Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Твојот Творец — научи каков е тој

Твојот Творец — научи каков е тој

Твојот Творец — научи каков е тој

„Самиот јас ќе предизвикам сета моја добрина да помине пред твоето лице, а јас ќе го објавам името Јехова пред тебе“ (2. МОЈСЕЕВА 33:19NW).

1. Зошто Творецот заслужува да биде почитуван?

 АПОСТОЛ Јован, писателот на последната библиска книга, ја запишал следнава длабока изјава за Творецот: „Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!“ (Откровение 4:11). Како што беше утврдено во претходната статија, откритијата на современата наука честопати ги зголемуваат причините за верување во Творецот на сите нешта.

2, 3. а) Што треба да научат луѓето за Творецот? б) Зошто не е разумно лично да го запознаеме Творецот?

2 Колку што е важно да се прифати постоењето на Творецот исто толку е важно и да се научи каков е тој — дека е реална личност, со карактер и патишта кои ги привлекуваат луѓето кон него. Без разлика до колкава мера веќе си го сторил тоа, зарем нема да биде корисно уште подобро да го запознаеш? Тоа не бара да се запознаеме со него лично, во онаа смисла како што се запознаваме со другите луѓе.

3 Јехова е Изворот дури и на ѕвездите. Нашето Сонце е само една ѕвезда со средна големина. Дали би помислил да се обидеш одблизу физички да се сретнеш со Сонцето? Тешко! Повеќето луѓе се пазат дури и да погледнат во него или да ја изложат својата кожа на неговите силни зраци подолго време. Неговата температура во јадрото изнесува околу 15.000.000 степени Целзиусови (27.000.000 степени Фаренхајтови). Секоја секунда, оваа термонуклеарна печка претвора околу четири милиони тони маса во енергија. Само делче од неа стигнува до Земјата како топлина и светлина, но таа количина го поддржува целокупниот овдешен живот. Тие основни факти треба да ја врежат во нас свесноста за моќта на Творецот која влева стравопочитување. Исаија со право можел да напише за „големата моќ [изобилството динамичка енергија, NW] и големата сила во него“ (Исаија 40:26).

4. Што барал Мојсеј, и како реагирал Јехова?

4 Сепак, дали си знаел дека неколку месеци откако Израелците го напуштиле Египет во 1513 пр. н. е., Мојсеј го молел Творецот: „Покажи ми ја славата Своја“ (2. Мојсеева 33:18). Ако се сетиш дека Бог е Изворот дури и на Сонцето, тогаш ќе можеш да разбереш зошто на Мојсеј му рекол: „Лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив“. Творецот му дозволил на Мојсеј да најде едно место на гората Синај за да се скрие додека тој „помине“. Тогаш Мојсеј бил изложен на Божјиот ‚грб‘, така да се каже, на некој вид блесок на славата т. е. на присутноста на Творецот — како оној на зајдисонце (2. Мојсеева 33:20—23; Јован 1:18).

5. На кој начин Творецот го задоволил барањето на Мојсеј, и што докажал со тоа?

5 Желбата на Мојсеј подобро да го запознае Творецот не останала незадоволена. Очигледно зборувајќи преку ангел, Бог поминал покрај Мојсеј и изјавил: „Господ, Господ [Јехова, NW] Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, Кој виновни не очистува“ (2. Мојсеева 34:6, 7). Ова покажува дека подоброто запознавање на нашиот Творец не вклучува гледање некаков физички облик, туку уште поцелосно чувство за тоа каков е тој, неговата личност и неговите карактеристики.

6. На кој начин нашиот имунолошки систем претставува чудо?

6 Еден начин на кој можеме да го сториме тоа е ако проникнеме во Божјите особини преку она што тој го создал. Размисли за својот имунолошки систем. Во едно издание за имунитетот, во Scientific American пишувало: „Уште пред раѓањето па сѐ до смртта, имунолошкиот систем е во состојба на постојана будност. Различна низа молекули и клетки . . . нѐ штитат од паразити и патогени агенси. Без таа одбрана, луѓето не би можеле да преживеат“. Кој е изворот на тој систем? Во една статија од тоа списание пишувало: „Чудесната низа клетки, кои вешто взаемно дејствуваат и кои го бранат телото од микробичните и од вирусните напаѓачи, настанува од неколку клетки претходници кои првпат се појавуваат околу девет седмици после зачнувањето“. Бремената жена му пренесува извесен имунитет на својот фетус кој е во развој. Подоцна, преку доењето, таа му обезбедува на бебето клетки за имунитет и корисни хемиски материи.

7. Што би можеле да земеме предвид во врска со нашиот имунолошки систем, и до кој заклучок води тоа?

