Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како може Исус да го промени твојот живот?

Како може Исус да го промени твојот живот?

Како може Исус да го промени твојот живот?

ИСУС ХРИСТОС бил Голем Учител кој живеел во Палестина пред речиси 2.000 години. За неговото детство се знае многу малку. Меѓутоа, добро е потврдено дека кога имал отприлика 30 години ја започнал својата служба да ‚сведочи за вистината‘ (Јован 18:37; Лука 3:21—23). Четворицата ученици кои напишале извештаи за неговиот живот се сосредоточуваат на три и полте години кои следеле после тоа.

Во текот на својата служба, Исус Христос им дал на своите ученици заповед која би можела да биде лек за многуте проблеми во светот. Која била таа? Исус рекол: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (Јован 13:34). Да, решението за многуте проблеми на човештвото е љубовта. Кога во една друга прилика Исус бил запрашан која заповед е најголема, тој одговорил: „,Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси!‘“ (Матеј 22:37—40).

Исус со зборови и со дела ни покажал како да го љубиме Бог и луѓето. Да разгледаме неколку примери и да видиме што можеме да научиме од него.

Неговите учења

Во една од најпознатите проповеди во историјата, Исус Христос на своите следбеници им рекол: „Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона [богатството, NW]“ (Матеј 6:24). Дали Исусовото учење да го ставиме Бог на прво место во својот живот е сѐ уште практично денес, кога толку многу луѓе веруваат дека парите ги решаваат сите проблеми? Точно, нам ни се потребни пари за да преживееме (Проповедник 7:12NW). Сепак, ако дозволиме „богатството“ да ни биде господар, тогаш „среброљубието“ ќе нѐ контролира и ќе доминира со целокупниот наш живот (1. Тимотеј 6:9, 10). Многумина кои паднале во оваа замка завршиле така што го изгубиле семејството, здравјето, па дури и животот.

Од друга страна, пак, ослонувањето на Бог како на наш Господар ни дава смисла во животот. Како Творец, тој е Извор на животот, и според тоа, само тој е достоен за нашето обожавање (Псалм 35:9; Откровение 4:11). Оние кои учат за неговите особини и го засакуваат, се поттикнати да ги држат неговите заповеди (Проповедник 12:13; 1. Јованово 5:3). На тој начин самите извлекуваме корист (Исаија 48:17).

Исто така, во Проповедта на гората Исус ги поучил своите ученици како да покажуваат љубов кон другите луѓе. Тој рекол: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7:12). Зборот „луѓето“ кој Исус го употребил овде, ги вклучува дури и непријателите. Во истата проповед, тој рекол: ‚[Продолжете да, NW] ги љубите непријателите свои и молете се за оние што ве гонат‘ (Матеј 5:43, 44). Зарем таквата љубов нема да реши многу од проблемите со кои се соочуваме денес? Хиндуистичкиот водач Мохандас Ганди мислел така. Тој е цитиран како рекол: „Кога [ние] би ги применувале учењата кои ги изнел Христос во оваа Проповед на гората, тогаш ќе ги решиме проблемите . . . на целиот свет“. Исусовите учења за љубовта, доколку се применуваат, можат да решат многу од проблемите на човештвото.

Неговите дела

Исус не само што поучувал за длабоките вистини во врска со тоа како да се покажува љубов, туку и го практикувал она за кое поучувал. На пример, тој ги ставал интересите на другите пред сопствените. Еден ден Исус и неговите ученици биле толку зафатени со помагање на луѓето што немале време дури ни да јадат. Исус ја увидел потребата неговите ученици малку да се одморат и ги однел на едно осамено место. Но, кога стигнале таму, ги чекало едно мноштво. Како ќе си реагирал ти да си видел како едно мноштво очекува да работиш кога чувствуваш дека ти е потребно малку одмор? Па, Исус ‚се смилувал над нив‘ и ‚почнал да ги поучува многу‘ (Марко 6:34). Ваквата грижа за другите секогаш го поттикнувала да им помага.

Исус сторил за луѓето повеќе отколку само да ги поучува. Тој им укажувал и практична помош. На пример, во една прилика нахранил повеќе од 5.000 луѓе кои го слушале сѐ додека не се стемнило. Недолго после тоа, тој нахранил едно друго големо мноштво — овојпат повеќе од 4.000 — кое го слушало три дена и кое немало ништо за јадење. Во првата прилика, тој употребил пет леба и две риби, а во втората, седум леба и неколку рипчиња (Матеј 14:14—22; 15:32—38). Чуда? Да, тој бил чудотворец.

Исто така, Исус излечил и многу болни луѓе. Ги лечел слепите, сакатите, лепрозните и глувите. Дури подигал и мртви! (Лука 7:22; Јован 11:30—45). Еднаш, еден лепрозен го преколнувал: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш“. Како реагирал Исус? „Кога се смилува, протегна рака, се допре до него и му рече: ‚Сакам! Очисти се!‘“ (Марко 1:40, 41). Преку таквите чуда, Исус ја покажал својата љубов кон измачените.

Дали ти е тешко да веруваш во Исусовите чуда? На некои им е тешко. Но, сети се дека Исус ги вршел своите чуда јавно. Дури и неговите противници, кои во секоја прилика се обидувале да му најдат грешка, не можеле да одречат дека тој бил чудотворец (Јован 9:1—34). Освен тоа, неговите чуда си имале своја цел. Тие им помогнале на луѓето да го идентификуваат како Оној кој бил испратен од Бог (Јован 6:14).

