Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Од крајна сиромаштија до најголемото богатство

Од крајна сиромаштија до најголемото богатство

Од крајна сиромаштија до најголемото богатство

РАСКАЖАЛ МАНУЕЛ ДЕ ЖЕСУШ АЛМАДА

Роден сум во октомври 1916 како најмал од 17-те деца. Девет мои постари браќа и сестри умреле од болест и од неисхранетост, така што никогаш не ги запознав. Ние, останатите осум, живеевме со родителите во едно селце во близината на Порто (Португалија).

НАШИОТ скромен дом се состоеше од една дневна собичка и една спална. Вода за пиење набавувавме од еден бунар кој беше оддалечен речиси половина километар, а просториите за готвење беа примитивни.

Како што моите постари браќа стануваа физички способни, почнуваа да работат на нивите со пченка. Нивната заработувачка помагаше да се обезбеди малку храна за семејството. Со нивна помош, јас станав единственото дете кое доби некакво школување. Иако животот ни беше тежок, бевме крајно верни на католичката црква и се надевавме дека тоа на некој начин ќе ни помогне во животот.

За време на месец мај, црквата го имаше она што се нарекуваше новена. Девет дена едно по друго одевме до црквата рано наутро, уште додека беше темно. Таму се молевме верувајќи дека тоа ќе ни донесе благослов од Бог. Исто така, мислевме дека свештеникот е свет човек, Божји претставник. Но, со текот на времето, нашето гледиште се смени.

Потрага по нешто подобро

Кога не успеавме да го платиме црковниот данок, свештеникот не ги зеде предвид нашите големи финансиски тешкотии. Тоа нѐ обесхрабри. Мојот впечаток за црквата се промени од корен, па затоа, кога имав 18 години, решив да го напуштам семејството за да откријам дали нема нешто подобро во животот од работењето по нивите и расправањето со црквата. Во 1936 пристигнав во Лисабон, главниот град на Португалија.

Таму ја запознав Едминија. Иако се чувствував измамен од религијата, го следевме обичајот и се венчавме во католичка црква. Потоа, во 1939, започна II светска војна. За време на војната, јас бев одговорен за 18 складишта, и само за еден ден испраќавме по 125 камиони полни со воен материјал.

Ужасите на војната, како и длабоката вмешаност на католичката црква, многу ме погодија. Се прашував: ‚Дали Бог навистина се грижи за човештвото? Како треба да го обожаваме?‘ После неколку години, во 1954, еден постар господин, Јеховин сведок, разговараше со мене во врска со моите прашања. Тој разговор го промени целиот мој живот.

Возбуден од библиската надеж

Овој љубезен човек, Жосуе, ми објасни дека Божјето Царство е единствено решение за светските проблеми и дека мирот и безбедноста ќе се остварат само преку владеењето на Царството (Матеј 6:9, 10; 24:14). Она што тој го рече ме восхити, но се колебав да ги прифатам неговите објаснувања поради моето поранешно искуство со религијата. Кога ми понуди да ја проучува Библијата со мене, прифатив под услов да не ми бара пари и да не зборува за политика. Тој се сложи, уверувајќи ме дека она што го нуди е бесплатно (Откровение 22:17).

Мојата доверба во Жосуе брзо порасна. Затоа, го замолив за нешто за кое имав желба уште од младоста. „Дали ќе биде можно да имам личен примерок од Библијата?“ Откако добив, бев восхитен кога за првпат од самата Реч на нашиот Творец прочитав за ветувањата како, на пример: „Сам Бог ќе биде со нив [со човештвото] — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“! (Откровение 21:3, 4).

За мене особено беа утешителни библиските ветувања за отстранување на сиромаштијата и болеста. Верниот човек Елијуј за Бог рекол: „Дава храна во изобилие“ (Јов 36:31). А Библијата вели дека под праведното владеење на Божјето Царство, „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24). Каков интерес полн со љубов има Јехова Бог кон човештвото! Колку само порасна мојот интерес за неговите ветувања!

На 17 април 1954 присуствував на мојот прв состанок на Јеховините сведоци. Тоа беше еден посебен состанок — прославата на Меморијалот на Христовата смрт. Оттогаш, бев доста редовен на состаноците. Наскоро почнав да ги споделувам со другите добрите работи кои ги учев. Во тие денови во Португалија секој месец одевме на излет близу до плажата, и тогаш имавме крштавање. По седум месеци откако Жосуе за првпат разговараше со мене, му се предадов на Јехова Бог и тоа го симболизирав со крштавање во вода во океанот.