7 Имаш добра причина да заклучиш дека твојот имунолошки систем надминува сѐ што може да обезбеди современата медицина. Затоа, прашај се: ‚На што укажува ова во врска со неговиот Основач и Снабдувач?‘ Овој систем, кој ‚првпат се појавува околу девет седмици после зачнувањето‘ и кој е спремен да го штити новороденчето, сигурно одразува мудрост и промисленост. Но, дали преку овој систем би можеле уште повеќе да проникнеме за Творецот? До каков заклучок доаѓаат повеќето од нас за Алберт Швајцер и за другите кои својот живот го посветиле на обезбедувањето медицинска нега за обесправените? Обично на таквите сочувствителни филантропи им припишуваме добри особини. Во споредба со тоа, што можеме да заклучиме за нашиот Творец, кој ги обезбедува со имунолошки систем како богатите така и сиромашните? Јасно е дека тој е полн со љубов, непристрасен, сочувствителен и праведен. Зарем тоа не е доследно на описот за Творецот кој го чул Мојсеј?

Самиот Тој се открива каков е

8. На кој посебен начин ни се открива Јехова?

8 Но, постои и друг начин подобро да го запознаеме нашиот Творец — со помош на Библијата. Ова е особено важно бидејќи за него постојат некои работи кои науката и универзумот воопшто не можат да ги откријат, како и некои други работи кои се многу појасни во Библијата. Еден пример за првоспоменатото е личното име на Творецот. Само Библијата го обелоденува името на Творецот и неговото значење. Во хебрејските манускрипти на Библијата, неговото име се појавува околу 7.000 пати во облик на четири согласки кои можат да се транскрибираат како ЈХВХ, а кои на македонски обично се изговараат Јехова (2. Мојсеева 3:15; 6:13, обата NW).

9. Што значи личното име на Творецот, и што можеме да заклучиме од тоа?

9 За да можеме подобро да го запознаеме Творецот, треба да сфатиме дека тој не е само некој апстрактен „Прв причинител“ или некој нејасен „Јас сум“. Тоа го покажува неговото лично име. Тоа е облик на еден хебрејски глагол што значи „да стане“ или „да се покаже“. a (Спореди 1. Мојсеева 27:29; Проповедник 11:3.) Божјето име значи „Тој предизвикува да стане“ и нагласува дека тој наумува и дејствува. Со тоа што го знаеме и го користиме неговото име, можеме подобро да сфатиме дека тој ги исполнува ветувањата и активно ја остварува својата намера.

10. Кој важен увид можеме да го добиеме од записот во 1. Мојсеева?

10 Библијата е извор на спознанието за Божјите намери и за неговата личност. Извештајот од 1. Мојсеева открива дека едно време човештвото било во мир со Бог и дека имало изглед за долг, смисловен живот (1. Мојсеева 1:28; 2:7—9). Доследно на значењето на неговото име, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ги оконча страдањата и фрустрациите со кои луѓето долго време се соочуваат. За исполнувањето на неговата намера читаме: „Физичкиот свет беше подложен на фрустрација, не по сопствена желба, туку по волјата на Творецот кој правејќи го таков, му дал надеж дека еден ден можеби ќе биде . . . доведен да ја дели славната слобода на децата Божји“ (Римјаните 8:20, 21, The New Testament Letters од Џ. В. К. Ванд).

11. Зошто би можеле да размислиме за библиските извештаи, и кои се деталите од еден таков извештај?

11 Исто така, Библијата може да ни помогне подобро да го запознаеме нашиот Творец така што ги открива неговите постапки и реакции кога имал работа со древниот Израел. Разгледај еден пример во кој се работи за Елисеј и за Нееман, воениот заповедник на непријателски настроените Сиријци. Додека го читаш овој извештај во 4. Царства, поглавје 5, ќе видиш како едно заробено израелско девојче се залагало дека лепрата на Нееман би можела да се излечи со помош на Елисеј од Израел. Нееман отишол таму очекувајќи Елисеј да замавне со рацете во некој мистичен обред на исцелување. Наместо тоа, Елисеј му кажал на Сириецот да се искапе во реката Јордан. Иако потчинетите морале да го убедуваат Нееман да се согласи, кога го сторил тоа, бил излечен. Нееман понудил скапоцени подароци кои Елисеј ги одбил. Подоцна, еден придружник му се поткраднал на Нееман и со лага добил некои скапоцености. Неговата нечесност водела до тоа да биде удрен со лепра. Ова е еден фасцинантен извештај од човечка природа — извештај од кој можеме да извлечеме поука.

12. Кој заклучок можеме да го извлечеме за Творецот од извештајот за Елисеј и Нееман?

