Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Божјето име се изговара во Израел

Божјето име се изговара во Израел

Божјето име се изговара во Израел

СО ВЕКОВИ традиционалниот јудаизам строго им забранувал на своите приврзаници да го изговараат божественото име Јехова. Според Мишната, секој кој ќе го изговори Божјето име, „нема да има дел во светот кој ќе дојде“ (Синедрион 10:1). a

На 30 јануари 1995, поранешниот сефардски главен рабин на Израел намерно го изговорил божественото име. Тоа го сторил додека рецитирал еден тикун, кабалистичка молитва за поправање. Оваа молитва била изговорена за да може Бог да го врати степенот на хармонија во универзумот, која, според обожавателите, ја нарушиле зли сили. Во весникот Yedioth Aharonoth од 6 февруари 1995, пишувало: „Оваа литургија има толку неверојатна моќ што нејзината формулација се појавува само во една посебна брошурка која не се продава во јавноста“. Се смета дека привикувањето на Божјето име во овој контекст ќе му даде посебна сила на барањето.

Вредно е да се забележи дека Библијата им заповеда на Божјите слуги да го користат божественото име Јехова (2. Мојсеева 3:15; Изреки 18:10; Исаија 12:4; Софонија 3:9, сите NW). Во оригиналниот хебрејски текст на Библијата, тоа име се појавува речиси 7.000 пати. Меѓутоа, Библијата предупредува на злоупотреба на Божјето име. Третата од Десетте заповеди вели: „Не изговарај го напразно името на Господа [Јехова, NW], твојот Бог, бидејќи Господ [Јехова, NW] нема да го остави неказнет оној, кој напразно ќе го изговори името Негово“ (2. Мојсеева 20:7). Како би можело Божјето име да се изговара напразно? Еден коментар од Еврејската издавачка заедница забележува дека хебрејскиот термин кој е преведен со „напразно“ може да вклучува не само „лекоумна употреба“ на божественото име туку и „рецитирање непотребен благослов“.

Тогаш, како треба да гледаме на кабалистичката тикун молитва за поправање? Какво е нејзиното потекло? Во 12 и 13 век н. е. почнал да стекнува популарност еден мистичен облик на јудаизам, наречен кабала. Во 16 век, еден рабин по име Исак Ларија вовел „тикуним“ во кабалистичката литургија. Божјето име било користено како мистична амајлија со посебна моќ, и станало дел од кабалистичкиот ритуал. Дали мислиш дека тоа е една исправна употреба на Божјето име? (5. Мојсеева 18:10—12).

Без разлика каков е твојот одговор на ова прашање, ќе се сложиш дека јавното изговарање на Божјето име во современ Израел е еден многу необичен настан. Сепак, самиот Бог претскажал: „Во тој ден ќе речете: ‚Славете Го Господа [Јехова, NW], повикувајте Го името Негово; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови; напомнувајте дека името Негово е големо; пејте Му на Господа [Јехова, NW], зашто Он направил нешто големо — нека го знаат тоа по целата земја‘“ (Исаија 12:4, 5).

За среќа, во Израел, како и во над 230 земји ширум светот, Јеховините сведоци вложуваат секаков напор за да им помогнат на своите ближни да стекнат точно спознание за Јехова. Нивна желба е уште многу луѓе да го сфатат значењето на стиховите како што е Псалм 90:14: „Бидејќи се надеваше на Мене [Јехова], и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое“.

[Фуснота]

a Мишната е збирка од коментари кои го надополнуваат библискиот закон, на темел на објаснувањата на рабините наречени танаим (учители). Била запишана при крајот на вториот и почетокот на третиот век н. е.

[Слика на страница 28]

Овде на Негев се објавува Јеховиното име и неговата Реч од страна на неговиот народ

[Слика на страница 29]

Плакат на кој се гледа Божественото име