Во почетокот на 1954 во цела Португалија имаше само околу сто Сведоци. Затоа имаше голема потреба од мажи кои ќе преземат водство во делото на проповедање. Духовно брзо напредував и наскоро ми беа дадени одговорности во собранието. Во 1956 бев наименуван за собраниски слуга, како што тогаш се нарекуваше претседавачкиот надгледник, во второто собрание на Јеховините сведоци во Лисабон. Денес во овој град и во неговата околина има повеќе од сто собранија.

Извлекување корист од покажувањето гостољубивост

Иако Едминија и јас во финансиски поглед бевме ограничени, нашата врата беше секогаш отворена за христијанските браќа. Во 1955 еден пионер, како што се нарекуваат полновремените евангелизатори на Јеховините сведоци, се задржа во Португалија додека беше на пат од неговиот дом во Бразил за Меѓународниот собир во Германија „Победничко Царство“. Поради проблемите со превозот, тој остана кај нас еден месец, и колкава само духовна корист извлековме од неговата посета!

Меѓу другите посетители на нашиот дом во тоа време беа и членови на фамилијата од главното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк), како Хуго Ример и неговиот цимер Чарлс Ајкр. Тие ручаа кај нас и одржаа предавања за португалските браќа. Како штотуку изведени пилиња со отворени клунови, ние ги чекавме сочните духовни залаци кои ги обезбедуваа таквите поединци.

Во нашиот дом престојуваа и патувачки надгледници на Јеховините сведоци за време на нивните посети. Еден посетител во 1957, кој вредеше да се запамти, беше Алвару Барекоче, надгледник на подружницата во Мароко, кој беше доделен да ја посети Португалија за да ги охрабри браќата. Присуствуваше на студијата на книга во нашиот дом и ние инсистиравме да остане кај нас сѐ до крајот на неговиот престој во Португалија. Додека Алвару доби на тежина во физички поглед како резулатат на доброто готвење на мојата драга Едминија, ние бевме длабоко духовно благословени и згоени во текот на неговата посета која траеше еден месец.

Крајната сиромаштија која ја доживеав во детството може да остави длабок впечаток кај некое лице. Сепак, сфатив дека колку повеќе му даваме на Јехова и на неговите верни слуги толку повеќе тој нѐ благословува. Овој факт ми беше многупати врежан додека покажувавме гостољубивост кон секого што можевме.

На нашиот конгрес во Порто во 1955, беше дадено известување дека во 1958 на Јенки стадионот во Њујорк ќе се одржи меѓународен конгрес на Јеховините сведоци. Во секоја Сала на Царството во земјата — а во тоа време ги имаше многу малку — беше поставена кутија за доброволен прилог за да им се помогне финансиски на португалските делегати кои ќе бидат испратени на конгресот. Можете ли да си ја замислите нашата радост кога мојата сопруга и јас бевме избрани да бидеме меѓу тие делегати? Колкава само радост беше да се посети светското седиште на Јеховините сведоци во Бруклин додека бевме на конгрес во Соединетите Држави!

Истрајување под прогонство

Во 1962 проповедничкото дело на Јеховините сведоци во Португалија беше забрането, а мисионерите — вклучувајќи ги Ерик Бритен, Доменик Пикони, Ерик Бевриџ и нивните сопруги — беа истерани. После тоа, не ни беше дозволено да ги одржуваме нашите состаноци во Салите на Царството, па затоа ги одржувавме тајно во приватни домови; ниту, пак, веќе беше можно да имаме големи конгреси во Португалија. Затоа, добив одговорност да се грижам за превозот на нашите христијански браќа и сестри кои ќе присуствуваат на таквите конгреси во други земји.

Правењето подготовки голем број Сведоци да патуваат во други земји не беше лесно. Сепак, трудот се исплатеше, ако се земат предвид извонредните духовни користи кои ги добиваа португалските браќа. Колку само изградувачко искуство беше што можеа да бидат присутни на конгресите во Швајцарија, Англија, Италија и Франција! Таквите конгреси им пружија и прилика да внесат литература во земјата. Во текот на тие години, поднесовме голем број барања да бидеме регистрирани како религиозна организација во Португалија, но сите беа одбивани.