12 Тој извештај на еден привлечен начин покажува дека Величествениот Творец на универзумот не е премногу возвишен за да забележи со наклоност едно мало девојче — нешто што е сосема спротивно на нормите во многу денешни култури. Исто така, тоа докажува дека Творецот не повластува само една раса или нација (Дела 10:34, 35). Интересно е тоа што наместо да очекува луѓето да користат хокус-покус — што е вообичаено за некои „исцелители“ во минатото и денес — Творецот покажал извонредна мудрост. Тој знаел како да ја излечи лепрата. Исто така, тој покажал увид и правда со тоа што не дозволил измамата да успее. Повторно, зарем тоа не е доследно со Јеховината личност за која чул Мојсеј? Иако тој библиски извештај е краток, колку само можеме да откриеме од него за тоа каков е нашиот Творец! (Псалм 33:5NW; 36:28).

13. Илустрирај како би можеле да извлечеме драгоцени поуки од библиските извештаи.

13 Другите извештаи за неблагодарните постапки на Израел и за Божјата реакција, покажуваат дека Јехова навистина се грижи. Библијата вели дека Израелците секогаш одново го ставале на испит, навредувајќи го и нанесувајќи му болка (Псалм 77:40, 41). Значи, Творецот има чувства и тој се грижи за она што го прават луѓето. Може многу да се научи и од извештаите за некои добро познати поединци. Кога Давид бил избран за цар на Израел, Бог на Самуил му рекол: „Човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“ (1. Царства 16:7). Да, Творецот гледа на она што сме однатре, а не само на надворешниот изглед. Колкаво само задоволство донесува тоа!

14. Што би било корисно да правиме додека ги читаме Хебрејските списи?

14 Триесет и девет библиски книги биле напишани пред времето на Исус и би требало да ги читаме. Тоа не би требало да биде само за да ги научиме библиските извештаи или, пак, историјата. Ако навистина сакаме да научиме каков е нашиот Творец, треба да медитираме за тие извештаи, можеби размислувајќи: ‚Што открива оваа епизода за неговата личност? Кои негови особини блескаат овде?‘ b Тоа може да им помогне дури и на скептиците да увидат дека Библијата мора да има божествено потекло, положувајќи на тој начин темел за подобро да го запознаат нејзиниот Автор кој е полн со љубов.

Еден голем учител ни помага да го запознаеме Творецот

15. Зошто Исусовите постапки и учења треба да бидат поучни?

15 Секако, луѓето кои се сомневаат во постоењето на Творецот или оние чие гледиште за Бог е нејасно, можеби малку знаат за Библијата. Веројатно си сретнал некои поединци кои не би можеле да кажат дали Мојсеј живеел пред или после Матеј, и кои практично не знаат ништо за Исусовите дела или учења. Тоа е многу жалосно бидејќи за Творецот може толку многу да се научи од Големиот Учител, Исус. Затоа што бил во близок однос со Бог, тој можел да открие каков е нашиот Творец (Јован 1:18; 2. Коринтјаните 4:6; Евреите 1:3). И го сторил тоа. Всушност, еднаш рекол: „Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот“ (Јован 14:9).

16. Што илустрира Исусовиот разговор со Самарјанката?

16 Размисли за овој пример. Во една прилика кога Исус бил уморен од патувањето, разговарал со една Самарјанка во близината на Сихар. Тој споделил со неа длабоки вистини, сосредоточувајќи се на потребата да „му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина“. Евреите од таа ера ги одбегнувале Самарјаните. За разлика од нив, Исус ја одразувал Јеховината спремност да ги прифати искрените мажи и жени од сите нации, токму како што забележавме од настанот во кој стана збор за Елисеј и Нееман. Тоа треба да нѐ увери дека Јехова е далеку над тесноградото религиозно непријателство кое го обзема денешниот свет. Исто така, можеме да го забележиме и фактот дека Исус бил спремен да поучи една жена, а во случајов жена која живеела со маж кој не ѝ бил сопруг. Наместо да ја осуди, Исус постапил со неа достоинствено, на начин кој навистина можел да ѝ помогне. После тоа, и други Самарјани го послушале Исус и заклучиле: „Знаеме дека е Он Спасителот на светот“ (Јован 4:2—30, 39—42; 3. Царства 8:41—43; Матеј 9:10—13).

17. На кој заклучок наведува извештајот за воскресението на Лазар?

17 Да разгледаме една друга илустрација за тоа како можеме да учиме за Творецот ако се запознаеме со Исусовите постапки и учења. Размисли за приликата кога умрел Исусовиот пријател Лазар. Исус претходно ја имал докажано својата моќ да ги враќа мртвите во живот (Лука 7:11—17; 8:40—56). Но, како реагирал кога го видел тагувањето на Лазаровата сестра, Марија? Исус ‚се натажил и се возмутил‘. Тој не бил рамнодушен или воздржан; тој ‚просолзил‘ (Јован 11:33—35). И тоа не било само покажување на емоции. Исус бил поттикнат на позитивна акција — го воскреснал Лазар. Можеш само да си замислиш колку тоа им помогнало на апостолите да ги сфатат чувствата и постапките на Творецот. Исто така, тоа треба да ни помогне и нам и на другите да ја разбереме личноста на Творецот и неговите патишта.

