животни секако дека комуницираат со . . . гестовите, мирисите, повиците, извиците и песните, па дури и танцот на пчелите. Сепак, освен човекот, изгледа дека животните немаат конструиран граматички јазик. Исто така, животните, што е многу значајно, не цртаат уметнички слики. Во најмала рака, тие само шкртаат“. Навистина, само луѓето можат да го користат мозокот за да зборуваат некој јазик и за да цртаат смисловни слики. (Спореди Исаија 8:1; 30:8; Лука 1:3.)
17. Која е една основна разлика меѓу тоа кога едно животно ќе се погледне во огледало и кога еден човек ќе го стори тоа?
17 Освен тоа, ти имаш спознание за себеси; ти си свесен за себе (Изреки 14:10, NW). Дали си видел птица, куче или маче како се гледа во огледало и потоа колве, завива или напаѓа? Тоа мисли дека гледа некое друго животно, не може да се препознае себеси. За разлика од нив, кога ти ќе погледнеш во огледало, знаеш дека тоа си ти (Јаков 1:23, 24). Можеш да си го провериш изгледот или да се прашаш како ќе изгледаш после неколку години. Животните не го прават тоа. Да, твојот мозок те прави уникатен. Кому му се припишува заслугата? Како настанал твојот мозок, ако не од Бог?
18. Кои умствени способности те одвојуваат од животните?
18 Исто така, мозокот ти овозможува да ја цениш уметноста и музиката, како и да имаш чувство за морал (2. Мојсеева 15:20; Судии 11:34; 3. Царства 6:1, 29—35; Матеј 11:16, 17). Зошто ти, а не животните? Тие својот мозок првенствено го користат за да се грижат само за најосновните потреби — набавување храна, наоѓање партнер или правење гнездо. Само луѓето размислуваат зад она што е моментално. Некои размислуваат дури и за тоа како нивните постапки ќе влијаат врз околината и врз нивните потомци долго во иднината. Зошто? Проповедник 3:11 (NW) за луѓето вели: „Дури и недогледното време [Творецот] го ставил во нивните срца“. Да, твојата способност за размислување за смислата на недогледното време или за замислување на бескрајниот живот, е посебна.
Нека Творецот осмисли
19. Кој трикратен начин на расудување би можел да го употребиш за да им помогнеш на другите да размислуваат за Творецот?
19 Допревме само три подрачја: прецизноста која се гледа во пространиот универзум, потеклото на животот на Земјата и непобитната уникатност на човечкиот мозок со неговите различни способности. На што укажуваат тие? Еве еден начин на расудување што би можел да го употребиш за да им помогнеш на другите да дојдат до некаков заклучок. Најпрвин би можел да прашаш: ‚Дали универзумот имал почеток?‘ Повеќето би се согласиле дека имал. Потоа, прашај: ‚Дали тој почеток бил без никаква причина или, пак, бил предизвикан?‘ Повеќето луѓе сфаќаат дека почетокот на универзумот бил предизвикан. Ова води до конечното прашање: ‚Дали почетокот бил предизвикан од некое вечно нешто или од некаков вечен Некој?‘ Со овие прашања кои се толку јасно и логично изнесени, многумина може да бидат наведени да заклучат: Мора да постои Творец! Ако е тоа така, тогаш зарем не би требало да биде можно да постои смисла во животот?
20, 21. Зошто познавањето на Творецот е неопходно за да имаме смисла во животот?
20 Целокупното наше постоење, вклучувајќи го и нашето чувство за моралност, како и самата моралност, треба да бидат поврзани со Творецот. Д-р Роло Меј еднаш напишал: „Единствената адекватна структура на моралноста се темели на основната смисла на животот“. Каде може да се најде таа? Тој продолжил: „Основната структура е природата на Бог. Божјите начела се начелата кои лежат во основата на животот од почетокот на создавањето па сѐ до крајот“.
21 Значи, сега можеме добро да разбереме зошто псалмистот покажал и понизност и мудрост кога го молел Творецот: „Покажи ми ги, Господи, патишатата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои. Упати ме кон Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение“ (Псалм 24:4, 5). Со подоброто запознавање на Творецот, животот на псалмистот секако би имал поголема смисла, цел и водство. Истото може да важи и за секого од нас (2. Мојсеева 33:13).
22. Што е вклучено во запознавањето на патиштата на Творецот?
22 Спознавањето на ‚патиштата‘ на Творецот вклучува уште подобро да се запознае каков е тој — како неговата личност така и неговите патишта. Но, бидејќи Творецот е невидлив и моќен, што влева стравопочитување, како можеме подобро да го запознаеме? Следната статија ќе го разгледа тоа.
[Фуснота]
a Црпејќи искуства од нацистичките концентрациони логори, д-р Виктор Е. Френкл увидел: „Потрагата на човекот по смислата е првенствена сила во неговиот живот, а не ‚второстепено оправдување‘ на инстинктивните нагони“ кои ги имаат животните. Тој додал дека децении после Втората светска војна, една анкета во Франција „покажа дека 89% од анкетираните признале дека човекот има потреба од ‚нешто‘ заради што би живеел“.
Како би одговорил?
◻ Зошто ни е потребно повеќе отколку само да стекнеме научни информации за нашиот универзум?
◻ На што би можел да укажеш кога им помагаш на другите да размислуваат за Творецот?
◻ Зошто познавањето на Творецот е клуч за да се има задоволителна смисла во животот?
[Прашања]
[Графикон/слика на страница 18]
(Види во публикацијата)
Каков е твојот заклучок
Нашиот универзум
↓ ↓
Немал Имал
почеток почеток
↓ ↓
Без причина Бил предизвикан
↓ ↓
НЕШТО вечно НЕКОЈ вечен
[Слика на страница 15]
Неизмерноста и прецизноста кои се гледаат во универзумот навеле многумина да размислуваат за Творецот
[Извор на слика]
Страници 15 и 18: Џеф Хестер (Arizona State University) и НАСА