Откако беа истерани мисионерите во почетокот на 1962, тајната полиција почна да ја засилува својата кампања за запирање на нашето проповедничко дело. Голем број наши браќа и сестри беа уапсени и дадени на суд. Во овој журнал и во неговото придружно списание Разбудете се! беа објавени документирани извештаи за извесен број од тие настани. a

Меѓу оние кои беа затворени заради проповедање беше еден пионер кому јас му ја пренесов добрата вест за Божјето Царство. Бидејќи полицијата ја нашла мојата адреса меѓу неговите работи, бев приведен и сослушуван.

Подоцна, двајца полициски агенти ми дојдоа дома. Ми ги одзедоа помошните средства за проучување на Библијата, како и 13 Библии. Продолжија да нѐ вознемируваат и сѐ на сѐ во седум прилики се вратија за да ги пребаруваат нашите простории. Секојпат нѐ опсипуваа со прашања.

Неколкупати бев повикан да сведочам во корист на други Сведоци во судски случаи. Иако немав големо световно образование, Јехова ми даде ‚мудрост, на која не можеа да ѝ противречат ниту да се противстават сите противници‘ (Лука 21:15). Во една прилика, судијата беше толку вчудовиден од моето сведоштво што ме праша какво школо имам завршено. Сите во судницата се насмеаја кога реков дека имам само четврто одделение.

Со зголемувањето на прогонството, растеше и бројот на оние кои се одѕиваа на пораката за Царството. На тој начин, оние помалку од 1.300 Сведоци во Португалија во 1962, до 1974 пораснаа на над 13.000! Во меѓувреме, во мај 1967, бев поканет да служам како патувачки надгледник. Во ова дело ги посетував собранијата на Јеховините сведоци за да ги зајакнувам духовно.

Радување на најголемото богатство

Во декември 1974 имав предност да бидам вклучен при регистрацијата со која беше легализирано делото на Јеховините сведоци во Португалија. Следната година, мојата сопруга и јас станавме членови на бетелската фамилија на Јеховините сведоци во Ишторил. Исто така, бев наименуван да служам како член на одборот на подружницата во Португалија.

Колкава само радост беше да се види како напредува делото на проповедање во Португалија и во подрачјата кои ги надгледува нашата подружница! Во нив спаѓаат Ангола, Азорските Острови, Зелено’ртските Острови, Мадеира и Сао Томе-и-Принсипе. Низ годините беше возбудливо да се види како мисионери од Португалија беа испраќани да служат во овие земји каде што се покажуваше огромен интерес за пораката за Царството. Замислете си ја нашата радост сега, кога на овие места има повеќе од 88.000 објавители на Царството, вклучувајќи ги и оние повеќе од 47.000 во Португалија! Присутноста на Меморијалот во овие земји во 1998 порасна на 245.000, во споредба со оние помалку од 200 кога јас станав Сведок во 1954.

Едминија и јас со цело срце се сложуваме со библискиот псалмист кој рекол дека „еден ден во [Јеховините] дворови е подобар отколку — илјади дни надвор“ (Псалм 83:10). Кога ќе помислам на моите скромни почетоци и ќе ги споредам со духовното богатство кое оттогаш наваму го уживам, се чувствувам како пророкот Исаија: „Господи, Ти си Бог мој; ќе Те возвеличам, ќе го восфалам името Твое, зашто си извршил премудри дела . . . оти ти беше прибежиште на сиромавиот“ (Исаија 25:1, 4).

[Фуснота]

a Види го англиското издание на Разбудете се! од 22 мај 1964, страници 8—16 и на Стражарска кула од 1 октомври 1966, страници 581—592.

[Слики на страница 24]

Горе: Брат Алмеида во Лисабон ја објавува подготовката за испраќање делегати на конгресот во Њујорк во 1958 година

Во средина: Водење на еден пример-состанок на слуги на Меѓународниот собир „Мир на Земјата“ во Париз

Долу: Изнајмени автобуси подготвени за еден обласен конгрес во Франција

[Слика на страница 25]

Водење утринско обожавање во подружницата во Португалија

[Слика на страница 25]

Подружницата во Португалија, свечено отворена во 1988

[Слика на страница 26]

Со мојата сопруга

[Слика на страница 26]

Предавањата на брат Хуго Ример нѐ охрабрија кога тој дојде во посета од бруклинскиот Бетел