18. Што треба да чувствуваат луѓето во врска со проучувањето на Библијата?

18 Не постои причина да се срамиме да ја проучуваме Библијата и да научиме повеќе за нашиот Творец. Библијата не е застарена книга. Еден човек кој ја проучувал и станал близок соработник на Исус бил Јован. Подоцна тој напишал: „Знаеме исто така дека Синот Божји дојде и ни даде светлина, и разум [умствена способност, NW], за да Го познаеме вистинскиот Бог; и ние пребиваме во вистинскиот Бог — [преку, NW] Неговиот Син Исус Христос. Он е вистински Бог и живот вечен“ (1. Јованово 5:20). Забележи дека примената на „умствена способност“ за да се стекне спознание за ‚вистинскиот‘, Творецот, може да води до „живот вечен“.

Како можеш да им помогнеш на другите да научат за него?

19. Кој чекор е преземен за да им се помогне на скептиците?

19 На некои луѓе им е потребно многу за да веруваат дека постои еден сочувствителен Творец кој се грижи за нас и за да сфатат каков е тој. Постојат милиони и милиони кои сѐ уште се скептични во врска со Творецот или чие гледиште за него не се совпаѓа со она што се наоѓа во Библијата. Како можеш да им помогнеш? На обласните и меѓународните конгреси на Јеховините сведоци во 1998/1999 беше објавена една нова делотворна алатка на многу јазици — книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе?

20, 21. а) Како може успешно да се користи книгата Творец? б) Раскажи некои искуства за тоа како веќе се докажала делотворна книгата Творец.

20 Тоа е публикација која ќе ја зголеми твојата вера во нашиот Творец и твоето ценење за неговата личност и неговите патишта. Зошто можеме да бидеме сигурни во ова? Затоа што книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе? е наменета токму за таа цел. Една нишка што се провлекува низ книгата е прашањето „Што може да го осмисли твојот живот?“ Содржината е изнесена на начин кој ќе ги заинтригира дури и луѓето со повисоко образование. Сепак, ги допира и копнежите што ги имаме сите ние. Содржи фасцинантен и уверлив материјал за читателите кои се сомневаат во постоењето на Творецот. Книгата не тргнува од претпоставката дека читателот верува во Творец. Оние кои се скептични, ќе бидат пленети од изнесувањето на најновите научни откритија и концепти. Таквите факти ќе ја зајакнат верата дури и на оние кои веќе веруваат во Бог.

21 Додека се проучува оваа нова книга ќе може да се види дека некои делови од неа презентираат преглед на библиската историја на начин кој ги истакнува аспектите на Божјата личност и им помагаат на читателите подобро да го запознаат Бог. Многумина кои веќе ја прочитале, коментирале како тоа се покажало точно во нивниот случај. (Види ја следната статија, страници 25 и 26.) Нека и со тебе биде така додека се запознаваш со книгата и ја користиш во помагањето на другите подобро да го запознаат својот Творец.

[Фусноти]

a Језуитскиот изучувач М. Џ. Грунтханер, додека бил главен уредник на The Catholic Biblical Quarterly, го применил на овој глагол она што го имал кажано за неговиот сроден глагол, дека „никогаш не пренесува идеја за апстрактно постоење, туку секогаш изразува нешто што е или што може да се спознае преку сетилата т. е. нешто што конкретно се манифестира“.

b Додека родителите им ги раскажуваат библиските извештаи на своите деца, ќе можат да им помогнат ако поставуваат такви прашања. На тој начин младите можат да се запознаат со Бог и да научат да медитираат за неговата Реч.

Дали забележа?

◻ Како Мојсеј подобро го запознал Јехова на гората Синај?

◻ Зошто проучувањето на Библијата е од помош во запознавањето каков е Бог?

◻ Додека ја читаме Библијата, што можеме да правиме за да му се приближиме на нашиот Творец?

◻ На кој начин планираш да ја користиш книгата Творец?

[Прашања]

[Слика на страница 20]

На што укажува нашиот имунолошки систем во врска со нашиот Творец?

[Слика на страница 21]

Сегмент од свитоците од Мртвото Море во кој е истакнат Тетраграматонот (Божјето име на хебрејски)

[Извор на слика]

Со љубезна дозвола на Shrine of the Book, Israel Museum, Ерусалим

[Слика на страница 23]

Што можеме да научиме од Исусовата реакција на жалоста на Марија?