Правејќи чуда, Исус не свртувал внимание кон себеси. Напротив, тој го славел Бог, Изворот на неговата моќ. Еднаш бил во Капернаум во еден дом полн со луѓе. Некој парализиран човек сакал да биде излечен, но не можел да влезе. Затоа неговите пријатели го спуштиле на носилка преку покривот. Откако ја видел нивната вера, Исус го излечил парализираниот. Како резултат на тоа, луѓето ‚го славеле Бога‘ и рекле: „Никогаш вакво чудо не сме виделе!“ (Марко 2:1—4, 11, 12). Исусовите чуда му донеле фалба на Јехова, неговиот Бог, и им помогнале на оние кои имале потреба.

Меѓутоа, чудесното лечење на болните не било најважниот аспект на Исусовата служба. Еден човек кој напишал извештај за Исусовиот живот објаснил: „А овие се запишани, за да поверувате дека Исус е Христос, Син Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име“ (Јован 20:31). Да, Исус дошол на Земјата за да можат луѓето кои веруваат да добијат живот.

Неговата жртва

‚Исус дошол на Земјата?‘, можеби ќе прашаш. ‚Од каде дошол?‘ Самиот Исус рекол: „Оти слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати“ (Јован 6:38). Тој имал претчовечко постоење како единороден Божји Син. Која била тогаш волјата на Оној кој го испратил на Земјата? „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). Како било можно тоа?

Библијата открива како смртта станала неизбежна судба на човештвото. Првиот човечки пар добил од Бог живот со изглед да живее засекогаш. Меѓутоа, тие избрале да се побунат против својот Создател (1. Мојсеева 3:1—19). Како последица од оваа постапка, гревот на првите луѓе, потомството на Адам и Ева наследило едно непожелно наследство — смрт (Римјаните 5:12). За да му се даде на човештвото вистински живот, мора да се отстранат гревот и смртта.

Ниеден научник не може да ја отстрани смртта со некаков генетски инженеринг. Сепак, Творецот на човештвото го има средството за да ги доведе послушните луѓе до совршенство со цел да можат да живеат засекогаш. Оваа подготовка во Библијата е наречена откупнина. Првиот човечки пар се продал себеси и своето потомство во ропство на гревот и смртта. Животот како совршени луѓе послушни на Бог го размениле за живот независно од Бог, донесувајќи си сопствени одлуки во однос на тоа што е исправно а што погрешно. За да се купи повторно совршен човечки живот, морало да се плати цена која била еквивалент на совршениот човечки живот на кој нашите прародители изгубиле право. Поради тоа што наследиле несовршеност, луѓето не се квалификувале да ја обезбедат таа цена (Псалм 48:7).

Така, се вмешал Јехова Бог за да помогне. Тој го пренел совршениот живот на својот единороден Син во матката на една девица која го родила Исус. Можеби пред неколку децении, ти би ја отфрлил идејата за раѓање од девица. Меѓутоа, денес научниците клонирале животни и внеле гени од едно животно во друго. Тогаш, кој може со право да ја доведе во прашање способноста на Творецот да го заобиколи вообичаениот процес на раѓање?

Со постоењето на совршен човечки живот, цената за искупување на човештвото од гревот и смртта станала достапна. Сепак, бебето кое се родило на Земјата како Исус, морало да порасне за да биде „лекар“ кој ќе може да го даде „лекот“ за лекување на болестите на човештвото. Тоа го сторил така што водел совршен, безгрешен живот. Исус не само што ги видел маките на човештвото под гревот, туку ги доживеал и физичките ограничувања што ги има еден човек. Тоа го направило уште посочувствителен лекар (Евреите 4:15). Чудесните лечења кои ги вршел за време на својот живот на Земјата, докажале дека тој има волја, но и моќ да ги излечи болните (Матеј 4:23).

После три и пол годишна служба овде на Земјата, Исус бил убиен од противниците. Покажал дека еден совршен човек може да биде послушен на Творецот, дури и покрај најголеми испити (1. Петрово 2:22). Неговиот жртвуван совршен човечки живот станал откупната цена со која човештвото било во можност да се искупи од гревот и смртта. Исус Христос рекол: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Јован 15:13). На третиот ден после својата смрт, Исус бил воскреснат во духовен живот, а по неколку седмици се вознел на небото за да ја претстави откупната цена пред Јехова Бог (1. Коринтјаните 15:3, 4; Евреите 9:11—14). На тој начин, Исус можел да ја примени заслугата од својата откупна жртва на оние кои ќе го следат.

Дали ќе бидеш спремен да извлечеш корист од овој начин на лечење на духовните, емоционалните и физичките болести? Тоа бара вера во Исус Христос. Зошто самиот не отидеш кај Лекарот? Тоа можеш да го сториш ако научиш за Исус Христос и за неговата улога во спасувањето на верното човештво. На Јеховините сведоци ќе им биде драго да ти помогнат.

[Слика на страница 5]

Исус имал волја, но и моќ да ги излечи болните

[Слика на страница 7]

Како Исусовата смрт влијае врз тебе?