Зошто да се верува во Исус Христос?
Зошто да се верува во Исус Христос?
„ДУРИ и многу луѓе кои не се христијани веруваат дека Тој бил голем и мудар учител. Секако дека бил еден од највлијателните луѓе кои некогаш живееле“ (The World Book Encyclopedia). Кој е „Тој“? Исус Христос, основачот на христијанството.
Меѓутоа, и покрај она што го вели оваа енциклопедија, за стотици милиони луѓе на Ориентот и на други места, Исус Христос е непознат, тоа е само име на кое можеби се сеќаваат од учебниците од средно училиште. Дури и во црквите на христијанскиот свет има теолози и свештеници кои велат дека всушност ние не го познаваме Исус и фрлаат сомнение на вистинитоста на четирите постоечки извештаи за неговиот живот (евангелијата) кои се наоѓаат во Библијата.
Дали е можно писателите на евангелијата да ја фалсификувале животната приказна на Исус? Далеку од тоа! Откако ги анализирал извештаите од тие евангелија, познатиот историчар Вил Дјурант напишал: „Дека неколку прости луѓе во една генерација би измислиле една толку силна и привлечна личност, толку возвишена етика и толку инспирирана визија за човечкото братство, би било далеку поневеројатно чудо од кое и да било чудо кое е запишано во евангелијата. После два века виш критицизам, нацртите за животот, карактерот и учењето на Христос остануваат разумно јасни и го сочинуваат најфасцинантното обележје на историјата на човекот од Запад“.
Сепак, постојат и такви кои би го отфрлиле Исус Христос како недостоен за внимание поради она што го правеле оние кои се исповедувале како негови следбеници. ‚Тие фрлија атомска бомба врз Нагасаки‘, би рекле некои во Јапонија. ‚А во Нагасаки имало повеќе христијани отколку во повеќето други градови во Јапонија.‘ Но, дали можеш да го обвиниш лекарот за болеста на некој пациент доколку пациентот пропушти да го следи водството од лекарот? Повеќето луѓе кои тврдат дека се христијани, долго време го игнорирале Исусовиот рецепт за совладување на болестите на човештвото. Сепак, Исус дал лек за нашите секојдневни проблеми, како и за неволјите на човештвото ширум светот. Затоа те покануваме да ја прочиташ следната статија и самиот да увидиш каков човек бил тој.